Рокас: Постои интензивна дипломатска активност за решавање на прашањето со Бугарија - Канал 5

Рокас: Постои интензивна дипломатска активност за решавање на прашањето со Бугарија

ЕУ лидери ќе го посетат Скопје во следните месеци.

Рокас: Постои интензивна дипломатска активност за решавање на прашањето со Бугарија

Постои интензивна дипломатска активност за решавање на прашањето со Бугарија, во таа насока лидери на Европската Унија ќе го посетат Скопје во следните месеци, изјави евроамбасадорот Михалис Рокас, по поставување камен-темелник на македонско-грчкиот граничен премин „Маркова Нога“.

-На ниво на ЕУ напорно работиме во тесна соработка со Владата на Македонија да се надминат сите преостанати прашања пред да ги отвориме преговорите. Има интензивна дипломатска активност за решавање на ова прашање, високи претставници на ЕУ ќе го посетат Скопје во следниве два до три месеци и се надевам дека ќе можеме да продолжиме напред, рече Рокас во одговор на новинарско прашање какво е расположението во ЕУ за потпишување изјава од страна на Европскиот совет, Европската комисија или од бугарска страна, за тоа дека вметнувањето на Бугарите во Уставот ќе биде единствено билатерално прашање на нашиот пат кон ЕУ.

Во исто време, додаде Рокас, додека се работи на решавање на ова прашање, треба да се продолжат напорите за имплементирање на реформите што се наоѓаат во Реформската агенда, усвоена согласно Планот за раст за Западен Балкан.

На истото новинарско прашање, премиерот Христијан Мицкоски, рече дека досега слушнал многу изјави, но оти треба да се гледаат делата.

-Се сеќавам кога високи претставници на ЕУ, придружувани од високи претставници на други земји во светот, седеа пред мене и ми велеа – името е последната работа што треба да го направите. Нормално ние и тогаш бевме против, но и тогаш им велев дека не ја говорат вистината и дека не е последната работа. Треба да видиме дела, а дела според мене претставуваат признавање на пресудите од Судот за човекови права во Стразбур за македонската заедница во Бугарија. Јасно и недвосмислено признавање на многувековниот македонски идентитет и јасно и недвосмислено признавање на многувековната македонска култура, традиција, обичаи, и јасно и недвосмислено признавање на македонскиот јазик кој е официјален јазик во ОН од 1945. Мораме да ги почитуваме принципите, во спротивно имаме сериозен проблем, рече Мицкоски.

Премиерот додаде дека ние како држава немаме проблем со другите народи, напротив ги почитуваме.

-Ако некој има проблем затоа што некој поголем од него му дава совети, а некој тоа го сфаќа како мешање во внатрешните работи на една суверена држава, тогаш ова што го слушаме од страна на нашиот источен сосед, ако не е мешање во внатрешните работи на суверена држава, не знам за што станува збор. Така што, ние не сме народ што има проблем со други народи, напротив, ги почитуваме нашите соседи, и Албанците и Србите, Грците, Бугарите, но бараме подеднакво почитување и за нас Македонците, рече Мицкоски.

Известувачот на Европарламентот за земјава Томас Вајц, при посетата на Скопје на крајот на февруари, во интервју за Агенда 35 на МРТ, рече дека се потребни јасни изјави од ЕК, Советот на ЕУ и од Владата во Софија, како гаранции што земјава ги бара дека по усвојување на уставните амандмани нема да има нови непринципиелни вета од Бугарија.

-Факт е дека билатералните прашања меѓу Бугарија и Северна Македонија се еднаков дел од преговарачкиот процес. Ни требаат јасни изјави од Европската комисија и од Советот и ќе ни треба изјава и од бугарската Влада дека со вклучувањето на бугарското малцинство во Уставот билатералните прашања што треба да се решаваат низ преговарачкиот процес се исполнети и дека нема да има веќе дополнителни барања ставени на масата, а поврзани со преговарачкиот процес. Кога се работи за соседски прашања, ова е долг процес, јас сум австриски државјанин и ни требаа 50 години за да дојдеме до заедничко разбирање, за нашата заедничка историја. Сите имаме историја заедно, понекогаш многу болна историја заедно, треба да му го дадеме на тој процес времето што си го бара, посочи Вајц.

Макрон: Неопходен е прекин на огнот за да има средба помеѓу претставници на Русија и Украина

Претседателот на Франција, Емануел Макрон синоќа изјави дека е неопходен прелиминарен прекин на огнот за да може на 15 мај да се одржи средба на највисоко ниво помеѓу Украина и Русија во Истанбул.

Макрон: Неопходен е прекин на огнот за да има средба помеѓу претставници на Русија и Украина

Средбата беше предложена од рускиот претседател Владимир Путин, а прифатена од претседателот на Украина, Володимир Зеленски.

Макрон вчера разговарал со своите германски, британски и полски колеги, како и со американскиот и украинскиот претседател Доналд Трамп и Зеленски.

Украинскиот претседател во синоќешното видеообраќање наведе дека предлогот на Киев за прекин на огнот од денеска е на маса и се чека одговор од Москва.

- Украинската армија е подготвена да одговори доколку руските сили го нарушат прекинот на огнот, посочи Зеленски.

Но, Русија не се согласи да се придржува до 30-дневниот прекин на огнот, предложен пред два дена од европските сили. /МИА

Кошта на турнеја низ Западниот Балкан, в четврток ќе престојува во Скопје

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта од денеска до 16 мај ќе престојува во посета на земјите од Западниот Балкан, во чии рамки в четврток ќе допатува во Скопје, а в петок ќе учествува на самит на Европската политичка заедница во Тиран

Кошта на турнеја низ Западниот Балкан, в четврток ќе престојува во Скопје

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, целта на посетата на Кошта е да ја потврди посветеноста на ЕУ кон регионот и перспективата на земјите од Западниот Балкан за членство во Унијата.

- Зајакнувањето на соработката со Западен Балкан е врвен политички приоритет за ЕУ и за мене лично, порача Кошта во пресрет на неговата западнобалканска турнеја.

Тој нагласи дека заминува во посета на регионот за да разговара со лидерите на земјите од Западниот Балкан, кои „се соочуваат со постојани предизвици“ и за да покаже дека ЕУ е подготвена да им помогне.

- Постои јасен моментум за проширување, но моментумот бара посветеност, истакна Кошта.

Како што соопшти Европскиот совет, на средбите со политичките раководства на партнерите од Западниот Балкан, Кошта ќе ја нагласи „важноста на понатамошно градење на обновениот моментум во процесот на проширување и на односите меѓу ЕУ и регионот“.

Работниот дел од посетата на Кошта започнува утре во Белград, каде тој ќе се сретне со српскиот претседател Александар Вучиќ, со премиерот Ѓуро Мацут и со членови на Народното собрание на Србија.

Утре попладне, Кошта од Белград ќе отпатува за Сараево каде ќе се обрати пред припадниците на Силите на ЕУ во Босна и Херцеговина (ЕУФОР Алтеа), по што ќе се сретне со членовите на Претседателството на БиХ, Жељка Цвијановиќ, Денис Беќировиќ и Жељко Комшиќ.

В среда, Кошта ќе допатува во Подгорица на средби со црногорскиот претседателка Јаков Милатовиќ, со премиерот Милојко Спајиќ и со членови на Владата на Црна Гора, а попладнето ќе отпатува за Приштина на средба со косовската претседателка Вјоса Османи-Садриу.

Претседателот на Европскиот совет в четврток ќе престојува во Скопје, каде ќе се сретне претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и со премиерот Христијан Мицкоски.

Од Скопје, Кошта попладнето ќе замине за Тирана на средби со албанскиот претседател Бајрам Бегај и премиерот Еди Рама, а ќе разговара и со студенти на тиранскиот Колеџ на Европа.

В петок во Тирана, Кошта ќе биде кодомаќин на шестиот самит на Европската политичка заедница (ЕПЗ), чија тема е „Нова Европа во новиот свет: Единство - Соработка - Заедничко дејствување“.

Самитот ќе се фокусира на безбедноста, а лидерите учесници на собирот ќе ги споделат своите визии за иднината на Европа. Во рамки на Самитот ќе се одржат и три тематски тркалезни маси.

Целта на собирот е зближување земјите од европскиот континент и обезбедување платформа за подлабока политичка координација меѓу нив. /МИА

РобоМак 2025 - натпревар по роботика, автоматика, електроника и вештачка интелигенција

Меѓународниот натпревар по роботика, автоматика, електроника и вештачка интелигенција „RoboMac 2025” од денеска до 17 мај ќе се одржи во организација на Факултетот за електротехника и информациски технологии.

РобоМак 2025 - натпревар по роботика, автоматика, електроника и вештачка интелигенција

Скопје 13. пат ќе биде домаќин на повеќе од 70 млади иноватори и експерти од земјата и странство.

Студентите, како што најавуваат организаторите, ќе имаат можност да се запознаат со последните технолошки иновации поврзани со роботиката, автоматиката, електрониката и вештачката интелигенција, преку богатата програма и практични работилници. Работејќи во тимови, студентите ќе имаат можност да ги употребат своите теоретски знаења и практични вештини, истите да ги надоградат и усовршат, да соработуваат со студенти од земјата и странство, со цел да го освојат првото место во својата категорија.

На отворањето, како што е најавено, ќе се обратат деканот на ФЕИТ, Владимир Атанасовски, Ректорот на УКИМ, Биљана Ангелова, министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, и претседателот на македонската секција на IEEE Анастас Мишев.

РобоМак 2025 е во организација на Факултетот за електротехника и информациски технологии - ФЕИТ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ - Скопје, заедно со Македонската секција IEEE и Факултетското студентско собрание на ФЕИТ.

притисни ентер