Сиљановска Давкова во Штип: Татковина не се менува, татковината не трпи придавки

Кандидатот за претседател на Република Македонија, проф. Д-р Гордана Сиљановска Давкова вечерва оствари средба со граѓаните во Штип.

Сиљановска Давкова ги поздрави граѓаните на Штип и исто така им се заблагодари на поддршката која и ја даваат во текот на оваа изборна кампања затоа што на нејзе и даваат дополнителна сила за да победи, се со цел правдата да преовладее во државата.

,,Една е нашата татковина Македонија. А, татковина не се менува. Татковината не трпи придавки не и личат. Никогаш во историјата ниту на Илинден, ниту на АСНОМ, ниту на 8-ми Септември, ниту некој се борел, ниту некој мечтаел, ниту некој сонувал, ниту некој се радувал на Северна Македонија, порача Сиљановска Давкова.

Сиљановска Давкова додаде дека не е национализам да кажете дека нешто што немало корен, не може да фати корен во срцето, ниту може да го прими умот, па ни здравиот разум. Нема мести за придавки.

,,Јас ве уверувам дека договорите се важни, меѓутоа со договор не може да се крши Устав, ниту договорот може да опстои ако е спротивен на она малку меѓународно задолжително право. Не договорите не се ни Библија, ни Куран, секој народ си има право на самоопределување, и македонскиот, појасни Сиљановска Давкова.

Сиљановска Давкова посочи дека правото на самоопределување на секој народ и нација е непотрошно право. Него го нема ако ги нема внатре името, знамето, химната и својот Устав. Власта се откажа од тоа ама не можат да се откажат во име на македонскиот народ. Бидејќи народот е носител на суверенитетот, а не власта.

,,Првиот митинг го одржавме во мојот роден град Охрид, последниот во славниот Штип. Штип со херои, Штип со државници. Штип во кој дури првиот човек на партијата што е на власт рече и напиша дека Македонија е се што имаме, а сега власта го заборави тоа. За нив Македонија е се што немаме, ама ние ќе ја вратиме Македонија, зошто тоа е се што имаме, нагласи Сиљановска Давкова.

Сиљановска Давкова рече дека на 21 и на 5-ти мај граѓаните гордо за гордата Македонија ќе гласаат и ќе победи. Бидејќи крајот на власта е на повидок, а нејзината победа веќе е на дофат.

,,Не може претседателот да направи се, јас не мислам дека претседателот треба да има повеќе функции од овие. Се плашам дека на Балканот власта особено кога е лична може да се употреби и да се злоупотреби. Ама за да прерасне македонската пролет во македонски европски реформи победата ќе значи отворање на новата ера по предвремените парламентарни избори. А, тогаш сето она за што страсно разговараме и се договараме дека мора да се случи, а е невозможно без правна држава, без просперитетна економија, без квалификувана државна и јавна администрација, со остреа битка со корупцијата и криминалот што е нивно секојдневие, со битката со фамилијаризацијата на демократијата наречена невиден непотизам ќе доведе до отворање на нова страница од македонската историја, посочи Сиљановска Давкова.

Сиљановска Давкова појасни дека од срце посакува Македонија да добие датум на преговори за влез во ЕУ ама умот и вели тоа не е можно. Не е доволно да имате договор во раце за да се влезе во ЕУ, треба да се има европски капацитети. Треба да се има европска кондиција, треба да се почитуваат европски вредности, но нив ги нема за жал. И сето тоа на власта ќе и се соопшти наскоро.

,,Тогаш што останува, останува по успешните претседателски избори и по успешните предвремени парламентарни избори, за кои се надевам дека премиерот ќе го додржи зборот овој пат, барем по тоа да остане запомнат дека еднаш го исполнил она што го ветил. Е тогаш ќе можеме навистина заедно да градиме држава со правда и правдина, нагласи Сиљановска Давкова.

Сиљановска Давкова на граѓаните во Штип и ширум Македонија вети дека кога ќе победи на претседателските избори ќе се избори светлината на правото и правдината да завладее во Република Македонија и да се стави крај на заевизмот кој што нанесе само зло на државата.

Ибрахимовиќ: Тешко ми беше да се откажам од фудбалот поради моето его

Поранешниот напаѓач Златан Ибрахимовиќ зборуваше за подкастот на „АБТалкс“ каде што разговараше за неговото пензионирање од фудбалот, неговото враќање во Милан како главен советник на сопственикот на клубот и за смртта на неговиот агент Мино Раиола.

-Добро сум, така ме третира животот. Секако, се повлеков од фудбалот пред повеќе од осум месеци, така што мојот живот сега е поинаков. Прифатив да се откажам од фудбалот, што беше тешка работа поради моето его и начинот на кој се доживував себеси. Мислам дека сум најдобар и сè уште сум таков. Можев да продолжам, но решив да престанам. Зошто? Сакам само добар живот за моето семејство. Сакав да правам работи со моите синови, а пред тоа не беше можно бидејќи имав проблеми со едното колено. Така го прифатив тоа и дојде момент кога си реков: „Во ред е, откажи се и отвори ново поглавје од твојот живот, вели популарниот Ибра.

Потоа, неколку месеци подоцна, го запознава Гери Кардинале, кој го надгледува фондот „РедБрд“ што го купи Милан.

-Ми даде понуда што не можев да ја одбијам. Така почнав да работам со Милан, откако бев во клубот три-четири месеци. Добро се однесуваат со мене таму, морам да признаам. Кога почина мојот агент Мино Раиола, тоа беше голем удар за мене. Многу плачев. Сè уште не е исчезнато чувството, бидејќи спомените постојано ми се враќаат. Скршен сум затоа што многу ми недостига. Секој што го познава знае колку бевме блиски. Да можам би му напишал: „Ми недостигаш“, сподели Ибрахимовиќ. /МИА

Почесна Златна палма за Мерил Стрип на Канскиот филмски фестивал

 Познатата американска актерка Мерил Стрип (74) ќе добие почесна Златна палма за време на церемонијата на отворањето на овогодишниот Меѓународен филмски фестивал во Кан на 14 мај, соопштија денеска организаторите.

Холивудската актерка со рекордни 21 номинација за престижниот Оскар само еднаш била на Канскиот фестивал. Тоа беше пред 35 години кога филмот „Плач во темнината“ во кој играше, доби една од наградите на Канскиот фестивал.

Мерил Стрип освои три Оскари за улогите во филмовите „Крамер против Крамер“ (1980), „Изборот на Софија“ (1983) и „Челичната дама“ во 2012 година.

Актерката се прослави во филмовите „Лов на елени“, „Жената на францускиот поручник“, „Мојата Африка“, „Мостовите на округот Медисон“, „Сомнеж“ и „Заљубување“.

Почесна Златна палма годинава ќе добијат креаторот на серијата „Војна на ѕвездите“, Џорџ Лукас и колективно Студио Гибли на јапонскиот режисер за анимација Хајао Мијазаки.

Канскиот фестивал ќе се одржи од 14 до 25 мај, а за Златната палма се натпреваруваат повеќе од 20 филмови, меѓу кои и новиот филм на Френсис Форд Копола „Мегалополис“. /МИА

ФА го суспендираше Тонали на два месеци

Сандро Тонали беше суспендиран од фудбалот на два месеци. Нему му пресуди Независната регулаторна комисија откако призна дека учествувал во забрането обложување.

Покрај тоа, тој е казнет со 20.000 фунти и предупреден за понатамошно однесување.

Суспензијата е таква што Тонали нема да може да се врати на терените до крајот на сезоната, до кога ќе истече десетмесечната казна што му ја изрече Италијанската фудбалска федерација на 27 октомври 2023 година.

Доколку не го повтори истиот прекршок до крајот на сезоната, нема да мора да ја одлежи оваа двомесечна суспензија.

Фудбалскиот сојуз и Регулаторната комисија оценија дека Тонали соработувал и признал се за што е обвинет „на исклучителен и досега неевидентиран начин“.

Тонали целосно ги признал сите свои прекршоци, а тоа го направил во ситуација кога доказите практично не постоеле.

Тој продолжува да оди на терапија и едукативни програми на кои е должен да присуствува со целосна поддршка од клубот и продолжува да тренира со екипата./МИА

притисни ентер