Притвор за велешанец, кој ѝ нанел телесни повреди на мајка си

Основниот суд во Велес му определил притвор на велешанецот, кој ја удрил мајка си со бокс во главата, ја давел и ѝ се заканувал со нож дека ќе ја убие, информираат од Јавното обвинителство.

-Јавен обвинител од велешкото Основно јавно обвинителство поднел обвинителен предлог против лицето за кривично дело - „телесна повреда“ од член 130 став 2 во врска со став 1, како и „загрозување на сигурноста“ според член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 од Кривичниот законик. Лицето ги сторило делата при вршење семејно насилство врз сопствената мајка, соопштија вечерва од Јавното обвинителство.

На 17 јуни, по вербална расправија во домот, обвинетиот ја удрил мајка му со бокс во главата, па започнал да ја дави, нанесувајќи ѝ телесни повреди - хематоми. Зел нож од кујната со кој ѝ се заканил дека ќе ја убие.

На 19 јуни, побарал од мајката да му даде пари. Откако му рекла дека нема, повторно со нож ѝ се заканил дека ќе ја убие, со што кај неа предизвикал вознемиреност и страв.

- Јавниот обвинител до Основниот суд во Велес поднесе и предлог за определување мерка притвор за обвинетиот, кој живее во истата семејна заедница со жртвата и има можност да го повторува семејното насилство. Исто така, постојат околности што укажуваат дека тој би можел да се даде во бегство за да го избегне кривичниот прогон, се појаснува во соопштението.

Борел: Самитот е добра можност да се потврди посветеноста на ЕУ на поддршката за Украина

Овој Европски совет е особено важен бидејќи со украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе потпишеме договор за безбедносните обврски на Европската Унија кон Украина

Овој Европски совет е особено важен бидејќи со украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе потпишеме договор за безбедносните обврски на Европската Унија кон Украина, изјави денеска високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел пред почетокот на дводневниот Самит на Унијата во Брисел.

- Овие безбедносните обврски, покриваат и воени, дипломатски и финансиски обврски, истакна Борел, додавајќи дека е добро што е договорено употреба на приходите од замрзнатите руски средства за поддршка на Украина.

Според него, овој Самит е добра можност да се потврди посветеноста на ЕУ на поддршката за Украина.

Тој додаде дека Европа мора да го надомести изгубеното време во сферата на одбраната, преку поддршка и финансирање на европските одбранбени капацитети и одбранбената индустрија.

- Тоа нема да биде лесно, бидејќи ниту земјите членки, ниту ЕУ, немаат одвишок средства, истакна Борел, додавајќи дека сепак мора да се инвестира во одбранбената индустрија.

Според него, кога почнала војната во Украина се покажало дека 75 проценти од потребите за воените капацитети, ЕУ ги набавува од трети земји. - Тоа не може да биде однесување соодветно за еден геостратешки играч, нагласи Борел.

Борел се осврна и на ситуацијата на Блискиот Исток, нагласувајќи дека постои „голема загриженост“ за случувањата на теренот во услови кога и Израел и Хамас ги одбија планот на американскиот претседател Џо Бајден за прекин на конфликтот во Газа и Резолуцијата на ОН со која беше поддржан тој план.

- Гледаме дека гладот продолжува, бомбардирањето продолжува, хуманитарната поддршка не влегува во Газа, рече Борел, нагласувајќи дека состојбата во Газа не се менува и дека меѓународната заедница мора да се справи со тоа.

Високиот претставник укажа дека како резултат на случувањата во Газа се бележи зголемување на насилството на Западниот Брег и ескалираат тензиите во Либан, затоа мора да се преземат мерки за промена на ваквата состојба.

Орбан: Договорот за поделба на врвните раководни позиции во ЕУ е срамен

Унгарскиот премиер Виктор Орбан најави дека Унгарија нема да го поддржи договорот за поделбата на врвни раководни позиции постигнат меѓу Европската народна партија, социјалдемократите и либералната група „Да ја обновите Европа“.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан најави дека Унгарија нема да го поддржи договорот за поделбата на врвни раководни позиции постигнат меѓу Европската народна партија, социјалдемократите и либералната група „Да ја обновите Европа“, оценувајќи го како „срамен“.

- Тој не се базира на резултатите од изборите. Ако се базираше на изборите, ќе требаше да биде коалиција меѓу ЕПП, социјалистите и ЕЦР (Европските конзервативци и реформисти) кои се трати. Но, наместо ЕЦР е земена „Да ја обновите Европа“, што е доказ дека ова е партиски договор, срамен договор, истакна Орбан, додавајќи дека Унгарија „не може да го поддржи овој договор“.

Запрашан дали ќе му недостига холандскиот премиер Марк Руте, кому ова му е последен Самит на ЕУ пред преземањето на функцијата генерален секретар на НАТО, Орбан одговори дека „тоа би било претерување“.

Во однос на случувањата во Грузија и критиките од европските лидери пред се во врска со усвојувањето на т.н. Закон за странски агенти, Орбан истакна дека не гледа причина за толкава врева, бидејќи грузиската Влада добро си ја врши работата и економијата на земјата напредува.

Физичка пресметка на повеќе затвореници во КПУ Затвор Идризово – двајца пренесени на Клиники

Физичка пресметка на повеќе затвореници во КПУ Затвор Идризово – двајца пренесени во „Мајка Тереза“ со повреди од остар предмет.

Во текот на вчерашниот ден се случила физичка пресметка помеѓу повеќе затвореници во КПУ Затвор Идризово, при што три лица се здобиле со повреди, од кои двајца биле пренесени во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ од повреди со остар предмет.

Како што информираат од МВР, во затвореното амбулантно одделение во установата бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу повеќе осудени лица.

– На 26.06.2024 во 13.10 часот во СВР Скопје од КПУ Затвор Идризово било пријавено дека околу 10.30 часот во затвореното амбулантно одделение во установата бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу повеќе осудени лица, при што со повреди се здобил Е.М.(26), додека С.Д.(43) и С.М.(29) се здобиле со повреди од остар предмет, по што биле пренесени во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ за укажување на лекарска помош. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, стои во соопштението на МВР.

притисни ентер