Одличната соработка на двете полиции ќе продолжи и во иднина, сметаат двајцата директори кои разговараа и за координирање на мерките за превенирање на транснационалниот криминал, кој вклучува и борба против бело робје, дрога, оружје.
„Нашите земји се транзитни подрачја и напливот од илегални мигранти од јужната граница кон север ќе продолжи со несмален интензитет. Со денешната средба ја продлабочивме соработката за истата да добие на поголем квалитет во борбата против транснационалниот криминал кој вклучува борба против дрога, оружје, бело робје, особено кон илегалната миграција која во последно време беше многу актуелно“ – изјави Митко Чавков.
Милорад Вељовиќ, директорот на српската полиција смета дека со оваа акција ќе имаат и информации за тероризам, како што изјави тој некои од мигрантите знаат луѓе кои се спремни да извршат и терористички акт. Тој додаде дека досега оствариле средби и со другите земји во регионот и полициските патроли на границите со другите земји ги засилиле.
„Границата која е долга 113 км, треба да ја покриеме што повеќе, да го зголемиме бројот на заедничките патроли и да ги засилиме оперативните контроли. Не е суштина само да се спречат илегалните мигранти, туку и да видиме кои се организаторите. Особено ни е важно заеднички да ги лоцираме овие илегални мигранти кои ги носат од Блискиот Исток до Унгарија, а се минува преку Македонија и Србија, изјави Милорад Вељовиќ.
При посетата на граничниот премин Табановце, направија и увид во заедничкиот контакт центар.