Скандал во Шпанија: Вработени во амбасадата на САД им давале мито на разузнувачи

Шпанија дискретно протерала најмалку двајца вработени во американската амбасада обвинети дека подмитувале шпански разузнавачи во замена за државни тајни, објави денеска весникот Ел Паис, повикувајќи се на владини извори.

Ниту една земја веднаш не го потврди протерувањето, но шпанската министерка за одбрана Маргарита Роблес, на прашањето за случајот, го омаловажи неговото значење за односите меѓу двете земји. Таа потврди дека во тек е судска истрага за „недолично однесување“ во шпанската разузнавачка служба ЦНИ.

„Шпанија и Соединетите Американски Држави се пријатели, сојузници и партнери. Кога има потешкотии кои би можеле да влијаат на нас, се разговара и се работи на нив, но тоа на никаков начин не влијае на односите што ги имаме“, им рече на новинарите Роблес.

Американски официјален претставник во Шпанија рече дека американската амбасадорка Јулиса Рејносо нема да го коментира инцидентот. Ел Паис, без да именува имиња или функции, пишува дека резултатите од истрагата покажале дека двајца шпански разузнавачи дале информации за „голема сума“. Весникот додава дека можеби биле вмешани повеќе од двајца американски „шпиони“.

Службеникот на ЦНИ и неговиот помошник биле уапсени пред два месеци, а судот нареди нивниот случај да остане во тајност, пишува Ел Паис.

Шпанската влада соопшти дека истрагата започнала на барање на ЦНИ, но нема да даде повеќе детали бидејќи истрагата била тајна.

Шпанските власти ја повикале амбасадорката Рејносо на разговор и изјавиле дека таа не знаела ништо за случајот и се извинила, додава весникот. Вашингтон тогаш се согласил со барањето на шпанските министерства за одбрана и за надворешни работи двајца вработени во американската амбасада да ја напуштат земјата.

Портпаролите на шпанското Министерство за надворешни работи и највисокиот суд одбиле да го коментираат настанот, а ЦНИ не одговорило на барањето за коментар, пренесе Еј-Би-Си Њуз.

Манчестер јунајтед загуби од Фулам и ја прекина серијата од пет победи

 Манчестер јунајтед попладнево загуби на домашен терен од Фулам со 2:1 во натпреварот од 26. коло на англискиот фудбалски шампионат. 

„Црвените ѓаволи“ ја прекинаа серијата од пет победи во низа во сите натпреварувања.

Првиот гол го постигна дефанзивецот на гостите Калвин Баси во 65. минута. На минута пред крајот на основните 90, Хари Мегваер го израмни резултатот. Алекс Ивоби им донесе победа на лондонскиот тим во седмата минута од судиското надополнување.

Манчестер јунајтед се наоѓа на 6. позиција во Премиер лигата со 44 бодови. Фулам има 32 бода и се наоѓа на 12. место.

На другите досега завршени натпревари од ова коло:

Астон вила – Нотингем Форест 4:2

Брајтон – Евертон 1:1

Кристал Палас – Барнли 3:0. /МИА

Телото на Навални вратено на неговата мајка

Телото на рускиот опозиционер Алексеј Навални и е вратено на неговата мајка, соопшти неговата портпаролка Кира Јармуш на социјалната мрежа Икс.

Погребот се уште се чека. Не знаеме дали властите ќе се мешаат да се спроведе како што сака семејството и како што заслужува Алексеј. Ќе ве известиме штом има новости“, соопшти Јармуш. Најпознатиот политички противник на Владимир Путин ненадејно почина во затвор пред една недела, а неговата мајка со денови бараше властите да и го предадат телото.

Бербок ја посети Украина Одеса на годишнината од војната

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок отпатува во јужниот украински пристанишен град Одеса, на денот кога руската инвазија врз Украина влегува во третата година.

Германската министерка пристигна во градот придружувана од нејзиниот украински колега Дмитро Кулеба во посета која првично беше чувана во тајност од безбедносни причини.

Ова е шесто патување на Бербок во Украина од почетокот на руската инвазија на 24 февруари 2022 година.

Двајцата министри присуствуваа на состаноците на Генералното собрание на ОН и Советот за безбедност на ОН во петокот во Њујорк по повод одбележувањето на втората годишнина од почетокот на војната. Двајцата дипломати пристигнаа заедно во Берлин утрово со авион на германската влада. Оттаму, Бербок и Кулеба полетаа за Молдавија од каде отпатуваа по копно до Одеса, јави ДПА. /МИА

притисни ентер