Русија ги бојкотира Оскарите, нема претставник прв пат од времето на СССР

Наградата за најдобар странски филм годинава сигурно нема да оди во Русија.

Имено, Русија за прв пат по падот на СССР одлучи да ги бојкотира Оскарите, пренесува The Guardian.

„Претставништвото на Руската филмска академија одлучи да не номинира национален филм за наградата Оскар на Американската академија за филмски уметности и науки“, се вели во соопштението што го објавија. Откако беше информиран за таа одлука, претседателот на руската комисија за номинација за Оскар објави дека поднесува оставка, а одлуката, за која тврди дека е „донесена зад грб“, ја смета за незаконска.

„Раководството на Академијата еднострано одлучи да не номинира руски филм за номинации за Оскар“, изјави Павел Чукреј.

Русија го доби Оскарот за најдобар странски филм во 1994 година. Филмот на Никита Михалков „Виреното сонце“ ја освои наградата. Филмот ја раскажува приказната за офицер на руската Црвена армија и неговата сопруга, кои се соочуваат со враќањето на нејзиниот поранешен љубовник во текот на 1930-тите.

Михалков, кој го играше споменатиот офицер во филмот, е член на Руската кинематографска унија. Тој е голем поддржувач на Путин, и ја поддржува руската инвазија на Украина, пишува The Guardian. Тој смета дека учеството во номинациите за Оскар нема да донесе никаква корист за Русија. Наместо тоа, тој предложи доделување на поврзани награди меѓу земјите кои некогаш биле дел од Советскиот Сојуз.

„Изборот на филм кој би ја претставувал Русија во земја која всушност моментално го негира постоењето на Русија едноставно нема смисла“, вели тој.

Во 2014 година, руски филм беше номиниран за Оскар во категоријата најдобар меѓународен филм благодарение на филмот Левијатан, а истиот успех го постигнаа три години подоцна со филмот Без љубов во режија на Андреј Звјагинцев.

Поради поделбите околу руската инвазија на Украина, руската филмска и културна сцена изгуби некои почитувани режисери кои емигрираа поради неодамнешните настани. Меѓу нив се Кантемир Балагов и Кира Коваленко, чии филмови ја претставуваа Русија во борбата за номинација за Оскар.

Израел му возврати на Иран – одмазда или најава за нова војна?

Неполна недела по иранскиот напад со дронови и ракети, Израел го возврати ударот.

Експлозии утринава одекнале во Исфахан и Табриз, градови кои се дом на неколку воени и нуклеарни бази на иранската армија. Израелските власти за сега ниту потврдуваат,ниту демантираат дека стојат зад нападот, но американските медиуми пренесуваат дека официјален Вашингтон добил претходно предупредување за можен израелски напад. Техеран пак тврди дека нападот бил минимален и не предизвикал никаква штета. Дел од безбедносните експерти во ова гледаат начин на двете страни да ја де ескалираат ситуацијата.

-Двете страни тука, се обидуваат да си го обелат образот. Можете да видите дека израелците се обидуваат да си го обелат образот со тоа што ќе направат нешто, но не премногу за да ги вознемири сојузниците претерано. А иранците, се доста внимателни да не го преувеличат ова во моментот, и да покажат дека како што ќе реагираат, може да реагираат на начин кој нема да го погоди Израел директно. - Мајкл Кларк – безбедносен експерт

Иранските медиуми пак, дополнително ја минимизираат ситуацијата и обемот на нападот, прикажувајќи мирни сцени од Исфахан.

-Го гледате Исфахан кој е во целосен мир, луѓето си живеат нормално. Мислам дека два или три часа по полноќ се слушаа звуци на небото над Исфахан. Врз основа на информациите кои ги имаме, неколку мали дронови летале над небото, и врз нив било пукано, вели еден ирански новинар.

Иранската армија тврди дека нападот бил извршен со дронови, а звуците над Исфахан биле од воздушната одбрана која ги уништила сите летала. Воените бази според нив, немале никаква штета во нападот.

-Во Зардањан областа на Исфахан, постројката за нуклеарна енергија помеѓу 4.30 до 5.30 часот наутро се слушаше пукање, но тоа не беше ништо, само звукот на воздушната одбрана. Војниците кои ги гледате тука се сигурни и безбедни, барем во оваа област каде што сме. Ништо не беше погодено или уништено било каде. - Иранска републиканска гарда

-Иранците тврдат дека пресретнале неколку дронови и никој од нив не се пробил, тоа е малку веројатно, бидејќи Исфахан е илјада милји од Израел и никој при здрав разум не би испратил дронови илјада милји.- Мајкл Кларк – безбедносен експерт

Тензиите меѓу Израел и Иран се зголемија по експлозијата во иранскиот конзулат во Дамаск во која неколку ирански државјани го загубија животот, а Техеран прстот за тоа го впери кон израелските власти. Токму тоа беше и причината минатата недела Иран со над 300 беспилотни летала и проектили да го нападне Израел, чин за кој израелските власти најавија дека ќе се одмаздат.

МОН ги известило училиштата неработните денови да бидат одработени во саботи

Првичните најави се сменија, изгубените часови поради претстојните избори и самитот на ОБСЕ сепак ќе мора да се одработат. 

Основците во мај и јуни, три саботи ќе одат на училиште за да ги исполнат законски утврдените 180 работни денови, велат од МОН, бидејќи во спротивно би се прекршил законот за образование.

18 мај, 1 јуни и 15 јуни, односно секоја втора сабота тој период, основците ќе треба да го одработат загубеното, одлука која предизвика несогласување од страна на СОНК. Тие веќе испратиле и реакција за промена на истата до министерството вели првиот човек на синдикатот Неделков. Тој не гледа ништо спорно во тоа министерот крајот на учебната година да го верифицира со 3 работни дена помалку, наместо да се дискриминираат наставниците... Згора на тоа, вели искуствата покажале дека продуктивноста на учениците би била минимална.

-Под МОН се и средно и високо образование, тие не работат, само основно образование, колегите вработени во основното образование навистина се чувстуваат и дискриминирани од 700.000 работници во државата, само овие 20тина илјади ќе работат. Одејќи во сабота нема да има никаков квалитет, ниту квантитет, ниту учениците ќе дојдат во бројот кој го поседува образованието, апсолутно тоа искуството го кажува и сметаме дека е не продуктивно да се работи во сабота.

Учениците од училиштата каде ќе се спроведува гласање, еден ден пред изборите на 24 април и 8 мај ќе имаат скратени часови кои ќе траат најдоцна до 11 часот. Од сојузот на средношколци кои не се опфатени со законот за работни денови, исто така сметаат дека саботите се бесполезни, а во нивниот случај, веруваат дека професорите имаат начин да се надокнади наставата..

-Саботите не треба да се работат, не се ефективни, сме виделе доста пати дека не се ефективни и дека не се држи настава како што треба да се држи во работните денови кога ја имаме. Среќни сме што средношколците нема да ги работат саботите, но една работа е дека професорите ќе треба да ја стегнат програмата и да ја поврзат повеќе за да можеме и ние да ги имаме ефективни деновите и часовите.- Берин Мухамед – Сојуз на средношколци

Инаку 24 и 8 мај се прогласени за неработни за сите работници на територјата на Македонија. Владата во Информацијата која ја усвои им препорача на приватните работодавци да ги почитуваат заклучоците, за секој граѓанин да може да си го оствари демократското право на глас во избирачката единица во која е регистриран.

Видео: Слоница избега од циркус и се прошета низ град во САД

Слоница избега од циркус во Бјут, Монтана,САД, при што ја пробила оградата и 10 минути се движела низ улиците на градот.

На видеоснимките од безбедносните камери и од очевидци, се гледа како слоницата Виола со доста голема брзина се движи по градот, додека циркускиот тренер оди и трча по неа и се обидува да ја смири и скроти. Дополнителен проблем бил звуците од возилата во близина што го исплашиле големото животно.

Откако малку се смирила, Виола продолжила кон блискиот тревник, каде што нејзините сопственици ја пресретнале со приколка каде што имало уште еден, помал слон - за да ја намамат. Виола потоа мирно влегла во приколката.

Истата вечер, според планираното, слоницата имала точка во циркусот.

Групите за заштита на животните, по повод овие настани, ги критикуваа сопствениците на слоницата, тврдејќи дека „очигледно принудено да настапува во циркусот“, животното сакало да избега од натамошно тормозење. /МИА

притисни ентер