Шведска подигна безбедносен ѕид околу странските амбасади: Се заканува терористички напад - Канал 5

Шведска подигна безбедносен ѕид околу странските амбасади: Се заканува терористички напад

Шведската полиција пред неколку дена одржа терористичка вежба, а од вчера воспостави посебна безбедносна зона околу Дипломатскиот град.

Шведска подигна безбедносен ѕид околу странските амбасади: Се заканува терористички напад

Шведската полиција пред неколку дена одржа терористичка вежба, а од вчера воспостави посебна безбедносна зона околу Дипломатскиот град, стокхолмски округ со големина на неколку фудбалски игралишта, во кој се наоѓаат, меѓу другите, амбасадите на Израел и на САД.

Според шведскиот јавен радиодифузен сервис СВТ, ова е нова фаза од претходно непознатата безбедносна операција „Арена“, која започна пред две недели за заштита на странските амбасади од можни терористички напади од страна на иранскиот режим, но и за испраќање политичка порака. Според полициската проценка, постои „значаен ризик“ од пукања и експлозии во областа.

Во оваа област се инсталирани скриени камери за надзор, израелската амбасада е под постојано засилено обезбедување, а неколку полициски патроли патролираат по околните улици 24 часа на ден со овластување да запираат и претресуваат граѓани дури и без основано сомнение. На овие патроли наводно им е наредено да не ја напуштаат оваа област дури и ако се случат насилни инциденти на друго место.

„Во моментов не е можно да се направи многу повеќе за заштита на Дипломатскиот град, следниот чекор би можел да биде само поставување ограда околу целата област и контрола на сите влезови и излези“, изјави за SVT висок полициски службеник во Стокхолм.

Дронови, камери и проширени полициски овластувања

Покрај постојаните патроли во униформа и цивилна облека, полицијата во Дипломатскиот град користи и дронови, како и камери кои се следат во реално време од страна на персоналот. Полицијата доби овластување да воведе вакви безбедносни зони во април 2024 година. Одлуките за безбедносните зони важат максимум две недели.

„Безбедносната зона е еден од неколкуте методи што ги користиме при извршување на нашите задачи. Таа ѝ дава на полицијата проширени опции за дејствување поради зголемената закана за израелските и американските цели“, рече Ола Естерлинг, портпарол на полицијата во регионот Стокхолм.

Естерлинг нагласува дека нема специфична и конкретна закана, но дека војната на Блискиот Исток влијае и на безбедносната состојба во Шведска. Полицијата не сака да коментира за можните напаѓачи, но SVT вели дека постои загриженост за криминалци кои би можеле да извршат напади во име на иранскиот режим, што веќе се случи.

Dagens Nyheter известува дека во вторник во 15:11 часот, двајца полицајци го запреле Чарлс Џебоа пред американската амбасада: „Малку се изгубив и не знаев каде одам. Полицајците ми се приближија, ме прашаа што правам таму и ми објаснија дека сум во безбедносна зона. Потоа ми го покажаа вистинскиот пат.“

Напади врз западни амбасади и обид за убиство во Малме

Секој што се движи низ Дипломатскиот град мора да биде подготвен за претрес, рече шефот на полициската операција, Даниел Кланг: „Ако изгледате стресно, се криете или покажувате какво било друго девијантно однесување, полицијата ќе ве запре и ќе ве испраша. Ако процениме дека постои причина, можеме да ја претресеме вашата облека и торби или возила.“

Шведската полиција беше мотивирана од неодамнешните терористички напади врз амбасадата на САД во Осло и американскиот конзулат во Торонто, Канада, како и обидот за атентат врз иранскиот дисидент и критичар на режимот Арвин Хошнуд во септември во Малме.

Пет момчиња на возраст од 15 до 17 години беа обвинети вчера за нападот, кој беше спречен од полицијата во последен момент. Ова е таканаречен „службен криминал“, во кој млади сторители во Шведска преземаат задачи од луѓе поврзани со организиран криминал. Сè уште не е сосема јасно кој го нарачал убиството на Хошнуд, но се знае кого вознемирувал.

Хошнуд претходно изјави за „Афтонбладет“ дека „Сакерхетсполизен“, шведската национална безбедносна служба, го контактирала пред неколку години и го предупредила за закана од иранскиот режим против него. Денес, Хошнуд живее на тајна локација под полициска заштита.

Шиитските џамии под надзор

Сакерхетсполизен, исто така, ги држи шиитските џамии во Шведска под надзор, како што е Центарот Имам Али во Јерве, северно од Стокхолм, каде што се одржа комеморација за ајатолахот Али Хамнеи, врховниот верски водач на Иран, кој беше убиен на првиот ден од израелско-американскиот напад врз Иран.

Џамијата Имам Али во Копенхаген, исто така, ја оплакуваше смртта на ајатолахот на почетокот на март, а пред тоа, смртта на Хасан Насралах, водачот на исламистичката терористичка организација Хезболах, кој беше убиен во израелски напад во Либан во септември 2024 година. Имамот Мухамед Салман Џан ги повика шиитските верници во Данска на „непомирливо спротивставување“ на САД и Израел.

Истражувањата и безбедносните анализи за Скандинавија посочуваат дека иранскиот режим ги следи, заплашува и понекогаш се обидува да ги нападне критичарите и дисидентите во егзил, особено во Шведска, но и во Норвешка и Данска. Самиот факт дека дисидентите се примарна цел укажува дека спротивставувањето на режимот е многу изразено кај политички поактивниот дел од иранската дијаспора во Скандинавија, околу 150.000 луѓе.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Тошковски: Со поддршка од Европската Унија и конкретни реформи градиме модерна, професионална и ефикасна полиција

Тошковски денеска присуствуваше и се обрати на пленарниот состанок на Секторската работна подгрупа „Внатрешни работи“, кој се одржа во свечената сала на Владата.

Тошковски: Со поддршка од Европската Унија и конкретни реформи градиме модерна, професионална и ефикасна полиција

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска присуствуваше и се обрати на пленарниот состанок на Секторската работна подгрупа „Внатрешни работи“, кој се одржа во свечената сала на Владата, а на кој присуствуваше и претставничката на Делегацијата на Европската Унија, Роберта Кортезе, како и претставници на дипломатскиот кор, надлежните институции и меѓународните организации.

Основната задача на оваа секторска работна подгрупа е поддршка на секторскиот пристап во процесот на програмирање и спроведување на проектите финансирани со средства од Инструментот за претпристапна помош (ИПА) на Европската Унија, како и унапредување на координацијата меѓу институциите и меѓународните партнери во реализацијата на утврдените реформски и стратешки приоритети.

На пленарниот состанок беа презентирани стратешките, планските и програмските документи, тековните проекти и новите проектни иницијативи на Министерството за внатрешни работи, а се дискутираше и за досегашниот напредок во спроведувањето на реформите, актуелните предизвици и можностите за натамошна поддршка и модернизација на институцијата.

Министерот Тошковски во своето воведно обраќање ја нагласи цврстата определба на Министерството за внатрешни работи за доследно спроведување на реформските процеси, исполнување на обврските што произлегуваат од Реформската агенда и континуирано усогласување со европските стандарди и најдобрите практики.

„Европската интеграција е наш клучен и стратешки приоритет. Свесни сме дека напредокот во оваа област не се мери само преку исполнување на формално утврдени обврски, туку пред сè преку конкретни и одржливи резултати, зајакнати институционални капацитети и унапредување на квалитетот на услугите и безбедноста на граѓаните“, истакна министерот Тошковски.

Тошковски изрази благодарност за континуираната поддршка од Европската Унија и меѓународните партнери, особено преку Инструментот за претпристапна помош – ИПА, како и преку другите програми и проекти насочени кон зајакнување на институционалните, човечките и техничките капацитети на Министерството за внатрешни работи. Притоа, нагласи дека успешноста на ова партнерство подразбира заедничка посветеност, јасно дефинирани приоритети, одговорност и сопствена институционална иницијатива во реализацијата на реформите.

Во своето завршно обраќање, министерот Тошковски изрази задоволство од конструктивната дискусија и презентираните проектни иницијативи, кои отвораат дополнителни можности за модернизација на македонската полиција и унапредување на ефикасноста на Министерството за внатрешни работи.

„Презентираните идеи и иницијативи отвораат можности за понатамошно унапредување и модернизација на Министерството за внатрешни работи. Сметам дека наша заедничка задача во наредниот период е идентификуваните можности да ги преточиме во конкретни активности, со јасно дефинирани цели и очекувани резултати. Притоа, од особено значење ќе биде да обезбедиме соодветна институционална координација, реална проценка на потребите и одржливост на предложените решенија“, потенцираше Тошковски.

Министерот Тошковски ја потврди посветеноста на Министерството за внатрешни работи на исполнувањето на обврските од Реформската агенда, спроведувањето на препораките на Европската комисија и утврдените реформски приоритети во рамки на евроинтеграцискиот процес.

Тошковски посочи дека преку континуиран дијалог, силна институционална координација и партнерска соработка со Европската Унија и меѓународните партнери, Министерството за внатрешни работи ќе продолжи да гради модерна, професионална, ефикасна и одржлива институција, која работи според европските стандарди, во служба на граѓаните и во функција на остварувањето на стратешката цел – полноправно членство на Македонија во Европската Унија.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Започна јавната расправа за Кривичениот законик: Построги казни за корупција и злоупотреби - затворски казни до 15 години

Низа забелешки за новиот Кривичен законик но и предупредување дека некои решенија мора дополнително да се преиспитаат пред законот да биде усвоен беа изнесени на денешната прва јавна расправа. 

Започна јавната расправа за Кривичениот законик:  Построги казни за корупција и злоупотреби - затворски казни до 15 години

Од Коалицијата Сите за правично судење со конкретни забелешки на членот 464 кој се однесува на несовесно работење во службата. Сметаат не се доволно јасно опфатени сите категории службени лица, особено оние во државната администрација, што може да отвори прашања за нивната кривична одговорност.

-Може да значи алтернативно толкување на овие одредби, невоедначена пракса, меѓутоа исто така ризикуваме службените лица во органи на државната управа да не бидат опфатени со членот „Несовесно вршење на службата“, односно да нема кривично гонење на, да речеме, полициски службеници заради несовесно вршење на службата, вработени во министерства и слично кои имаат директна интеракција со странки и заради невршење на службени дејствија граѓани да можат да трпат последици,- изјави – Дарко Аврамовски – Коалиција „Сите за правично судење“.

На членот кој се однесува на злоупотребите при јавните набавки забелешки имаат од Центарот за граѓански комуникации. Предупредуваат дека предложениот текст е без поширока формулација што би овозможила кривично гонење и за други облици на злоупотреба на постапките за јавни набавки, иако очекувале, како што велат, квалитетно решение кое ќе овозможи ефикасна борба против злоупотребата на јавните средства.

Дали се исполни ова наше очекување? Не. Од едноставна причина што се остана на концептот на набројување на одреден број на дејствија — во конкретниот случај во членот, нов член кој е нели вграден и се однесува на злоупотребите во областа на јавните набавки, се наведени четири дејствија. Нема можност за повреди и да се каже отворена листа да биде во насока на тоа да се каже „и други повреди на Законот за јавни набавки“. Оттука, имајќи го предвид понуденото решение, сметаме дека овој член нема да овозможи ефикасна борба против корупцијата и санкционирање. изјава – Сабина Факиќ – Центар за граѓански комуникации.

Академик Владо Камбовски кој ја водеше работната група која работеше на новиот закон, појасни дека фамозниот член 353 не се губи, туку злоупотребите кај јавните набавки, концесиите и јавно-приватните партнерства се издвојуваат како посебни, специјални дела. Министерот за правда Јетон Шасивари вели дека предлог текстот е усогласен со директивите на ЕУ.

-Има десетина глави на кривични дела каде што посебно се казнува како потежок облик на основното дело ако тоа дело е извршено од страна на службено лице, се разбира, со злоупотреба на положбата. Значи тоа се специјални дела на злоупотреба на положбата. Така и злоупотребата на постапката на јавен повик и концесија, јавно-приватно партнерство, јавни набавки е специјално дело во однос на општото дело на злоупотреба на службената должност. Што ќе биде направено тука? Прво, ќе биде дефинирано делото на злоупотреба при вршење на јавните набавки, потпишување на договори за концесија, јавно-приватно партнерство, согласно препораките на Европската комисија. изјави – Владо Камбовски – Академик.

-Па според Реформската агенда, декември 2026 ни е краен рок за усвојување на Кривичниот законик. Затоа навремено е испратен во Европската комисија. Очекуваме најмногу за четири недели дека ќе добиеме оценка и коментари, забелешки, препораки. Истовремено паралелно е објавен во ЕНЕР, каде што очекуваме коментари, забелешки и предлози од сите чинители во нашето правосудство, така да сме транспарентни околу носење на новиот Кривичен законик. изјава – Јетон Шасивари – Министер за правда.

Иако крајниот рок за усвојување на новиот Кривичен законик е декември 2026 година, неговата целосна примена се очекува од 1 јануари 2028 година. По донесувањето, околу една година ќе следи период на подготовка за да се усогласат ЗКП и останатите закони.

YouTube video

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Самит ЕУ – Западен Балкан во Брисел

Македонија е лидер во исполнување на задачите од реформската агенда, не е точно дека Црна Гора и Албанија напредуваат побрзо од нас, оценува премиерот Христијан Мицкоски.

Самит ЕУ – Западен Балкан во Брисел

Во пресрет на Самитот на ЕУ во Брисел попладнево кадешто ќе седнат на иста маса со лидерите од регионот и европските челници Урсула фон дер Лајен, Антонио Кошта и Каја Калас, македонскиот премиер очекува да се потврдат заложбите за што побрза интеграција на Западен Балкан во унијата. Кажа дека е отворен за дијалог со соседите, но го повтори владиниот став дека нема да има уставни измени.

„ Ќе се навратам на мојата изјава за автобусот што се ниша. Така во моментов изгледа нивниот пат кон ЕУ, и на Црна Гора и на Албанија. Ние, пак, спроведуваме реформи и навистина сме лидери кога станува збор за Реформската агенда. / Ние одбиваме да разговараме за билатерални прашања, како пречка кон нашето полноправно зачленување во Европската Унија. Ние сме подготвени заедно со ЕУ и тие што имаат билатерални нерасчистени односи со нас, ако е потребно, во рамките на овој процес да седнеме било каде и било кога и на било која тема. За жал, како што гледам, од другата страна нема интерес, така што ние ќе продолжиме да го испорачуваме она што е наша домашна задача. “-Христијан Мицкоски – претседател на Влада.

Дека Македонија е во топ три во исполнување на рефорите од Планот за раст се согласува и еврокомесарката за проширување Марта Кос. Во интервју за МИА потенцира дека ги разбира фрустрациите во Македонија од застојот, но реалноста е таква што членките во ЕУ ја користат позицијата за блокада поради билатерални спорови. Ја повика Владата да ги спроведе уставните измени.

„ Иако сметам дека билатералните прашања не треба да се мешаат во пристапниот процес, тие понекогаш сепак се на маса и мора да се решаваат во духот на добрососедските односи. Ова е вистинскиот момент и С. Македонија да тргне напред, од политичарите во С. Македонија зависи дали тоа ќе се случи. Откако ќе се направат уставните измени, ќе можеме да продолжиме без каква било дополнителна политичка одлука. Мојот апел до Владата е да го направи тој чекор и да ја исполни својата обврска. “Марта Кос – еврокомесар за проширување.

Во фокусот на самитот во Брисел попладнево ќе бидат неколку теми меѓу кои постепената интеграција, миграцијата, планот за раст.. Според последните најави, Европската комисија планира зголемување од 10 проценти на финансиските средства за Македонија во рамките на Планот за раст, додека Црна Гора и Албанија ќе добијат по 15 проценти повеќе.

YouTube video

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер