Се зголемува ДДВ од 5 на 10 % на прехранбените производи што не се сметаат за основни

Не 4 илјади туку околу 1 500 производи ќе се продаваат со повисоко ДДВ, најави премиерот Ковачевски. 

Вели дека листата производи за кои е предвидено данокот да се зголеми од 5 на 10%, веќе е доставена до стопанските комори на увид, а во наредните денови ќе се најде и на веб сајтот на министерството за финансии, па ќе може да ја види целата јавност. Откако првиот финансиер Бесими исчита некои производи како брашно од соја, гумени бонбони, тропско овошје, перки од ајкула...и премиерот наведе неколку, како посебни сорти сирења кои доаѓат од Италија и Франција.

„Со оглед на тоа дека голем број на производи кои што се од луксузен карактер беа ставени со даночна стапка од пет проценти, како на пример најскапи видови морска храна, одредени видови скапи сирења кои што се носат од Франција, од Италија, и тн, се одлучи дека треба да се прошири даночната база. Односно, тие производи да не бидат на повластена стапка од пет проценти, туку на десет проценти, што е повторно повластена даночна стапка бидејќи основната стапка на ДДВ кај нас е 18%.“ кажа Димитар Ковачевски, претседател на влада.

Коморите пак тврдат дека листата се уште не ја добиле. Од ССК велат дека се загрижени кои производи ќе се најдат на листата, бидејќи за нив тоа ќе значи и зголемени трошоци, а за граѓаните и повисоки цени. Апелирааат, листата што поскоро да им биде доставена.

„Апсолутно дека има загриженост, сакаме тие информации да ги споделиме со нашите членки, и тоа многу ќе влијае на нашето функционирање, за да го видиме тоа зголемување на даноците, тоа ќе рефлектира во трошоците а секако и во однос на менување на некои цени. Многу сме заинтересирани за оваа тема и еве апелирам да ги добиеме тие списоци што поскоро за да видиме кои производи ќе имаат повисоко ДДВ.“ кажа Горан Ѓорѓиевски, ССК.

Во собранието е последен ден за амандманска расправа за даночната измена. Пратениците само, дадоа зелено светло пелетите, печките и котлите на пелети да останат со повластена стапка од 5 отсто. Со измените во ДДВ-то, се предвидува и од 18 на 5% да се намали данокот за менструалните производи како и дигиталните учебници.

Следни за расправа ќе бидат измените во данокот за добивка, а потоа даночната реформа и Солидарниот данок ќе се најдат на пленарка, кога ќе биде и официјалното гласање.

За солидарниот данок против се крена целиот бизнис сектор, а најавија и дека ќе го оспорат пред Уставниот суд.

Украинската војска почна да ги користи американските тенкови „Абрамс“ (ВИДЕО)

Украинците објавија снимка од американскиот тенк Абрамс што пука кон руските позиции во близина на Авдијевка, град од кој украинските сили беа принудени да се повлечат.

Снимката од Абрамс во акција е објавена денеска од украинската 47-ма механизирана бригада, а била пренесена од украинското Министерство за одбрана.

На видеото се гледа како Абрамс со голема брзина се спушта по калливиот пат во источна Украина и пука со гранати.

„Додека окупаторите се обидуваат да откријат каде е Абрамс, тенкистите на 47 механизирана бригада повеќе од еден месец ги сечат Русите и нивната опрема“, се вели во соопштението на бригадата.

31 таков тенк ѝ беа донирани на Украина.

Храбра 67 годишна продавачка избрка крадец- го натепа со сукало (ВИДЕО)

Продавачка и сопственичка на продавница во центарот на Ираклион, на Крит, храбро му се спротивстави на вооружен криминалец и парите останаа во каса.

Необичната снимка е снимена на безбедносна камера, а грчките медиуми пренесуваат детали од драмата.

Продавницата се наоѓа на авенијата Калокаринос, а била цел на маскиран разбојник кој во раката носел голем остар предмет, како мачета.

Неименуваната жена (67) прво се помести, кога тој се заканил да ќе ги предаде парите, но потоа посегнала по сукалото и добро му ја „повлекла“ раката.

Таа го удрила неколку пати и почнала да вика, па тој морал да ја „свитка опашката“ и да побегне. Пред продавницата го чекал мотоцикл, пренесува Катимерини.

Сопругот на сопственичката истакнува дека таа работи 20 години во ноќна смена, а и претходно користела сукало за да се одбрани од криминалци.

Нејзината „одбранбена алатка“ секогаш виси до касата и е подготвена за употреба.

Нетанјаху со план за Газа: Израел ќе ги контролира сите територии и границата со Египет

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го претстави планот за Газа по војната, неговиот прв официјален предлог за повоена држава на палестинската територија со која моментално владее Хамас.

Според документот, презентиран вчера пред членовите на израелскиот безбедносен кабинет, Израел ќе ја задржи безбедносната контрола врз сите територии западно од реката Јордан, вклучително и окупираниот Западен Брег и Газа, области каде што Палестинците сакаат да создадат независна држава, објави Си-Ен-Ен.

Во наведените долгорочни цели, Нетанјаху го отфрла „едностраното признавање“ на палестинска држава.

Се наведува дека спогодбата со Палестинците може да се постигне само преку директни преговори меѓу двете страни, но не се наведува кој ќе ја претставува палестинската страна.

Во Газа, Нетанјаху ги истакнува демилитаризацијата и дерадикализацијата како цели што треба да се постигнат на среден рок. Не е разјаснето кога ќе започне таа меѓуфаза и колку ќе трае.

Сепак, реконструкцијата на Појасот Газа, чиј голем дел беше уништен од израелската офанзива, бара целосна демилитаризација.

Нетанјаху предлага Израел да одржи присуство на границата Газа-Египет на југот на енклавата и да соработува со Египет и Соединетите Држави во областа за да ги спречи обидите за шверц, вклучително и на преминот Рафа.

Со цел да се замени владеењето на Хамас во Газа додека се одржува јавниот ред, Нетанјаху предлага соработка со локални претставници „кои не се поврзани со терористички земји или групи и не ги поддржуваат финансиски“.

Тој повика и на затворање на агенцијата на ОН за палестински бегалци, УНРВА, која треба да биде заменета со други меѓународни хуманитарни групи.

„Документот на премиерот за принципите одразува широк јавен консензус за целите на војната и замена на владеењето на Хамас во Газа со цивилна алтернатива“, се вели во соопштението од кабинетот на премиерот.

Портпаролот на палестинскиот претседател Махмуд Абас, Набил Абу Рудеине, изјави дека предлогот на Нетанјаху е осуден на пропаст, како и сите израелски планови за промена на географската и демографската реалност на Газа.

„Ако светот е навистина заинтересиран за безбедноста и стабилноста во регионот, тој мора да стави крај на израелската окупација на палестинската земја и да признае независна палестинска држава со Ерусалим како главен град“, рече тој.

притисни ентер