Шестата претседателска трка го доби првиот учесник

 ВМРО-ДПМНЕ вчера го избра својот кандидат за претседател на државата – ја номинираше универзитетската професорка Гордана Силјановска-Давкова.

Наспроти другите осум кандидати на опозициската партија, таа доби мнозинство (408) од 519 делегати кои гласаа на конвенцијата во Струга, со што изборот беше завршен без потреба од втор круг гласање.

Силјановска-Давкова е професорка на Правниот факултет во Скопје, од каде што ВМРО-ДПМНЕ пред десет години го номинираше и својот претходен кандидат – актуелниот претседател Ѓорге Иванов кому на 12 мај му истекува вториот мандат.

-Мене ми е јасно дека не може да се оди на избори, а камоли да се победи, ако зад вас не застане силна партија, рече Силјановска-Давкова на конвенцијата. Во однос на нејзините ставови посочи дека не е националист, туку е за владеење на правото. – Законите треба да бидат во рамките на Уставот за да бидат добри, истакна таа.

Со нејзиниот избор претседателската трка во април го доби својот прв учесник, а во наредниот период треба да бидат познати и нејзините противкандидати кои ќе се натпреваруваат за шеф на државата.

По точно две седмици, на 3 март, својот кандидат на конгрес ќе го избира и СДСМ. Извршниот одбор на партијата во вторникот го овластил претседателот, генералниот и организацискиот секретар на СДСМ да се консултираат со коалициските партнери, со други парламентарни и вонпарламентарни партии за да се дојде до консензуален кандидат за претседател на државата.

Нивниот колаициски партнер ДУИ на крајот на јануари на седница на Централниот одбор едногласно одлучи самостојно да учествува на претседателските избори, но портпаролот Бујар Османи тогаш изјави дека Претседателството на партијата дало и можност доколку се создадат услови за соработка со други политички партии претседателот на партијата да разговара со албанските политички партии или со партиите на други етнички заедници по концептот консензуален кандидат.

Прв и засега единствен кој поднесе кандидатура за претседател од СДСМ е поранешниот амбасадор Ѓорѓи Филипов. Партискиот оглас трае до 19 февруари. Како можни кандидати од СДСМ во јавноста се спомнуваа премиерот Зоран Заев, министрите Никола Димитров, Радмила Шекеринска и Оливер Спасовски, националниот координатор за НАТО Стево Пендаровски.

Дел од помалите партии најавија дека во трката за претседател ќе влезат со свои кандидати.

Претседателот на Собранието Талат Џафери на 8 февруари ги распиша шестите претседателски избори. Првиот круг ќе се одржи на 21 април, а вториот изборен круг ќе биде на 5 мај.

Извршниот одбор на СДСМ на седницата во вторникот одлучи да нема предвремени парламентарни избори кои ги бараше ВМРО-ДПМНЕ, образложувајќи дека се обврзале да донесат резултати во економијата.

-Граѓаните бараат резултати во економијата, реформите и интеграциите. Државотворна партија на која на прво место ѝ се интересите на граѓаните и државата, не мисли на предвремени парламентарни избори, дури и кога рејтингот и поддршката кај граѓаните е многу повисока од онаа на опозицијата, соопшти СДСМ по седницата на Извршниот одбор. /МИА

Блинкен. Да се санкционираат сите кои ја олеснуваат илегалната миграција

 Американскиот државен секретар Ентони Блинкен, повика вчера на регионалната конференција за миграција да се санкционираат оние кои ја олеснуваат „илегалната миграција“, осврнувајќи се на централната тема од претседателската кампања во САД.

„Новата политика за одбивање на барањата за визи е насочена кон луѓето кои свесно им овозможуваат превоз на оние кои се обидуваат илегално да влезат во Соединетите држави“, рече Блинкен во говорот пред министрите за надворешни работи и високи претставници на дваесетина земји кои ја потпишаа Декларацијата за миграција и заштита.

„Таа декларација нагласува дека нерегуларната миграција ги погодува сите наши земји и дека секој од нас има обврска да помогне. Ги поддржувам напорите на локалните власти кои имаат за цел да им помогнат на луѓето да останат во својата земја, додаде Блинкен, потсетувајќи на „вистински историски предизвик“ за американскиот континент.

Американскиот државен секретар напомена дека во Никарагва пристигнуваат чартер летови со американски баратели на азил од Азија и Африка. Покрај тоа, тој нагласи дека Вашингтон во понеделникот најави „одбивање визи на лидерите на колумбиските компании кои ја олеснуваат илегалната имиграција“.

Нагласувајќи дека се преземаат значајни мерки за проширување на патеките за легална миграција како алтернатива на нерегуларната миграција, тој рече дека ги поддржува „напорите на локалните власти кои имаат за цел да им помогнат на луѓето да останат во својата земја со решавање на длабоките причини поради кои луѓето одлучуваат да мигрираат“.

Секоја година, околу 2,8 милиони илегални мигранти влегуваат во САД.

Почина главниот пропагандист на севернокорејскиот режим

 Почина поранешниот севернокорејски пропагандист Ким Ки-нам, објавија утринава државните медиуми. Имаше 94 години.

„Почина од старост и оштетување на органите, за што се лекуваше од 2022 година“, објави официјалната агенција КЦНА, а пренесе Би-Би-Си.

Ким Ки-нам беше водечки пропагандист на Северна Кореја со децении, служејќи му на владејачкото семејство долго време, каде што придонесе за изградбата на култот на личноста на севернокорејските диктатори.

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун присуствуваше на неговиот погреб рано наутро и му оддаде почит на „ветеранот револуционер кој остана безгранично лојален“ на режимот, пренесе КЦНА.

Јужнокорејската новинска агенција Јонхап го спореди со шефот на пропагандата на нацистичка Германија Јозеф Гебелс.

Ким Ки-нам, кој немаше крвно сродство со владејачкото семејство, беше назначен за заменик директор на Одделот за пропаганда и агитација во Пјонгјанг во 1966 година, каде што тесно соработуваше со Ким Џонг-ил, претходникот и таткото на сегашниот лидер Ким Џонг-ун. Ким Ки-нам подоцна дојде и на чело на одделот.

Ким Ки-нам во 1970-тите бил назначен за шеф на државниот весник Родонг Синмун.

Тој со децении беше и главниот автор на политичките пароли на државата и имаше големо влијание врз нејзините медиумски и издавачки активности.

Ким Ки-нам се пензионираше во доцните 2010-ти, предавајќи ја својата улога на сестрата на Ким Џонг-ун, Ким Јо-Џонг, но продолжи да се појавува на јавни настани.

САД ја прекинаа испораката на бомби за Израел поради најавената офанзива на Рафа

-Минатата недела прекинавме испорака на пратка со оружје. Таа се состоеше од 1.800 бомби од 907 килограми и 1.700 бомби од 226 килограми. Не донесовме конечна одлука дали таа пратка ќе биде испорачана, рече претставникот.

Американските власти минатата недела одложија пратка бомби за Израел, откако еврејската држава не одговори на „загриженоста“ на Вашингтон за најавената офанзива во Рафа, во јужниот дел на Појасот Газа, изјави доцна синоќа неименуван високо позициониран американски функционер.

-Минатата недела прекинавме испорака на пратка со оружје. Таа се состоеше од 1.800 бомби од 907 килограми и 1.700 бомби од 226 килограми. Не донесовме конечна одлука дали таа пратка ќе биде испорачана, рече претставникот.

Одлуката била донесена затоа што Вашингтон се противи на голема офанзива што ја подготвуваат израелските војници во Рафа.

Вашингтон јасно стави до знаење дека не поддржува офанзива без кредибилен план за заштита на тамошните цивили.

Американскиот претседател Џо Бајден го повтори овој став пред два дена во телефонскиот разговор со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

-Израелските и американските официјални лица разговараа за алтернативите, дискусиите се во тек и сè уште не се целосно решени нашите грижи, додаде американскиот функционер.

Израелската армија вчераутро распореди тенкови во Рафа, ја презеде контролата на граничниот премин со Египет и затвори две главни пристапни точки за хуманитарна помош, мерка што САД ја сметаат за „неприфатлива“.

притисни ентер