Седум нови случаи со Ковид-19 и седум оздравени во кумановско

Центарот за јавно здравје во Куманово во последниве 24 часа евидентира седум новозаболени лица од Ковид – 19, соопштија денеска надлежните од јавната здравствена установа. 

Од нив, пет се од Куманово, а две лица се од липковските села. Регистрирани се и седум оздравени пациенти.

– Има и нов кластер, а има и заболени кои имале контакти со веќе потврдени случаи, изјави директорот на Центарот за јавно здравје во Куманово, Ариф Љатифи.

Извршени се 61 тестирање од кои 22 по „МојТермин", а останатите 39 се по епидемиолошки индикации./МИА

Од понеделник учениците на еднонеделен пролетен распуст

За учениците од основните и средните училишта денеска е последен учебен ден по што ќе следува пролетниот распуст кој за прв пат се воведува годинава.

Од понеделник започнува пролетниот распуст за учениците од основните и средните училишта, кој ќе трае до 6 мај. Ден потоа на 7 мај учениците во чии училишта ќе се гласа се враќаат на настава, но со скратени часови и работно време до 11 часот. На 8 мај на денот на изборите училиштата нема да работат.

За прв пат годинава има промена и во календарот за настава, со што учебната година за основците, наместо на 10 ќе заврши на 17 јуни. Причина за ова е да се исполни годишниот фонт од 180 часови. Средношколците пак на летен распуст ќе одат на 10ти јуни…

Директорите на училиштата ја подржуваат ваквата одлука. Велат дека навремено биле известени за промената и се подготвени за реализација на распустот.

-Генерално сметавме дека е добар потег, бидејќи ова второ полугодие имаме малку денови неработни, па пролетниов заедно со Велигден и со мај ни дојде како споено, така да позитивни се до некаде реакциите.-Фоника Станоева - директор на ООУ Љубен Лапе – Аеродром.

За разлика од раководствата на училиштата, граѓаните со скепса гледаат на промената.

-Доволно е зимски распуст и летен распуст, а пролетен распуст мислам дека нема потреба. Се нарушува наставата и така не се добро опремени со книги со такви работи немаат за учење и сега плус и со наставата.

-Не е добра идеја. Сега можеби е добра затоа што има празници инаку пролетен распуст воопшто не го одобрувам. Кога децата ќе навлезат во учењето ние им даваме одмори, само што се навлезени во учење тогаш се оценките, тогаш се писмени работи.

Дополнително од МОН ги задолжија директорите на училиштата да организираат обработка на наставата од двата изборни дена и неработниот ден од Советот на министри на ОБСЕ, преку подолг престој на учениците во училиштата во денови од работната недела, а во рамки на шестчасовното работно време на наставниците.

САД соопштија дека уништиле беспилотни летала на Хутите

Војската на САД денеска соопшти дека коалициските сили „ангажирале и уништиле“ два беспилотни летала во деловите на Јемен контролирани од Хутите, откако бунтовниците поддржани од Иран лансирале балистичка ракета во Аденскиот Залив.

Противбродскиот проектил лансиран вчера не предизвикал повреди или оштетувања, се вели во соопштението на американската Централна команда (CENTCOM).

Неколку часа подоцна, американската војска „успешно ангажираше и уништи еден брод без екипаж и едно беспилотно летало во областите во Јемен контролирани од Хутите, соопшти командата.

Бунтовниците од ноември извршија десетици ракетни и беспилотни напади насочени кон бродовите, велејќи дека тие дејствуваат во знак на солидарност со Палестинците за време на војната меѓу Израел и Хамас во Газа. /МИА

Блинкен: Студентските протести во САД се дел од демократијата

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска изјави дека студентските протести во САД поради ситуацијата на Блискиот Исток се дел од „демократијата“.

„Белег на нашата демократија е тоа што нашите граѓани во секое време го изразуваат своето мислење, загриженост, гнев“, изјави Блинкен за новинарите за време на посетата на Кина.

Студентските протести во САД почнаа на Универзитетот Колумбија во Њујорк.

Некои од престижните универзитети, како Харвард, Јеил и Принстон, се приклучија на студентското движење и демонстрации. /МИА

притисни ентер