Шкода го најави првиот електричен СУВ, премеирата на 1.септември (ВИДЕО) - Канал 5

Шкода го најави првиот електричен СУВ, премеирата на 1.септември (ВИДЕО)

Škoda продолжува со серијата најави за претстојната премиера на новиот модел.

Шкода го најави првиот електричен СУВ, премеирата на 1.септември  (ВИДЕО)

Првиот електричен SUV модел во палетата на Шкода го носи името Enyaq iV, а премиерно ќе биде претставен пред јавноста на 1 септември. Чешкиот брат на Volkswagen ID.4 сега е претставен преку неколку скици кои ни даваат подетален изглед на дизајнот на надворешноста.

Новиот дизајн е веднаш забележлив, а вреди да се напомене дека ова ќе биде прва Шкода на платформата MEB. Раководителот за надворешен дизајн на Шкода, Карл Нојхолд, ги открива суштинските иновации на овој модел во однос на дизајнот, како и во однос на споредбата со претходно лансираните спортско – урбани возила.

YouTube video

За разлика од конвенционалните модели на Шкода, тука е малку поинаква дистрибуцијата на масата. Значи, батериите се во подот, што се рефлектира во висината. Од друга страна, примената на електричен погон, заради нејзините помали димензии, овозможува намалување на преклопите и ги создаде предусловите за постигнување поповолна аеродинамика. Коефициентот на отпорност на воздухот (cD) е 0,27, што е импресивен резултат за SUV со оваа големина. Поточно, големината е на Kodiaq (4,685 x 1,877 mm), но со помала висина (1.618 mm).

Почетниот модел Enyaq iV 50 се напојува со батерија од 55 kWh, 148 КС со моќен електричен мотор во задниот дел и опсег од 340 км. Следен е iV 60 со батерија од 62 kWh, моќен мотор од 180 КС и опсег од 390 км. Третата опција е iV 80 со уште поголема батерија (82 kWh), електричен мотор од 204 КС и опсег од 500 км.

Доаѓаме и до верзиите AWD со погон на сите тркала. IV 80X има уште помоќен погон (265 КС) и опсег од 460 км, додека врвната верзија iV RS има вкупна моќност од 306 КС, истиот опсег, но и подобри перформанси. Се карактеризира со 6,2 секунди за стигнување до 100 км на час и максимална брзина од 180 км на час. Конечно, да речеме дека системот за полнење е компатибилен со полначите до 125 kW.

Enyaq ќе се произведува во чешките погони, што го прави првиот модел со MEB, произведен надвор од Германија. Првите испораки се најавени за почетокот на следната година.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

ДУИ обвинува за непочитување на законот за употреба на јазиците во ИЈЗ

ДУИ обвинува за непочитување на Законот за употреба на јазиците во државните институции, посочувајќи го како последен пример Институтот за јавно здравје. 

ДУИ обвинува за непочитување на законот за употреба на јазиците во ИЈЗ

Од партијата тврдат дека директорката Марија Андоновска наредила службената комуникација да се одвива исклучиво на македонски јазик, а раководителите на секторите добиле инструкции преку телефонски пораки да ги известат вработените дека двојазичните документи повеќе нема да се прифаќаат. Бараат Владата и инспекторатот за употреба на јазиците да утврдат одговорност за функционерите, кои според нив, се поставуваат над законот.

-Со кое право директорка на државна институција си дозволува да прогласува за неважечки документи што го содржат албанскиот јазик? Кој ѝ дал надлежност да се поставува над законот. Затоа, денес директно ѝ се обраќаме на Владата на Македонија. Внимателно и темелно преиспитајте ги постапките на вашите функционери, кои се осмелуваат да се поставуваат над законот. Бараме конкретна одговорност за непочитувањето на Законот за употреба на јазиците, изјави Хоџа.

Директорката на Институтот за јавно здравје, Андоновска, пак, категорично ги отфрла ваквите тврдења од ДУИ. Во изјава за Канал 5 ги оцени како лаги и политички притисоци. Децидна е дека во Институтот целосно се почитува Законот за јазици, а тоа според неа го потврдиле и од Инспекторатот за употреба на јазиците во контролата што ја извршиле во неодамна.

-Апсолутно ги отфрлам тврдењата на ДУИ. Во институтот доследно се почитува Законот за јазици. Тоа не е само моја изјава, туку ние имавме и посета од страна на инспектори во изминатиов период од Инспекторатот за употреба на јазиците и тие не утврдија никакви неправилности туку напротив, потврдија дека во Институтот доследно се почитуваат јазиците. Ваквите искази од ДУИ имаат за цел некои други мотиви. ДУИ не можат да разберат дека нема повеќе „како и до сега“. Поминаа времињата кога се земаше плата и не се одеше на работа, изјави Андоновска.

Според Андоновска не е првпат ДУИ да политизира нешто кадешто нема политика. Слични реакции од партијата на Ахмети имаше и во јуни кога реагираа поради промовирање натписи или содржини во институтот кои биле испишани само на македонски јазик.

YouTube video

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

АД МЕПСО доделува 15 стипендии за студентите по електротехника

На иницијатива на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, АД МЕПСО ја обновува програмата за студентско стипендирање.

АД МЕПСО доделува 15 стипендии за студентите по електротехника

За академската 2026/2027 година ќе бидат доделени 15 стипендии во месечен износ од по 12.000 денари, наменети за поддршка на младите стручни кадри од областа на електротехниката.

Одлуката официјално беше презентирана на денешната средба на која присуствуваа ректори, декани, професори и студенти од факултетите со кои АД МЕПСО има потпишано меморандуми за соработка. Со оваа програма ќе бидат опфатени по тројца студенти од пет соодветни факултети во земјава: Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) во Скопје, Техничкиот факултет во Битола, Универзитетот во Тетово, Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и Универзитетот „Мајка Тереза“.

„Нашата цел не е само да им обезбедиме финансиска поддршка на студентите, туку да ги запознаеме најдобрите и најмотивираните млади луѓе со работата и можностите што ги нуди МЕПСО. Сакаме да го поддржиме нивниот професионален развој и да создадеме услови тие утре да бидат дел од нашиот колектив“, истакна генералниот директор на МЕПСО, Бурим Љатифи.

Иницијативата на министерката Божиновска е директно надоврзување на позитивните искуства на Министерството со програмите за практикантска работа и вработување на млади инженерски кадри.

„Верувам дека иднината на македонската енергетика зависи од можностите што денес им ги даваме на младите. Сакам студентите уште за време на студиите да видат како знаењето од факултет се применува во пракса, да учат од луѓе со искуство и да добијат можност да работат на вистински проекти. Затоа ми е важно универзитетите и компаниите да соработуваат. Сакам младите да ја видат својата професионална иднина тука, во својата земја, и да знаат дека имаат место во развојот на македонската енергетика“, истакна министерката Божиновска.

Министерството за енергетика останува цврсто посветено на градењето долгорочни мостови меѓу образованието и енергетскиот сектор. Вложувањето во знаењето на младите инженери е наш врвен приоритет за обезбедување енергетска независност, одржлив развој и задржување на најдобрите кадри во нашата земја. Продолжуваме со креирање политики и иницијативи што ќе отвораат нови можности за стручно усовршување и професионална реализација на младите во македонскиот енергетски систем.

Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

НБ: Денеска реализирани 750 исплати во „АЛТА банка“ АД Битола во Битола, Струмица и Тетово

Овозможени и уплати за комуналии и отплата на кредити.

НБ: Денеска реализирани 750 исплати во „АЛТА банка“ АД Битола во Битола, Струмица и Тетово

Денеска продолжи исплатата на средствата на клиентите на „АЛТА банка“ АД Битола кои имаат платежни сметки во Банката, а не располагаат со платежни картички. Исплатата се врши на шалтерите во Битола, а од денеска и во Тетово и во Струмица, каде што граѓаните можат да подигнат до 20.000 денари.

Во текот на денешниот ден, во трите града се реализирани вкупно 750 исплати. Исплатата се одвива непречено, со добра организација и согласно утврдената динамика.

Од денеска, клиентите на Банката на шалтерите во Битола, Струмица и Тетово можат да вршат и уплати за комунални услуги, како и да ги намируваат обврските за отплата на кредитите. Со ова се овозможува полесно извршување на дел од нивните тековни финансиски обврски.

Народната банка потсетува дека од оваа недела е зголемен и неделниот лимит за подигање готовина и плаќања на продажните места со платежните картички на Банката, од 10.000 на 15.000 денари.

Народната банка континуирано ја следи состојбата и презема активности за постепено олеснување на условите за располагање со средствата на клиентите на „АЛТА банка“ АД Битола. Приоритет останува обезбедувањето пристап до нивните средства и непречено извршување на платежните услуги за клиентите на Банката.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер