Со здрава исхрана, вежбање, помал стрес може да се намали ризикот од развој на тумор на мозок - Канал 5

Со здрава исхрана, вежбање, помал стрес може да се намали ризикот од развој на тумор на мозок

Според последните податоци на ИЈЗ, бројот на заболени во нашата земја е во опаѓање.

Со здрава исхрана, вежбање, помал стрес може да се намали ризикот од развој на тумор на мозок

Начинот на живот е важен сегмент во превенцијата на секоја болест. Здравиот избор кога станува збор за исхрана, вежбање, избегнување на канцерогени супстанции и намалување на стресот може ефикасно да го намалат ризикот од развој на тумор на мозок, изјави за МИА доктор Висар Мифтари, медицински директор на ЈЗУ УК Неврологија во Скопје, со кој разговаравме на оваа тема по повод 8 јуни - Светскиот ден на тумор на мозок.

- Од голема важност е свесноста за сопствениот ризик. Одредени фактори можат да го зголемат ризикот, познавањето на овие фактори може да помогне навреме да се идентификува ризикот и потенцијалните симптоми, за да може навреме да се прегледа лицето. Главните фактори за тумор на мозок вклучуваат возраст, изложеност на зрачење, фамилијарна историја на тумор на мозок и моментално постоење на рак, кој може да метастазира во мозокот од друг орган. Ризикот се зголемува со возраста. Јадењето многу овошје и зеленчук и намалувањето на холестеролот преку ограничување на масна храна, може да помогне во превенцијата, појасни Мифтари.

Според последните податоци на ИЈЗ, истакна тој, бројот на заболени во нашата земја е во опаѓање.

- Во 2019 година, со дијагнози според МКБ10 С69-С72, биле лекувани вкупно 609 лица, во 2020 година бројката бележи благ раст, односно лекувани биле 713 лица. Во 2021 година, според ИЈЗ, доаѓа буквално до преполовување на бројката и лекувани биле 355 лица. Од овие 64,5 проценти или 229 лица биле од машки пол, а 35,5 отсто или 126 биле жени, што значи дека мажите речиси двапати повеќе заоблувале во однос на жените. Важно е да се напомене дека морталитетот кај овие неоплазми е далеку помал во однос на другите, информација која најверојатно се должи на малата бројка на дијагностицирани, рече Мифтари.

Постојат повеќе видови на тумор на мозок, а меѓу најчестите, додаде, се метастатските со најчест примарен тумор на бели дробови, менингиом кој е всушност тумор на обвивките на мозокот, глиом, глиобластом кој е всушност најчест примарен тумор на мозокот кој за жал има многу мала можност за преживување, од 11-15 месеци по поставувањето на дијагнозата и астроцитом кој може да биде спорорастечки и агресивен.

Најчести симптоми се главоболка, нејасен настап на губиток на свест, постојано чувство на гадење, повраќање и поспаност, ментални или промени во однесувањето, како што се проблеми со помнењето или промени во личноста, прогресивна слабост или парализа на едната страна на телото, проблеми со видот и често се поврзани со локацијата на самата туморска формација.

- На нашата клиника, вкупно лекувани за 2019 е едно лице, 2021 се лекувале три лица, 2022 се лекувале четири лица, а досега во 2023 година, само едно лице со две последователни хоспитализации. Најмладиот пациент кој се лекувал на нашата клиника е роден 1988 година. Бројот на овие пациенти е мал бидејќи третманот на туморите е најчесто хируршки, а кај некои лица се користи и радиотерапија, истакна Мифтари во изјава за МИА.

Не постои начин, подвлече, да се спречи појавата на тумор.

- Луѓето со зголемен ризик може да направат скрининг тестови, но, скринингот не е превенција. Доколку постои фамилијарна историја на тумор на мозок или други наследни синдроми што го зголемуваат ризикот за појава на истиот, може да се направи невролошки преглед и да се тестира видот, слухот, рамнотежата, координацијата и рефлексите, но, не е задолжително, напомена Мифтари.

За повеќе информации за тумор на мозок, МИА се обрати и до Институтот за јавно здравје.

Во 2017 година, според нивните податоци, имало вкупно 170 смртни случаи на малигна неоплазма на мозокот. Од нив, починало едно лице до пет години, едно над пет, две над 10, едно над 15, две над 20, две над 25, три над 30, три над 35, едно над 40, осум над 45, 14 над 50, 14 над 55, 19 над 60, 39 над 65, 29 над 70 и 31 над 75 години.

Во 2018 година имало вкупно 149 смртни случаи. Едно лице над 10 години, едно над 15 а под 20 години, три над 35, две над 40, шест над 45, седум над 50, 18 над 55, 14 над 60, 28 над 65, 25 над 70, 44 над 75 години.

Во 2019 година имало вкупно 140 смртни случаи, од кои едно лице под пет години, едно над пет до 10, едно над 25, две над 30, четири над 35, едно над 40, шест над 45, 10 над 50, 14 над 55, 17 над 60, 28 над 65, 27 над 70, 28 над 75 години.

Сто педесет и четири смртни случаи се регистрирани во 2020 година. Од нив, три лица над пет години, едно над 10 под 15, едно над 20 под 25, две над 30, четири над 35, четири над 40, 11 над 45, 14 над 50, 11 над 55, 23 над 60, 25 над 65, 24 над 70, 31 над 75 години.

Сто седумдесет и еден смртен случај е евидентиран во 2021 година. Од нив, 101 машко лице, а 70 женски лица. Едно машко лице починало до пет години, едно од 10 до 15, едно над 20, две над 25, две над 30 под 35, шест над 40, три над 45, четири над 50, девет над 55, 23 над 60, 26 над 65, 12 над 70, 11 над 75 години. Од женските лица, едно до пет години, едно над 35, едно над 40, пет над 45, три над 50, едно над 55, 15 над 60, 13 над 65, 16 над 70 и 14 над 75 години. /МИА

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

НОАА и НАСА ги објавија нејновите мерења на озонската дупка

Иако временските услови предизвикаа поголемо губење на озон оваа година, долгорочното закрепнување е сè уште на добар пат.

НОАА и НАСА ги објавија нејновите мерења на озонската дупка

Невообичаените временски услови предизвикаа антарктичката озонска дупка да порасне необично во 2026 година, известуваат научници од NOAA и НАСА, додавајќи дека заштитниот озонски слој е сè уште на добар пат да се опорави до крајот на векот.

Подгреана од силен поларен вртлог, овогодишната озонска дупка стана седма најголема во 48 години следење, според анализата на сезонски просечно измерената површина. Сепак, научниците забележуваат дека дупката би била уште поголема доколку нивоата на хемикалии што го осиромашуваат озонот во атмосферата не беа намалени преку меѓународна соработка, објави НОАА.

За време на сезоната на врвно губење на озонот, помеѓу 7 септември и 13 октомври 2026 година, просечниот обем на дупката покриваше околу 25 милиони квадратни километри - повеќе од двојно поголема површина од Соединетите Американски Држави.

Научниците континуирано ја следат количината на озон во стратосферата бидејќи таа делува како штит на Земјата од сонцето, помагајќи да се заштити животот од штетното сончево зрачење. Ова е различно од озонот во долната атмосфера, кој е загадувач на воздухот и обично е производ на човековата активност.

„Годишната озонска дупка се формира подоцна во сезоната во последниве години, што ни кажува дека озонскиот слој се обновува“, рече Пол Њуман од Универзитетот во Мериленд. „Сепак, невообичаено силен поларен вртлог го продолжи осиромашувањето на озонот над Антарктикот оваа сезона, дозволувајќи дупката да порасне до големина што не е видена во една деценија.“

Дупката ја достигна својата најголема големина оваа година на 18 септември на 27,1 милиони квадратни километри. Тоа е околу 90 проценти од големината на најголемата озонска дупка некогаш забележана, која беше на 9 септември 2000 година.

„Овогодишната озонска дупка е голема, но можеше да биде 3,5 милиони квадратни километри поголема ако супстанциите што го осиромашуваат озонот беа присутни во атмосферата денес, бидејќи беа на својот врв во 2000 година“, вели Њуман.

Како се случува губењето на озонот?

Процесот на осиромашување на озонот започнува кога вештачките соединенија што содржат хлор и бром се испуштаат во животната средина. Воздушните струи ги носат гасовите нагоре во стратосферата, каде што се разградуваат со ултравиолетово зрачење.

Ослободените атоми на хлор и бром комуницираат со честичките од облак во антарктичката стратосфера, дозволувајќи озонот да биде уништен. Стратосферскиот поларен вртлог, сезонски ветровит тек околу Антарктикот, игра клучна улога во заробувањето на студениот воздух неопходен за формирање на поларни стратосферски облаци.

„Поларниот вртлог беше невообичаено голем оваа година, делумно затоа што временските системи на планетарно ниво кои обично доаѓаат од долната атмосфера и го разбиваат вртлогот беа многу слаби во август и септември“, рече Ејми Батлер од Лабораторијата за хемиски науки на NOAA. „Тоа слабо дејство на брановите ги држеше најсилните ветрови на поларниот вртлог неколку степени на географска ширина подалеку од Јужниот пол, создавајќи поголема област со услови идеални за губење на озон.“

Како научниците ја мерат и следат озонската дупка?

Губењето на озонот во дупката не беше толку сериозно како во рекордните дупки што се појавија пред 10 или 20 години. Испраќајќи инструменти на балони од опсерваторија на Јужниот пол и користејќи оптички инструмент наречен Добсонов озонски спектрофотометар, научниците открија дека концентрациите на озон директно над површината биле на најниската точка во годината - 105 Добсонови единици - на 17 октомври.

Добсоновата единица е најчесто користен мерен стандард за изразување на концентрациите на озон. Сто Добсонови единици е дебелината на озонскиот столб што би бил длабок 1 милиметар ако е компресиран под стандардни услови на температура и притисок на ниво на морето. Најниската вредност некогаш забележана над Јужниот пол била 92 Добсонови единици во октомври 2006 година.

Од 1979 година, сателитите се исто така составен дел од следењето на здравјето на озонската обвивка. Инструментите на сателитот Аура на НАСА, сателитите NOAA-20 и NOAA-21 и сателитот Суоми, со кои заеднички управуваат НАСА и NOAA, придонесоа за годишното следење.

Научниците од NOAA и НАСА изјавија дека тековното следење покажува дека контролните мерки утврдени со Монтреалскиот протокол од 1987 година сè уште придонесуваат за долгорочно закрепнување на стратосферскиот озон.

Според Монтреалскиот протокол, меѓународната заедница се обврза да ги замени супстанциите што го осиромашуваат озонот, како што се хлорофлуоројаглеродите, со помалку штетни алтернативи. Од врвот, нивоата на хлор во антарктичката стратосфера од супстанции што го осиромашуваат озонот се намалија за околу една третина од нивоата во 1980-тите, велат научниците.

Кои хемикалии можат да предизвикаат губење на озонот?

Хлорофлуоројаглеродите и другите соединенија што го осиромашуваат озонот некогаш биле широко користени во производи за широка потрошувачка како што се фрижидери, клима уреди и изолација на згради. Тие можат да се задржат во атмосферата или да се ослободат од стари производи и депонии со децении. Како што овие постари соединенија се распаѓаат, научниците проценуваат дека озонската обвивка ќе се обнови до 2070-тите.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Сомнителни книги во библиотека од 30 милиони евра- се истражува дали ги напишала вештачка интелигенција

Суд во Индија нареди истрага за наводите дека јавна библиотека во јужната држава Тамил Наду купила стотици книги за кои се сомнева дека се генерирани од вештачка интелигенција (ВИ).

Сомнителни книги во библиотека од 30 милиони евра- се истражува дали ги напишала вештачка интелигенција

Контроверзноста избувна откако тамилскиот писател Перумал Муруган посочи книги со неточни информации и сомнително авторство во новоизградена библиотека во градот Коимбаторе, објави Би-Би-Си.

Набавки и сметки под истрага

Високиот суд во Мадрас ѝ наложи на антикорупциската агенција да ја истражи спорната набавка и да ги замрзне банкарските сметки поврзани со издавач за кој се сомнева дека ги снабдувал книгите.

Случајот се однесува на библиотеката Перијар Аривулагам, чија изградба чинела околу три милијарди рупии (30,7 милиони евра).

Авторот Муруган тврди дека речиси 1.800 книги на тамилски јазик биле купени од малку познат издавач, Агал Вилаку Патипагам, а меѓу спорните примери се публикации со непознати автори, невообичаено високи цени и сомнителни меѓународни стандардни броеви на книги (ISBN).

Дополнителни сомневања покрена книга пронајдена во друга јавна библиотека, во која како автор е наведен познатиот економист Жан Дрез.

Сепак, тој рече дека не ја напишал книгата и изрази загриженост дека неговото име е употребено без дозвола.

Некои книги веќе се отстранети

Министерот за образование на државата Тамил Наду, А. Рајмохан, го опиша случајот како потенцијално „прва измама со вештачка интелигенција во Индија“ и најави преглед на купувањата во јавните библиотеки низ целата држава.

Тој рече дека 523 книги веќе се отстранети од историската библиотека Конемара во Ченај, на југоистокот од земјата, поради сомневања за нивната автентичност и квалитет.

Повеќе од 160 писатели, истражувачи, уметници и издавачи потпишаа заедничка изјава во која бараат независна истрага, објавување на документи за набавки и ревизија на фондот на библиотеката.

Случајот, исто така, предизвика политички спор, при што сегашната влада ја обвини претходната администрација на Дравида Мунетра Кажагам (DMK) за нарачка на спорните книги.

DMK ги отфрли обвинувањата како политички мотивирани и исто така побара истрага.

Сè уште не е познато дали спорните книги се всушност создадени со помош на вештачка интелигенција, а истрагата треба да утврди и дали имало злоупотреба на јавни пари при нивната набавка.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Путин се согласи Европа да се приклучи на преговорите

Американскиот претставник Стив Виткоф изјави дека рускиот претседател Владимир Путин се согласил со учеството на европски претставници во следната рунда преговори за завршување на војната во Украина.

Путин се согласи Европа да се приклучи на преговорите

„Европејците ќе се приклучат на следниот состанок, кој го сметаме за исклучително важен момент бидејќи тие се наши партнери, а нивното учество е важно за нас“, изјави Виткоф за руската државна телевизија по средбата со Путин во Кремљ.

Џаред Кушнер, кој заедно со Виткоф се сретна со рускиот претседател, му рече на Путин дека забележал „голема промена“ во ставот на европската страна и дека е убеден дека вклучувањето на европски претставници нема да го забави напредокот на преговорите.

Путин: Европејците го прекинаа дијалогот

Путин изјави дека никогаш не бил против дијалогот со Европа, тврдејќи дека европските земји ја прекинале комуникацијата со Москва. „Тие се оние што го прекинаа дијалогот со Руската Федерација“, рече Путин.

„Многу би сакале вие, господа, и целата американска администрација да соработувате со вашите европски сојузници за конечно да одлучат дали сакаат мир или војна во Украина“, додаде рускиот претседател.

Сепак, Путин предупреди дека европскиот план за испраќање војници во Украина по евентуален мировен договор веднаш ќе доведе до обнова на војната, бидејќи Русија би го сметала таквиот потег за закана за сопствената безбедност.

Датумот и местото на следните преговори не се објавени

Досега не е познато кој ќе ја претставува Европа во следната рунда преговори, а не се објавени ниту датумот ниту местото на нивното одржување. Соединетите Американски Држави и украинскиот претседател Володимир Зеленски сакаат Европа да назначи претставник кој ќе преговара со Москва во нивно име.

По средбата во Кремљ, се очекува Виткоф и Кушнер да отпатуваат во Даблин, каде што треба да го информираат Зеленски за денешните разговори со Путин.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер