Се отвора ли можност политички монтираните случаи да ја добијат правдата

Законското решение за преиспитување на факти и докази користени во судска постапка, според пратеникот Павле Трајанов кој е предлагач, би овозможило за најмалку 30 случаи да биде повторена постапката и сите докази и факти да бидат преиспитани.

Сите политички монтирани случаи каде е повредено начелото на презумција на невиност, користен заштитен (лажен) сведок, злоупотреба на системите за прислушкување и системот за распределба на судските предмети би можеле повторно да се најдат пред Суд, каде ќе бидат преиспитани сите докази, со можност да се презентираат и нови факти.

Законското решение за преиспитување на факти и докази користени во судска постапка, според пратеникот Павле Трајанов кој е предлагач, би овозможило за најмалку 30 случаи да биде повторена постапката и сите докази и факти да бидат преиспитани.

Граѓаните кои биле жртва на несоодветно судско постапување или осудени со фалсификувани докази, согласно предложените законски решенија ќе може да побараат од државните институции да им ги достават сите податоци и докази потребни за новата транспарентна судска постапка, на која секој доказ судот повторно ќе го анализира и проверува.

Сепак, со законот не се бара амнестија или помилување, туку фер судење и можност да дојдат до правда сите неосновано осудени лица, но и да се прекине политичкиот- полициско-обвинителски-судски синџир.

Случаите кои ги посочува Трајанов се „Шпион", „Агент", „Детонатор", „Змиско око 1", „Змиско око 2", „Метастаза", „Ликвидација", „Калдрма", „Ровер" и „Музеј на Македонија".

За неправилностите во судските предмети, како што е споменатиот „Музеј на Македонија" укажа и анализата на Транспаренси интернешнал од 2017 година, во кој поранешната судијка на Врховниот суд, Милка Ристова, како член на експертскиот совет, констатирала дека во целиот кривично-правен настан судот не располагал со докази со кои го товари осуденото лице, како и дека судот не дава образложение зошто лицето е во притвор, ниту пак зошто не се утврдува поблага казна.

Штетите од политички монтираните случаи не може да се измерат со никакви пари, тврди поранешен разузнавач Слободан Богоевски, кој и самиот е жртва на еден таков судски процес. Тој, во изјава по еден судски процес како сведок-оштетен, рече дека има докази дека во канцеларијата на директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање од претходната влада биле повикувани „еден по еден" судии и јавни обвинители.

Предлагачот Павле Трајанов за МИА ја појаснува предложената законска регулатива, за која очекува поддршка од пратениците, на кои им порачува, добро да размислат дали тие или некој од нивните блиски би можеле да се најде во таква ситуација и невино да лежат во затвор.

-Граѓаните протестираа под слоганот „нема правда, нема мир", поради кршење на основните човекови права и слободни (преку неовластено прислушкување), се формира Специјалното јавно обвинителство поради некредибилниот судски систем и согласно препораките на Прибе се јави потребата од реформи, но се појавија голем број монтирани и политички судски процеси, тогаш партиите од опозицијата, невладиниот сектор, бројни експерти и медиумите најавуваа реформи во судскиот систем и преиспитување на судски одлуки. Поминаа четири години, судскиот систем не е реформиран, а неосновано судените и натаму се без можност да дојдат до правда, вели Трајанов за МИА.

Поради сето ова одлучил да поднесе Предлог на закон за преиспитување на факти и докази во судска постапка, со основна идеја и цел да се создадат услови за фер судење преку повторување на постапката и можност „доказите" врз основа на кои се заснова судската одлука да се преиспитаат, да има фер судење и исправи неправдата.

-Во суштина осудените преку монтираните процеси да имаат можност за нивна рехабилитација. Со законот предлагам во сите случаи каде е повредено начелото на презумција на невиност, користен заштитен (лажен) сведок, злоупотреба на системите за прислушкување и системот за распределба на судските предмети да бидат преиспитани, со можност да се презентираат и нови докази и факти. Со законот не се бара амнестија или помилување, туку фер судење, појаснува Трајанов.

Според него има најмалку 30 случаи каде што треба да биде повторена постапката.

-Во Комитетот за заштита на правата членуваат над 300 осудени граѓани при што само Транспаренси интернешенал обработиле 12 случаи каде анализите покажале дека судски одлуки се носени врз основа на нерелевантни докази и дека има кршење на законите. Верувам дека најмалку за 30 случаи треба да биде повторена постапката и преиспитани доказите и фактите, како и кршење на законите, додава тој.

