Притисокот на јавноста ги даде првите резултати – оставка на мајката на Костадинов

Притисокот на јавноста ги даде првите резултати. Мајката на портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов се повлекува од работното место во Централниот регистар во Струмица.

Фанија Костадинова, мајката на портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов, си поднесе отказ од работното место.

Таа беше вработена во Централен регистар во Струмица, а оставката доаѓа по најавата на премиерот Заев дека дел од роднините на функционерите ќе се повлечат од своите работни места.

Дали ќе има и други оставки, се уште не се знае. Од компанијата ЕЛЕМ, каде има најмногу вработени деца и роднинини на функционери информираат дека досега ниту еден вработен не се обратил до правната служба со најава за барање за раскинување на работниот однос.

Последен пример на непотизам кој беше обелоденет во јавноста се вработувањата на снаата, синот и братот на пратеничката на СДСМ од РАдовиш Милева Ѓоргиева. Од партијата велат дека тие не можат да им наложат на вработните да настапат по насоките на премиерот Заев.

Никој не треба да биде привилегиран, ниту дискриминиран. Ние ниту можеме да ургираме некој да се вработи, ниту имаме право да бараме да се откажат. Можеме да замолиме , а нивната одлука каква ќе биде ќе видиме.”

Од Центарот за истражување и креирање на политики велат дека во Македонија најзастапена е политичката дискриминација, особено во работните односи. Од таму истакнуваат дека државата мора да одбере по кој модел ќе работи јавната администрација.

Од Антикорупциска најдоцна до утре ќе ја испратат листата на потребни документи до ЕЛЕМ и останатите државни компании, преку кои треба да се утврди дали имало влијание при вработувањата за 18-те предмети кои пред неколку денови ги оформи Комисијата.

Состојба на патиштата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози. 

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

ЦУК: Осум пожари на отворено во изминатото деноноќие

Во последното деноноќие се евидентирани осум пожар на отворен простор, а активни утрово нема. Горела ниска вегетација, депонии и ѓубришта, соопшти ЦУК.

По еден пожар на отворено имало во село Трубарево (ниска вегетација), зад терминалот на влезот во Струмица (ѓубриште) и кај пробиштипското село Неокази (трска). Во Општина Ѓорче Петров имало два, кај „Стопански двор“ (ниска вегетација) и кај „Обиколница Волково“ (ниска вегетација). Три пожари на творено имало во Општина Кочани - горела градската депонија, кај месноста „Монополски Бавчи“ (ѓубриште) и кај местото „Игралиште“ во Кочани (ѓубриште).

Танц парада и мини концерт во Струга по повод Светскиот ден на танцот

Со танц парада и мини концерт на отворено, под мотото „Струга танцува“ студиото за танц „Бах“ денеска по четврти пат ќе го одбележи Светскиот ден на танцот - 29 април.

Тања Бах, кореограф и идеен творец на студиото за танц информира дека членовите на „Бах“ ќе тргнат од центарот за култура „Браќа Миладиновци“, покрај кејот на реката Црн Дрим ќе продефилираат низ Струшката чаршија, а потоа ќе одржат концерт во Паркот на поезијата.

-Танц парадата е еден креативен начин да го одбележиме Светскиот ден на танцот. Парадата е нашиот придонес во културните настани во градот на мостовите. Ќе приредиме едно вистинско уживање за публиката и на за нас својствен начин ќе потсетиме за физичките и психичките придобивки од танцувањето, изјави Бах.

Во Паркот на поезијата, додаде, 100-тината членови на „Бах“ ќе ја продолжат танцовата традиција во Струга.

Светскиот ден на танцот за прв пат е прославен на 29 април 1982 годинаа, оттогаш, секоја година на овој ден ширум светот се читаат меѓународни и национални пораки за танцот. Оваа иницијатива ја покрена Меѓународниот одбор за танц на Меѓународниот инститиут за танц на УНЕСКО, а го избра денот според роденденот на зачетникот на модерниот балет и еден од најголемите танцови реформатори, Жан Жорж Новер. /МИА

притисни ентер