Со новиот филм на Гаспар Ное завршува 25-от Скопје филм фестивал - Канал 5

Со новиот филм на Гаспар Ное завршува 25-от Скопје филм фестивал

Утревечер завршува 25-тото јубилејно издание на Скопје филм фестивал.

Со новиот филм на Гаспар Ное завршува 25-от Скопје филм фестивал

Во Кинотека ќе бидат прикажани филмовите „Едно убаво утро“на режисерката Миа Хансен -Лов (20 часот) од програмата Фокус на европски филм и најновиот филм на Гаспар Ное „Врлог“ (22 часот) од програмата Авторски филм.

Миленичката на фестивалите, режисерката Миа Хансен-Лов се враќа пред филмската публика со длабоко впечатлива хроника за жена што е преплавена со своите обврски како мајка, ќерка, работничка и љубовница. Со повеќеслојната изведба на Леа Сејду, „Едно убаво утро“ фрла светлина на чудата и турбуленциите на секојдневниот живот. Впечатливата елеганција на пристапот на режисерката произлегува од нејзината доверба во целосно развиените ликови и од одбивањето да внесе вештачка драма во настаните од нивниот живот. Леа Сејду е ретка француска ѕвезда што лесно минува од холивудски блокбастери (серијалот за Џејмс Бонд), во смели интернационални дела („Јастог“, „Злосторства на иднината“ на Кроненберг) и најдобрите француски филмови е неверојатно реалистична во главната улога.

„Вртлог“ е приказна за двајца партнери што живеат во блиски, но одделни, паралелни светови, борејќи се со староста и деменцијата. Додека талкаат низ тесниот стан преполн со мебел, мора да се помират со мислите за смртта и за крајот што ги чека набрзо. Мрачната перспектива и очајот стануваат дел од приказната, а двојката, во изведба на Дарио Арџенто и Франсоаз Лебрун, гледа како нивната поврзаност полека се распаѓа додека болеста напредува. Гаспар Ное решил да ја прикаже изолираноста на деменцијата снимајќи го целиот филм на поделен екран, мајсторско решение што нуди автентичност како „еден ден во животот“, со бавна тензија и возбудлива филозофска горчина. Поделениот екран станува визуелна метафора за начинот на кој деменцијата ја еродира способноста на човекот да комуницира со своите сакани. За да им даде што е можно повеќе простор, Гаспар Ное решава да снима со две рачни камери што ги следат главните ликови, што полека води до моќна кулминација. Филмско искуство што бара внимание и посветеност на големиот екран, „Вртлог“ е ремек-дело и можеби е најдобриот и најчувствителен филм на Гаспар Ное досега.

Во рамки на програмата на Скопје филм фестивал, вчера (четврток, 15 септември) се одржа промоцијата на збирката реценции на филмската критичарка Сунчица Уневска „Дух во школка“. Во разговорот со режисерката Лидија Мојсовска, таа рече дека за насловот на книгата се инспирирала од јапонски филм за машините наспроти духот, како и од универзалното и безвремено значење на школката како древен симболички објект. Во книгата се поместени 64 рецензии, а Уневска истакна дека имала намера да се осврне на филмските дела на еден поинаков, есеистички начин, потпирајќи се на повеќе на темите, отколку на техничките и занаетските елементи на филмот, обидувајќи се на аналитички и безвремен начин да проговори за она со кое човекот отсекогаш е преокупиран, но сето тоа испреплетено и со актуелните теми што се обележје на денешното живеење. Книгата е издание на „Аквариус“.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Трагедија во Пакистан – 33 ученици и еден наставник загинаа при уривање на покривот на училиште; сопственикот е уапсен

Најмалку 33 ученици и еден наставник загинаа кога се урна покривот на училиште во Пешавар, главниот град на пакистанската провинција Хајбер Пахтунхва.  Спасувачките екипи трагаат по преживеани во урнатините. 

Трагедија во Пакистан – 33 ученици и еден наставник загинаа при уривање на покривот на училиште; сопственикот е уапсен

Сите загинати ученици биле помлади од 13 години. Сопственикот на училиштето е уапсен, а претседателот на Пакистан побара сеопфатна истрага за причините за несреќата.

Најмалку 33 ученици и еден наставник загинаа кога се урна покривот на училиште во Пешавар, главниот град на пакистанската провинција Хајбер Пахтунхва. Спасувачките служби стравуваат дека под урнатините има уште заробени деца, што значи дека бројот на жртвите би можел дополнително да се зголеми, јавуваат локалните медиуми.

Загинатите деца биле на возраст меѓу шест и 12 години, изјави Мохамад Асим, портпарол на болница во Пешавар. Деветнаесет лица се повредени, од кои петмина се во критична состојба, додаде тој.

Полицијата го потврди апсењето на сопственикот на училиштето, кое се наоѓа во населбата „Дир Колони“ и работело во рамките на образовна фондација.

Станува збор за приватно училиште лоцирано во северниот дел на градот. Во тек е истрага, а се претпоставува дека причина за уривањето на покривот е слабата конструкција.

