Рак „вооружен“ со нож се обиде да нападне човек и неговото куче, снимката е неверојатна (ВИДЕО) - Канал 5

Рак „вооружен“ со нож се обиде да нападне човек и неговото куче, снимката е неверојатна (ВИДЕО)

Неверојатно видео од рак „вооружен“ со сечило привлече големо внимание на социјалните мрежи и во медиумите, а во исто време предизвика контроверзии околу тоа дали е автентично или создадено со употреба на вештачка интелигенција (ВИ).

Рак „вооружен“ со нож се обиде да нападне човек и неговото куче, снимката е неверојатна (ВИДЕО)

Виралното видео прикажува суштество со сечило во клештите, кое се обидува да „нападне“ жител на Флорида и неговото милениче.

„Напаѓач“ во дворот

Едуардо Алварез објави неверојатно видео со коментар: „Сè е надвор од контрола во Флорида“.

Најпрво, неговото куче Самер душка низ дворот, а неколку моменти подоцна се појавува необичен „напаѓач“, држејќи сечило во клештите и замавнувајќи кон малото куче.

Алварез брза да му помогне на своето милениче, но на почетокот не му е лесно да го „победи“ воинствениот рак, објавува Њујорк пост.

„Самер, каде, по ѓаволите, најде рак со нож?!“ извика Алварез.

По неколку неуспешни обиди, тој успева да го зграби и да го однесе во својот двор.

„Самер, не ти препорачувам да се задеваш со ова“, го предупредил своето милениче, а потоа со смеа додал: „Ова е гангстер“.

Се верува дека станува збор за син копнен рак (Cardisoma guanhumi) кој може да се најде во Флорида. Овој вид има распон на нозете до 30 сантиметри, а просечната возрасна единка тежи околу половина килограм.

„Не знам што е поневеројатно“

Сечилото што ракот го држи во своите клешти изгледа како дел од џебен нож, иако не е познато како воопшто се нашло таму.

Видеото предизвика бура на интернет. Откако беше објавено, е прегледано повеќе од 20 милиони пати, а корисниците се обидуваат да објаснат како е воопшто можна необичната сцена.

„Не знам што е поневеројатно - рак со нож или фактот дека само го кренавте како да е нешто нормално“, напишал еден корисник.

Друг, алудирајќи на стереотипите за Флорида, хумористично коментирал: „Знаете дека е Флорида во моментот кога тој го крева со насмевка“.

Имаше и такви кои се сомневаа во автентичноста на видеото и се прашуваа дали е направено со помош на вештачка интелигенција.

Сепак, ова не е прв пат рак да биде снимен како држи нож во клештите. Сличен случај беше забележан во 2022 година, кога Кајл Кинг виде џиновски кокосов рак (Birgus latro) „вооружен“ со кујнски нож додека кампуваше во Јапонија.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Шефот на НАТО за европската армија: Додека постигнеме договор, Путин веќе ќе стигне до Ротердам

Руте предупреди дека формирањето на обединета европска армија би можело да биде штетно во случај на руски напад.

Шефот на НАТО за европската армија: Додека постигнеме договор, Путин веќе ќе стигне до Ротердам

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, предупреди дека формирањето на обединета европска армија би можело да биде штетно во случај на руски напад, бидејќи координирањето на дејствијата меѓу Алијансата, националните војски и европските сили би одземало премногу време.

Руте го изјави ова на 72-рата годишна седница на Парламентарното собрание на НАТО во Берлин. Тој појасни дека не се противи на создавањето европска армија, но истакна дека, доколку се реализира таква иницијатива, би имало смисла да се укинат националните војски на земјите-членки на Европската унија, за да се избегне преклопување на надлежностите.

„Мојот став отсекогаш бил дека, ако имате европска армија, не можете истовремено да одржувате и национални војски. Соединетите Држави имаат една војска. Не постои посебна армија или морнарица за сојузната држава Њујорк или Калифорнија. Постојат обединети, интегрирани вооружени сили на САД. Ако Европа може да го постигне тоа, тогаш во ред“, рече Руте, изразувајќи притоа скептицизам дека таков развој на настаните би можел да се случи во скоро време.

За да ја илустрира својата поента, Руте претстави хипотетичко сценарио што вклучува руски напад врз европските нации – ситуација во која, доколку постои таква структура, би бил потребен одговор од силите на НАТО, националните војски и заедничките воени сили на ЕУ. Тој процени дека постигнувањето договор за воените одлуки би траело со недели, период во кој руските сили би можеле да напредуваат сè до Холандија.

„Она што не би го препорачал е секоја земја да има своја војска – соработувајќи во рамките на НАТО – а покрај тоа, да постои и голема европска воена структура. Ако Путин нападне, прво ќе ни требаат две или три недели за да се договориме кој што прави, а тој веројатно ќе стигне до Ротердам уште пред ние да донесеме одлука. Тоа е мојот аргумент“, рече генералниот секретар на НАТО.

Руте додаде дека, според него, координацијата и поделбата на одговорностите меѓу НАТО и Европската унија во моментов се на многу добро ниво.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Ѓорѓиевски: Целосната реконструкција на паркот „Жена - Борец“ се одвива со силна динамика

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска изврши увид во работните активности за целосна реконструкција на паркот „Жена-Борец“.

Ѓорѓиевски: Целосната реконструкција на паркот „Жена - Борец“ се одвива со силна динамика

- Целосната реконструкција напредува со силно темпо. Во срцето на градот, меѓу зеленилото и спомен-обележјата, генерации наоѓале свое место за средба, за прошетка и за краток одмор од градската врева. Сакам и следните генерации да го доживуваат овој парк со истата блискост и да го затекнат уреден и негуван. Старите плочки ги заменуваме со нови и ги обновуваме пешачките патеки, за овој простор да добие изглед достоен за неговото место во срцето на Скопје. Ја реставрираме и постојната урбана опрема, а со дополнително хортикултурно уредување го збогатуваме парковското зеленило – изјави Ѓорѓиевски.

Градоначалникот Ѓорѓиевски истакна дека претходно беше обновено спомен-обележјето на децата бегалци, кое беше вандализирано, а по периодот во кој беше згаснат, кај фонтаната повторно гори Вечниот оган.

- Со обновата на овие обележја го чуваме и сеќавањето што му дава посебно значење на овој парк. Моја одговорност е скопските паркови да ја добиваат грижата што ја заслужуваат, и денес, додека ги обновуваме, и секој ден потоа. Затоа продолжуваме со нивно редовно одржување и со подигнување нови зелени површини, за секоја генерација скопјани да има свое место под сенка, своја клупа и спомени во парк. Скопје се сака со дела – рече Ѓорѓиевски.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Седум возачи лишени од слобода во изминатото деноноќие поради управување возило без положен возачки испит

Во текот на изминатото деноноќие, на различни локации во државата, полициски службеници лишиле од слобода седум лица поради сторено кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“ по член 297-а од Кривичниот законик.

Седум возачи лишени од слобода во изминатото деноноќие поради управување возило без положен возачки испит

Сите седум лица управувале возило без положен возачки испит. Станува збор за А.С.(25) и М.С.(19), двајцата од Скопје, И.Ќ.(36) од село Долно Палчиште, Општина Боговиње, Д.М.(20) од Гостивар, Т.К.(50) од село Близанско, Општина Македонски Брод, Д.С.(40) од Радовиш и С.М.(23) од Прилеп.

По целосно документирање на случаите, ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.

МВР апелира до сите учесници во сообраќајот доследно да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и да не управуваат возило без положен возачки испит, со изречена забрана за управување или под дејство на алкохол. Само со одговорно однесување на секој учесник можеме заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај и заштита на човечките животи.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер