Се вапцаа првите црвени, велигденски јајца, семејните традиции се одржуваат

 Првото вапцано јајце е Божјо, Божјарче. Се вапсува пред да изгрее сонцето и е посветено на Бога. Се чува преку целата година.

За здравје е и за бериќет, објаснува прилепчанката Надежда Белушаноска која пред изгрјсонце, изутрината, на величетврток не само што го вапса првото, туку ги вапса црвени трите први велигендски јајца: за бога да се чува преку целата година, за здравје, за домашните.

Прилепчанки не се откажуваат од традициите на велнедела, пред големиот празник, Христовото воскресение – Велигден. Домаќинките, членки на прилепското здружение „Преродба" кое 13 години, без исклучок, ги следи сите православни традиции и обичаи, ги објаснуваат сите адети врзани за велигденските празници.

– Првото, Божјо вапсано, црвено јајце, мене ми стои крај прозорецот. Да го осветлат првите сончеви зраци. Така било отсекогаш, ова сме го наследиле од мајките, бабите, предците. И убаво се чувствуваме, објаснува Белушаноска додека го вапсува првото, црвено, Велигенско јајце.

– Мене ми е најбитно да ги вапсам јајцата црвени. Како Исоусовата крв. Сега е модерно, па и одамна, да се шараат јајцата, во различни бои, но за мене, остана пресудно – главно, јајцата да бидат вапсани црвени. Да знаат моите внуци дека, во суштина, велигденските јајца се црвени, објаснува Белушаноска.

Но тоа не е сѐ. Радоста на вапсувањето на велигденските јајца ја чувствуваат и децата.

– Со црвеното велигденско јајце, на Величетврток се капат децата. Им се поминува со вапсаното јајце по лицето, низ челото, обравчињата, преку брадата, да се направи круг кога се капат и се изговара: „Црвено-бело, дебело, здраво и живо. И, сѐ така трипати, вели мајката за детето, за да и биде здраво и живо и црвено како велигденското јајце, дообјаснува Белушаноска.

Прилепчанки од здружението „Преродба" направија четврточна, предвелигденска атмосфера. Објаснија како се вапцуваат јајцата, но и сите обичаи во пресрет на Велигден.

Лилјана Ѓорѓиоска смета дека поддржувањето и пренесувањето на традиционалните обичаи на новите генерации е битно за очувување на опстанокот, на блискоста на овие простори.

– Откако сѐ ќе средиме со вапсувањето на велигденските јајца, одиме в црква, на вечерна литургија и се останува целата ноќ, при пречувувањето на Исус Христос. Во петокот е причесната. Исто, се оди на литургија, се провираме под плаштеницата, одиме на целивање. Носиме црвено јајце кое го оставаме в црква, а од свештениците добиваме цвеќе или зелено гранче, за радост и бериќет во домовите. И вечерта, во петокот се оди на вечерна црковна литургија. Се поминува трипати околу црквата. Во сабота се последните подготовки пред Велигден. Ноќта сме пред црква, во исчекување на Христовото воскресение, најрадосниот празник во христијанството, објаснува Ѓорѓиоска.

Во Прилеп и посебни велигденски традиици, што тешко може да се сретнат во другите градови. Прилепчанката Добринка Илиеска радосно сака да објасни.

– Децата, за Велигден, мора да добијат нешто ново. Кој колку има и колку може. Нова облека, нови чевлички, кој колку може. Сѐ е радост за најмладите. Особено е битно зашто на сам ден Велигден, в недела, со своите татковци, дедовци со велигденски украсени конички ќе прошетаат и ќе ги посетат роднините, пријателите, ќе добијат велигденско јајце и се разбира, ќе бидат дарувани со пари. Посебно е радосно за најмладите кои споредуваат кој колку повеќе велиденски јајца „собрал", насмеано објаснува Илиеска.

Помладите генерации сакаат да ги задржат традициите. И оние што се тука, дома, зашто Велигден е празник на семејството, и оние кои заминале во странство, а не се малку. Лилјана Горгиоска вели дека ќерката и е во Малта и уште пред една недела се интересира за вапсувањето јајца, за да ги почести блиските и пријателите, задржувајќи ги традициите и објаснувајќи им ги на новите пријатели во странство.

-Уште за католички Велигден, минатата недела, мојата ќерка побара да ѝ објаснам за вапсувањето јајца. Сега сака да ги почести пријателите, да им објасни за нашите традиции за Велигден. Можеби тие се зацврстуваат додека младите се во странство, сакајќи да ги одржат нишките што ги врзуваат за родниот крај. Јас така сакам да ја толкувам заинтересираноста да се одржат велигденските традиции и надвор од Македонија, објаснува Ѓорѓиеска.

Предвелигденската средба со прилепското здружение на жени „Преродба" кое сесрдно се труди да ги одржи традициите – обичаите за сите поголеми верски празници, обоена е со чувството дека силни се желбите да останат нитките што сите нас не поврсзуваат, каде и да сме, ја завршуваме со радосните празнични исчекувања. Останува желбата кај децата да го привлечат вниманието на радоста за Велигден и да се чувствуваат сигурни во кругот на семејството. А семејството, велат, етнолозите, сака да го задржи заедништвото кое во денешните времиња полека се „слизнува од рацете" оти и Велигден, како и Божик се семејни празници. Жените-домаќинки, мајки и баби, сесрдно се трудат да го одржат семејството заедно, без разлика каде и да е. Традиционалните обичаи ја одржуваат таа семејна целовитост./МИА

Анкета на ИРИ: Западен Балкан го губи трпението поради чекање за влез во ЕУ

Анкетата покажа дека 39 отсто од Босанците, 36 отсто од Црногорците и 31 отсто од Македонците поддржуваат недвосмислено прозападен курс.

Земјите од Западен Балкан се строго поделени меѓу Западот и Русија, а некогаш силната поддршка за пристапување во Европската Унија сега се намалува, покажува неодамнешната анкета на Меѓународниот републикански институт (ИРИ), пренесува Гласот на Америка на македонски јазик.

Резултатите од анкетата февруари-март, која истражувачката група со седиште во Вашингтон ја спроведе во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Македонија и Србија, доаѓаат во време кога регионот се соочува со обновени етнички тензии во услови на забавување на проширувањето на ЕУ и пораст на проруски чувства.

Анкетата покажа дека огромно мнозинство во Албанија и Косово сакаат нивните земји да следат недвосмислено проевропска унија и прозападен курс, додека само 10 отсто од испитаниците во Србија го дале истиот одговор.

Мнозинството од анкетираните Срби посочија дека сакаат Србија или да ги задржи врските со Русија или да води проруска надворешна политика.

Анкетата покажа дека 39 отсто од Босанците, 36 отсто од Црногорците и 31 отсто од Македонците поддржуваат недвосмислено прозападен курс.

„Генерално, прозападниот тренд во регионот е силен, со неколку забележителни исклучоци“, изјави Пол Мекарти, директор на Меѓународниот републикански институт за Европа, за Гласот на Америка.

„Србија оди спротивно од другите пет земји во регионот; таа е повеќе проруска, го обвинува Западот за конфликтот во Украина, има многу низок рејтинг за приклучување кон Европската Унија“.

Мекарти рече дека прозападните тенденции се омекнати и во Црна Гора и Македонија, и покрај тоа што станаа членки на НАТО, како и во Босна, каде Турција ги замени САД како клучен сојузник на босанските муслимани.

И Србите се против членството во НАТО: само 3 отсто од испитаниците во Србија рекоа дека го поддржуваат.

„Луѓето го губат трпението со чекањето за влез во Европската Унија. Дел од ова се објаснува и со фактот дека Украина е поканета и други земји, додека во повеќето случаи земјите од Западен Балкан чекаат повеќе од две децении во редот за влез во Европската Унија“, рече Мекарти.

„Поддршката за пристапувањето во ЕУ почнува да омекнува во оние земји каде што беше многу, многу силна“.

Сепак, анкетата на ИРИ покажа дека, со исклучок на Србија, големо мнозинство во петте балкански земји сепак ќе гласаат за пристапување во ЕУ.

Во Србија, 40 отсто од испитаниците во анкетата рекле дека ќе гласаат за членство во ЕУ, додека 34 отсто би гласале против, а 17 отсто нема да гласаат.

Мекарти рече дека анти-ЕУ ставот во Србија ја поттикнува нејзината влада, која ги користи медиумите за да ги охрабри луѓето да ги напуштат надежите за членство во ЕУ и „да ги нагласи односите со странските авторитарни актери како Русија и Кина“.

Геополитичките поделби на Западен Балкан беа очигледни и во анкетата за ставовите на испитаниците кон руската инвазија на Украина.

Анкетата покажа дека 43 отсто од Србите, 27 отсто од Македонците и 25 отсто од Црногорците го обвинуваат Западот за војната меѓу Русија и Украина.

Мнозинството од испитаниците во Албанија, Косово, Црна Гора и Македонија рекоа дека акциите на Русија во Украина се „донекаде“ или „целосно“ неоправдани, став што го делат 37 отсто од испитаниците во Србија.

Кој се смета за сојузник, а кој за непријател?

Долгогодишните несогласувања и етнички спорови продолжуваат да фрлаат сенка врз Западен Балкан повеќе од три децении откако распадот на Југославија доведе до крвави војни.

Осумдесет и три отсто од Косовците ја гледаат Србија, која ја отфрла независноста на Косово, како закана, додека 68 отсто од Албанците во Албанија ги сметаат Србија и Русија како главна опасност за нивната земја.

Мнозинството во Косово и Албанија ги гледаат САД, кои се заслужни за водењето на 78-дневната интервенција на НАТО во 1998-1999 година за да се запре етничкото чистење на Србија на албанското мнозинство во Косово, како клучен сојузник на нивните земји.

Во Босна, Турција се смета за најголем сојузник, а Србија како најголема закана, додека 34 отсто од Македонците ја гледаат Србија како свој главен сојузник, додека Бугарија, која го блокираше пристапот на Македонија во ЕУ, ја гледаат како нивен главен непријател.

Во Црна Гора, 32 отсто од испитаниците во анкетата на ИРИ ја навеле Србија како најважен сојузник на нивната земја, додека 19 отсто ги навеле САД како најголема закана.

Во Србија, 36 отсто од испитаниците ги навеле САД како главна закана на земјата и Русија како нејзин клучен сојузник. /МИА

Се помалку украински бегалци сакаат да се вратат во земјата

 26,2 отсто од украинските бегалци се убедени дека ќе се вратат дома, а уште 26,3 отсто веројатно планираат да го сторат тоа.

Повеќе од половина од украинските бегалци во странство и натаму планираат да се вратат во Украина, иако нивниот удел е намален за повеќе од 20 отсто во споредба со минатата година, покажа истражувањето на агенцијата за истражување на јавното мислење „Инфо Сапиенс“.

Така, 26,2 отсто од украинските бегалци се убедени дека ќе се вратат дома, а уште 26,3 отсто веројатно планираат да го сторат тоа, објави Униан. Меѓу нив, 61 отсто планираат да се преселат во Украина по завршувањето на војната.

За споредба, во ноември 2022 година, истражувањето покажа дека 49,7 отсто од украинските бегалци дефинитивно планираат да се вратат дома. Од нив 24,3 отсто се изјасниле дека планираат да го сторат тоа. Уделот на возрасните кои планираат да се вратат дома е поголем.

Кај децата овој процент е помал, 22 отсто од нив дефинитивно сакаат да се вратат, а 25 отсто веројатно сакаат. Повеќето од оние кои сакаат да се вратат се деца на возраст од 6 до 14 години и оние кои учат во украински училишта. Во исто време, расте бројот на Украинци кои претпочитаат да живеат во странство отколку во Украина.

Очекувано, подолгиот престој во странство е проследен со високо ниво на адаптација кон новиот живот. /MИА

Работно време на паркиралиштата на ЈП ПОЦ за Велигденските празници

Паркирањето во Општина Центар за време на Велигденските празници ќе биде без наплата за сите граѓани. 

Утре, во недела и понеделник, граѓаните ќе можат да паркираат без надомест на сите паркиралишта со кои стопанисува ЈП Паркинзи на Општина Центар.

Од ЈП ПОЦ појаснуваат дека согласно програмата за неработни денови за 2024 година на Министерството за труд и социјална политика, сабота е работен ден и следствено на тоа паркиралиштата со кои стопанисува ќе работат со вообичаено работно време.

Депото на „Пајак“ службата на ЈП ПОЦ ќе работи 24/7 за време на празниците.

Посочуваат дека редовната наплата за паркирање на паркиралиштата и издавање на договори во Дирекцијата на ЈП ПОЦ ќе продолжи во вторник со вообичаено работно време. /МИА

притисни ентер