Шкријељ ги посети поранешните корисници на Заводот „Бања Банско" за кои МТСП обезбеди станови за самостоен живот

Уште четири корисници на Заводот за рехабилитација „Бања Банско" во Струмица ќе добијат свој топол дом.

Заврши адаптацијата на куќа во Струмица во која ќе се преселат. Направени се соодветни прилагодувања на просторот, обезбедена е пристапност а во тек е опремување на куќата.

Дополнителната заменик-министерка за труд и социјална политика Санела Шкријељ денеска во Струмица ги посети и лицата кои претходно беа згрижени во ЈУ Завод за заштита и рехабилитација Бања Банско, а сега живеат во четири стана кои се целосно прилагодени на нивните потребите.

„Продолжуваме со процесот на деинституционализација што го почнавме лани. Досега на девет возрасни лица Министерството за труд и социјална политика им помогна да го заменат Заводот „Бања Банско" со свој дом. Некои од нив во Заводот биле и по повеќе од 25 години. Тоа беа луѓе исфрлени на маргините на општеството, а сега се вклучени во заедницата. Ние ги поддржавме во нивните желби и упорност да си создадат нов живот. Тие не ја кријат радоста, таа се гледа на нивните лица. Од Заводот се деинституционализирани и четири деца. Третманот со врзување за радијатори припаѓа на едно друго време, што не смее да се повтори", изјави Шкријељ.

Насмеани и расположени, корисниците и кажаа на Шкријељ дека се задоволни од условите во кои живеат и дека слободата да одлучуваат за животните активности, што сега ја имаат, ги прави среќни.

Во рамки на трансформацијата на Заводот за заштита и рехабилитација на лица со телесна попреченост „Бања Банско" – Струмица, првите девет возрасни корисници го напуштија Заводот во текот на втората половина на 2019 година. Двајца од нив добија поддршка за враќање во сопственото семејство во село Миравци, Гевгелија, а седуммина се сместени во станови во државна сопственост.

Маријана Тошева, секретар на општинската организација на Црвен крст-Струмица посочи дека и тие го поддржуваат процесот преку обуки за персонални асистенти и негуватели. Активни се 19 персонални асистенти кои даваат услуги на 26 лица со попреченост.

Во тек е обука на третата група од 20 персонални асистенти.

Процесот на деинституционализација на Заводот „Бања Банско", Министерството го спроведува во соработка со четири агенции на ОН, кои ги опремија становите. За лицата е обезбедена потребната поддршка, вклучувајќи и лични асистенти, а за обезбедување на нега на крајот на 2019 година беа вработени пет негувателки. Со трансформацијата, се планира Заводот „Бања Банско" да прерасне во модерен Центар за рехабилитација.

Во изминатите две години, повеќе од 44 проценти од луѓето што се сместени во социјални институции за долгорочно згрижување, добија нов дом во заедницата.

Дополнителната заменик-министерка Шкријељ го посети и новиот фитнес центар во рамки на проектот „И ние постоиме". Носител на проектот е Здружението на лица со телесен инвалидитет „Мобилност" - Струмица, а партнер е Здружението на граѓани за помош и поддршка на лица со даунов синдром „Вера" - Струмица. Проектот „И ние постоиме" се спроведува во рамки на Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан „ReLoaD", финансирана од ЕУ и кофинансирана од општина Струмица,стои во соопштението од Владата на РМ.

Анкета: Поддршката за членството на Полска во ЕУ - најмала во последнава декада

Поддршката за членството на Полска во Европската Унија падна на најниско ниво во повеќе од една деценија, според анкетата објавена денеска.

Според најновата анкета на институтот ЦБОС, и покрај победата на про-ЕУ коалицијата, поддршката за членството на земјата во Унијата падна на 77 отсто, што е најниско ниво од 2013 година.

Поддршката лани беше 85 отсто, а најголема беше во 2022 година, кога изнесуваше 92 проценти.

Про-ЕУ коалицијата дојде на власт во Полска на изборите во октомври по осум години владеење на партијата Право и правда (ПиС), ветувајќи дека ќе ги поништи законите воведени од десницата.

ПиС често беше во судир со западните сојузници на Полска и институциите на ЕУ во Брисел поради нивната загриженост за владеењето на правото во оваа земја. /МИА

Претставник на ОН тврди дека ќе бидат потребни 14 години да се отстранат урнатините во Газа

Претставникот на Обединетите нации, Пјер Лодамар денеска изјави дека ќе бидат потребни 14 години да се расчисти огромното количество урнатини, вклучително и неексплодирани експлозивни направи, што ги остави Израел за време на војната во Појасот Газа.

Лодамар, висок офицер во Службата за мини на ОН (УНМАС), на брифинг во Женева рече дека војната оставила околу 37 милиони тони отпад во широко урбанизирана, густо населена област.

Тој истакна дека иако не е можно да се одреди точниот број на неексплодирани убојни средства се смета дека под одредени услови, би можеле да бидат потребни 14 години да се расчистат остатоците, вклучувајќи ги и урнатините од уништените згради.

„Знаеме дека вообичаено има стапка од 10 проценти за неуспех, односно неактивирање на муницијата. Станува збор за 14 години работа со 100 камиони“, рече Лодамар. /МИА

Руски новинар на „Форбс“ е приведен поради наводно ширење лажни информации за армијата

Новинарот на магазинот „Форбс Русија“, Сергеј Мингазов е приведен под сомнение дека ширел лажни информации за руската армија, објави денеска магазинот.

„Форбс Русија“ додава дека досега не успеале да стапат во контакт со Мингазов. Неговиот адвокат Константин Бубон на Фејсбук објави дека новинарот е во притвор во источниот руски град Хабаровск, каде што живее.

Адвокатот рече дека Мингазов бил приведен поради преобјавување публикации за наводни руски воени злосторства во украинскиот град Буча, каде што убиствата на украинските цивили во првите недели од војната беа пријавени од Ројтерс и други новински организации.

Профилот на Мингазов на платформата Телеграм содржи бројни објави за Буча, а засега не е јасно за која од нив новинарот е приведен. /МИА

притисни ентер