Седница на највисокиот орган на СДСМ за најавените кадровски промени

Во седиштето на Бихаќка денеска попладне се очекува седница на Централниот одбор на СДСМ.

На седницата треба да стане збор за кадровските промени во партиските редови, но и во извршната власт што ги најави премиерот и лидер на партијата Зоран Заев меѓу двата круга од претседателските избори.

Еден од првите потези на Заев во рамки на т.н. операција „метла", беше смената на претседателите на 78 општински организации на СДСМ, а за почетокот на јуни најави дека ќе следат смените во општествениот сектор, односно во јавните претпријатија, министерствата, Владата и сите владини институции.

Во врска со најавените промени во извршната власт, Заев на почетокот од оваа недела на „Илинденска" бр.2, имаше средба со коалицисикиот партнер – лидерот на ДУИ Али Ахмети на која е договорено да се спроведат прво консултации во двете политички партии, а за следната недела најави нивна нова средба.

-Целта на овие иницијативи е обезбедување кадровски решенија за зајакнување на капацитетите на институциите, во насока на исполнување подобри резултати на економски план и исполнување на очекувањата на граѓаните, соопштија од Владата.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во изјава за медиуми рече дека остануваат на барањето за проверка на пратениците и функционерите кои вршат јавна дејност и дека барал совети за примена на ветингот, со што ќе се спречат нападите кон функционерите и ширењето лажни вести.

Според пратеникот од ДУИ Артан Груби, ветингот што ДУИ го предлага, нема врска со метлата на Заев. Партијата планира да има двоен ветинг, еден партиски со кој ќе се проверуваат кандидатите за членство во ДУИ, и еден институционален.

– Било да е пратеник, министер, директор или кој било треба да биде проверен пред да се именува. Да се гарантира дека човекот кој ќе го изгласаме во Собранието е кристално чиста личност без дамка во кариерат, изјави Груби.

Во коментар на неговата изјава Заев рече дека сите коалициски партнери имаат право да даваат свои коментари, но и да знаат што ќе се случи со реконструкцијата на Владата.

– Јас сум мандатар, тие можат да гласаат во Парламентот или не кога ќе ги дадам предлозите за промени во Парламентот. Артан Груби е пратеник во Парламентот. Тој и неговата пратеничка група од ДУИ ќе се изјаснат за решенијата. Затоа имав средба со лидерот на нивната политичка партија, ДУИ , за да знаат навремено кои чекори ќе ги преземам, согласно тоа да си донесат одлуки, да се разговара во партијата и сл., рече Заев, одбивајќи да лицитира со имиња.

На трибина по првиот круг од претседателските избори на 21-ви минатиот месец Заев обраќајќи се на поддржувачите кои останале дома и се незадоволни од власта најави дека ќе има „чистка" на функционери на локално и на централно ниво, а актерот Драган Спасов – Дац му подари метла. Главни критериуми за „метлата", според Заев, ќе бидат ароганцијата, неисполнувањето на очекувањата, неагилниот однос и непотизмот. По неговата најава поголемиот дел од министрите од СДСМ оценија дека ќе ја почитуваат одлуката ако бидат дел од смените во Владата, а дел од министрите од ДУИ изјавија дека работат според програмата, а за кадровските смени одлучува лидерот Ахмети. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ во неколку наврати упати критики до Заев за целиот процес со порака дека „метлата" треба да почне од него. /МИА

Ибрахимовиќ: Тешко ми беше да се откажам од фудбалот поради моето его

Поранешниот напаѓач Златан Ибрахимовиќ зборуваше за подкастот на „АБТалкс“ каде што разговараше за неговото пензионирање од фудбалот, неговото враќање во Милан како главен советник на сопственикот на клубот и за смртта на неговиот агент Мино Раиола.

-Добро сум, така ме третира животот. Секако, се повлеков од фудбалот пред повеќе од осум месеци, така што мојот живот сега е поинаков. Прифатив да се откажам од фудбалот, што беше тешка работа поради моето его и начинот на кој се доживував себеси. Мислам дека сум најдобар и сè уште сум таков. Можев да продолжам, но решив да престанам. Зошто? Сакам само добар живот за моето семејство. Сакав да правам работи со моите синови, а пред тоа не беше можно бидејќи имав проблеми со едното колено. Така го прифатив тоа и дојде момент кога си реков: „Во ред е, откажи се и отвори ново поглавје од твојот живот, вели популарниот Ибра.

Потоа, неколку месеци подоцна, го запознава Гери Кардинале, кој го надгледува фондот „РедБрд“ што го купи Милан.

-Ми даде понуда што не можев да ја одбијам. Така почнав да работам со Милан, откако бев во клубот три-четири месеци. Добро се однесуваат со мене таму, морам да признаам. Кога почина мојот агент Мино Раиола, тоа беше голем удар за мене. Многу плачев. Сè уште не е исчезнато чувството, бидејќи спомените постојано ми се враќаат. Скршен сум затоа што многу ми недостига. Секој што го познава знае колку бевме блиски. Да можам би му напишал: „Ми недостигаш“, сподели Ибрахимовиќ. /МИА

Почесна Златна палма за Мерил Стрип на Канскиот филмски фестивал

 Познатата американска актерка Мерил Стрип (74) ќе добие почесна Златна палма за време на церемонијата на отворањето на овогодишниот Меѓународен филмски фестивал во Кан на 14 мај, соопштија денеска организаторите.

Холивудската актерка со рекордни 21 номинација за престижниот Оскар само еднаш била на Канскиот фестивал. Тоа беше пред 35 години кога филмот „Плач во темнината“ во кој играше, доби една од наградите на Канскиот фестивал.

Мерил Стрип освои три Оскари за улогите во филмовите „Крамер против Крамер“ (1980), „Изборот на Софија“ (1983) и „Челичната дама“ во 2012 година.

Актерката се прослави во филмовите „Лов на елени“, „Жената на францускиот поручник“, „Мојата Африка“, „Мостовите на округот Медисон“, „Сомнеж“ и „Заљубување“.

Почесна Златна палма годинава ќе добијат креаторот на серијата „Војна на ѕвездите“, Џорџ Лукас и колективно Студио Гибли на јапонскиот режисер за анимација Хајао Мијазаки.

Канскиот фестивал ќе се одржи од 14 до 25 мај, а за Златната палма се натпреваруваат повеќе од 20 филмови, меѓу кои и новиот филм на Френсис Форд Копола „Мегалополис“. /МИА

ФА го суспендираше Тонали на два месеци

Сандро Тонали беше суспендиран од фудбалот на два месеци. Нему му пресуди Независната регулаторна комисија откако призна дека учествувал во забрането обложување.

Покрај тоа, тој е казнет со 20.000 фунти и предупреден за понатамошно однесување.

Суспензијата е таква што Тонали нема да може да се врати на терените до крајот на сезоната, до кога ќе истече десетмесечната казна што му ја изрече Италијанската фудбалска федерација на 27 октомври 2023 година.

Доколку не го повтори истиот прекршок до крајот на сезоната, нема да мора да ја одлежи оваа двомесечна суспензија.

Фудбалскиот сојуз и Регулаторната комисија оценија дека Тонали соработувал и признал се за што е обвинет „на исклучителен и досега неевидентиран начин“.

Тонали целосно ги признал сите свои прекршоци, а тоа го направил во ситуација кога доказите практично не постоеле.

Тој продолжува да оди на терапија и едукативни програми на кои е должен да присуствува со целосна поддршка од клубот и продолжува да тренира со екипата./МИА

притисни ентер