Рани знаци на психопатија кај децата - Канал 5

Рани знаци на психопатија кај децата

Родителите кои се загрижени за однесувањето на своето дете, без разлика дали станува збор за чести испади на бес или тешкотии во училиште, честопати бараат стручна помош. 

Рани знаци на психопатија кај децата

Детскиот психотерапевт Саманта Марчам објаснува дека агресијата или емоционалната нестабилност кај повеќето деца може да се поврзе со следниве причини: малтретирање, невродивергеност или семејни проблеми. Но, постои помала група деца чие однесување не предизвикува моментална тревога, но може да укажува на нешто многу посериозно, пишува Дејли меил.

Овие деца не изгледаат вознемирени, хаотични или надвор од контрола. Тие често се мирни,прибрани и во голема мера минуваат „под радарот“. Нивното однесување не е резултат на тежок, но минлив период во животот, туку може да биде одраз на подлабоки, потрајни обрасци.

Психопатијата е нарушување на личноста кое се дијагностицира исклучиво во зрелоста и ниеден одговорен клиничар дете не би го нарекол психопат. Сепак, истражувањата за развојна психологија потврдуваат дека особините поврзани со психопатијата не се појавуваат одеднаш на 18-годишна возраст, туку раните знаци може да се забележат многу години порано.

Според искуството на терапевтот, децата со овие шеми често изгледаат емоционално дистанцирани, исклучително контролирани и невообичаено мирни. Повеќето од нив се доста елоквентни и шармантни, вешти во манипулирање со возрасните и врсниците без да привлечат преголемо внимание. Тие лажат убедливо, а при тоа покажуваат многу малку каење или вина. Во клиничка пракса, таков модел се нарекува нарушување на однесувањето со бездушни и неемотивни особини.

Раното препознавање на овие знаци не значи дека детето е предодредено да развие психопатија, но укажува на зголемен ризик. Доколку ваквите модели не се препознаат и не се третираат навреме, тие можат да се вкоренат со текот на годините, поради што раната професионална поддршка е исклучително важна.

Студено однесување и недостаток на емпатија

Дали детето покажува многу малку сочувство кон другите? Дали се обидува да ги контролира своите браќа и сестри или врсници? Дали одбива да споделува и реагира со агресија - наместо со тага или фрустрација - кога нешто не оди по негово? Ова не е класична детска неподготвеност, туку однесување кое изгледа емоционално празно и бесчувствително.

Ако детето се чини дека ужива во туѓата болка, не покажува непријатност кога некој друг е вознемирен или се однесува иритирано, наместо да се кае кога е предупредено - ова е сериозен предупредувачки знак. Таквото дете знае како да ги провоцира другите, но не знае кога да престане.

Лажење и манипулација

Сите деца лажат од одвреме-навреме, но треба да загрижува кога го прават тоа постојано, убедливо и со јасна намера да избегнат одговорност. Децата во оваа група често развиваат обрасци во кои ги обвинуваат другите за своето однесување и измислуваат убедливи, детални приказни за да ја манипулираат ситуацијата.

Понекогаш тие намерно го саботираат братчето или сестричката, или другарчето, правејќи другиот да изгледа виновен. На пример, детето може да испрати навредлива СМС-порака користејќи го мобилниот телефон на некој друг. Обрнете посебно внимание ако вашето дете секогаш има „добро објаснување“ и постојано ве тера да ја доведувате во прашање сопствената проценка на ситуацијата.

Себичност и површен шарм

Родителите понекогаш се тешат себеси со идејата дека детето кое упорно бара начин да го добие она што го сака е всушност природен лидер. Но, ако детето ги сврти пријателите едни против други, намерно исклучи некого од играта или манипулира со односите за да ја одржи контролата, ова е шема на која му е потребно внимание.

Таквото дете честопати ќе се обиде да ги спротивстави и сопствените родители, барајќи олеснување и од едниот и од другиот. Тоа може да користи и својот површен шарм, но со емотивна празнина, како да го вклучува и исклучува по потреба.

