Смит: Тачи би можело да добие доживотна казна затвор

Главниот обвинител на Специјалното обвинителство во Хаг, Џек Смит, во писмото до судијата на претходна постапка Никола Гиуло објави зошто Хашим Тачи треба да биде притворен.

Смит додава дека доколку обвиненијата се потврдат, може да добие доживотна казна затвор.

Во писмото објавено на официјалната веб-страница на Специјалниот суд, Смит наведува дека постои страв дека поранешниот претседател на Косово може да избега по објавувањето на непотврденото обвинение, пренесува „Репортери“.

Во писмото испратено до судија на претходна постапка, Смит исто така тврди дека Тачи може да изврши други злосторства и да ги попречува посебните постапки и посочи дека обвинувањата, кои беа потврдени во Специјалниот суд, може да доведат до доживотен затвор за поранешниот косовски претседател..

Ова писмо покажува инсистирање на главниот специјален обвинител дека Тачи требало да биде уапсен и испратен во притвор.

Филипче: Зголемен бројот на случаи на семејно насилство

Се зголемуваат тимовите кои излегуваат во пресрет на жртвите.

Оваа криза не само што ни дава еден таков предизвик за третман на пациентите со Ковид-19, дава и некои други специфики, кои се повеќе и повеќе излегуваат на виделина. Имено, очигледно е дека стресот го прави своето, дека ова што треба да сме на некој начин на физичка дистанца, што е сосем спротивно на тоа што е еволуцијата на човештвото нè учи, а тоа е заедништвото, и изолацијата за време на долгите карантини, според резултатите од Клиниката за психијатрија, резултираа со зголемен број случаи на семејно насилство.

Ова денеска по повод 25 ноември, Меѓународниот ден за борба против насилство врз жените, го истакна министерот за здравство Венко Филипче. Тој рече дека на Клиниката за психијатрија секојдневно се регистрираат случаи на семејно насилство, а нејзината онлајн амбуланта е преоптоварена со повици и тоа трае од од март кога почна кризата.

– Колегите се силно посветени на ова прашање, ги решаваат проблемите и ги зголемуваат тимовите кои излегуваат во пресрет на жртвите на насилство, потенцираше Филипче и додаде дека некаде околу 30 отсто е зголемувањето во однос на истиот период во 2019 година. И претходно, пред Ковид-19 кризата во инклузивен процес, во соработка со сите институции и сите граѓанските организации се отворија три центри за третман на жртви на насилство во гинеколошко-акушерската клиника, во болницата во Тетово и болницата во Куманово. Тоа се центри што се целосно опремени од медицински аспект. Работат тимови од гинеколози, психолози, социјални работници, кои се на повик 24 часа и експерти од областа на судската медицина. Еден од најголемите предизвици со кои здравствените работници се соочуваат е жените кои се јавуваат на преглед практично да го признаат тоа, рече Филипче.

Според него, треба многу вештина во пристапот, во разговорот, во отвореноста, затоа што во огромен број случаи сè уште за жал постои страв.

– Ова е процес што планираме да го продолжиме. Оваа криза одложи проекти, планови, меѓутоа секако планираме такви центри да има посебно во големите болници ширум државата. Жените знаат каде може да се обратат, сигурни се дека може да добијат соодветна стручна помош, а ние сите заедно да работиме на подигнување на свеста, заедно институциите, медиумите, граѓанските организации се со цел вакви случаи да има се помалку, додаде Филипче. /МИА

Во Прилеп почна откупот на тутунот, се очекува безбедна и реална откупна кампања

Прилепскиот тутунски комбинат денеска официјално го почна откупот на тутунот. Тој е втора, по Сокотаб од Битола, откупна компанија од вкупно 10-те во земјава кои ќе го купуваат годинашниов род од околу 23 000 тони.

Тутунарите на стартот сметаат дека нереално се проценува нивниот труд и мака и дека им се скратува на класите.

-Јас денеска го ценев тутунот. Секоја година прв го носам за откуп. Лани многу убаво одеа цените, ама годинава многу тешко. Претежно оди 4 и 3 класа. Донесов 430 килограми, вели долгогодишниот тутунопроизводител Ваит Асаноски од Прилеп.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Ајранит Хоџа истакна дека сме на стартот на откупот, не се очекуваат големи проблеми, и оти е рано да се даде процена како тече откупот, но Министерството и Инспекторат будно ќе го следат откупот. Многу е битно и зачувување на здравјето на тутунарите. Откупувачите ги обезбедија парите за откуп.

-Ова е втора компанија која го почнува откупот. Дојдени сме да видиме како се одвива откупниот процес. Сѐ уште е почеток и реално, очекуваме дека нема да има поголеми проблеми со откупот. Рано е да говориме за некаква процена, но очекуваме да биде во најдобар ред. Имав повеќе состаноци со откупувачите и со Земјоделските здруженија. Засега два откупни центри го почнаа откупот. Средствата се обезбедени и тоа што е договорено нема да остане неоткупено. Сакаме сѐ да помине во најдобар ред, посебно да се запазат сите мерки за заштита за да не дојде до затворање на цел откупен пункт. Ќе се следи ситуацијата. Не би сакал пораката во почетокот на откупот да биде негативна. Да почекаме како ќе се одвива, па да преземеме мерки доколку има проблеми, изјави Хоџа.

Кире Станкоси, директор на Прилепскиот тутунски комбинат нагласи дека ќе се плаќа по еден ден од одтукупот и не се очекуваат проблеми. Најави дека деновиве ќе се отворат пунктувите во населените места.

-Официјално го почнавме откупот, парите се обезбедени. Имаме 21 откупен пункт со 31 вага. Деновиве ќе ги отвориме пунктовите и во населените места. Прво им посакувам добро здравје на тутунарите. Наше е да имаме реална процена на родот. Наша цел ќе биде обострано задоволство со тутунарите. За заштита на здравјето на кооперантите, целта ни е откупот да трае подолго за да нема турканици, посочи Станкоски.

Сојузот на земјоделските здруженија ќе ги штити тутунарите за да добијат реална цена при откупот. Менде Стомнароски, претседател на Сојузот вели дека ќе почекаат сите 10 откупувачи да ги отворат пунктовите.

-Досега се две откупни компании кои го почнаа откупот, најавата е дека другите осум ќе ги отворат пунктовите до 5 декември. Сѐ што е во нашиот домен, со нашите претставници на вагите ќе преземеме да ги заштитиме тутунарите. Со самото почнување на сите откупни компании, доколку има нереална процена, ние ќе преземеме сѐ што е во нашиот домен. Дури, ако дојде до таква ситуација, ќе ги повлечеме поверениците, за тутунарите да не бидат оштетени. Но, овој период е сушен, па оневозможува тутунарите да го спакуваат тутунот за откуп, изјави Стомнароски. /МИА

Улицата „Среќко Пужалка" денеска без вода

Без вода денеска од 14 часот се корисниците од улицата „Среќко Пужалка".

Како што соопшти Регионалниот центар за управување со кризи-Скопје, прекинот е поради уличен дефект ф-100мм на улицата „Среќко Пужалка" бр.39.

Корисниците ќе бидат без вода се до санирање на дефектот.

притисни ентер