„Конструкцијата на објектот беше слаба. Покривот беше преоптоварен поради дополнителна градба врз нестабилна рамка, што доведе до уривање“, изјави началникот на полицијата. Пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф изрази длабока тага поради трагедијата што се случи во училиштето. Пакистанскиот претседател Асиф Али Зардари, исто така, упати сочувство.

„Оваа потресна трагедија ја потресе целата нација“, рече тој.

Претседателот на Пакистан, исто така, повика на сеопфатна истрага за утврдување на причините за несреќата, како и на преиспитување на безбедносните стандарди во училишните објекти, со цел да се спречат слични трагедии во иднина.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

ВМРО-ДПМНЕ: Отворен е повикот за Академија за млади лидери организирана од ПИАЦ на ВМРО-ДПМНЕ

Политичкиот истражувачко-аналитички центар – Љубиша Георгиевски го отвора повикот за учество на Академијата за млади лидери, едногодишна програма наменета за млади луѓе кои сакаат да инвестираат во своето знаење, личен развој и лидерски потенцијал.

ВМРО-ДПМНЕ: Отворен е повикот за Академија за млади лидери организирана од ПИАЦ на ВМРО-ДПМНЕ

Во текот на програмата, учесниците ќе имаат можност да учат од искусни предавачи и практичари, да работат на конкретни задачи и реални предизвици, да разменуваат идеи и да стекнат искуство кое ќе можат да го применат во својата понатамошна работа.

Програмата е организирана во пет модули, посветени на:

* лидерство, тимска работа и организација;

* комуникациски и медиумски вештини, јавен настап и нови дигитални алатки;

* јавни политики, институции и процесот на донесување одлуки;

* финансии, буџетирање и економски показатели;

* политички менаџмент, организација и кампањи.

Посебен дел од Академијата ќе биде менторската програма, преку која секој учесник ќе има можност директно да работи со искусен ментор.

На крајот од Академијата, учесниците ќе работат во тимови на завршен проект, во кој ќе треба да понудат решение за конкретен општествен проблем и да го презентираат пред комисија.

Како да се пријавиш?

Испрати ја својата пријава најдоцна до 25 октомври на:

[email protected] или пријави се лично во Централниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ.

Пријавата треба да содржи кратка биографија и кратко образложение зошто сакаш да бидеш дел од Академијата.

Биди дел од Академијата за млади лидери во организација на ПИАЦ на ВМРО-ДПМНЕ.

Со почит,

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Јаневска: Ја подигнуваме инклузивноста со најмногу образовни асистенти досега, стручен кадар и асистивна технологија

 Меѓународниот ден на белиот стап е можност да се потсетиме до каде сме стигнале, како општество, во нашата обврска на секое дете да му овозможиме да ги реализира своите соништа, таленти и потенцијали. 

Јаневска: Ја подигнуваме инклузивноста со најмногу образовни асистенти досега, стручен кадар и асистивна технологија

Оваа Влада вети дека ќе ја подигне инклузивноста на воспитно-образовниот систем во целина, и тоа го правиме, рече министерката за образование и наука Весна Јаневска на одбележувањето на Меѓународниот ден на белиот стап што се одржа во Собранието, во организација на Интерпартиската парламентарна група за правата на лицата со попреченост и Зета – организација за попреченост и правда, во соработка со Државното училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ и Националниот сојуз на слепи.

Посочи дека оваа учебна година се ангажирани најголем број образовни асистенти досега: 1.602 во основните училишта низ државата и 176 во средното образование. Во тек е и постапка за ангажирање на дополнителен број на стручни лица за образовна асистенција.

„Во насока на подигнување на инклузивноста е и јакнењето на стручните служби во училиштата, преку ангажирање на потребен кадар. Паралелно ја подобруваме пристапноста во училишните објекти преку поставување рампи и тоалети за учениците со посебни потреби. Воведовме две нови категории студентски стипендии наменети за студенти со попреченост и со ретки болести“, додаде министерката.

Државното училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“, од минатата година функционира како ресурсен центар и таму работат специјални едукатори и рехабилитатори, наставници и стручни лица кои се обучени за образование на овие ученици со посебни образовни потреби.

„Оваа учебна година, во ова единствено училиште на ниво на државата, се запишани повеќе ученици отколку лани. Тоа говори за препознавањето на квалитетот на воспитно-образовната работа, можноста за добивање соодветна стручната помош и раст на довербата што родителите ја имаат во институцијата“, укажа министерката Јаневска.

Училиштето е опремено со најсовремена асистивна технологија, со заеднички ангажман и во соработка со општествено одговорни компании, што како практика треба да продолжи, затоа што многу е важно децата со посебни образовни потреби да имаат пристап до најновите алатки и технолошки решенија кои ќе им овозможат полесно учење, поголема самостојност и порамноправно учество во образовниот процес и во секојдневниот живот.

„Ограничените ресурси се главната пречка за подобри услови за квалитетна настава, но, тоа може да се надомести со поквалитетни обуки, подобра комуникација меѓу сите чинители и секако со стратешко унапредување на инклузивниот образовен систем“, додаде министерката Јаневска, нагласувајќи ја потребата за подигнување на јавната свест дека попреченоста не ја определува личноста и дека треба да градиме општество во кое секој млад човек ќе добие шанса за избор на сопствена иднина.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер