Родители од пеколот: Четири години ги заклучиле децата дома од страв од корона (ВИДЕО) - Канал 5

Родители од пеколот: Четири години ги заклучиле децата дома од страв од корона (ВИДЕО)

Три момчиња, на возраст меѓу осум и десет години, се спасени од дом во шпанскиот град Овиедо, каде што се сомневало дека биле затворени четири години поради опсесивниот страв на нивните родители од коронавирусот.

Родители од пеколот: Четири години ги заклучиле децата дома од страв од корона (ВИДЕО)

Кога полицијата влегла во дворот, момчињата почнале силно да дишат, се фрлиле на тревата и ја допреле со чудење - како да ја гледаат за прв пат, објави Скај Њуз.

Според шпанската полиција, децата - десетгодишно момче и осумгодишни близнаци - не ја напуштиле куќата од декември 2021 година. Спиеле во кафези, носеле пелени, а просторот во кој живееле бил исполнет со ѓубре, неискористени лекови, измет од домашни миленици и опасно болна мачка со огромен тумор. Тие немале обувки ниту основни хигиенски навики.

Родителите, Мелиса Ан Штефен (48), германска и американска државјанка, и Кристијан Штефен (53), германски ИТ регрутер и наводен филозоф од Хамбург, биле уапсени и се во притвор без право на кауција.

Заклучени во соба, изолирани од светот

За време на пандемијата, семејството станало целосно изолирано. На децата не им било дозволено да излегуваат надвор, дури ни во дворот. Прозорците биле постојано затворени, вратите заклучени, а на децата им биле ставени три маски кога полицајците им се приближиле. Мајката тврдела дека децата се „сериозно болни“ и дека не треба да се допираат.

Полицијата пронашла голема количина лекови во куќата, вклучувајќи и лекови што содржат THC, психоактивната супстанца во канабисот, за кои родителите се осомничени дека нелегално ги купуваат и им ги даваат на своите деца „за лекување на ADHD“ - без никаков лекарски рецепт.

Кога децата биле пуштени, тие едвај можеле да одат, биле збунети, исплашени и во неверица. Едно од момчињата клекнало и во неверица ја погалило тревата. Полицијата изјави дека децата биле „валкани, но не и неухранети“, со оглед на тоа што биле хранети. Сепак, тие биле целосно изолирани од реалноста. Едно од момчињата имало тежок запек, што било потврдено со педијатриски извештај - последица на ретки празнења на цревата поради носење пелени и ограничено користење на тоалет.

YouTube video

Родителите негираа вина, но не и изолација

Полицијата првпат ја посетила куќата на 14 април, откако сосетка пријавила дека никогаш не ги видела децата надвор. Инспекторите дополнително се заинтересирале кога забележале дека во куќата се троши голема количина намирници, иако на таа адреса бил регистриран само еден маж.

Кога полицијата пристигнала, таткото бил бос, разбушавен и веднаш побарал сите да носат маски и да држат дистанца. Кога побарале влез, родителите не ја негирале изолацијата, ниту пак покажале свест дека направиле нешто погрешно. Делата за кои се товарат вклучуваат занемарување на малолетници, злоупотреба и кршење на основните човекови права.

Децата сега се под надзор на државата

Децата моментално се под заштита на регионалната влада на Астурија и се сместени во специјализиран центар. Во тек е психолошка проценка и физички, според социјалните служби, тие се „добро“. Тие зборуваат главно англиски, што укажува дека се школувале исклучиво дома, најверојатно преку материјали што им ги обезбедувале нивните родители.

Социјалниот работник Флор Гонзалез Муњиз, кој го следи случајот од самиот почеток, вели дека за време на пандемијата на корона вирусот, родителите секој ден им кажувале на своите деца дека надворешниот свет е опасен и дека се болни, иако немало медицински докази за тоа. Најмладите близнаци се прилагодуваат побрзо на животот без маски, додека десетгодишното дете сè уште чувствува страв и потреба да се заштити.

„Најголемата штета е психолошка, но не е неповратна“, рече Муњиз. „Тие имаат долг пат на закрепнување пред себе преку секојдневна социо-образовна терапија, за да научат основни животни навики - од тоалет и хигиена до социјализација и независност.“

„Им ги вративме животите“

Како што изјави на прес-конференција локалниот началник на полицијата во Овиедо, Франциско Хавиер Лозано: „Вративме три деца во нивните животи. Уништивме куќа на ужас.“

Истрагата против родителите е во тек, а крајниот мотив за нивната одлука да ги држат децата во заробеништво и во нехигиенски услови сè уште не е утврден.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Избори во Шпанија: Дали Санчез ќе успее да се спаси или крајната десница се враќа во владата прв пат по Франко?

Шпанците одлучуваат дали да му дадат на социјалистичкиот премиер Педро Санчез, еден од последните левичарски лидери во Европа, уште еден мандат или да ја предадат власта на конзервативната опозиција. 

Избори во Шпанија: Дали Санчез ќе успее да се спаси или крајната десница се враќа во владата прв пат по Франко?

Шпанија денеска ја одлучува својата политичка иднина избирајќи ги 350-те членови на Парламентот кои ќе го изберат следниот премиер како и 209 сенатори. Меѓу кандидатите за премиер се социјалистот Педро Санчез, Алберто Нуњез Феихо од централно-десничарската Народна партија, Сантијаго Абаскал од крајно-десничарската Вокс и Ада Колау од левичарскиот Широк фронт.

Акутелниот премиер Педро Санчез, повика на голема излезност „за иднината“ на Шпанија, додека неговиот главен противкандидат – Алберто Нуњез Феихо, им порача на граѓаните да гласаат без страв.

„Мислам дека денеска најважно е да се активира учеството на избирачите, тоа што ни е должност на сите политичари и политичарки, јас само можам да изразам благодарност за мобилизацијата која ја видовме во врска со политичкиот проект кој јас го предлагам. Од тука па натаму ќе го чекаме резултатот и волјата на граѓаните.“

„Која и да е одлуката која ќе ја донесете, што ќе ја изберете и која ви се чини подобра за нашата земја, никогаш да не ја донесете од страв, туку да ја направите со сеќавање, со убедување и знаејќи дека тоа што ќе го избереме, е една демократска влада на нашата земја.“

Крајниот десничар Сантијаго Абаскал исто така се надева дека гласањето ќе се одвива без страв, додека Ада Колау гласајќи од Барселона порача дека „жените нема да молчат“ , откако на главната телевизиска дебата меѓу кандидатите Нуњез Феихо и порача да биде тивка.

Според шпанските медиуми, Народната партија би можела да биде победник освојувајќи 31% од гласовите по што возможна е коалиција со крајно-десничарската Вокс која би освоила скоро 18% од гласовите. Доколку се избере десничарска влада тоа би го прекинал осум годишниот циклус на левичарски влади, а доколку крајно-десничарската партија Вокс влезе во владеачка коалиција, тоа би било за прв пат од 1975та година по диктатурата на Франциско Франко. Сепак, иако засега според анкетите се наоѓа на второто место, владејачката Социјалистичко-работничка партија, би можела да влезе во тесно водство.

За време на своето владеење Санчез се соочи со сериозни предизвици како кризата со високи трошоци за живот, ниски плати и прескапи трошоци за домување. Дополнително, тој беше жестоко критикуван за тешката мигрантска криза во енклавите Сеута и Мелила, кои се уште ги трпат последиците од раст на криминалната стапка.

Повеќе од 38,6 милиони гласачи во Шпанија денеска имаат право на глас. Резултатите би требало да бидат објавени доцна во ноќта.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Тројца уапсени, 13 нарушувања на јавниот ред и мир за време на прославата на Денот на албанското знаме

13 нарушувања на јавниот ред и мир за време на прославата на Денот на албанското знаме, три лица лишени од слобода.

Тројца уапсени, 13 нарушувања на јавниот ред и мир за време на прославата на Денот на албанското знаме

За време на прославата на Денот на албанското знаме, на подрачјата на Секторите за внатрешни работи Скопје, Тетово, Охрид и Куманово, регистрирани се 13 нарушувања на јавниот ред и мир.

Министерството за внатрешни работи презема интензивни мерки за целосно расчистување и документирање на сите настани. Досега се поднесени две кривични пријави за кривичните дела „безобѕирно управување со моторно возило“ и „недозволено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или експлозивни материи“, изготвени се 10 записници за констатирани прекршоци, а три лица се лишени од слобода.

На подрачјето на СВР Скопје регистрирани се седум нарушувања на јавниот ред и мир, на подрачјата на Бит Пазар и Ѓорче Петров. Изготвени се седум записници за прекршоци против четири лица, од кои три за отстранување, кинење или оштетување на државни симболи и симболи на заедниците, еден за карање, викање или непристојно и дрско однесување, како и три прекршоци од областа на безбедноста на сообраќајот – управување возило без возачка дозвола, управување со брзина поголема од дозволената и движење во спротивен правец. Поднесена е и кривична пријава против едно дете за кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“ по член 297-а од Кривичниот законик. При преземањето мерки за расчистување на настаните, две лица биле лишени од слобода

На подрачјето на СВР Тетово регистрирани се две нарушувања на јавниот ред и мир од страна на деца, со употреба на пиротехнички средства на Градскиот плоштад во Тетово, како и настан во кој било поставено албанско знаме на полициско возило. Се преземаат мерки за целосно документирање на настаните и ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.

На подрачјето на СВР Охрид регистрирани се две нарушувања на јавниот ред и мир, во Кичево и Струга. Во Кичево, на градскиот плоштад биле поставени неколку знамиња на Република Албанија, по што е составен записник за сторен прекршок. Во Струга, во основно училиште биле поставени знамиња на Република Албанија, без да биде истакнато знамето на Македонија. По преземените мерки, ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна постапка против одговорното лице во училиштето.

На подрачјето на СВР Куманово регистриран е еден настан за време на дефиле со возила низ централното градско подрачје. Полициски службеници забележале две лица, од кои едното се дало во бегство, додека другото било задржано. При извршен преглед кај него бил пронајден пиштол марка „Црвена Застава“ и рамка со пет куршуми. Лицето е лишено од слобода поради сомнение за сторено кривично дело „недозволено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или експлозивни материи“ по член 396 од Кривичниот законик.

МВР продолжува со преземање мерки за целосно расчистување на сите регистрирани настани и постапување согласно законските надлежности, соопштуваат од МВР.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

„Напред, либералдемократи!“ – Зајкова побара проверка на потеклото на имотот на сите функционери од 1991 година наваму

Деветтиот конгрес на Либерално-демократската партија (ЛДП), се одржа во Скопје под слоганот „Напред, либералдемократи!“ .

„Напред, либералдемократи!“ – Зајкова побара проверка на потеклото на имотот на сите функционери од 1991 година наваму

На Деветтиот конгрес на Либерално-демократската партија (ЛДП), кој се одржа во Скопје под слоганот „Напред, либералдемократи!“ на која присуствуваа над 400 делегати и претставници од политичките партии, граѓанските организации, дипломати и останати гости , Моника Зајкова побара да се испита потеклото на имотот на сите избрани и именувани функционери од осамостојувањето до денес. Таа предложи да се утврди што поседувале пред да стапат на функција, што стекнале потоа и дали стекнатиот имот одговара на нивните законски приходи.

„Родена сум во 1991 година, годината кога Македонија ја стекна својата независност. Токму од таа година барам да се испита потеклото на имотот на сите избрани и именувани функционери, по јасни законски правила и без селективност“, рече Зајкова. Таа нагласи дека проверката треба да ги опфати и функционерите од ЛДП. „И за нас да важат истите правила“, порача Зајкова.

Зајкова зборуваше и за условите што им се потребни на младите за да изградат живот во Македонија. Го посочи субвенционираниот студентски оброк како пример за иницијатива на ЛДП што станала законско решение. Како следни чекори ги издвои усогласувањето на износот на субвенцијата со трошоците за живот и поддршката за младинското претприемништво. Млад човек не треба да избира меѓу својата професија и својата држава“, рече пред присутните Зајкова.

Свења Хан, претседателка на Алијансата на либералите и демократите за Европа (АЛДЕ) и европратеничка од Германија, во своето видеообраќање ја нагласи поддршката за европската перспектива на Северна Македонија. Хан порача дека земјата ѝ припаѓа на Европа и дека нејзиниот пат кон членство во Европската Унија мора да остане веродостоен и остварлив.

„Ви го честитам вашиот деветти конгрес. ЛДП со години ги брани либералните вредности во Северна Македонија“, потенцираше Малик Азмани, потпретседател на АЛДЕ и европратеник од Холандија.

Ирена Јовева, европратеничка од Словенија од движењето „Слобода“, се осврна на европската интеграција на земјата и на местото на македонскиот јазик и идентитет во Европа.

„Европската иднина на Македонија не смее да биде заложник на билатерални спорови. Но исто така не смее да биде ни заложник на домашни политички пресметки. А македонскиот јазик и македонскиот идентитет не се пречка за европската иднина. Тие се дел од неа“, истакна Јовева.

На конгресот се обратија и Дејвид Чалмерс, претседател на Федералниот комитет за меѓународни односи на британските Либерални демократи, и Маријана Пуљак, пратеничка во Хрватскиот сабор и претседателка на хрватската партија „Центар“.

„Без разлика дали Британија е во Европската Унија или надвор од неа, вашата партија има силен и сигурен пријател во британските Либерални демократи. Можеби сме во различни фази на нашиот европски пат, но споделуваме исти вредности, многу заеднички цели и визија за Европа во која сакаме да живеат идните генерации“, рече Чалмерс.

„Хрватското искуство нè научи на важна лекција. Влезот во Европската Унија е голема пресвртница, но градењето вистински европско општество е процес што никогаш не завршува. Европа значи слобода, владеење на правото, независни институции и еднакви можности за сите. Тоа се вредностите што нè поврзуваат како либерали“, додвлече Пуљак.

Меѓу меѓународните гости беа Јоана Павел од АЛДЕ, Балинт Ѓеваи од Европскиот либерален форум, Кинче Силаш од унгарското движење „Моментум“, Есад Шаиновиќ и Амар Боранчиќ од Либералната партија на Црна Гора, Миодраг Влаховиќ од „Слобода и демократија“, Арис Мовсесијан од Движењето на слободни граѓани и Андреа Беседеш Наѓ, пратеничка во Народното собрание на Србија, како и Елиза Хоџа, Бернард Никај и Бесиане Мусмурати од Демократската партија на Косово. Присуствуваа и претставници на домашните политички партии од власта и опозицијата, дипломатскиот кор, граѓанските организации и медиумите.

За придонесот во создавањето и развојот на партијата, ЛДП постхумно им додели плакети на Филип Аврамчев и Велимир Кузмановски. Плакети им беа врачени и на проф. д-р Владимир Петрушевски, Драган Малиновски, Доне Глигориу, Тома Глигориевски и проф. д-р Никола Пановски.

Во работниот дел на конгресот делегатите избираат претседател на ЛДП, се наведува во партиското соопштение.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер