Сиљановска-Давкова во пресрет на COP31: Климатските обврски да ги претвориме во конкретни инвестиции и мерливи резултати - Канал 5

Сиљановска-Давкова во пресрет на COP31: Климатските обврски да ги претвориме во конкретни инвестиции и мерливи резултати

За Сиљановска-Давкова климатските промени не се само прашање на заштита на природата, туку системска криза што ги погодува сите сегменти на општеството и бара итност, одговорност и заедничка акција.

Сиљановска-Давкова во пресрет на COP31: Климатските обврски да ги претвориме во конкретни инвестиции и мерливи резултати

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска се обрати на настанот „Национален дијалог во пресрет на СОР31“, организиран од УНДП во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

За Сиљановска-Давкова климатските промени не се само прашање на заштита на природата, туку системска криза што ги погодува сите сегменти на општеството и бара итност, одговорност и заедничка акција.

Таа ја нагласи важноста од брзо усвојување на Законот за климатска акција, кој, како што истакна, е еден од најважните документи во реформската агенда поврзана со ЕУ, а за кој е добиено зелено светло од Европската Комисија во однос на усогласеноста со европското законодавство.

Во пресрет на COP31, во Анталија, каде што претседателката ќе ја предводи македонската државна делегација, таа порача оти треба да настапиме со јасни национални приоритети, подготвени проекти и конкретно дефинирани потреби за финансирање.

Според неа, Конференцијата е можност не само да ги артикулираме нашите приоритети, туку и да покажеме дека сме подготвени климатските обврски да ги претвориме во конкретни инвестиции и мерливи резултати.

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

„Почитуван постојан претставник на УНДП,

Ценети министри,

Почитувани присутни,

Чест ми е да ве поздравам на овој национален дијалог во пресрет на Конференцијата на страните, СОР31 во Анталија.

И годинава, за жал, климатскиот самит ќе се одржи во услови на геополитички тензии и воени конфликти. Звукот на оружјето одекнува насекаде во светот. Во 2024 година, војните однесоа околу 239.000 животи, што е највисокиот годишен број во последниве години, според Стокхолмскиот меѓународен институт за истражување на мирот - SIPRI. Но, среде разурнувањето, една жртва останува речиси невидлива, а нејзиното страдање сѐ повеќе се потиснува на маргините на вестите и насловните страници. Таа жртва е нашата планета, нашиот единствен дом што го уништуваме.

Жртвата е игнорирана, исто како и самата војна на човештвото против природата. А таа војна е однапред изгубена.

Да потсетам. Емисиите на стакленички гасови ја загреваат нашата планета, а последиците од климатските промени се одвиваат пред нашите очи. Летото 2026 беше едно од најтоплите во Европа. Се проценува дека само на нашиот континент околу 50.000 луѓе починаа поради високите температури. Топлотните бранови предизвикаа суши и го намалија водостојот на големите реки, вклучително и Дунав. Недостигот на вода го наруши производството на енергија, а во Унгарија дури го ограничи и работењето на нуклеарната централа.

Последиците се надоврзуваат една на друга: еколошкиот проблем прераснува во енергетски предизвик, создава економски притисок и ја загрозува нашата - човековата безбедност. Затоа климатските промени не се само прашање на заштита на природата. Тие се системска криза што ги погодува сите сегменти на општеството. И бараат од нас итност, одговорност и заедничка акција.

Мојата, нашата држава, се наоѓа во еден од климатски најранливите региони на светот, Медитеранот. Извештајот на Светската банка за климатските промени и развојот кај нас предупредува дека загубите од катастрофи и екстремни климатски настани во претходните 20 години се проценуваат на 667 милиони американски долари. Без инвестиции во адаптација, годишните очекувани штети би можеле да достигнат 4% од БДП до 2050 година.

Овие бројки не се само економски показатели. Тие се предупредување за ресурсите што можеме да ги изгубиме, за развојните можности што можеме да ги пропуштиме и за човечката цена со којашто не смееме да се помириме.

Македонските граѓани и македонската економија веќе ги чувствуваат последиците. Да ги споменам сушите, поплавите, шумските пожари, аерозагадувањето, коишто ги намалуваат приносите од земјоделството и го загрозуваат нашето - здравјето на луѓето.

Ако ризиците се познати, ако последиците се мерливи и ако превенцијата е можна, зошто сè уште дејствуваме најчесто дури откако штетата ќе настане?

Токму овие прашања беа во фокусот на тематската седница „Климатски промени, ризици и предизвици“, што се одржа на 7 април годинава во мојот Кабинет. Мнозина од нив ги гледам овде и учам од нив. Денес ме радува што меѓу нас се и дел од учесниците од научната и експертската јавност, кои тогаш ги анализираа климатските промени и ризиците од повеќе агли и понудија сеопфатен пристап кон решавањето на овој проблем и предизвик. Од нивната дискусија, ќе издвојам три прашања што бараат конкретна институционална реакција.

Прво, националниот удел. Во светски рамки, македонскиот удел кон емисијата на стакленички гасови, а со тоа и кон глобалното затоплување, е занемарливо мал. Но, на национално и локално ниво, овој удел претставува сериозен здравствен, економски и безбедносен ризик. Малите држави, како нашата, незсразмено повеќе ги чувствуваат последиците. Затоа, ние не смееме да правиме компромиси со иднината.

Второ, законската рамка. Предлог-законот за климатска акција, мислев и сѐ уште мислам, е еден од најважните документи во реформската агенда поврзана со ЕУ. Пред два дена добивме зелено светло од Европската Комисија дека е усогласен со европското законодавство. И тоа мене ме радува. Без навремена и предвидлива законска рамка не може да има ефикасна превенција. Затоа, законот за климатска акција мора да биде усвоен што е можно поскоро.

Но, иако е неопходна, добрата законска рамка сама по себе не е доволна. Покрај превенцијата, мора посветено да работиме и на адаптацијата кон климатските промени и на јакнењето на отпорноста на државата.

Во таа насока, на тематската седница беше предложено воспоставување Национален интегриран мултихазарден информативен систем за превенција од катастрофи, како стратешки национален проект.

Здравиот разум ни кажува дека, како мала држава со ограничени ресурси, не смееме да ги расфрламе јавните средства, ниту да дозволиме секоја институција одделно да набавува исти или слични системи. Наместо да дуплираме и да создаваме паралелни капацитети, треба да ги поврземе и да ги надградиме постојните, за ресурсите да ги користиме поефикасно и поодговорно.

Таквиот интегриран пристап би овозможил подобро искористување на достапните податоци, навремено предупредување и поефикасна реакција при топлотни бранови, суши, бури, поплави и шумски пожари. Зад оваа иницијатива стои едноставна, но суштинска цел: подобро да ги заштитиме човечките животи, имотот и безбедноста на македонските граѓани. Предупредувањето што не стигнува до граѓанинот навреме не ја исполнува својата цел.

Сепак, и законите и системите ќе дадат резултат само ако зад нив стојат потребните ресурси и ако има континуитет во спроведувањето. Успешната адаптација кон климатските промени не зависи само од политичките заложби, туку и од обезбедувањето предвидливи и одржливи финансиски средства.

Решенија постојат, а достапни се и европски и меѓународни механизми за финансирање, техничка поддршка и трансфер на технологии. Нашата задача е активно да ги користиме. Тоа значи да подготвуваме квалитетни проекти, да ги поврземе науката, институциите, општините и приватниот сектор и да обезбедиме инвестициите да носат јасни и мерливи резултати.

Во пресрет на COP31, треба да настапиме со јасни национални приоритети, подготвени проекти и конкретно дефинирани потреби за финансирање. COP31 треба да биде можност не само да ги артикулираме нашите приоритети, туку и да покажеме дека сме подготвени климатските обврски да ги претвориме во конкретни инвестиции и мерливи резултати.

Затоа, да го искористиме овој дијалог за да преминеме од заложби кон обврски, од планови кон инвестиции и од реакција кон превенција.

Науката може да ги препознае ризиците. Стручната јавност може да понуди решенија. Но државата мора да создаде услови тие да станат реалност. Нашата обврска денес не е повторно да докажуваме дека проблемот постои, туку да се договориме што ќе преземеме, кој ќе биде одговорен за што и со кои средства.

