Рама: ЕУ треба да делува геостратешки и врз основа на заслуга за преговорите

Албанскиот премиер Еди Рама, од Брисел, порача дека одлуката на ЕУ за отворање на преговори со Албанија и Северна Македонија треба да биде геостратешка и заснована на заслуги.

На новинарско прашање дали би било прифатливо за него Северна Македонија и Албанија да се одвојат во процесот на преговорите, Рама порача дека тоа не е негова надлежност.

-Тоа е надлежност на ЕУ, на Советот, не моја, ЕУ треба да делува геостратешки, геополитички, и засновано на заслуги, и ако една земја заслужила таа не треба да биде одбиена затоа што тогаш станува игра и албанскиот народ ќе почувствува дека е игра, изјави Рама.

На тоа се надоврза претседателот на Европската Комисија, Жан Клод Јункер кој порача дека двете земји треба да добијат преговори без одвојување.

-Ова на е игра, ова е трагичен регион и немаме право да играме игри, јас силно ја поддржувам ЕУ перспективата на регионот, препораката за старт на преговори со Албанија се донесе врз основа на заслугите на албанскиот народ. Северна Македонија и Албанија имаат свое место во ЕУ без одвојување, изјави Јункер.

Еди Рама ги отфрли обвинувањата дека се залагал за Голема Албанија и порача дека единствен негов е сон е "Голема Европа". /MИА

Анкета: Поддршката за членството на Полска во ЕУ - најмала во последнава декада

Поддршката за членството на Полска во Европската Унија падна на најниско ниво во повеќе од една деценија, според анкетата објавена денеска.

Според најновата анкета на институтот ЦБОС, и покрај победата на про-ЕУ коалицијата, поддршката за членството на земјата во Унијата падна на 77 отсто, што е најниско ниво од 2013 година.

Поддршката лани беше 85 отсто, а најголема беше во 2022 година, кога изнесуваше 92 проценти.

Про-ЕУ коалицијата дојде на власт во Полска на изборите во октомври по осум години владеење на партијата Право и правда (ПиС), ветувајќи дека ќе ги поништи законите воведени од десницата.

ПиС често беше во судир со западните сојузници на Полска и институциите на ЕУ во Брисел поради нивната загриженост за владеењето на правото во оваа земја. /МИА

Претставник на ОН тврди дека ќе бидат потребни 14 години да се отстранат урнатините во Газа

Претставникот на Обединетите нации, Пјер Лодамар денеска изјави дека ќе бидат потребни 14 години да се расчисти огромното количество урнатини, вклучително и неексплодирани експлозивни направи, што ги остави Израел за време на војната во Појасот Газа.

Лодамар, висок офицер во Службата за мини на ОН (УНМАС), на брифинг во Женева рече дека војната оставила околу 37 милиони тони отпад во широко урбанизирана, густо населена област.

Тој истакна дека иако не е можно да се одреди точниот број на неексплодирани убојни средства се смета дека под одредени услови, би можеле да бидат потребни 14 години да се расчистат остатоците, вклучувајќи ги и урнатините од уништените згради.

„Знаеме дека вообичаено има стапка од 10 проценти за неуспех, односно неактивирање на муницијата. Станува збор за 14 години работа со 100 камиони“, рече Лодамар. /МИА

Руски новинар на „Форбс“ е приведен поради наводно ширење лажни информации за армијата

Новинарот на магазинот „Форбс Русија“, Сергеј Мингазов е приведен под сомнение дека ширел лажни информации за руската армија, објави денеска магазинот.

„Форбс Русија“ додава дека досега не успеале да стапат во контакт со Мингазов. Неговиот адвокат Константин Бубон на Фејсбук објави дека новинарот е во притвор во источниот руски град Хабаровск, каде што живее.

Адвокатот рече дека Мингазов бил приведен поради преобјавување публикации за наводни руски воени злосторства во украинскиот град Буча, каде што убиствата на украинските цивили во првите недели од војната беа пријавени од Ројтерс и други новински организации.

Профилот на Мингазов на платформата Телеграм содржи бројни објави за Буча, а засега не е јасно за која од нив новинарот е приведен. /МИА

притисни ентер