Правилата за нив „не важат“

Ако детето цврсто верува дека правилата важат за другите, но не и за него, ова е причина за сериозна загриженост. Родителите честопати се смируваат со уверливи објаснувања, иако училиштето или другите родители постојано ги посочуваат проблемите. Децата ќе тврдат дека наставниците се неправедни или дека се „погрешно разбрани“.

Иако ова може да се случи повремено, ако образецот се случува редовно, нешто не е во ред. Ако вашето дете никогаш не презема одговорност и дисциплинските мерки не го менуваат неговото однесување, време е за стручна проценка.

Глумење на емоции

Ако забележите дека вашето дете воопшто не го засегаат туѓите емоции, крши ветувања, менува планови во последен момент или делува бесчувствително на потребите на блиските, ова може да укажува на посериозен проблем.

Емоционалните реакции може да изгледаат плитко или „одглумено“ - како детето да знае како изгледа правилната реакција, но не ја доживува. Родителите често го опишуваат чувство како „нешто да недостасува“: извинувањата звучат шупливо, наклонетоста делува механички, а емоционалните врски се еднострани. Детето не сака да направи нешто за да ги усреќи другите туку прво сака да знае што ќе добие од тоа.

Суровост кон животни и помали деца

Дури и децата со посериозни проблеми во однесувањето често покажуваат нежност кон животните и помладите деца. Кога ненамерно ги повредуваат, тоа ги вознемирува. Затоа, секое намерно нанесување болка - особено ако се повторува или изгледа ладнокрвно - е силен аларм.

Ова никогаш не треба да се отфрла како фаза или љубопитност. Доколку забележите дека детето намерно повредува животни, вклучувајќи мали инсекти или други деца, треба итно да побарате професионална психијатриска проценка кај матичен лекар.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

180 нови дрвја ќе го збогатат зелениот фонд на Карпош

Општина Карпош продолжува со активности за унапредување и зголемување на зелените површини на својата територија. 

180 нови дрвја ќе го збогатат зелениот фонд на Карпош

Во рамки на есенската акција за садење, предвидено е засадување на 180 висококвалитетни листопадни садници на претходно утврдени локации.

Во текот на денешниот и утрешниот ден, околу 60 садници ќе бидат засадени во урбаните заедници Карпош 1 и Карпош 2, по што акцијата ќе продолжи и во останатите урбани и месни заедници.

Меѓу видовите кои ќе го збогатат зеленилото се горски и црвен јавор, црн јасен, липа, жалосна софора и црвенолисна слива. Со зголемувањето на зелениот фонд, Општина Карпош продолжува да придонесува кон подобрување на квалитетот на животната средина, создавање попријатни јавни простори и унапредување на условите за живеење на граѓаните.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Албанија воведува казни до 5.500 евра за демонстранти

Владата на Албанија на премиерот Еди Рама усвои пакет меркив за сузбивање на насилството за време на протести, кои вклучуваат парични казни во износ до 500.000 леки – што е приближно 5.500 евра.

Албанија воведува казни до 5.500 евра за демонстранти

Максималната казна се однесува на поединци кои не постапуваат по полициска наредба за разотидување на собирот, а притоа го кријат својот идентитет. За други прекршоци се предвидени помали парични казни.

Самото криење на идентитетот се казнува со парична казна во износ од 10.000 до 100.000 леки.

Прописот предвидува исклучоци во случаите кога покривањето на лицето е оправдано од здравствени или верски причини, или пак поради вршење професионални должности – како што се новинарството или давањето медицинска помош.

Полицијата ќе биде овластена привремено да забрани или ограничи собири во близина на образовни, здравствени и државни институции, доколку постои реален, сериозен и непосреден ризик од насилство или значителна материјална штета. Ваквото ограничување може да остане на сила најмногу 72 часа и може да биде продолжено еднаш.

Во случаи кои вклучуваат повици за насилство на социјалните мрежи, полицијата може да побара отстранување на содржината. Доколку објавата не биде отстранета, или доколку таквото однесување се повтори, полицијата може да преземе мерки во согласност со важечките закони.

Надомест на штета за сопствениците на бизниси и регистар на осомничени лица Владата, исто така, најави надомест на штета, финансиран од државата, за малите бизниси кои претрпеле штета – како што се вандализам, грабежи или пожари – за време на протестите.

Пакетот вклучува и посебен електронски регистар на поединци кои се пријавени во јавното обвинителство или се под истрага за насилни кривични дела извршени за време на јавни собири.

Мерките стапија на сила веднаш, а Парламентот мора да ги ратификува во рок од 45 дена.

Во Тирана со месеци траат протести против владата. Движењето започна со мирни собири против проект за луксузен хотел во заштитено природно подрачје – проект зад кој стои Џаред Кушнер, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп.

До средината на октомври, протестите се проширија и ги вклучија барањата на студентите кои се однесуваат на корупцијата, проблемите во здравствениот систем и недостигот на перспективи за младите луѓе.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

„Barcelona“ ќе одекне во Филхармонија: Наде Талевска и Бојан Стојков ќе го изведат славниот дует на „Flowers Symphony 2“

Наде Талевска и Бојан Стојков ќе го изведат легендарниот дует, дуетот што ги спои Фреди Меркјури и Монсерат Кабаље ќе прозвучи на „Flowers Symphony 2“.

„Barcelona“ ќе одекне во Филхармонија: Наде Талевска и Бојан Стојков ќе го изведат славниот дует на „Flowers Symphony 2“

Кога Фреди Меркјури посакал да запее со Монсерат Кабаље, не ни можел да замисли дека нивната соработка ќе создаде песна по која ќе се памети една цела олимпијада. На 16 ноември, оваа песна ќе биде дел од „Flowers Symphony 2“ во Македонската филхармонија, каде што Наде Талевска и Бојан Стојков ќе го изведат славниот дует во придружба на Оркестар DIVA под диригентска палка на Владимир Димовски.

Зад песната стои долгогодишното восхитување на Меркјури кон оперската пејачка Кабаље. Иако публиката го познавала по настапите со Queen и по неговата сценска енергија, операта имала посебно место во неговиот музички свет. Во телевизиско интервју во 1986 година зборувал за гласот на шпанската сопранистка и за желбата да ја запознае. Неговите зборови стигнале до неа, а во март 1987 година двајцата конечно се сретнале во Барселона.

Она што Меркјури првично го замислувал како соработка за една песна добило многу поголеми размери кога Кабаље предложила да снимат цел албум. За него тоа било остварување на една лична музичка желба, но и нов предизвик: да создава и да пее покрај една оперска пејачка на која токму тој и се восхитувал. Нивната соработка се развила со взаемна почит и блискост, кои ние и ден денес ги чувствуваме кога ги гледаме нивните заеднички изведби.

„Барселона“ ја снимиле во април 1987 година, а веќе во мај ја претставиле заедно пред публика на Ибица. Одѕивот ги охрабрил да продолжат со албумот, кој бил објавен во 1988 година. Неколку години подоцна, песната станала тесно поврзана со Олимписките игри во Барселона во 1992 година и станала еден од музичките симболи на градот.

И денес, привлечноста на овој дует е во начинот на кој се надополнуваат два различни гласа. Во него има и театралност, и нежност, и силни заеднички делови, доволно простор изведувачите да внесат нешто свое, дури и во песна што публиката толку добро ја познава.

На „Flowers Symphony 2“, таа задача ќе ја преземат Наде Талевска и Бојан Стојков. Нивната изведба, со симфониската придружба на Оркестар DIVA, ќе ѝ даде можност на скопската публика да го слушне овој дует во живо и да го доживее одблиску. Овој извонреден дует ќе биде за првпат изведен од Оркестар DIVA и тоа пред скопската публика.

„Барселна“ ќе биде дел од вечерта посветена на познати италијански класици, филмски теми и композиции, меѓу кои и музиката на Енио Мориконе и Ханс Цимер, со оркестар, хор и солисти на една сцена.

„Flowers Symphony 2“ ќе се одржи на 16 ноември 2026 година, со почеток во 20:00 часот, во Македонската филхармонија. Картите се во продажба на e-ticket.mk/events/diva и во Fruttissimo Juice Bar, Скопје.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер