Шумски пожар кај кочанското село Пантелеј

Силен шумски пожар избувна доцна попладнево кај кочанското село Пантелеј, на падините на Осоговските Планини и зафати поголема површина со букови дрва, нискостеблести и друг вид стебла.

Според известувањето од Територијалната противпожарна единица од Кочани, по дојавата за огнот тие веднаш излегле на терен со четири возила и десет пожарникари, а на помош притекнале и нивните колеги од Виница.

Во интервенцијата за гаснењето учествуваат и вработени во подружницата „Осогово" на ЈП „Национални шуми", како и месно население.

Благодарение на брзата интервенција на противпожарните единици спречено е огнот да се приближи кон селото Пантелеј, а поради ветерот се проширил кон поширокиот шумски предел на Осоговијата. Во моментот трае акцијата за локализирање, а дежурни противпожарни екипи ќе останат и во текот на ноќта.

Засега нема индиции за причините што ја предизвикале огнената стихија, иако првичните претпоставки се дека во прашање е човечкиот фактор со оглед што огнот најпрвин бил забележан во близина на помошен земјоделски објект. /MИА

Русија: Убиени пет напаѓачи и двајца полицајци во Република Карачај-Черкезија

Петмина милитанти се убиени во руската република Карачај-Черкесија, откако фрлиле бомба врз полицијата и отвориле оган, при што загинале двајца полицајци, а четворица се повредени, соопшти денеска полицијата преку објава на апликацијата Телеграм.

Во полициското соопштение се наведува дека напаѓачите фрлиле бомба од автомобил кон патрола на сообраќајната полиција и отвориле оган од автоматско оружје.

Во конфликтот убиени се двајца полицајци, а ранети се двајца сообраќајни службеници, еден полицаец од областа Курган и еден припадник на Националната гарда.

Убиените напаѓачи беа идентификувани како наводни учесници во нападот врз полицајци на 22 април кога убиле двајца полицајци, а еден го оставиле во критична состојба, откако отвориле оган врз нив и украле оружје и побегнале. Потоа по нив беше распишана потерница. /МИА

За брзо возење 286 санкции на територија на цела држава

Во текот на вчерашниот ден во спроведената акциска контрола на територијата на Република Македонија за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, санкционирани се 286 возачи, соопштија денеска од МВР.

Од нив 30 возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а девет возила се движеле со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина. Притоа, 118 возила ја пречекориле брзината во населено место, а 168 надвор од населено место.

Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови.

Утревечер седница на Советот за безбедност на ОН за Босна и Херцеговина по барање на Русија

Постојаната мисија на Малта во ОН потврди дека утре, 30 април, во 21 часот ќе се одржи итна седница на Советот за безбедност на ОН за ситуацијата во Босна и Херцеговина (БиХ) на барање на Русија.

Како што јави Н1 БиХ, повикувајќи се на извори од мисијата на Малта во Њујорк, списокот на говорници за седницата се уште не е утврден.

На седниците на Советот за безбедност на ОН, списокот на говорници може да се утврди на самиот почеток на седницата на предлог на претседавачот, но и на заинтересираните земји членки на Советот за безбедност на ОН.

Од Бањалука беше соопштено дека на оваа седница на СБ на ОН ќе се обрати и членката на Претседателството на БиХ, Жељка Цвијановиќ, но преку видеоврска бидејќи не побарала виза за САД.

За нејзиното обраќање, како и за сите други, ќе се одлучува пред почетокот на седницата со гласање на членките на Советот за безбедност на ОН.

Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачич, претходно изјави дека Цвијановиќ и веројатно некој од бошњачката страна ќе се обратат на вонредната седница на Советот за безбедност на ОН за Босна и Херцеговина на барање на Русија. /МИА

притисни ентер