Согласно предложените законски решенија сите државни институции се должни да ги достават податоците и доказите кои ќе ги побараат странките, со информации и нови докази преку транспарентна постапка, а секој доказ судот ќе го анализира и проверува.

-Така веќе се знае дека се користени лажни сведоци (случајот Ликвидација), има неовластени прислушкувања или користени разговори и извлекувани сегменти надвор од целината на разговорот, Комисијата за проверка на АКМИС системот потврди дека истиот е злоупотребен за насочување на предмети кај подобни судии, фалсификување докази кои судот без проверка ги прифаќал итн. Само преку повторување на постапката е можна корекција на неправдата, истакнува Трајанов за МИА.

Поранешниот потсекретар на Службата за јавна безбедност, а подоцна и министер за внатрешни работи смета дека и поранешното Специјално јавно обвинителство – СЈО за кусо време станала коруптивна институција и со политички и бизнис влијанија.

– Предметите кои ги застапуваше најверојатно биле резултат на политички договор или фрлање магла во јавноста како во случајот „Шпион", каде наместо обнова на постапката СЈО побара ублажување на казните, а тој е еклатантен пример на монтиран полициско-политички процес. Во тоа време кружеа информации дека наводно биле здружена злосторничка организација која имала за цел да ја урнат тогашната власт, а во суштина голем број од нив не се ни познавале. СЈО ги презеде предметите за „Монструм" и „Сопот" и некои други, каде постапките се повторуваат врз основа на политички притисок и договор. Очекувано беше веќе да има кривична постапка за вистинските терористи кои на најсвиреп начин ликвидираа четири младинци и еден рибар кај Смилковско Езеро. Но, постапката се води против истите кои беа веќе осудени, од кои двајца се во бегство, нагласува Трајанов.

Како поранешен аналитичар и началник на сектор за анализирање и истражување на безбедносни појави при МВР Трајанов ја појаснува постапката преку која се „монтирале" таквите случаи.

-Постапката се одвивала врз основа на следниот начин. Државно-политичкиот врв ќе ја определи личноста/личностите, ќе се организира состанок на кој присуствуваат од политичкиот естаблишмент, полицијата (УБК) и обвинителството и започнува операцијата прво јавна бламажа со снимки од апсењето и нивно објавување, притвор задолжително за да не може да се подготви одбрана, заплена на имот, пресуда и во затвор на издржување на казната. Ќе ги посочам некои кои се веќе обработени и презентирани во јавноста – „Шпион", „Агент", „Детонатор", „Змиско око 1", „Змиско око 2", „Метастаза", „Ликвидација", „Калдрма", „Музеј на Македонија", „Ровер" и други, нагласува Трајанов.

Потенцира дека блокадата на реформите во судскиот систем спречија досега голем број од овие монтирани процеси да се обноват и да се утврди одговорноста на сите кои учествувале во овој ланец на монтирање на случаи од политички, одмазнички или бизнис мотиви.

-Ќе посочам еден пример како власта работела: успешна фирма за производство на сувомеснати производи на барање на конкурентска фирма, лажно со фалсификат потврдува дека во производите е пронајдена опасна бактерија и фирмата е затворена, истакнува Трајанов.

Тој на пратениците кои треба да гласаат „за" или „против" законот им порачува добро да размислат дали некој од нив или некој од нивните блиски нема да се најде во таква ситуација и невино да лежи затвор.

Жртва на монтиран процес

Екс разузнавачот Слободан Богоевски, кој е сведок-оштетен во случајот за нелегално прислушуваните разговори кои ги обзнани сега владејачката СДСМ „Таргет-Тврдина", по едно рочиште во септември годинава рече дека има докази за монтиран случај против него.

-Jас сум оштетен секако, не само јас туку и другите жртви, и штетите кои ги претрпеле не можат да се измерат со никакви пари. Имам докази за мојот предмет како Мијалков ги повикувал во канцеларија, седнете, прво обвинителите, државниот обвинител Марко Зврлевски, Јован Илиевски, па еден по еден судиите. Им вели ќе добиете притвор ако не донесеш ваква одлука. Тоа е последица од незаконитото следење на комуникациите. Ако некој ви покаже интимни разговори од фамилијата, вие ќе се плашите, истакна тогаш Богоевски.

За материјалните докази што ги обезбедил, Богоевски, рече дека се од вработени во УБК, каде и тој има работено.

Комитетот за заштита на правата – здружение на судени во монтирани процеси

Оштетените граѓани, кои формално се здружија во Комитетот за заштита на правата брои над 300 осудени лица, а со предложеното законско решение велат дека нема да се задира во правосудниот сектор, туку ќе им се даде шанса и можност на засегнатите да ги приберат според нив неопходните докази за фер и правично судење.

Од Комитетот, информираат дека во декември 2019 година до Собранието доставиле Предлог Резолуција која била разгледана од Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот и од Законодавно-правната комисија, но Собранието во продолженијата на 126-та седница, не успела да ја донесе и на 16 февруари 2019 година дојде до неговото најавено, предвремено распуштање. Сега од страна на пратениците во Собранието, предложената Резолуцијата повторно е иницирана да се стави на дневниот ред, односно да продолжи постапката таму каде што застана.

Со повторувањето на политички мотивирани случаи, Комитетот смета дека жртвите ќе имаат можност да ја докажат својата невиност и повторно да се воспостави претходната положба на осуденото лице како рамноправен граѓанин, ќе се возобноват одземените права, а со тоа ќе се врати и честа и угледот на граѓанинот.

Комитетот детектира повеќе повреди на постапките, меѓу кои сурово и понижувачко постапување со осомничените при апсењето и истражната постапка, прекршена презумцијата на невиност преку јавно објавување на снимките од апсењата и креирање медиумска хајка со цел да се влијае на јавното мнение, користење незаконски прислушувани материјали, незаконски определени посебни истражни мерки, лажни заштитени сведоци како круцијален или единствен доказ во постапката, изигрување или злоупотреба на АКМИС системот за автоматска распределба на судските предмети./МИА.

Ева Лонгорија блесна на црвениот тепих во Кан, облечена во фустан со бисери

Актерката Ева Лонгорија блесна на црвениот тепих на Канскиот филмски фестивал. Лонгорија присуствуваше на премиерата на „Kinds Of Kindness“, со Ема Стоун и Џо Алвин во главните улоги.

Таа носеше блескав фустан со бисери и кристали создаден од модниот дизајнер Ели Сааб. Голиот грб и деколтето го истакна со фустанот. Заедно со оваа модна комбинација, Лонгорија реши да ја обликува косата во светли бранови. Таа со својот изглед ги привлече сите погледи и внимание на фотографите.

Лонгорија на премиерата на филмот „Kinds of Kindness“ пристигна во друштво на нејзината колешка, актерката Ајшварија Раи Бачан, која исто така воодушеви од модната комбинација.

Ева привремено се сели во Шпанија со нејзиниот сопруг Хозе Бастон и синот Сантијаго, неодамна објави „ Page Six“.

„Таа ќе поминува многу време таму бидејќи има проекти за целата втора половина од годината“, изјави извор за „Page Six“.

Ева има шпанско државјанство и куќа во Марбела. Нејзиниот сопруг и таа купија викендица таму на почетокот на 2023 година. „Тоа е мојата оаза, мојот рај“, изјави актерката за време на интервјуто за „Hello!“ во јануари 2024.

„Кога не сум тука, работам без престан“, додаде таа.

Извор: Индекс.хр

Ројс го постигна својот 100-ти гол за Борусија на домашен терен во неговиот последен настап

Фудбалерот од средниот ред на Борусија, Марко Ројс постигна гол на денешниот натпревар од 34. коло од Бундеслигата со Дармштад, кој се играше на стадионот „Сигнал Идуна Парк“ во Дортмунд.

Триесет и четиригодишниот фудбалер упати прецизен удар во противничкиот гол во 38. минута од натпреварот. Ова е негов јубилеен, 100. гол на домашните натпревари на Борусија.

Ројс имаше и асистенција на овој натпревар.

Германскиот играч за врска го одигра последниот натпревар со Борусија во Бундеслигата. Тој ќе го напушти тимот како слободен играч во јули. /МИА

Баер го победи Аугсбург и ја заврши сезоната во Бундеслигата без пораз

Баер попладнево оствари домашна победа над Аугсбург (2:1) во натпреварот од 34. коло на германскиот фудбалски шампионат.

За домаќините погодија Виктор Бонифас и Роберт Андрич, голот за Аугсбург беше дело на Мерт Комура.

Избраниците на Чаби Алонсо, кои рано станаа германски шампиони, Бундеслигата ја завршија непоразени, освојувајќи 90 бода. Серијата без пораз на Леверкузен во сите натпреварувања достигна 51 натпревар.

Аугсбург заврши 11-ти со 39 бодови./МИА

притисни ентер