СДСМ: Платите во здравството растат, покажавме вистинска грижа за граѓаните

Во изминатите 2 години, Владата предводена од СДСМ преку конкретни мерки и политики покажа што значи вистинска грижа за пациентите, за здравствените работници, што значи посветена работа за подобрување на условите во јавните здравствени установи.

Од први октомври, се решава деценискиот проблем со недостиг на лекови. Веќе од следниот месец, со укинувањето на квотите за аптеките, лековите стануваат достапни во кој било ден од месецот.

Воведени се три нови инсулини. Дијабетичарите сега имаат обезбедени лекови со сертификат за квалитет, а до пред 2 години, тие добиваа лекови без сертификат за квалитет и без никаков ефект.

Воведовме 5 нови лекови за лицата со ретки болести и зголемен е буџетот за оваа намена.

Со воведување задолжителен шест месечен платен стаж за младите лекари во висина од просечна плата на општ лекар, за првпат, приватните специјализанти се платени за својот труд во висина од просечна плата на општ лекар.

Посветено работиме на унапредување на условите за работа на здравствените работници.

Постојано ја покачуваме платата на здравствените работници. Најпрвин во септември 2018 година, 19.123 вработени во Јавните здравствени установи добија покачување од 5 отсто.

Во јануари годинава за 10 отсто се покачени платите на докторите специјалисти, за 5 отсто на медицинските сестри, и за 8 отсто на медицинските сестри кои работат во Клиничкиот центар.

Од овој месец следува дополнително зголемување за 5 отсто.

Од први октомври се зголемува и капитацијата на матичните лекари, која пред повеќе од 10 години беше намалена и никогаш не беше достигнато нивото коешто беше претходно.

Покрај зголемувањата на платите, зголемени се коефициентите за исплата на дежурства, ноќен труд и дополнителна работа на здравствените работници.

Донесен е и нов Закон за прекинување на бременоста, со кој волјата на жената ја ставаме на прво место.

Започната е постапката за изградба на нов Клинички центар. 11 години ВМРО-ДПМНЕ ги лажеше граѓаните со нов, модерен Клинички центар, а денес тој станува реалност и најголема гринфилд инвестиција во здравството.

Ова се само дел од реформите во здравството што обезбедуваат поголема грижа за пациентите, подобри услови за работа на лекарите и унапредување на здравствениот систем.

Продолжуваме со реализација на мерките што се во интерес на граѓаните, на лекарите и на здравствениот систем.

Центар за комуникации со јавноста на СДСМ

Атлетик го продолжи договорот со Ернесто Валверде

Тренерот на Атлетик Билбао, Ернесто Валверде, го продолжи договорот со тимот, објави официјалниот сајт на баскискиот клуб.

Новиот договор со 60-годишниот фудбалски стручњак е со важност до летото 2025 година.

Валверде е на чело на Атлетик од јули 2022 година. Тој претходно во текот на својата тренерска кариера двапати работеше со тимот.

Атлетик по 36 кола се наоѓа на петтото место во шпанската Ла Лига со 62 бода. /МИА

Герасимовски: Булингот носи сериозни последици, само ако делуваме заедно може да го спречиме

Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски од Градскиот парк испраќа порака дека врсничкото насилство булингот може да има сериозни последици доколку не се превенира и спречи.

Денеска во Градскиот парк компанијата Макпетрол одржа музички хепенинг во рамки на кампањата Крени глас - Стоп за булинг каде учество зема и Општина Центар. Герасимовски оттаму порачува дека локалните самоуправи под чија надлежност се училиштата имаат одговорност да ги заштитат учениците од булинг.

-Врсничкото насилство е сериозен проблем кој најчесто започнува во основното образование и затоа ние како локални самоуправи имаме одговорност да ги преземеме сите мерки и активности за зголемување на безбедноста на децата. Секое игнорирање на меѓуврсничкото насилство може да остави трајни последици по личноста и семејството и согласно ова ние спроведовме бројни обуки за негово препознавање, превенирање и спречување, вели Герасимовски.

Општина Центар по приклучувањето на кампањата на Макпетрол веднаш спроведе низа работилници и обуки за наставниците и стручните соработници од училиштата за рано препознавање, превенција и спречување на булингот во основните училишта во општината. Обуките беа спроведени од еминентни универзитетски професори стручни во областа. Општина Центар по дојава на граѓани за врсничко насилство меѓу врсниците низ Дебар маало во соработка со МВР обезбеди зачестени полициски патроли и неколкупати заедно со родители и полициски службеници направи обиколка во Градскиот парк каде се собираат младите.

Градоначалникот Герасимовски потенцира дека во растењето и однесувањето на децата сите имаат одговорност.

-Воспитувањето доаѓа од дома, врсничкото насилство не смее да се игнорира. Затоа упатувам порака за отворена комуникација на родителите и стручните служби со децата бидејќи тоа е најдобриот начин да ги заштитиме. Да ги охрабриме децата да зборуваат, да зборуваме и ние, да реагираме и да ги заштитиме, порачува тој.

Општина Центар

Ако ЕЦБ ги намали каматите, тоа ќе се рефлектира и кај нас, но не со таа динамика како во ЕУ

 Неизвесно е што ќе се случува со каматните стапки. 

Ако Европската централна банка почне да ја намалува каматната стапка тоа ќе има ефект и кај нас, меѓутоа можеби не со таа динамика како во земјите од Европската унија, бидејќи ние имаме повисока стапка на инфлација од нив, сметаат експертите кои денеска присуствуваа на 29. Годишно собрание на АЦИ Македонија.

Едногласни се дека Народната банка ќе ја следи политиката на Европската централна банка, но состојбата се усложнува бидејќи не се знае што ќе се случува со американските федерални резерви, кои исто така имаат влијание на каматните стапки.

Според академик Таки Фики, Народната банка ја следи политиката што ја води Европската централна банка и оттука произлегува очекуваноста дека ако ЕЦБ ги намали каматите, ќе бидат намалени и каматните стапки во земјава.

- Знаете дека денарот е врзан со еврото, што значи на еден или друг начин го увезуваме кредибилитетот на Европската централна банка и политиката што ја води Европската централна банка ја следи нашата Народна банка. Податоците особено после 2013 година покажуваат дека има неверојатно совпаѓање, синхронизираност меѓу движењето на каматната стапка во Европската централна банка и кај нас, појаснува академик Фити.

Првиот човек на АЦИ Македонија Бојан Цветановски вели дека состојбата е неизвесна, но дека од она што се гледа последните денови, веќе се антиципира одредено намалување на каматните стапки и во САД, иако тоа најверојатно ќе биде од септември.

- Мислам дека нашата Народна банка ќе ја следи Европската централна банка, каде намалувањето од 25 основни поени се очекува во јуни, тоа е прв чекор, но претседателката Лагард кажа дека тоа не најавува ново темпо на намалување. Се ќе зависи од натамошните движења на инфлацијата и пред се на цените на пазарот на стоки, појјаснува Цветановски.

Економските очекувања во САД, според него, зависат и од тоа кој ќе го добие идниот претседателски мандат, а особено внимание треба да се посвети и на цената на нафтата.

- Нафтата е инпут за производство за другите суровини за производство и нејзината висока цена може да значи нови инфлаторни притисоци. Сега имаме смирување на цената која падна од 90 на 83 долари за барел, појаснува Цветановски.

Поради високата инфлација во земјата, Народната банка на неколкупати беше принудена да ја зголеми основната каматна стапка на благајничките записи.

притисни ентер