Шахпаска на конференција за жени Ромки

„Со политики против родовите стереотипи создаваме едно општество за сите“.

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска учествуваше на 8. Меѓународна конференција на жената Ромка, во организација на Советот на Европа во Стразбур, на која меѓудругото, се разговараше за влијанието што КОВИД-19 го има врз Ромите во однос на здравствената заштита, човековите права, дискриминацијата, расизамот, вработувањето и родовата еднаквост.

На конференцијата, на која учествуваа претставници од земјите членки на Советот на Европа и од бројни невладини организации кои работат на унапредување на положбата на Ромите, е нагласена потребата од системски и организиран пристап кој подразбира прилагодување на мерките на потребите на Ромите, особено во услови на пандемијата КОВИД-19.

Во своето обраќање, како што информира ресорното Министерство, Шахпаска нагласила дека политиките на Владата се фокусираат на превенција и борба против родовите стереотипи и сексизам, превенција и борба против родово базирано насилство, еднаков пристап до правда за жените, балансирано учество на жените и мажите во донесување одлуки, како и родово одговорно буџетирање во институциите на централно и локално ниво.

– Република Македонија во регионот, па и пошироко стана пример за земја со традиционално меѓуетничка и меѓурелигиска толеранција и земја во која се почитуваат разликите. Тоа го постигнавме преку политики кои обезбедуваат еднаков степен на вклученост и интеграција на сите етнички заедници. Впрочем, тоа е концептот „Едно општество за сите" кој го промовираше Владата на Република Македонија и кој стана општоприфатен во земјата. Наша обврска е да создадеме општество кое интегрира, а не сегрегира, општество кое обединува, а не прави делби, општество кое вклучува, а не исклучува, истакнала Шахпаска.

Таа информирала дека напорите што се вложуваат во унапредување на статусот на жената Ромка во земјава произлегуваат од Стратегијата и националните акциони планови за Ромите во Македонија, како и од посебниот Акциски план за жената Ромка.

– Како држава преземаме мерки и активности за надминување за вклучување на децата Роми во предучилишното образование, за вклучување на децата Роми во образованието, за нивно згрижување во дневни центри со цел да им се даде поддршка како на децата, така и на нивните родители. Грижата за сексуално и репродуктивно здравје на жените Ромки е високо на нашата агенда, рекла Шахпаска.

Во однос на положбата на Ромите и жените Ромки во услови на пандемијата со КОВИД-19, министерката Шахпаска оценила дека со социјалната реформа од 2019 година, која обезбедила пораст на гарантираната минимална помош за 300 проценти, детски и образовен додаток, државна социјална пензија, им било овозможено на ранливите категории на граѓани полесно да ја пребродат пандемијата. Посочила дека со олеснетиот пристап во системот на социјална заштита опфатени се дополнителни 8.500 домаќинства, со што преку ГМП се обезбедени вкупно 36.200 домаќинства, од кои 20 проценти се ромски домаќинства.

На маргините на конференцијата, Шахпаска имала средби и со генералната секретарка на Советот на Европа, Марија Пејчиновиќ Буриќ, со директорката на Директоратот за демократија Снежана Самарџиќ Марковиќ, како и со секретарката на Венецијанската комисија, Симона Граната Менгини. /МИА

Чола „тежи“ 25 милиони евра, a носи часовник вреден 2.000 евра

Според познатиот американски сајт „Celebritynetworth“, Здравко Чолиќ е еден од најбогатите пејачи на Балканот. Според податоците од 2021 година, неговото богатство се проценува на 25 милиони евра.

Иако има толку милиони, Чола отсекогаш бил скромен, а сега тоа го докажа уште еднаш - со изборот на својот часовник. Така, пејачот на зглобот носи часовник вреден „само“ 2.000 евра . Како што стои на Инстаграм профилот „Sat na ruci“, се работи за часовник од брендот „TAG Heuer Carrera“ со челично куќиште и функција хронограф.

Здравко отсекогаш нагласувал дека финансиите отсекогаш му биле слаба страна, иако по професија е економист.

- Човекот не може да го смени темпераментот, не мислам на начинот на трошење и начинот на живеење, но тоа ми беше малку претерано и така е и денес - изјави тогаш Здравко.

Тој откри на што најмногу ги трошел хонорарите.

- Никогаш не сме имале толку високи хонорари. Патувањето и гардеробата беа фетиш во седумдесеттите и осумдесеттите. Никогаш немав големи материјални желби. Моето беше да одам некаде, на море или да направам некоја забава и да потрошам таму, но никогаш немав желба да купам часовник. Не страдав од тоа – скромно вели пејчачот.

Извор: Аваз

Најчестите знаци на прекумерно внесување шеќер

Внесувањето шеќер во големи количини е штетно за човековото тело и тоа ја зголемува опасноста од дијабетес и многу други болести. 

Дополнителен проблем е што шеќерот се наоѓа и во намирници коишто не се благи, па затоа е важно да се внимава на составот на секојдневните хранливи производи. Нутриционистката Брук Алперт и лекарката Ребека Казин предупредуваат на најчестите знаци на прекумерно внесување шеќер коишто ги испраќа самото тело.

Постојано копнеење за слатки

Шеќерот предизвикува зависност. Ова е затоа што сензорите за вкус се адаптирале на благото и на тој човек му треба сѐ повеќе благо, за да го добиете истиот вкус, но и истото задоволство како и првиот пат, слично како дрога. Поради сѐ тоа, докторите советуваат навремена контрола на внесувањето шеќер.

- Со тоа што јадете многу шеќер, предизвикувате хормонален одговор во Вашето тело што е како бран. Ве крева, а потоа Ве треснува од земја, и тоа го поттикнува Вашето тело да бара повеќе шеќер, појаснува Алперт.

Промени во расположението

Премногу внесен шеќер може да значи моментна „еуфорија“. И обратно... Падот на шеќерот во крвта може да предизвика пад и во расположението и поголема нервоза и вознемиреност.

Тромавост

Откако шеќерот ќе го предизвика почетниот скок на енергијата, тој предизвикува и пад. Енергијата е најстабилна кога шеќерот во крвта е стабилен, така што кога се консумира премногу шеќер, има и падови во енергијата. Премногу шеќер честопати значи и недоволен внос на протеини и влакна.

Пукање на кожата

Д-р Ребека Казин смета дека некои луѓе се чувствителни на напливи на инсулин поради прекумерно внесување на шеќер. Тоа може да предизвика нарушување на хормоните, што води, на пр., до сува кожа, ранички, акни и сл.

Дебелеење

Вишокот шеќер значи - вишок калории, а во недостиг на протеини или влакна, шеќерот нема никаква хранлива вредност. Сѐ тоа, заедно со ослободувањето инсулин, ја покачува телесната тежина, но и ја зголемува опасноста од појава на дијабетес.

Кога се јаде премногу шеќер, на телото „му се кажува“ да лачи повеќе инсулин, а подоцна, тоа прекумерно лачење може да доведе до отпорност кон инсулин. Отпорноста пак, значи дека телото нема да може правилно да реагира на нормални количини инсулин и правилно да го користи шеќерот.

Премногу кариес

Кога бактериите ги разјадуваат честичките храна меѓу забите, се создава киселина што постепено предизвикува расипување на забите. Плунката сама по себе одржува здрава рамнотежа на бактерии, но шеќерот може да влијае на пе-ха вредноста и да го наруши тој природен сооднос. Неправилното размножување на бактериите, всушност, води кон расипување на забите и кариес.

Мозочна магла

Деконцентрацијата што обично се јавува после оброк е симптом на низок шеќер во крвта. Кога се јаде многу благо, пак, нивото шеќер во крвта се зголемува и опаѓа, наименично и брзо. Тоа, според стручњаците, ја зголемува расеаноста, и укажува на задолжителна контрола на внесот на шеќер.

Ништо не е така слатко како порано

Премногу шеќер предизвикува сензорите за вкус да се навикнат на слатките вкусови, па затоа човекот бара сѐ повеќе шеќер за да ја задоволи својата глад за слатко. Меѓутоа, тука се препорачува свесно намалување на благото и самоконтрола. На тој начин, по извесно време, телото повторно ќе се навикне и ќе се задоволува со малку шеќер. /МИА

Борел повтори дека Рафа не смее да биде нападнат

Го повика Израел да се вклучи во мировниот процес.

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел денеска изјави дека партнерите на Израел и соседните земји имаат заеднички став дека градот Рафа на југот од Појасот Газа не смее да биде нападнат и ја повика израелската влада конструктивно да се вклучи во политичкиот мировен процес.

Борел на Х напиша дека меѓународната заедница, исто така, едногласно бара итно ослободување на сите заложници кои ги држи Хамас во Појасот Газа.

Тој истакна дека Израел не може да го уништи Хамас по цена на убиени илјадници палестински цивили и оти понатамошното раселување на повеќе од милион ранливи Палестинци би било „погубно“.

- Ја повикуваме владата на Израел да ги послуша повиците на меѓународната заедница и конструктивно да се вклучи во политичкиот мировен процес, наведе Борел. /МИА

притисни ентер