Драги пријатели,

За да се случат суштински промени, најважно е да се промени начинот на размислување. Од политичарот до бизнисменот, од новинарот до работникот, секој мора да знае дека не смее да ни биде судбина грст луѓе, водени од краткорочни економски интереси, користејќи ги празнините, да не речам дупките во процедурите за брза заработка, да ја затемнуваат иднината на секој граѓанин што живее во мојава и во вашата земја. Дека тоа не е непроменлива судбина, мора да ги учиме децата од најмала возраст, преку нашиот образовен систем.

Во оваа област никој не е виновен, секој сноси вина. Некој со чинење, а некој со нечинење. Ниту бизнисменот што заради профит не ги почитува правилата, ниту надлежните државни инспекциски служби што не секогаш вршат соодветен инспекциски надзор, ниту родителите што не го учат своето дете дека не смее да фрла отпадоци низ прозорецот на автомобилот, ниту новинарот што не ги држи овие прашања доволно во фокусот на јавноста. Сите ние, сите сме виновни и токму затоа сите мора да бидеме дел од решението и да бдееме над неговото спроведување.

И, со сето тоа, да изградиме општествен договор со природата, односно, она што еден умен француски филозоф Мишел Сера го нарече природен договор, со којшто природата ќе ја третираме како наш партнер, а не како противник.

Ви благодарам.“

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Јаневска: Условите во студентскиот дом „Стив Наумов“ се најсовремени, СДСМ ја манипулира јавноста

Министерката за образование и наука Весна Јаневска ги отфрли обвинувањата на СДСМ за лошите услови во студентскиот дом „Стив Наумов“.

Јаневска: Условите во студентскиот дом „Стив Наумов“ се најсовремени, СДСМ ја манипулира јавноста

Министерката за образование и наука Весна Јаневска ги отфрли обвинувањата на СДСМ за лошите услови во студентскиот дом „Стив Наумов“, посочувајќи дека студентите престојуваат во современ и реновиран објект, а евентуалните технички недостатоци ќе бидат отстранети навремено од изведувачот, со оглед дека објектот е под гарантен рок.

Јаневска денеска изврши непосреден увид во домот, откако претходно беа поканети медиумите, но и претставнци на политичката партија СДСМ, кои не се одзваа на поканата. При посетата на домот, министерката порача дека тврдењата за рушење ѕидови, протекување покриви и други сериозни недостатоци не одговараат на реалната состојба.

„Денес видов дека СДСМ држеше прес. Партијата синоним за лицемерство, рече дека е со студентите. Еве како СДСМ во негово време беше со студентите. Живееја во ужасни услови во домовите. Сега е сосема поинаку, оваа Влада навистина се грижи за младите. Имавте можност да влезете во домот и да видите“, изјави Јаневска.

Министерката нагласи дека студентскиот дом „Стив Наумов“ е реконструиран од австриска компанија во соработка со Европската Унија и дека европските претставници при посетите го оценија како еден од најмодерните на Балканот.

„Не само ние туку и европретставниците потврдија дека ова е еден од најубавите и најмодерни домови на Балканот, а во споредба и со некои други земји пошироко“, истакна министерката.

Во однос на забелешките за одредени технички недостатоци, Јаневска рече дека кај новоизградени објекти може да се појават поединечни проблеми, но нагласи дека домот е под гаранција и дека изведувачката компанија ќе мора да ги отстрани сите утврдени дефекти.

„Дали може да се случи некаков инцидент? Да, може да се случи, домот е нов и стан кога купуваат граѓаните, може да се случи нешто да не е баш како што треба. Домот е под гаранција, фирмата е позната, сè што треба да поправи ќе се поправи и ние ќе се држиме до тоа. Но, дека се рушат ѕидовите, дека течат покириви или дека се случува нешто друго, не е точно. Вие сами видовте“, изјави таа.

Министерката апелираше до семејствата на студентите да не подлегнуваат на обидите на политичките партии и други злонамерници да ги вознемируваат со информации дека нивните деца се сместени во небезбедни услови.

