Шилегов: Во Вардариште не се депонира нов отпад, туку се врши негова примарна обработка

Проблемите настануваат од долгогодишното несоодветно место и несоодветен начин на депонирање повеќе децении на комуналниот отпад. 

Депонијата Вардариште била во интензивно користење за фрлање на комуналниот отпад на Град Скопје од 1997 година, кога се отвора капацитетот Дрисла, и тоа што де факто се случува таму сега е всушност распаѓање на тој депониран комунален отпад што е потенцијален сериозен еколошки проблем за Град Скопје. Градот и „Комунална хигиена" тоа што во моментот го работат на Вардариште е дека таму има еден капацитет на претоварна станица каде се носи ѓубриштето во тој дел на градот, се врши примарна селекција, се истовара во возила и се носи во Дрисла, што значи дека нов комунален отпад не се генерира, туку се врши примарна негова обработка и се носи во Дрисла.

Ова денеска во изјава за медиумите го нагласи градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов по брифингот со новинарите за поранешната депонија Вардариште и проблематиката што постои таму и со која се соочува Градот, но и граѓаните кои живеат во непосредна близина.

– Проблемите настануваат од долгогодишното несоодветно место и несоодветен начин на депонирање повеќе децении на комуналниот отпад. Во непосредна близина на самата локација постојат три правни субјекти кои управуваат со отпади, а кои како институции се под исклучива надлежност на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) и Државниот инспекторат за животна средина, односно градот ја нема ингеренцијата да може да ги инспекторира или да изрече било каква санкција доколку истите несоодветно ја извршуваат својата дејност, иако ги мониторираме. Ги мониторираме од иста причина што нашите инспекциски служби се таму присутни заради постоењето на три диви населби, на неформални преработувачи на ѓубре, кои како такви ги санкционираме. Инспекцискиот надзор во последниве две години е зголемен за 300 проценти за разлика од минатото, посочи Шилегов.

Информира дека Градот во меѓувреме има изработено студија за целосна санација на Вардаршите, за целосна заштита на тој локалитет.

– Според таа студија која ја имаме направено да се изврши една примарна заштита на тој простор со технологиите кои се познати, потребно е за примарната некаде околу 25 милиони евра, а за целосна санација некаде околу 40 милиони евра средства кои Град Скопје за жал ги нема на располагање . Веќе имаме разговори со дел од претставниците на ЕУ тука, но мислам дека како проблем, како начин на решавање ќе мора и МЖСПП да партиципира со цел потенцијална опасност за животната средина во Скопје понатаму да нема. Тоа што ние го правиме е таму да се инсталирани т.н. подземни шипки, одводи, за метанските гасови кои се создаваат долу да не претставуваат евентуална еколошка опасност, додаде Шилегов.

Во стан на Американка се пронајдени замрзнати тела на нејзините бебиња- нема да ѝ се суди

Мајката на четири бебиња, пронајдени во замрзнувач во стан во Бостон пред повеќе од една година, нема да се соочи со обвинение.

Последниот извештај покажува дека се уште има „многу неодговорени прашања“ за тоа што се случило со бебињата, пренесува CBS.

Окружниот обвинител на округот Сафолк рече дека не верува дека случајот против Алексис Алдамир може да оди на судење. Братот на Алдамир и неговата сопруга повикале полиција откако ги пронашле „замрзнатите“ бебиња на 17 ноември 2022 година додека го чистеле станот во Источен Бродвеј во кој Алдамир живеела од 1982 година.

Истрагата покажала дека Алдамир е мајка на бебињата, две момчиња и две девојчиња, пронајдени во замрзнувачот. Алдамир сега живее во здравствена установа. Инспекторите тврдат дека за време на сослушувањето таа „изгледала збунето и не разбирала каде е и со кого разговара“.

Лекарот не можел да утврди дали бебињата се родени живи или колку долго биле замрзнати, се вели во извештајот. Причината за смртта е наведена како „неодредена“. Во извештајот се наведува дека немало знаци на траума или очигледни повреди, а ниту траги на храна или млеко во стомакот на бебињата.

На сите четири бебиња сè уште им била прикачена папочната врвца. Бебињата биле пронајдени во кутии за чевли и биле завиткани во фолија. ДНК тестот го идентификувал таткото на четирите деца, но тој починал во 2011 година. Инспекторите рекле дека тој и Алдамир имале уште едно дете заедно, кое го дале на посвојување.

Алдамир работела за сметководствена фирма во Бостон од 1980 до октомври 2021 година, се вели во извештајот. Нејзините колеги ја опишале пред инспекторите како „вредна работничка која ретко одеше на одмор“.

„Тие рекоа и дека била дебела жена која има склоност да носи широка облека без оглед на сезоната. Во ниту еден момент ниту еден од соработниците на Алдамир не знаеле дека е бремена“, се вели во извештајот.

Окружниот обвинител на округот Сафолк, Кевин Хејден, ја нарече истрагата „една од најкомплексните, невообичаените и најзбунувачките што ги сретнал неговата канцеларија“. Во образложението на одлуката да не се обвини Алдамир, во извештајот се вели дека обвинителите не можеле да докажат дека бебињата биле живи и не верувале дека Алдамир била компетентна да ѝ се суди.

„Никогаш нема да знаеме точно каде и кога се родени четирите бебиња пронајдени во станот на Алексис Алдамир. Никогаш нема да знаеме дали четирите бебиња се родени живи и никогаш нема да знаеме точно што се случило со нив. Никогаш нема да знаеме како Алексис Алдамир ја криеше бременоста или зошто се реши на тоа“, заклучил Хејден.

Првите пресуди за масакрот во училиштето во Белград се можни до крајот на годинава

Адвокатот Огњен Божовиќ, претставник на семејствата на убиените ученици во ОУ „Владислав Рибникар“ вечерва изјави дека судската постапка во врска со масовното убиство во тоа училиште се одвива многу ефикасно .

Адвокатот Огњен Божовиќ, претставник на семејствата на убиените ученици во ОУ „Владислав Рибникар“ вечерва изјави дека судската постапка во врска со масовното убиство во тоа училиште се одвива многу ефикасно и дека се надева дека можеби дури и до до крајот на годината ќе имаме пресуди, особено во парничната постапка.

Сепак, тој истакна дека пресудите, какви и да се тие, нема да претставуваат задоволување на правдата, објави Телеграф.

На одбележувањето на првата годишнина од масовното убиство во основното училиште „Владислав Рибникар“, во рамки на специјалната програма „Будење“, Божовиќ рече дека не е сигурен дека ќе добиеме одговори на прашањата што нѐ мачат за трагедијата.

„Се надевам дека ќе го направиме тоа, ќе се потрудиме да разбереме зошто, но на крајот на денот мислам дека нема да заврши со фер задоволство, за жал. Едноставно загубата е толку огромна, а неправдата е толку голема што не сум сигурен дека нешто може да ја исправи“, рече Божовиќ.

Жена запали Куран во Малме, на ден пред почетокот на Евросонгот (ВИДЕО)

Маж и жена запалија копија од Куранот во шведскиот град Малме, ден пред почетокот на Евровизија.

Денеска во живо на TikTok беше емитувана видео снимка на која се гледа како две лица ја палат муслиманската света книга. Жената носеше крст.

За време на инцидентот недалеку од двете сали каде што ќе се одржува Евровизија, беше запалено и палестинско знаме. Шведската полиција е критикувана поради тоа што дозволила да се запали Куранот толку блиску до големиот настан.

Палењето на Куранот во Данска и Шведска минатата година предизвика лути реакции, а понекогаш и насилни протести во земјите со мнозинско муслиманско население, но во Шведска тој чин потпаѓа под законот за слобода на говор и е легален.

Почнувајќи од утре, во овој јужен шведски град ќе се одржуваат една недела со бројни концерти и забави, кои ќе кулминираат со големото финале на Евровизија на 11 мај. Се очекува 100.000 луѓе да го посетат Малме за време на неделата на Евровизија.

Покрај музичките настани, најавени се и неколку протестни акции поради војната во Газа, меѓу кои и пропалестински и произраелски протести. Вчера Советот за национална безбедност на Израел ги заостри предупредувањата за патување во овој шведски град. На Израелците кои планираат да го посетат Малме им се советува да ја преиспитаат својата одлука, се вели во извештајот.

Шведските уметници повикаа Израел да биде исклучен од Евровизија поради војната во Газа, но организаторите одбија. Иако Израел не е европска земја, му е дозволено да учествува на Евровизија бидејќи јавната телевизија на Израел е членка на Европската радиодифузна унија (ЕБУ).

Евровизија е најголемото музичко натпреварување во светот. Откако минатата година на натпреварот победи шведската пејачка Лорин, овогодинешниот домаќин на настанот е Шведска. Полуфиналните натпревари ќе се одржат на 7 и 9 мај, при што ќе бидат елиминирани 11 од 37 учесници, додека во финалето ќе учествуваат 26 земји.

притисни ентер