Приднестарските сепаратисти побараа руска заштита од Молдавија

Властите во Приднестровие денеска усвоија официјална декларација со која бараат од Русија да ги заштити од Молдавија, која неодамна воведе мерки за економски притисок врз овој, свој проруски сепаратистички регион.

Според декларацијата, сепаратистичките власти сакаат Москва „да преземе мерки за заштита на Приднестровие во услови на зголемен притисок од Молдавија“.

Во декларацијата, усвоена на конгресот на пратениците од Приднестровие, се зборува за „социјален и економски притисок врз Приднестровие, што директно е во спротивност со европските принципи и пристапи за заштита на човековите права и слободната трговија“.

Во декларацијата, упатена до двата дома на рускиот парламент, меѓу другото, се вели: „Прифатете го апелот упатен до Советот на Федерацијата и Државната Дума на Руската Федерација со барање за спроведување мерки за заштита на Приднестровие во контекст на зголемен притисок од Молдавија, имајќи предвид дека повеќе од 220.000 руски граѓани живеат на териториите на Приднестровската Молдавска Република (самопрогласена) и позитивното искуство кога станува збор за акциите на руските мировни сили на Днестар“, се наведува во декларацијата. /МИА

Ким Џонг-ун испрати сочувство до Иран: Раиси беше извонреден државник и близок пријател

 Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун упати сочувство до Иран поради смртта на претседателот Ебрахим Раиси во хеликоптерска несреќа, објави државната новинска агенција.

Ким во пораката посочува дека смртта на Раиси е „голема загуба“ за Иран и дека се надева дека ужалените семејства ќе закрепнат што е можно поскоро.

Раиси беше „извонреден државник и близок пријател“ кој даде „голем придонес во идејата на иранскиот народ за зачувување на суверенитетот, развојот и интересите на својата земја и успехот на исламската револуција“, рече Ким, пренесе агенцијата.

Северна Кореја и Иран имаат блиски врски и постои сомневање дека двете земји соработувале во програмите за балистички ракети, најверојатно споделувајќи технички податоци.

Ѓуриќ: Ќе направиме се да добиеме најдобар резултат за Србија за резолуцијата за Сребреница

Сигурно е дека тоа ќе биде силна дипломатска активност, сериозна борба. Притисокот со кој се соочуваме, не само ние, туку и земјите кои гласно се изјаснуваат против резолуцијата е огромен.

Министерот за надворешни работи Марко Ѓуриќ изјави дека делегацијата предводена од српскиот претседател Александар Вучиќ во Њујорк прави максимални напори за Србија да добие најдобар можен резултат на седницата на Генералното собрание на ОН за резолуцијата за Сребреница, јави дописникот на МИА од Белград.

-Сигурно е дека тоа ќе биде силна дипломатска активност, сериозна борба. Притисокот со кој се соочуваме, не само ние, туку и земјите кои гласно се изјаснуваат против резолуцијата е огромен. Паралелно со нашите напори за лобирање, продолжуваат и притисоците на земјите кои се 20 пати посилни од Србија. Земјите кои се изјаснуваат против во одредени сегменти и ситуации се соочуваат со огромен притисок, изјави Ѓуриќ во соопштението на српското МНР.

Тој кажа дека во таа борба е вложен сиот кредибилитет што го има Србија, преку Движењето на неврзаните, добрата соработка и принципиелна политика.

Шефот на српската дипломатија рече и дека пред еден месец во Обединетите нации се чинеше дека резолуцијата е завршена работа, бидејќи никој не очекуваше некој да се осмели да се спротивстави на нешто што е замислено како политичка осуда на Србија и како создавање на морална стигма што ќе би ја носеле сегашните и идните генерации.

Неговиот впечаток е дека коспонзорите на резолуцијата не очекувале и не сакале сценарио во кое Србија активно се спротивставува и дека е убеден дека тоа ќе вроди со одредени плодови.

-Не би сакал претерано да ги зголемувам очекувањата, но сосема е сигурно дека работите не поминуваат и нема да се одвиваат онака како што замислиле авторите на овие резолуции, рече шефот на српската дипломатија.

Австралискиот премиер повика да престане кривичното гонење на Асанж

Австралискиот премиер Ентони Албанезе денеска повика да се стави крај на затворањето и гонењето на основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, откако му беше одобрена нова жалба против неговата екстрадиција во САД.

Високиот суд на Велика Британија му дозволи на Асанж да поднесе жалба на неговата екстрадиција, спречувајќи ги напорите на Вашингтон да му се суди на 52-годишниот Австралиец обвинет за оддавање американски воени тајни.

По одлуката, австралискиот премиер ги повтори повиците за прекин на гонењето на Асанж, велејќи дека нема „ништо да се добие“ од неговото затворање.

- Работиме на тоа, изјави австралискиот премиер.

Британската влада ја одобри екстрадицијата на Асанж во јуни 2022 година.

Асанж е во затвор во Лондон од април 2019 година, откако помина седум години во засолниште во амбасадата на Еквадор во Лондон.

Австралискиот премиер на почетокот на годинава изјави дека гонењето на Асанж „не може да трае бесконечно“.

Американските власти сакаат да му судат на Асанж за оддавање американски воени тајни поврзани со војните во Ирак и Авганистан.

Тој е обвинет дека објавил 700.000 доверливи документи за американските воени и дипломатски активности, особено во Ирак и Авганистан, почнувајќи од 2010 година, а во САД се соочува со затворска казна до 175 години.

притисни ентер