Откако беа најавени концерти на Тамара Тодевска и Антонија Гиговска, за кои пејачките велат дека ќе бидат од хуманитарен карактер и средствата ќе бидат донирани на семејствата на починатите и повредените во пожарот во Кочани, се огласи и протоереј Александар Стојаноски од тетовско-гостиварската епархија.
Тој во своето јавно обраќање вели дека не е време за танцување и пеење, а секој кој сака да помогне, може да донира на сметките на семејствата.
– Се слушаат најави за хуманитарни концерти од некои пејачки, поконкретно од две, нема да ги именувам јавноста ги знае, за семејствата на загинатите во пожарот во Кочани, и тоа ни помалку ни повеќе во страсна седмица.
Прво секој што сака и може да донира има сметки на кој може да се уплати, а можете и да ги побарате и лично да ги контактирате семејствата. И тоа е христијански однос. А концерт хуманитарен во страсна седмица? Луѓе зар ќе танцуваме и пееме во време кога е Христос плукан, исмеван и распнат? Зарем место во црква ќе бидеме на концерти? И на крајот после се што се случи, некому му е до играње и пеење?

Изгледа најважните, духовните лекции не ги научивме. И на крајот да не бидеме лешинари, ако сакаме тајно да помагаме, а не да стекнуваме публицитет на големи хуманитарци, пеејќи и играјќи на Велики Четврток и Велики Петок, само четири недели по страшната трагедија. Мислењето во овој став е лично мое и ги изразува моите лични ставови и согледувања, соопшти протоереј Александар Стојаноски.
Инаку, веста дека Тамара и Антонија ќе пеат хуманитарно за Кочани деновиве се објави во медиумите и предизвика поделени реакции во јавноста.
Тодевска најави хуманитарен концерт на 17-ти април во МКЦ Скопје.
Гиговска пак, објави дека овој викенд настапува во клуб во Куманово и во кабаре во Штип, а нејзините хонорари ќе ги донирала преку платформата „Support Kochani“. Ќе биле поставени и кутии за донации.
Извор: Фокус