Сиљановска-Давкова: Родовата еднаквост не е само статистика, таа е реална слика - Канал 5

Сиљановска-Давкова: Родовата еднаквост не е само статистика, таа е реална слика

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на статистичката конференцијата „25 години родови податоци“ .

Сиљановска-Давкова: Родовата еднаквост не е само статистика, таа е реална слика

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на статистичката конференцијата „25 години родови податоци“ којашто се одржа во организација на Државниот завод за статистика, во партнерство со канцеларијата на UN Women и амбасадата на Кралството Шведска во земјава.

Честитајќи го значајниот јубилеј, претседателката изрази благодарност за континуираната професионалност, непристрасност и посветеност на општествената реалност и на вистината. Таа истакна дека како жена, како претседателка и како застапничка за еднаквост, знае колку е важно да постојат точни податоци коишто зборуваат за сите нас, не само за натпретставените, туку и за маргинализираните кои предолго биле невидливи за македонскиот општествен радар.

За неа, родовата еднаквост не е само статистика, не е море од бројки на хартија, туку е реална слика на општествената стварност, резултат што може да се постигне само со здружен општествен напор, со солидарност и постојано учење едни од други, но и едни за други. Таа е наш заеднички влог за порамноправно, похумано и понапредно општество.

Сиљановска-Давкова порача дека е потребно да создадеме држава во која сите ќе бидеме свесни дека секој податок одразува нечиј живот, секоја бројка раскажува индивидуална, вистинска човечка приказна, а трудот на секој човек, без разлика на полот и родот, треба да биде еднакво вреднуван, сечиј глас слушнат, без оглед дали е гласен или е тивок.

Со конференцијата се одбележаа 25 години од систематско собирање на родови податоци во државава и претставува дел од низата настани во рамки на одбележувањето на јубилејот - 80 години од основањето на македонскиот Државен завод за статистика.

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

Почитувани претставнички и претставници на Државниот завод за статистика,

Почитувани претставнички и претставници на Канцеларијата на Обединетите нации,

Почитувани претставнички и претставници на дипломатскиот кор,

Почитувана Амбасадорке на Кралството Шведска,

Почитувани гостинки и гости,

Дами и господа,

Со особена чест и длабока благодарност ве поздравувам на овој, за мене и за вас и за нас, значаен настан – одбележувањето на 25-годишнината од првиот чекор којшто како држава го направивме на полето на собирањето, но и на користењето на родовите податоци и објавувањето на првата публикација на оваа тема од страна на Државниот завод за статистика.

Овој јубилеј е многу повеќе од заокружување на симболичниот број на години. Тој е признание за една вистинска и добра одлука донесена на национално ниво и силна решеност и посветеност истата доследно да се реализира, со цел да гледаме појасно, да планираме поправедно и да дејствуваме потемелно. Да ги согледаме жените и мажите низ податоците коишто откриваат повеќе од зборовите, суштински да ги разбереме нивните потреби, но и да го процениме нивниот потенцијал за да ги вградиме во политиките и во резултатите.

Свесна сум дека оваа важна и непходна задача не е лесна.

Во тој контекст, во изминатите 25 години, чинам дека како држава постигнавме многу. Денес знаеме повеќе за родовите разлики во образованието, на пазарот на трудот, во пристапот до здравствените и социјалните услуги, во учеството во процесот на одлучувањето. Сведоци сме на нови методологии, подобрени се системите за прибирање и анализа на податоците, а што е најважно – подигната е свеста за важноста на родовото прашање и неопходноста истото да биде дел од секоја анализа и од секоја политика.

Секако, на ова тешко патување, соочени сме со многу Сцили и Харибди, но не бевме сами.

Чувствувам обврска да изразам искрена благодарност до Канцеларијата на Обединетите нации во нашата земја, како и до Амбасадата на Кралството Шведска.

Вашата стратегиска поддршка, експертската соработка и несебичната посветеност беа и остануваат клучни во процесот на изградбата на стабилни и одржливи институционални капацитети, како и во промоцијата на родова еднаквост заснована на податоци.

Посебно задоволство ми е што оваа годишнина се совпаѓа со уште еден голем јубилеј – 80 години од основањето на Државниот завод за статистика, институција којашто не произведува и не дистрибуира само релевантни бројки, туку е кредибилен и респектиран творец на колективна меморија на важни податоци и факти неопходни за развојот и за напредокот.

Ви го честитам значајниот јубилеј, ви благодарам за континуираната професионалност, непристрасност и посветеност на општествената реалност и на вистината.

Вам ви е доверена благородна задача да бидете двигатели на објективноста и на транспарентноста во родовото регистрирање и информирање, со што фактичката реалност станува видлива.

Како жена, како претседателка и како застапничка за еднаквост, знам колку е важно да постојат точни податоци коишто зборуваат за сите нас, не само за надпретставените, туку и за маргинализираните коишто предолго биле невидливи за македонскиот општествен радар.

Свесна сум дека сè уште постојат препреки, но знам дека отворено зборуваме и се повикуваме на факти и се обидуваме да ги ублажиме, поместиме, отстраниме и надминеме проблемите!

Почитувани гостинки и гости,

Слоевитоста и финесите при обработката на податоците со цел да се долови и наслика живиот општествен мозаик, низ призма на родовата димензија, се голем и инспиративен предизвик. Очигледно е дека не сите области се подеднакво покриени.

Нè очекува и ве очекува тешка работа врзана за родовите податоци во најчувствителните родови сегменти: ранливите, маргинализираните групи, прашањата поврзани со неплатената работа, родовобазираното насилство, климатските промени. Нивното собирање и систематизирање и нивната употреба во функција на решавање на горливите проблеми мора да биде побрза, подиректно и поефикасно, ако сакаме да креираме соодветни решенија за секој предизвик и проблем, што поинаку ги засега различните социјални групи, доколку сакаме да ја отстраниме дискриминацијата.

Никогаш не е на одмет да се потсетиме дека родовата еднаквост не е само статистика, не е море од бројки на хартија. Таа е реална слика на општествената стварност, резултат којшто може да се постигне само со здружен општествен напор, со солидарност и постојано учење едни од други, но и едни за други. Таа е наш заеднички влог за порамноправно, похумано и понапредно општество.

Во иднина, нашата мисија како држава и мојата заложба како претседателка остануваат јасни: да продолжиме да инвестираме во родовите статистики, да го зајакнеме меѓуинституционалниот дијалог, да изградиме систем на податоци коишто не само што ќе информираат, туку ќе трансформираат.

Да го искористиме овој јубилеј како поттик на нова енергија, поголема храброст и поцврста посветеност. Да создадеме држава во која сите ќе бидеме свесни дека секој податок одразува нечиј живот, секоја бројка раскажува индивидуална, вистинска човечка приказна, а трудот на секој човек, без разлика на полот и родот, треба да биде еднакво вреднуван, сечиј глас слушнат, без оглед дали е гласен или е тивок.

На крајот, честитки и благодарност за сите кои со визија, истрајност и љубов го градеа и го градат овој децениски пат по кој со сигурни чекори ќе продолжиме да чекориме и ќе продолжат да чекорат идните генерации.

Зеленски: Имав многу добар разговор со Трамп за подготвеноста да ја поддржи Украина

Украинскиот претседател Володимир Зеленски синоќа изјави дека имал многу добар разговор со американскиот претседател Доналд Трамп по неговата објава за испраќање ново оружје во Украина.

Зеленски: Имав многу добар разговор со Трамп за подготвеноста да ја поддржи Украина

Украинскиот претседател Володимир Зеленски синоќа изјави дека имал многу добар разговор со американскиот претседател Доналд Трамп по неговата објава за испраќање ново оружје во Украина, додавајќи дека се согласиле во иднина почесто да разговараат за да ги координираат своите чекори.

„Беше многу добар разговор. Му се заблагодарив на Трамп за неговата подготвеност да ја поддржи Украина и за понатамошна соработка со цел да се запре убивањето и да се воспостави траен и праведен мир“, напиша Зеленски на Телеграм.

Украинскиот претседател додаде дека со Трамп се согласиле во иднина почесто да разговараат со цел да ги координираат чекорите.

Трамп вчера соопшти дека е разочаран од рускиот претседател Владимир Путин и „многу незадоволен“ од Русија, додавајќи дека сака војната во Украина да заврши.

„Ќе произведуваме врвно оружје и тоа ќе биде испратено во НАТО“, рече Трамп, додавајќи дека сојузниците на Вашингтон во НАТО ќе платат за оружјето.

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, ја потврди изјавата на Трамп и ја опиша како „сосема логична“.

Вредноста на оружјето се мери во милијарди евра, а оружјето би ги вклучувало и противвоздушните ракети „Патриот“ кои на Украина итно ѝ се потребни за да ги брани своите градови од руските воздушни напади.

Десеттина пелагониски села без вода

 Десеттина пелагониски села утрово се без вода поради технички  зафат на регионалниот водовод, односно спојување на стара челична цевка со ново изведена цевка Ф400.

Десеттина пелагониски села без вода

Од јавното комунално претпријатие „Водовод“-Битола соопштија дека интервенцијата почна во 7 часот утрово и ќе се одвива до завршување на интервенцијата.

-Фирмата изведувач БВ инжинеринг-Битола го затвори регионалниот водовод, за да се изведе спој на старата челичната цевка Ф 400 со новоизведената цевка Ф 400 , со што со прекинато водоснабдување остануваат жителите во населените места Горно Оризари, Раштани, Крклино, Кукуречани, Црнобуки, Драгожани, Могила, Будаково, Трап, Алинци, Добрушево,Мусинци и Далбеговци. Прекинот со водоснабдување ќе трае од 07:00 часот до завршување на работите, нагласија од битолски „Водовод“.

Модриќ потпиша за Милан

 Капитенот на хрватската фудбалска репрезентација Лука Модриќ потпиша договор со Милан, објави синоќа италијанскиот гигант.

Модриќ потпиша за Милан

Триесетидеветгодишниот Модриќ во Милан ќе го носи дресот со број 14, кој го носеше во Тотенхем од 2008 до 2012 година.

„Милан со задоволство објавува дека Лука Модриќ потпиша договор со клубот до 30 јуни 2026 година, со можност за продолжување за уште една година – до 30 јуни 2027 година“, соопшти клубот од Милано.

Модриќ се пресели во Милан од редовите на мадридски Реал, чиј дрес го носеше 13 сезони, а последниот натпревар го одигра минатата недела на Светското клупско првенство.

Модриќ за Реал одигра 597 натпревари и постигна 43 голови, станувајќи најтрофејниот играч во историјата на клубот од Мадрид со 28 титули.

притисни ентер