Скопјани постојано бараат промени во мрежата на автобуски линии

Во главниот град има потреба од промени во постојната мрежа на автобуски линии и од воведување нови градски и приградски линии.

Скопјани велат дека постојните автобуски линии се недоволни и оти мора некогаш да менуваат по два или три автобуси за да стигнат на училиште или на работа. Реагираат на преполните автобуси и на доцнењата, сметаат дека тие се ретки навечер, за време на викенд, празници и за летниот период.

Постапка за воведување нови автобуски линии

Линискиот превоз на патници на територијата на главниот град го уредува Советот на Град Скопје, во согласност со член 22 од Законот за превоз во патниот сообраќај, и се однесува на 10-те градски општини. Согласно овој закон, член 22-а Град Скопје има склучено договор со скопските приградски општини за линиски превоз на патници и на нивната територија. Постапката попрецизно е дефинирана и во Одлуката за линиски превоз на патници во Град Скопје.

Превозници, урбани, месни заедници, институции, здруженија и граѓани можат да иницираат воведување нови линии што не се содржани во мрежата на автобуски линии, како и продолжување, скратување и укинување на постојните автобуски линии. За тоа одлучува Советот на Град Скопје, врз основа на претходно истражување и анализи направени од Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ како носител на системот за линиски превоз на патници на подрачјето на сите општини во Град Скопје.

Заинтересираните треба да поднесат барање за воведување, продолжување и скратување до Секторот за сообраќај при Град Скопје, кое се препраќа до ЈСП „Скопје“. Притоа стручни лица од Секторот за сообраќај и ЈСП „Скопје“ ги утврдуваат сообраќајно-техничките, безбедносни, економски и други услови. Се разгледува дали има техничка можност автобусот да поминува по трасата, земајќи ги предвид микро и макро локацијата за утврдување на автобуските стојалишта по дефинирање на трасата.

Како резултат на анализата, одговорот може да биде негативен, позитивен, но и може да има потреба од воведување пробна линија поради тестирање, испитување на оправданоста од воведување нова линија. Пробната линија е со тест период од три месеци со можност за продолжување на уште три месеци или вкупно шест месеци. Доколку се утврди за позитивно воведувањето на линијата, како Предлог-одлука за измена и дополнување на Одлуката за линиски превоз на патници во Град Скопје, со конкретната линија се доставува до Советот на Град Скопје.

Од Секторот за сообраќај соопштија дека имаат по пет-шест барања месечно, најчесто од поединци или група граѓани. Тие најчесто бараат измени или усогласување на времето на движење на автобусите, односно да тргнуваат пет минути порано или подоцна.

Приватните превозници и граѓаните бараат засилување на возниот ред

Во приватниот превоз во Скопје се вклучени „Слобода превоз“ и „Макекспрес превоз“.

Ленин Јовановски, директор на „Слобода превоз“ изјави дека имаат големи поплаки од граѓаните.

-Граѓаните се жалат дека нашите автобуси се преполни во одредени часови од денот, па мора да чекаат други за да се качат. Ова особено важи за автобусите со број 23 и 9, рече Јовановски. Граѓаните се жалат што автобусите застануваат на секоја станица, што е обврска на возачите, без разлика дали има патници или не.

Војо Велески, еден од основачите на „МАКекспрес превоз“-Скопје изјави дека постојниот возен ред не ги задоволува потребите на граѓаните. На пример, жителите кои ги користат автобуските линии со број 19, 20 и 22 бараат засилување на возниот ред. Вели дека граѓаните реагираат особено за трите сообраќајни шпица, од 6 до 9 часот, од 12 до 17 часот и од 19 до 20:30 часот, и барат бројот на возила да се зголеми особено во овие периоди.

Велески посочи дека жителите од населбата Лисиче се жалат оти не се поврзани со гробиштата Бутел и бараат постојната автобуска линија со број 20 да се продолжи од Транспортниот центар до населбата Лисиче.

Приватните превозници велат дека имаат доставено барања до Град Скопје за зголемување на обемот на работа на линиите кои ги одржуваат, за 19, 20 и 22.

Став на ЈСП Скопје

- Нови линии, продолжување на постоечките или корекции во возниот ред не е моја одлука, ниту самостојна на претпријатието, туку генерално целата постапка се процесуира преку Град Скопје и со дозвола на Советот. Факт е дека многу често има барања од тој тип. Дел од нив се од страна на корисниците на нашиот превоз, а делумно бараат и приватните превозници, изјави в.д. директорот на ЈСП „Скопје“ Кристијан Чушков.

Тој вели дека корекциите по било кој основ се прават по детална анализа на фактичката состојба на терен, а предвид се зема и економската оправданост на евентуалното функционирање на линијата, како и расположливоста на возниот парк во определен момент.

-Апсурдно е на пример возниот ред на одредени приградски линии да е ист преку целата година. На пример за време на летниот распуст автобусот вози само за тројца патници. Истото важи и за најфреквентните линии кои се редуцирани за време на годишните одмори. Истовремено нема логика двокатен автобус да сообраќа вон урбана средина, пред се поради несоодветната инфраструктура, а имаше такви барања, рече Чушков.

Последен пат во Скопје е воведена автобуската линија со број 28 која сообраќа од Транспортен центар – Нерези (Македонско село). Минатата година е направена измена во приватната линија со број 73, која доби нова траса, од Скопски Саем до село Усје. Овој автобус претходно тргнуваше од Транспортен центар до село Усје./МИА.

Ева Лонгорија блесна на црвениот тепих во Кан, облечена во фустан со бисери

Актерката Ева Лонгорија блесна на црвениот тепих на Канскиот филмски фестивал. Лонгорија присуствуваше на премиерата на „Kinds Of Kindness“, со Ема Стоун и Џо Алвин во главните улоги.

Таа носеше блескав фустан со бисери и кристали создаден од модниот дизајнер Ели Сааб. Голиот грб и деколтето го истакна со фустанот. Заедно со оваа модна комбинација, Лонгорија реши да ја обликува косата во светли бранови. Таа со својот изглед ги привлече сите погледи и внимание на фотографите.

Лонгорија на премиерата на филмот „Kinds of Kindness“ пристигна во друштво на нејзината колешка, актерката Ајшварија Раи Бачан, која исто така воодушеви од модната комбинација.

Ева привремено се сели во Шпанија со нејзиниот сопруг Хозе Бастон и синот Сантијаго, неодамна објави „ Page Six“.

„Таа ќе поминува многу време таму бидејќи има проекти за целата втора половина од годината“, изјави извор за „Page Six“.

Ева има шпанско државјанство и куќа во Марбела. Нејзиниот сопруг и таа купија викендица таму на почетокот на 2023 година. „Тоа е мојата оаза, мојот рај“, изјави актерката за време на интервјуто за „Hello!“ во јануари 2024.

„Кога не сум тука, работам без престан“, додаде таа.

Извор: Индекс.хр

Ројс го постигна својот 100-ти гол за Борусија на домашен терен во неговиот последен настап

Фудбалерот од средниот ред на Борусија, Марко Ројс постигна гол на денешниот натпревар од 34. коло од Бундеслигата со Дармштад, кој се играше на стадионот „Сигнал Идуна Парк“ во Дортмунд.

Триесет и четиригодишниот фудбалер упати прецизен удар во противничкиот гол во 38. минута од натпреварот. Ова е негов јубилеен, 100. гол на домашните натпревари на Борусија.

Ројс имаше и асистенција на овој натпревар.

Германскиот играч за врска го одигра последниот натпревар со Борусија во Бундеслигата. Тој ќе го напушти тимот како слободен играч во јули. /МИА

Баер го победи Аугсбург и ја заврши сезоната во Бундеслигата без пораз

Баер попладнево оствари домашна победа над Аугсбург (2:1) во натпреварот од 34. коло на германскиот фудбалски шампионат.

За домаќините погодија Виктор Бонифас и Роберт Андрич, голот за Аугсбург беше дело на Мерт Комура.

Избраниците на Чаби Алонсо, кои рано станаа германски шампиони, Бундеслигата ја завршија непоразени, освојувајќи 90 бода. Серијата без пораз на Леверкузен во сите натпреварувања достигна 51 натпревар.

Аугсбург заврши 11-ти со 39 бодови./МИА

притисни ентер