Саркози на суд повторно ги одби обвиненијата дека кампањата ја финасирал со пари од Либија

Поранешниот француски претседател Никола Саркози на неговото судење поради сомневање за незаконско финансирање на претседателската кампања во 2007 година рече дека истражните органи „никогаш нема да најдат ни либиски цент“ во неговата кампања.

Како што јави „Фигаро“, поранешниот француски претседател денеска за прв пат сведочеше на судењето кое започна на 6 јануари, под сомнение дека Либија незаконски ја финансирала неговата претседателска кампања во 2007 година.

„Ќе одговорам на сите прашања, како и секогаш. Никогаш нема да најдете либиско евро или либиски цент во мојата кампања“, рече Саркози.

Тој изјави дека неговите изјави „никогаш не се промениле“.

„Секогаш сум ги исполнувал обврските и имам намера да го сторам тоа во текот на овие четири месеци рочишта“, рече Саркози, кој нагласи дека обвинувањата против него се лажни.

Саркози, кој беше претседател на Франција од 2007 до 2012 година, е обвинет дека тајно примил милиони евра од починатиот либиски претседател Моамер Гадафи за неговата кампања.

Тој се соочува со обвиненија кои вклучуваат прикривање на проневера на јавни средства, незаконско финансирање кампања и криминален заговор, за што може да се соочи со казна затвор до десет години доколку биде осуден, објави Ројтерс.

Судењето ќе трае до 10 април.

Кузеска: Не може да има 6 милијарди евра Буџет а да нема пари за поголеми плати на работниците

Покрај тоа што власта има рекорден Буџет од 6 милијарди евра за оваа година, вели дека нема пари за зголемување на платите на работниците. 

Уште кога беше во фаза на предлог Буџетот за 2025 година, СДСМ предупреди дека ова ќе биде најгломазниот и најраспинички буџет во историјата во кој ќе нема пари за работниците и поголеми плати за граѓаните. И тоа се покажа како точно.

Ова е недопустливо и покажува целосно непочитување на трудот македонските работници и неспособност на власта да одговори на економските потреби на граѓаните.

Дополнително, власта товари нови долгови на грбот на граѓаните и граба пари за себе воопшто не водејќи сметка за потребите на граѓаните и на работниците.

Покрај задолжувањето од 500 милиони евра од Унгарија, власта во изминатите 3 месеци се задолжи со 128 милиони евра преку државни записи и обврзници, и 73,7 милиони евра кај домашните кредитори. Тоа се нови, над 200 милиони евра долгови врз грбот на граѓаните кои ќе ги плаќаат идните генерации.

А платите стагнираат, животниот стандард и куповната моќ на народот опаѓа. Последните податоци од Државниот завод за статистика покажуваат зголемени трошоци за живот за 4,4% и зголемени цените на основните производи за 4,3%.

Со власта на Мицкоски и ДПМНЕ граѓаните имаат помалку пари во џебовите а работниците живеат се потешко. Мицкоски потфрли на најважаната тема, животниот стандард на граѓаните.

Власта целосно го напушти системот за зголемување на платите воспоставен од СДСМ што резултира со влошување на животниот стандард на работниците.

Упорно го игнорира и нашиот предлог за минимална плата од 500 евра, која е неопходна за да се одговори на растот на трошоците за живот

Не може власта да има 6 милијарди евра Буџет, да се задолжува со нови 200 милиони евра а да нема пари за поголеми плати за работниците.

Очигледно за власта најважна е удобноста на функционерите, нивните високи плати, скапи коли, луксузен мебел, а работниците се оставени сами на себе.

СДСМ нема да отстапи од борбата за правата на работниците и подобрување на нивниот животен стандард. Граѓаните заслужуваат подобро, заслужуваат поголеми плати и достоинствен живот, рече Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.

Вучиќ со Орбан и Сијарто за регионални прашања, инфраструктурни и енергетски проекти

Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска во Белград имаше средба со премиерот на Унгарија Виктор Орбан и шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто, на која е разговарано за актуелни геополитички и регионални прашања.

Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска во Белград имаше средба со премиерот на Унгарија Виктор Орбан и шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто, на која е разговарано за актуелни геополитички и регионални прашања, за инфраструктурни проекти и енергетската безбедност, како и за зајакнување на соработката меѓу двете земји, пренесува Бета.

- Секогаш е чест и задоволство да бидеме домаќини на нашите унгарски пријатели Виктор Орбан и Петер Сијарто во Белград. Со Синиша Мали разговараме за актуелните геополитички и регионални прашања, како и за зајакнување на соработката меѓу нашите две земји со цел да се најдат решенија за новите предизвици, напиша Вучиќ на Инстаграм.

Посочува дека фокусот е на имплементација на инфраструктурни проекти и енергетската безбедност, имајќи ја предвид стратешката важност на двете земји како клучни енергетски коридори во регионот.

- Продолжуваме да работиме и да градиме на темелите на сè посилни врски, кои во исто време се пример за тоа како може да се изгради стабилност и просперитет преку искрено пријателство и стратешко партнерство. Добредојдовте, драги Виктор и Петар. Србија е ваш и дома“, наведува Вучиќ на Инстаграм.

Прва реакција на лидерот на Хезболах по постигнатото примирје во Газа

Лидерот на Хизболах, Наим Касем денеска им честиташе на Палестинците за договорот за прекин на огнот во Газа, велејќи дека тоа е доказ за „истрајноста на отпорот“ против Израел.

Тоа е прва јавна изјава на водачот на либанската милитантна група поддржана од Иран откако Израел и Хамас постигнаа договор во средата.

„Овој договор, кој остана непроменет од она што беше предложено во мај 2024 година, ја докажува упорноста на групите на отпорот, кои го земаа она што го сакаа, додека Израел не можеше да го преземе она што го бараше“, рече тој.

Израел и Хезболах се согласија на прекин на огнот во конфликтот паралелен со војната во Газа во ноември. Прекинот на огнот, постигнат со посредство на САД и Франција, бара израелските сили да се повлечат од јужен Либан во рок од 60 дена и Хезболах да ги отстрани сите борци и оружје од југот.

Оттогаш и двете страни меѓусебно се обвинуваат за прекршување на примирјето.

„Не го тестирајте нашето трпение и ја повикувам либанската држава цврсто да се справи со овие прекршувања кои надминаа 100“, рече Касем.

Тој се осврна и на изборот на новиот либански претседател Џозеф Аун, кој командуваше со либанската армија додека парламентот не го избра за претседател на 9-ти јануари.

„Придонесот на Хезболах и движењето Амал доведе до избор на нов претседател со консензус“, рече Касем. Назначувањето на либанскиот премиер Наваф Салам го налути Хезболах, кој ги обвини противниците дека сакаат да го исклучат.

Салам минатата недела беше номиниран од мнозинството пратеници за формирање влада, но тој не ја доби поддршката од шиитските партии Хезболах и движењето Амал. Салам рече дека формирањето на новата влада нема да се одложи, укажувајќи на позитивна атмосфера за време на дискусиите за составот.

притисни ентер