Штипскиот суд го објави соопштението за случајот со бегалецот Игор Спасов

Штипскиот Основен суд попладнево се огласи преку соопштение за случајот со бегалецот Игор Спасов, кој од вчера се бара со меѓународна потерница за доиздржување на казната затвор. 

Спасов во 2011 година беше осуден за убиството на момчето Мартин Нешковски по прославата на ВМРО-ДПМНЕ по победата на парламентарните избори. Во соопштението се наведуваат постапките, кои судот официјално ги почнал на 24 октомври.

-Основен суд Штип ја информира јавноста дека на ден 24.10.2019 година по редовен пат, по пошта, е примено писмено известување од КПД Идризово датирано од 21.10.2019 година, со кое се известува судот дека осудениот Игор Спасов не се јавил на доиздржување на казната затвор во таа установа, а на кое нешто бил обврзан согласно решението на ОС Штип ПК-6/19 од 31.07.2019 година. Од страна на судот, по приемот на известувањето, истото е обработено и е постапено веднаш, во законски предвидениот рок, и на 25.10.2019 година во претпладневните часови до МВР СВР Штип е доставена Наредба за спроведување на осудениот Игор Спасов на доиздржување на казната затвор во КПД Идризово, со назнака „Итно!". Во ОС Штип од страна на СВР Штип на ден 28.10.2019 година е доставено известување дека осудениот не е достапен на органите на прогонот, по што веднаш, истиот ден, од страна на судијата за извршување на санкции на ОС Штип е доставена согласност за издавање на потерница до СВР Штип, која се однесува за распишување на потерница по осудениот на територијата на Република Македонија, се вели во соопштението.

Се наведува дека вчера СВР Штип го известил судот оти располагаат со потврдени информации дека осудениот Игор Спасов не се наоѓа на територијата на РМ, па бараат Изјава, согласно чл.564 ст.1 од ЗКП, со која судот изјавува дека во случај на пронаоѓање на лицето ќе побара негова екстрадиција, а ова потребно заради распишување на меѓународна потерница по осудениот. ОС Штип веднаш, истиот ден, до СВР Штип ја достави бараната изјава, по што е распишана и меѓународна потерница по осудениот Игор Спасов.

-Појаснуваме дека одлуките донесени од страна на судот во оваа постапка се донесени по претходно прибавено мислење од страна на ОЈО, како и врз основа на соодветна медицинска документација во оригинал издадена од стручни медицински лица, искази на вешти лица од областа на медицината и известување од установата каде осудениот издржувал казна затвор дека таков вид на лекување и медицински третман не се пружа во таа установа, се вели во соопштението на Основниот суд во Штип.

Во него најостро и најкатегорично се негираат наводите за некаква забрана за давање на изјави од страна на портпаролот на судот.

-Напротив, портпаролот последните неколку дена дава редовни изјави на секое барање од претставници на медиуми, но со цел за точност и прецизност во известувањето кое е од интерес на јавноста, а поради тоа што се утврдија непрецизност и неточности во одредени известувањa, се одлучи да се издаде ова соопштение достапно за целата јавност, се подвлекува во соопштението од Основниот суд во Штип објавено на веб страницатa.

Гвардиола не планира наскоро да го напушти Манчестер сити

Тренерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола зборуваше за својата иднина во тимот.

- Имам договор и сакам да бидам тука. Мојот план е да останам во Манчестер следната сезона, изјави Гвардиола за „Мирор“.

Шпанскиот фудбалски стручњак го презеде Манчестер сити во 2016 година. Под негово водство тимот пет пати го освојуваше англискиот шампионат и еднаш Лигата на шампионите.

По 37 кола, во Премиер лигата води Манчестер сити со 88 бодови. Заостанувањето на второпласираниот Арсенал е два бода. Ливерпул (79) ги загуби шансите за евентуална шампионска титула. /МИА

„Билд“: Германското Министерство за одбрана бара од Владата уште 3,8 милијарди евра за Украина

Германското Министерство за одбрана побара од сојузната влада дополнителни 3,8 милијарди евра помош за Украина за оваа фискална година, пишува „Билд“.

Весникот наведува дека оваа година Германија обезбедила воена помош од 7,1 милијарди евра за Украина и дека овие пари се користат за плаќање на воена опрема што Украина ја купува директно од наменската индустрија и укажува дека на Украина и треба итно поголема поддршка за да не изгуби војната со Русија, поради што Министерството за одбрана побара дополнителни средства.

Министерот за одбрана Борис Писториус разговараше за тоа со канцеларот Олаф Шолц, а потоа се сретна со Кристијан Линднер, шеф на одделот за буџет во германското Министерство за финансии.

Дополнителните расходи треба во јуни да бидат поднесени до Бундестагот на усвојување, според „Билд“. /МИА

Тешка сообраќајка на „Водњанска“, повредени седум лица

Седум лица се повредени во тешката сообраќајна несреќа која синоќа се случи на улица „Водњанска“, пред влезот на Клиничкиот центар.

-Сообраќајната несреќа се случила помеѓу автомобил „БМВ“, автомобил „Ауди“, и две паркирани патнички возила „Голф“ и „Мерцедес“, сите со скопски регистарски ознаки, соопштија од МВР..

Во незгодата со телесни повреди се здобиле седум лица констатирани во ГОБ „Св. Наум Охридски“ и Комплекс клиники Мајка Тереза во Скопје. Извршен бил увид од увидна екипа на СВР Скопје, но причините се уште не се познати.

притисни ентер