„Децата им живеат во убави услови кои досега ги немало во оваа земја и ќе продолжат во исти такви услови да живеат. Доколку имаат каква било забелешка за живеењето во домот, ние тоа ќе го поправиме“, рече Јаневска.

Министерство за образование и наука

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Меркел: Загрижена сум поради зајакнувањето на политичките екстреми во Германија

Поранешната германска канцеларка Ангела Меркел изјави дека е загрижена поради зајакнувањето на политичките екстреми во Германија, но дека сепак верува оти е можно да се зачува политичкиот центар.

Меркел: Загрижена сум поради зајакнувањето на политичките екстреми во Германија

Таа сугерираше дека Христијанско-демократската унија (ЦДУ) мора да понуди поширока политичка платформа што ќе поврзува различни општествени групи.

Во интервју за „Магента ТВ“, снимено во музејот „Боде“ во Берлин, поранешната канцеларка зборуваше и за своите здравствени проблеми, политичката ситуација во Германија и внатрешните динамики во рамките на ЦДУ.

Осврнувајќи се на епизодите на тресење што ги доживеа за време на воените почести во 2019 година, Меркел објасни дека тоа била реакција на нејзиното тело на значителен личен притисок – вклучувајќи ја смртта на нејзината мајка и сознанието дека наскоро ќе ја напушти канцеларската функција.

„Кога ги доживеав тие тресења во 2019 година, тоа веројатно беше ослободување од напнатоста предизвикана од смртта на мајка ми, како и од фактот што знаев дека ќе се повлечам од мојата позиција. Во такви моменти, телото едноставно испраќа сигнали“, рече Меркел.

Таа додаде дека не можела да си дозволи подолга пауза, но одлучила дека, во иднина, главно ќе останува да седи за време на воените церемонии.

„Зголемена општествена поларизација“

Зборувајќи за политичката ситуација во Германија, Меркел истакна дека со загриженост гледа на изборните успеси на партијата „Алтернатива за Германија“ (AfD) и партијата „Левица“ (Die Linke), предупредувајќи на сè поизразена општествена поларизација. „Ме загрижува тоа што екстремите стануваат сè помоќни, а она што за мене беше многу важно во политиката – рамнотежата и умереноста – полека исчезнува“, посочи поранешната канцеларка.

Таа ја поддржа одлуката на „ЦДУ“ да ја задржи забраната за соработка со „AfD“ и со партијата „Левица“, но истовремено упати критики кон одредени ставови на „Левицата“ – конкретно кон нивниот став кон НАТО и, како што наведе, кон прашањето за антисемитизмот во одредени делови од таа партија во Берлин.

Осврнувајќи се на политичката стратегија на актуелниот лидер на ЦДУ и кандидат за канцелар, Фридрих Мерц, Меркел забележа дека концептот на „чиста ЦДУ“ не треба да се сведува исклучиво на економската политика. Според неа, ЦДУ мора да послужи како мост – помеѓу вработените и работодавачите, помеѓу граѓаните со мигрантско потекло и оние што долго време живеат во Германија, како и помеѓу урбаните и руралните средини.

„Тоа е ’чиста‘ ЦДУ – понуда за секој граѓанин“, изјави Меркел.

Таа исто така сугерираше дека политичките партии не треба да се фокусираат исклучиво на „AfD“. На%место тоа, тие мора јасно да ги формулираат сопствените платформи и да ги убедат граѓаните да ги поддржат.

Дали Германија ќе добие жена претседател?

Меркел се осврна и на можноста Германија да добие жена претседател, изразувајќи поддршка за таа идеја и напоменувајќи дека во рамките на ЦДУ и Христијанско-социјалната унија (ЦСУ) има жени кои се квалификувани за таа улога.

Во однос на европската безбедност, таа оцени дека е неопходно да се развие доволно силен механизам за одвраќање, со цел да се спречи евентуален руски напад врз НАТО. Истовремено, таа призна дека зголемувањето на трошоците за одбрана за време на нејзиниот канцеларски мандат – особено по 2015 година – не се одвивало доволно брзо.

Меркел исто така повтори дека одлуката за постепено напуштање на нуклеарната енергија, донесена за време на нејзиниот мандат, била исправна, додавајќи дека таа исто така придонела за намалување на општествените поделби во Германија.

Поранешната канцеларка ја предводеше германската влада од 2005 до 2021 година.

Извор: Б92

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Пентагон тивко се подготвува за најлошото можно сценарио

Пентагон тивко се подготвува за можноста Конгресот да не го одобри рекордно високиот воен буџет од 1,5 трилиони долари, за кој се залага американскиот претседател Доналд Трамп.

Пентагон тивко се подготвува за најлошото можно сценарио

Според „Политико“, претставници на Министерството за одбрана веќе изготвуваат планови за буџет од приближно 1,1 трилион долари – што е за 400 милијарди долари помалку од износот што го побара Белата куќа.

Оваа бројка е значително поскромна од амбициозната најава на Трамп за најголемата инвестиција во американската војска во историјата.

Претседателот планираше да ги искористи овие средства за обновување на залихите со оружје, финансирање на сеопфатен систем за противракетна одбрана и реализација на плановите за изградба на флота воени бродови на нуклеарен погон.

Сепак, според извори запознаени со внатрешните дискусии, Пентагон и конгресните комисии задолжени за буџетот веќе се подготвуваат за сценарио во кое ќе имаат на располагање значително помалку средства.

Изворите што разговараа со „Политико“ – меѓу кои и претставник на одбранбената индустрија и двајца поранешни американски функционери – побараа да останат анонимни, бидејќи станува збор за внатрешно планирање.

„Никој од нив не очекува сума ни приближно до 1,5 трилиони долари. Тие дефинитивно подготвуваат планови за помал износ, што е многу поверојатно сценарио отколку каква било сума блиска до 1,5 трилиони долари“, изјави еден од поранешните функционери.

Ова планирање е во спротивност со јавните изјави на администрацијата на Трамп, која и понатаму тврди дека очекува поддршка за огромно зголемување на воените трошоци. Рас Вот, директор на Канцеларијата за управување и буџет, овој месец изјави дека администрацијата „не планира неуспех“ и дека нема подготвено алтернативни извори на финансирање за клучните воени програми, во случај Конгресот да го отфрли предлогот на претседателот.

Проблемот, сепак, лежи во сè подлабокиот јаз меѓу републиканците. Администрацијата на Трамп се обиде да обезбеди дополнителни 350 милијарди долари преку посебен буџетски процес познат како „буџетско усогласување“, што би им овозможило на републиканците да изгласаат дополнителни трошоци без поддршка од демократите.

Овој износ би бил додаток на основниот буџет за одбрана од 1,15 трилиони долари. Сепак, републиканците во Сенатот предупредуваат дека немаат доволно гласови за усвојување на таков пакет, додека некои членови на Претставничкиот дом се закануваат дека ќе ја повлечат својата поддршка, наведувајќи незадоволство од надворешната политика на администрацијата и нејзината неподготвеност да издвои уште повеќе средства за војската.

„Републиканците стануваат сè понезадоволни од администрацијата во однос на одбраната“, изјави еден поранешен функционер. Тој додаде дека е многу малку веројатно оти мерка од толкаво значење, како што е буџет од 1,5 трилиони долари, ќе биде реализирана.

Намалувањата на буџетот би можеле сериозно да ги нарушат плановите на Пентагон за набавка на нови системи за вооружување и склучување договори со одбранбената индустрија, како и да го загрозат продолжувањето на постоечките програми.

Последиците би можеле да се почувствуваат и при надополнувањето на залихите со оружје на САД, кои значително се намалија за време на војната со Иран. Според последните проценки на Пентагон, трошоците за овој конфликт изнесуваат најмалку 47 милијарди долари. Од таа сума, дури 29 милијарди долари се наменети за надополнување на потрошената муниција и друго клучно вооружување.

Републиканските законодавци ќе се вратат во Вашингтон следниот месец, а до крајот на годината ќе им преостанат помалку од пет работни недели за решавање на низа важни прашања.

Доколку демократите ја преземат контролата врз еден или двата дома на Конгресот на изборите следната недела, на републиканците ќе им останат помалку од два месеца за да ги остварат своите приоритети.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер