Сиљановска-Давкова по повод одбележувањето на 2 Август – Илинден-државата се чува со вложување во младите, се брани со мудра надворешна политика - Канал 5

Сиљановска-Давкова по повод одбележувањето на 2 Август – Илинден-државата се чува со вложување во младите, се брани со мудра надворешна политика

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска се обрати на чествувањето на 2 Август, Илинден – Денот на Републиката, што под нејзино покровителство се одржа пред споменикот на Методија Андонов – Ченто на плоштадот „Македонија“ во Скопје.

Сиљановска-Давкова по повод одбележувањето на 2 Август – Илинден-државата се чува со вложување во младите, се брани со мудра надворешна политика

На свеченоста претседателката ја нагласи важноста на Илинден како ден за потсетување и за одбележување на борбата на многу генерации за самостојна македонска држава. Според неа, имаме долг кон историската вистина и кон асномската генерација, којашто со крв извојува слобода и македонска република.

Во своето обраќање Сиљановска-Давкова порача дека државата се чува со вложување во младите, се брани со мудра надворешна политика и се јакнее преку националното помирување.

Претходно претседателката положи цвеќе пред спомениците на Никола Карев, АСНОМ и Методија Андонов – Ченто.

Делегации од Кабинетот на претседателката присуствуваа на одбележувањето на Илинден во Крушево, во Меморијалниот центар на АСНОМ во Пелинце, во манастирот „Св. Прохор Пчински“ и во Смилево.

Во продолжение е интегралното обраќање на претседателката Сиљановска-Давкова.

Почитувани граѓани,

Почитувани потомци на илинденците и на партизаните,

Илинден е вистински ден за потсетување и за одбележување на борбата на многу генерации за самостојна македонска држава.

АСНОМ не е стихиен или случаен настан, туку длабоко осмислен демократски државотворен чин, историски инспириран од традициите на Француската револуција и на Илинденското востание.

Старите илинденци, Панко Брашнаров, Димитар Влахов и Павел Шатев во АСНОМ ги отелотвориле заветот и аманетот на Гоце Делчев и на илинденските херои.

Владимир Полежиновски, млад доктор по право од Сорбона, го вдахнал духот на Француската револуција од 1789 година, со којшто бил задоен, во „Декларацијата за основните права на граѓанинот на демократска Македонија“, по примерот на француската „Декларација за правата на човекот и граѓанинот“. Токму затоа, асномските државотворни документи се концептуално поблиски до западните демократски и либерални традиции, отколку до источните, догматски советски решенија.

Харизматичниот народен трибун, Методија Андонов-Ченто пак, кому му се поклонуваме денеска, го афирмирал правото на самоопределување на македонскиот народ. Истото стана составен дел на основачките документи на Организацијата на обединетите нации, но и на уставите на членките на Југословенската Федерација, вклучувајќи го и Уставот на Република Македонија од 1974. Впрочем, на него се повикавме пред 35 години, кога на 8 септември 1991 година, тука, на овој плоштад, прогласивме слободна, суверена и самостојна република, врз основа на резултатите од демократски спроведениот референдум.

Да потсетам, исто така, дека партизаните и асномците го вградија антифашизмот како суштинска и трајна македонска определба и еден од темелите на македонската држава. Нашата народноослободителна борба беше епохално, автентично дело, а слободата не ни беше подарена од некој друг, туку сами се ослободивме со нашата 120 000 бројна народноослободителна војска. Значи, никому не му должиме за тешко изборената држава. Токму затоа, никој нема право да ја ревидира нашата национална историја оти секој народ, па и македонскиот, има право на своја историја.

Имаме долг кон историската вистина и кон асномската генерација, којашто со крв извојува слобода и македонска република.

За жал, набргу, по нашата најголема историска победа, мнозина основоположници на народната македонска држава беа отстранети од политичката сцена. Мојата генерација многу доцна дозна за Методија Андонов-Ченто, првиот претседател на Президиумот на АСНОМ и малку знаеше за неговата судбина и за судбината на неговите истомисленици.

Многу подоцна, дознавме за ликот и за делото на Методија Андонов-Ченто, којшто бил прогонуван, затворан и казнуван, но сепак одолеал на искушенијата и опстоил на цврстите македонски убедувања за време на претходните окупаторски режими. Тука лежи причината за неговиот огромен углед меѓу народот и предлогот на Кузман Јосифовски-Питу активно да се вклучи во македонската Народноослободителна и антифашистичка војна, најпрво како член на Главниот штаб и претседател на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ, потем како делегат на АВНОЈ и конечно, како носител на една од највисоките функции, претседател на Президиумот на АСНОМ.

Неговиот потпис стои на државотворните одлуки и решенија со коишто АСНОМ бил утврден како врховно законодавно и извршно тело, за воведување на македонскиот јазик како службен јазик, за прогласување на Илинден за народен државен празник, за формирање на државните институции и органи, како и на многу други важни одлуки.

Многупати сум се прашувала како се случи овој македонски горостас да биде не само отстранет од политиката, туку и на некој начин избришан од историјата? Денес сигурно знаеме дека со својата принципиелност, конзистентност и доследност, тој стекнал некои непријатели меѓу моќните носители на власта, за жал, негови довчерашни соборци. Да потсетам дека со монтиран судски процес, нему му е судено и пресудено за ставови и идеи коишто се идентични со одлуките на Првото заседание на АСНОМ. Прашувам: Може ли Ченто да биде кривично одговорен пред македонскиот народен суд за идеите на АСНОМ? Се разбира, не, но владејачката политичка номенклатура и зависното, комунистичко судство му пресудиле со партиска пресуда, а не според Уставот и законите.

На 6 февруари 1956 година, пред 70 години, Ченто забележал: „едно треба да знаете, кога беше Француската револуција сите големи загинаа и еден филозоф рекол – Револуцијата ги јаде сопствените деца“.

И тоа, први жртви се најдобрите и најспособните. Си велам: Каква ќе ни беше државата ако најдобрите останеа и беа на нејзиното кормило? Тие, бездруго ќе се опкружеа со слични на себе.

Драги сограѓани,

Денеска, собрани пред спомеников на еден од најголемите македонски синови, со членовите на неговото семејство, верувам дека не случајно скулпторот го овековечил Методија Андонов-Ченто не во униформа, туку во цивилна облека, како прв граѓанин на новата македонска република, како нејзин прв претседател.

И додека со шапката го покрива срцето коешто чука за татковината и за народот, со вперениот прст нè потсетува на нашата генерациска должност да ја чуваме и да ја браниме слободата, како што самиот рекол „како зеницата во окото“.

А државава, јас длабоко верувам дека се чува со демократски политички систем и со уставен патриотизам. Како непоколеблив македонски патриот и убеден демократ, Ченто не отстапувал од правото на самоопределување на македонскиот народ и не дозволувал мешање во внатрешните прашања на републиката, вклучувајќи гои почитувањето на највисоките државни акти од секој и секаде.

Да не треба да се задумаме кога се во прашање асномските документи и десетиците измени на Уставот од 1991 година?!

Се разбира, мирот и соживотот во хетерогеното општество се чуваат преку гарантирање и заштита на правата и на заедниците, но не на штета на индивидуалните човекови права ако сакаме да живееме во европска демократија.

АСНОМ води сметка за македонската мултиетничка реалност. Неговиот Манифест бил упатен до сите етнички заедници. И денес, се гордееме со високите стандарди на заштита на малцинските права на Албанците, Турците, Власите, Србите, Ромите, Бошњаците и другите. Споменати или не, во делот којшто му претходи на нормативниот текст, што вообичаено се нарекува преамбула, сите македонски граѓани ги уживаат истите права и ги имаат истите обврски кон државата, утврдени во нормативниот текст.

Државата се чува со вложување во младите. Токму младите се изборија за слободата и ја создадоа државата. Речиси половина од асномците биле помлади од 30 години. За жал, денес, најперспективните млади луѓе масовно се иселуваат во потрага по пристојно место за живеење. Некои, поради блокираните евроинтеграции, посегаат и по пасош од други држави членки. Наша должност е да се бориме против корупцијата и организираниот криминал, против партократијата, ама и против загадувањето. Само кога знаењето и успехот ќе бидат поважни од книшката и познанствата, младите ќе останат да живеат, да работат и да создаваат семејства тука, дома.

Државата се брани со мудра надворешна политика. Еден од најголемите гревови на Ченто била неговата прозападна ориентација. Како и дел од асномците, тој се залагал за јасна поделба на власта, гарантирани човекови права и пазарна економија. Дури и во затвор, му забележувале дека наместо да ги чита Маркс, Енгелс и Ленин, тој учел англиски, француски и германски. Нашиот пат е проевропски ориентиран, како и Чентовиот.

Знаеме дека секоја земја кандидат прави компромиси врзани за адаптирање на односите и процесите на акито или решавање на различни спорови. Но нашето искуство има уникатен предзнак, како постојана и незавршена низа од барања со коишто се оспорува и се нарушува нашето суверено право на самоопределување. Но, факт е дека не само ние, со блокадата на нашата евроинтеграција, туку и оние што нè блокираат – губат. Губиме сите.

Државата јакнее преку националното помирување. На Ченто му замерувале поради неговата подготвеност да се помири со довчерашните неистомисленици, под услов да застанат на истата, македонската линија. Ако сакаме нашата држава да биде пристојно место за живеење, мора да ги надминеме поделбите и да научиме да зборуваме во еден глас за прашањата од национален интерес. Тоа денес ни е потребно повеќе од кога било порано.

Драги сограѓани,

Обраќајќи се на Третото заседание на АСНОМ, Методија Андонов-Ченто рекол: „Служејќи за доброто на нашиот народ, ние служиме за доброто на државата. Това което народот ни го е дал ние треба да го оствариме за вечни времиња. Само така можеме да одиме напред во прогрес...“. Неговите зборови се моја и ваша должност.

Да ни е за многу години Илинден!

Да ни е вековита македонската република!

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Ким Кардашијан откри зошто често ја запира полицијата (ВИДЕО)

Ким Кардашијан откри дека полицијата ја запрела „безброј пати“ поради пребрзо возење и непочитување на знак за стоп. 

Ким Кардашијан откри зошто често ја запира полицијата (ВИДЕО)

Признанието дојде за време на разговор со колешките Сара Полсон, Наоми Вотс и Ниси Неш-Бетс на прес-турнејата за втората сезона на „All's Fair“ во Лос Анџелес.

Разговор за навиките за возење

Во видео објавено на TikTok, актерките разговараа за нивните навики за возење зад сцената. Сè започна кога Наоми Вотс спомена дека сонувала дека добила казна за пребрзо возење. На тоа, Сара Полсон изјави дека никогаш не била запрена од полицијата. „Никогаш? Никогаш не си била запрена?“ праша Кардашијан, а Ниси Неш-Бетс додаде: „Значи, дали воопшто возиш?“

@kimkardashian ALL’S FAIR S2 PRESS TOUR: LA #AllsFair ♬ original sound - Kim Kardashian

Откако Полсон потврди дека вози, Кардашијан го призна сопствениот прекршок. „О, ме запреле толку многу пати“, рече таа. Полсон се прашуваше зошто. „Возејќи брзо. Или, да речеме, поминувајќи низ знак за стоп“, објасни Кардашијан, појаснувајќи дека мислела на забавување наместо целосно запирање.

Потоа Ватс призна дека и таа била запрена, на што Полсон шегувајќи се рече: „Се обложувам дека си лош возач, нели?“ Ватс ѝ возврати: „Е*и се! Не сум лош возач. Возам навистина добро и ги почитувам правилата.“

Претходни прекршоци

Возачките навики на Ким Кардашијан и претходно беа предмет на медиумско известување. Во ноември 2013 година, таа доби казна за пребрзо возење на автопатот 101 во Лос Анџелес, а потоа беше следена од папараците. „Лос Анџелес Тајмс“ објави дека сообраќајната полиција снимила најмалку тројца фотографи како возат помеѓу 130 и 135 км/ч.

Неколку месеци претходно, TMZ објави дека таа била запрена во Калабасас затоа што имала затемнети стакла, но потоа се извлекла само со предупредување.

Во ноември 2024 година, полицијата ја запрела додека возела во Малибу. Полицаецот ѝ наредил да го отстрани филмот од шофершајбната бидејќи било премногу темно.

Возење во семејството Кардашијан

Во рамките на семејството, Ким не е позната како најлош возач. Во епизодата од 15 октомври на „Кардашијан“, Кортни Кардашијан беше прогласена за најлоша. „Таа не вози добро“, рече Ким за нејзината постара сестра, според People. „Мислам дека е премногу опуштена и не обрнува внимание на патот“.

Клое Кардашијан имаше средба со полицијата дури и пред да го положи возачкиот испит. Во нејзиниот подкаст од март 2025 година, таа раскажа како била запрена од полицијата на 15-годишна возраст додека го возела теренецот на Кејтлин Џенер. Кога ја прашале за нејзината лична карта, таа се обидела да се идентификува со името на Кортни и датумот на раѓање на Ким. „Секако, веднаш рекоа: „Лажеш, излези од колата“, рече таа.

Втората сезона од „All's Fair“ започнува да се емитува на Hulu на 4 ноември. Првата сезона имаше 3,2 милиони прегледи во првите три дена, што, и покрај негативните критики, беше најуспешниот почеток на серија игри на таа платформа во последните три години.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Мицкоски: Македонија останува посветена на европскиот пат и на зајакнувањето на партнерствата со европските лидери

Се испратија силни пораки и од канцеларот Мерц и од канцеларот Штокер, којшто ќе биде копретседавач на следниот самит којшто ќе се случи во делот на Берлинскиот процес. 

Мицкоски: Македонија останува посветена на европскиот пат и на зајакнувањето на партнерствата со европските лидери

Новинар: Премиере, во првата изјава што ја дадовте рековте дека очекувате силни и значајни пораки да бидат испратени на денешниот самит. Дали состанокот ги исполни вашите очекувања?

Христијан Мицкоски: Па, генерално, да. Се испратија силни пораки и од канцеларот Мерц и од канцеларот Штокер, којшто ќе биде копретседавач на следниот самит којшто ќе се случи во делот на Берлинскиот процес. Исто така, можам да кажам дека и од останатите присутни на самиот работен дел од состанокот беше потврдена желбата, иницијативата, но и приоритетите дека Западен Балкан треба да биде дел од Европа и треба тоа да се случи многу бргу.

Она коешто за нас како држава претставува важност е фактот дека ние веќе имаме усогласена надворешна и одбранбена политика со Европската Унија, дека сме многу напред во испорака кога станува збор за реформската агенда, дека буквално сѐ што се бара од нас, а е поврзано со принципот по испорака да се оценува напредокот, ние тоа го правиме и го испорачуваме. Очекувам – тоа и го кажав во работниот дел – очекувам сето ова за коешто зборувам да биде во многу скоро време валоризирано и да се даде шанса конечно да можеме да отпочнеме со процесот на преговори. Исто така, истакнав дека постепеното или градуално интегрирање претставува шанса и можност за сите нас, но тоа никако не смее да биде замена за полноправното членство во рамките на Европската Унија.

Остварив неколку билатерални средби, разговарав со соговорниците за состојбата кај нас. Но, исто така она коешто морам да го кажам, а не можам да го исклучам од генералниот тек на оперативниот, односно на работниот дел од самиот самит, е предизвикот којшто денеска се случува насекаде во светот – посебно, би рекол, историската енергетска криза којашто во многу нешта влијае денеска да ни се случуваат немири во неколку главни градови во Европа, па и кај нас во регионот, но исто така и војната во Украина. Практично живееме во атмосфера на тивка Трета светска војна којашто ќе донесе големи предизвици врз човештвото. Она коешто беше кажано од страна на неколку од соговорниците коишто имаат, би рекол условно кажано, можеби повеќе информации од тоа што јас го имам, а тоа се високи претставници на самата Европска Унија, е дека следните две години ќе бидат исклучително, исклучително предизвикувачки и тешки и треба да се води многу внимателна грижа за она што подразбира трошење, но и за она што подразбира државна одговорност.

Новинар: Уставните измени и натаму остануваат пречка за отпочнување на преговорите. Прво министерот Муцунски, потоа и вие ја потегнавте идејата за трето столче на преговарачката маса со Бугарија. Има ли шанси за дијалог во скоро време и што велат европските партнери, можат ли да помогнат некако во тој процес?

Христијан Мицкоски: Уставните измени секогаш нас ќе нѐ потсетуваат на капитулантската политика на претходната влада на СДСМ и ДУИ, односно на тоа што тие го прифатија. И понекогаш се чудам кога ќе слушнам високи функционери од поранешната влада, посебно од СДСМ, коишто велат: „Добро, ние бевме влада, сега вие сте влада, до каде сте со европската интеграција и европскиот процес?“.

Вие бевте влада, ни оставивте товар тежок еден тон на грбот којшто ние треба сега да го носиме и да го исправаме, и тие очекуваат дека ние преку ноќ тоа што со децении било создавано, а тие го распродадоа, преку ноќ ќе го исправиме и ќе го вратиме во некој нормален тек. Тоа така не оди, треба време.

Ние се бориме, нема да отстапиме од борбата за македонските национални интереси, но исто така нема да отстапиме ниту од нашата стратешка цел да бидеме дел од европското семејство, онаму каде што припаѓаме. И за таа цел, за да ги видиме вистинските намери и цели на сите стекхолдери во процесот, ние велиме: добро, предуслов за сѐ, дури и утре да се случи промена на Уставот, е ајде најпрвин да го договориме акцискиот план за малцинствата, во којшто 26 земји-членки јасно велат дека немаат проблем, а една земја-членка вели дека има проблем. Ајде ние со таа земја-членка да седнеме и да договориме, да видиме, да го направиме тој документ да биде прифатлив за сите 27 земји-членки, па потоа во втора фаза да зборуваме што е тоа што ние како Влада го очекуваме, а што е тоа што треба ние како Влада да го испорачаме. Бидејќи овој документ, акцискиот план за малцинствата, е документ којшто е предуслов за да продолжиме во процесот на преговори.

Така што ги отфрлам сите оние тези од опозицијата: „Добро, тие не се сега власт, ние сме“. Да, точно, ама кога бевте власт толку ја ограбивте и ја пониживте државата што ние во овие два-три-четири месеци не можеме сето тоа да го повратиме. Да, повративме дел од тоа, повраќаме, се бориме, жилави сме, упорни сме и ќе продолжиме да се бориме. Но сѐ тоа што тие го распродадоа, испокрадоа и уништија, ние за жал во овие два-три-четири месеци не можеме да го надоместиме. Но, она коешто за нас е цел – а тоа е она коешто го повторувам многу пати во моите изјави досега – е дека денеска Македонија е многу подобро место за живеење од тоа што беше пред три години, и тоа во услови на епска светска криза кога голем дел од државите во светот се борат за да преживеат, се наведува во соопштението од Владата.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Силно невреме ја погоди Франција, најмалку три лица загинаа во поплавите (ВИДЕО)

Обилните дождови што ја погодија јужна Франција предизвикаа големи поплави, при што се наведува дека три лица загинале, а илјадници домови останале без електрична енергија.

Силно невреме ја погоди Франција, најмалку три лица загинаа во поплавите (ВИДЕО)

Регионалните власти соопштија дека бурата предизвикала нивото на водата да се искачи на „невидени“ нивоа. Според извештаите, три лица загинале, а едно е повредено во бурата.

Локалниот весник „Ла Прованс“ објави, повикувајќи се на властите, дека две жени, на возраст од 86 и 26 години, биле пронајдени во подрум во Ланкон-Прованс.

75-годишен маж, исто така, загинал во бурата во Сен-Митр-ле-Ремпар. Регионалните власти соопштија дека околу 250 луѓе од Арл и Сен-Мартен-де-Кроа се однесени во засолништа.

Бурата, исто така, предизвикала голема материјална штета, а патиштата и железниците биле блокирани. Исто така, имало прекини во електричната енергија и телефонските линии.

Во меѓувреме, метеоролозите предупредуваат на повеќе проблеми. Бурата „Остин“ се очекува да ја погоди северозападна Франција подоцна вечерва, носејќи ветрови до 130 километри на час, високи бранови и обилни врнежи од дожд, со очекувани прекини во сообраќајот и ризик од паѓање дрвја.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер