Привршуваат подготовките за 58. Струшки вечери на поезијата - Канал 5

Привршуваат подготовките за 58. Струшки вечери на поезијата

Повеќе од 30 поети од повеќе земји во светот го потврдиле своето присуство за 58. Струшки вечери на поезијата, информираше денеска дирекцијата на фестивалот.

Привршуваат подготовките за 58. Струшки вечери на поезијата

Покрај добитничката на Златниот венец, романската поетеса Ана Бландијана, како и добитничката на „Мостови на Струга", младата хрватска поетеса Моника Херцег, според соопштенито од СВП, присуство потврдиле Рафаел Солер од Шпанија, Сачиданандан од Индија, Миа Лекомт од Италија, Иштван Кемењ од Унгарија, Јоргос Јанопулос од Грција… Ќе бидат претставени и поети од земјава меѓу кои и оние што ќе влезат во потесниот избор за наградата „Браќа Миладиновци".

– Во рамки на изданијата на Струшките вечери, освен луксузната монографија за добитничката на Златниот венец, во завршна подготовка се книгата на добитничката на наградата „Мостови на Струга", книгата на минатогодишниот добитник на наградата „Браќа Миладиновци" во превод на англиски јазик, четирите буклети на поетите во рамки на платформата Версополис, но исто така, во завршни подготовки е и тематската антологија во која ќе бидат претставени најреномираните македонски поети, соопшти дирекцијата на СВП.

Покрај традиционално востановените програмски содржини, кои се препознатливо обележје на СВП, предвидени се и нови програмски содржини што ќе придонесат за поголема отвореност и видливост на Фестивалот.

– Струшки вечери на поезијата има намера да ја подигне јазичната комуникација на фестивалот како дел од заложбите за унапредување на квалитетот на манифестацијата, нејзиниот меѓународен углед и значење, но и да го унапреди односот кон својата публика и граѓаните. Во таа насока дел од содржините, а особено главните фестивалски читања и комуникацијата со јавноста ќе вклучува повеќе јазици. Освен досегашните македонски и англиски, ќе користиме и албански и француски јазик, се вели во соопштението.

Користењето на македонскиот и на албанскиот јазик, како што е наведено, е во корелација со владините јазични политики, со законот за јазици и во духот на новата стратегија за едно општество и интеркултурализам./МИА

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Целосно реновирани домовите на култура во Текија, Кадино и Мралино

Општина Илинден го заврши реновирањето и санацијата на домовите на култура во населените места Текија, Кадино и Мралино, во рамки на програмата за обновување и модернизација на јавните објекти.

Целосно реновирани домовите на култура во Текија, Кадино и Мралино

Со реализираните градежни активности значително се подобрени условите за одржување културни, општествени и јавни настани.

Во Домот на култура во Текија извршена е санација на кровната конструкција со поставување нов пластифициран лим, поставени се нови ПВЦ-врати и обновена е електричната инсталација. Дополнително, извршено е глетување и молерисување на внатрешните простории, целосна санација на санитарните јазли и обновување на фасадата.

Во Домот на култура во Кадино поставени се нови вертикални олуци и пластифициран лим за симс, санирана е фасадата и обновени се внатрешните простории. Поставени се нови ПВЦ-врати и прозорци, заштитна ограда и нови плочки на надворешните скали, а извршена е и санација на електричната инсталација.

Во Домот на култура во Мралино целосно е обновена кровната конструкција, поставени се нов пластифициран лим, хоризонтални и вертикални олуци, како и нови ПВЦ-врати и прозорци. Извршена е санација на фасадата, обновени се надворешните скали и терасата со нови плочки и заштитна ограда, додека во внатрешноста се поставени гипс-картон и ново осветлување, а ѕидните површини се глетувани и молерисани.

Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, истакна дека со реновирањето на домовите на култура се обезбедуваат подобри услови за развој на културниот и општествениот живот, како и функционални простори за организирање различни активности и настани за потребите на граѓаните.

Општина Илинден продолжува со вложувањата во културната инфраструктура, при што во изминатиот период беа реновирани и санирани домовите на култура и во населените места Ајватовци, Бујковци, Бучинци и Дељадровци.

Општина Илинден

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Шасивари на средба со претставникот на Катар: Унапредување на соработката во правосудството

На средбата, Шасивари ја истакна важноста од воспоставување директни контакти со Министерството за правда на Катар и неговите специјализирани институции.

Шасивари на средба со претставникот на Катар: Унапредување на соработката во правосудството

Министерот за правда, Јетон Шасивари, денеска оствари средба со вршителот на должноста во Амбасадата на Државата Катар, Рашид бин Саед Ал-Хајарин, на која се разговараше за можностите за продлабочување на билатералните односи и отворање ново поглавје во институционалната соработка во областа на правосудството.

На средбата, Шасивари ја истакна важноста од воспоставување директни контакти со Министерството за правда на Катар и неговите специјализирани институции, со фокус на обуката на правните професионалци, борбата против корупцијата и финансискиот криминал, како и дигитализацијата на правосудниот систем.

Односите меѓу нашата држава и Катар континуирано се развиваат. Политичките консултации одржани во Доха во јули 2026 година и потпишувањето на Меморандумот за соработка во областа на трудот во септември оваа година го потврдуваат потенцијалот за натамошно проширување на соработката.

Во таа насока, министерот Шасивари изрази интерес за разгледување на можностите за техничка и финансиска поддршка за приоритетни проекти во рамките на реформите во правосудството, со цел соработката да се преточи во конкретни проекти и мерливи резултати.

Добрите дипломатски односи создаваат можности, а институционалната соработка ги претвора во резултати.

Министерството за правда има за цел односите со Катар да ги надминат рамките на дипломатскиот дијалог и да донесат конкретни придобивки за институциите и граѓаните на двете земји.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

​Нова фекална канализациона мрежа во Пинтија

 Општина Кисела Вода ја финализираше изградбата на новиот крак од фекалната канализација на улицата „Саса“ во населбата Пинтија. 

​Нова фекална канализациона мрежа во Пинтија

Со овој инфраструктурен проект се надминува повеќегодишниот проблем на жителите од овој дел на општината, кои конечно добиваат соодветно и стандардизирано одведување на отпадните води. Изведена е нова фекална канализација во должина од 320 метри, при што се поставени 15 нови ревизиони шахти. Новата мрежа е директно поврзана со постоечката канализациска инфраструктура на улицата „Саса“. Се работи за проект финансиран од Општина Кисела Вода, додека дел од материјалите беа обезбедени во соработка со ЈП „Водовод и канализација“ - Скопје.

-Реализацијата на овој проект е директен одговор на барањата на граѓаните од овој дел на Пинтија. Моето ветување до нив беше дека ова прашање ќе биде решено во најскоро време, и денес тоа ветување е реалност. Со изградбата на новата мрежа, го надминуваме овој комунален предизвик и обезбедуваме достоинствени услови за живот. Општина Кисела Вода продолжува со континуираните инвестиции во изградба и реконструкција на подземната инфраструктура во секое населено место- истакна градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер