Швајцарците на референдум изгласаа забрана за рекламирање цигари

На денешниот референдум Швајцарците изгласаа забрана за рекламирање на тутунски производи, а ги отфрлија предлозите за субвенционирање на медиумите и забрана за тестирање на животни.

Околу 57 отсто од гласачите поддржаа построга забрана за рекламирање тутун, што е извор на високи приходи за владата, покажуваат резултаите.

Во иднина, на тутунската индустрија нема да и` биде дозволено да се рекламира на места достапни за деца и млади, што е крај на рекламните плакати на јавни места како што се кината, медиумите и спортските настани.

Претходно, ограничувањата беа воведени само за директно рекламирање наменето за малолетници и на радио и телевизија.

Околу 56 отсто од швајцарските гласачи се спротивставија на субвенционирањето на медиумските компании, откако противниците на предлогот предупредија дека тоа ќе ги направи новинарите поранливи кон владата.

Швајцарците денеска гласаа на четири референдуми. 79 отсто од нив ја отфрлија радикалната забрана за тестирање на животни предложена од активисти. Дополнително, решија да ја задржат и административната такса, данокот што фирмите го плаќаат при издавање акции.

Избирачките места беа затворени во 12 часот, но повеќе од 90 отсто од гласачите веќе гласаа по пошта.

По правило, 60 отсто од 5,4 милиони швајцарски граѓани со право на глас излегуваат на референдумите, објави Би-Би-Си.

Морбиден профит: Аналитичарот Арсовски и доктор Даниловски најнови жртви на измамниците

Аналитичарот Петар Арсовски и доктор Драган Даниловски најнови жртви на измамниците што со лажни интервјуа продаваат чај, објави Слободен печат.

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски и професор доктор Драган Даниловски се најновите жртви на измамниците кои со лажен и манипулативен маркетинг продаваат чаеви на кои им припишуваат „магични лековити својства“.

Овојпат станува збор за измислено интервју кое се шири на социјалните мрежи, а во кое лажно се тврди дека „Петар Арсовски повторно бил на границата меѓу животот и смртта“. Во измисленото интервју злоупотребено е и логото на „Канал 5“ телевизија, како и фотографија од презентерката Татјана Стојановска, за да се создаде лажна слика за веродостојноста на интервјуто, кое всушност никогаш не било направено ниту објавено.

Во интервјуто Арсовски невистинито е презентиран како „македонски актер“ кој „паднал поради хроничен висок крвен притисок и се здобил со скршеница“. Фантазијата на маркетинг гуруата кои стојат зад овие измами, оди дотаму што тие ги обвинуваат докторите што наводно го хоспитализирале Арсовски – дека го третирале само за скршеницата а не и за срцевата слабост, односно дека не му давале терапија. За да се добие на драматичност, во лажното интервју се вклучува и невистинито тврдење дека „македонскиот доктор Драган Даниловски му препишал на Арсовски билно средство за чистење на крвните садови – Хипертеа и така состојбата почнала да му се подобрува“.

-По којзнае кој пат, пак е злоупотребено моето име за рекламирање на безвреден чај! Не наседнувајте! Целата содржина на написот вклучително и „разговорот“ со мене на Канал 5 е сосема измислена! Ја информирам јавноста дека ќе ги преземам сите правни чекори за санкционирање на измамниците, напиша професор доктор Даниловски на Фејсбук.

Целта на оваа манипулативна реклама е да се измамат граѓаните да нарачаат од чајот по цена од 2.400 денари откако ќе бидат наведени да поверуваат во оваа лажна приказна. „Слободен печат“ остави телефонски број за нарачка на чајот, по што добивме повик од телефонскиот број 02/311-6955 и телефонскиот оператор се претстави како оператор од „Монад Плуг“ компанијата. Со нарачката не продолживме бидејќи знаевме дека се работи за измамнички маркетинг. Во телефонскиот именик 1188 проверивме чив е овој телефонски број и оттаму ни кажаа дека се води на „Монад Плуг“ на улица „Козара“ број 41.

-Го видов ова интервју и секако дека е невистинито. Го пријавив ова во „Фејсбук“ но во македонските институции не сум се обратил, изјави за „Слободен печат“ политичкиот аналитичар Петар Арсовски.

Извор: „Слободен печат“

Од денеска вратени старите цени на полисите за автоодговорност

Осигурителните компании денеска ги вратија старите цени на полисите за автоодговорност.

Цената на полисата за автоодговорност е намалена 15,4 отсто, колку што беа зголемени на 24 април. Цените на полисите за автоодговорност се променија на 25 април, откако четири дена претходно осигурителните компании ја добиле информацијата за покачување на сумата на осигурувањето.

Се реевидентираат црквите и иконите во Крушево

Стручњаците од прилепскиот Завод и музеј денеска ја заокружуваат реевиденцијата на иконите и црквите во Крушево и Крушевскиот регион.

Ова е почеток на вториот циклус на евидентирање на движното и недвижно црковно наследство во Прилепско – Крушевскиот регион во кој се и Мариовскиот дел и општините Долнени и Кривогаштани.

-Реевиденцијата не е само евидентирање на движното наследство. Не се мисли само на иконите, туку и на црковните предмети и на фрескосликарството. Тоа е еден дел од иконопиството кое го имаме. Зографите кои ги работат иконите, го работат и фрескосликарството, вели Мимоза Христоска, виш кустос во прилепскиот Завод и музеј.

Во Крушево и Регионот се 23 цркви, а бројот на икони достигнува над 500. Претежно се работеше (зависеше од средствата) на црквите и наследството во Крушево, особено е богата црвата „Успение на Пресвета Богородица“. Повеќето се од 19-тиот век каде работеле, претежно, крушевските зографи.

-Богатството е невидено, репрезентативно. Посебно е застапена втората половина на 19 век, особено периодот на просветителството, пред сѐ, Преродбата. Од тој период е е интересно што зографите кои работат, одат да учат и се се школуваат за да може да го пренесат своето знаење во Македонија. Впечатлив е начинот на употребата на боите. Затоа 19 век е многу карактеристичен со употребата на сценското сликарство, посебно на Страшниот суд. Отсликан е на цел ѕид при влезот во црквите. Многу добро е зачувано фрескосликарството. Еден од крушевските мајстори кој најчесто се среќаваат во натписите во црквите е Коста Атанасовиќ. Работел со неговата тајфа, а тоа се неговите тројца синови. Имале своја, семејна школа и сликале фрески и икони во Крушево и Регионот, објаснува Христоска.

Потребни се поголеми средства за реевиденцијата. Се алармира на состојбата со црквата „Свети Никола“ во крушевското село Белушино.

-Црквата потекнува од 17-тиот век. Селото е напуштено од христијанското население во 70-тите години од минатиот век. Имавме дојави за упади. Во црквата беше евидентирана само една икона, но сега не е таму, а имаше и нелегално копање во внатрешноста. Пожелно е да се заштити црквата, зашто фрескосликарството е од 17. век и е зачувано околу 80 проценти. Црквата е евидентирано културно наследство, ама не е добро заштитено, вели вишиот Кустос Мимоза Христоска од прилепскиот Завод и музеј која раководи со реевиденцијата во Прилепско-крушевскиот регион.

Со реевиденцијата во Крушевско, почна вториот циклус на Музејот. Првиот започна 2016 година и реевиденцијата се прави на пет години.

Во Прилепско-крушевскиот регион се околу 7000 икони и околу 200 цркви и манастири. По Охридскиот е втор во Македонија по црковното движно и недвижно наследство.

Последните 10-тина години кражбите се намалени. Се случуваат упади во црквите, но претежно, се земаат парични средства.

притисни ентер