Предвремени парламентарни избори во Македонија

Во Македонија денеска се одржуваат десетите парламентарни избори, петти предвремени избори. Право на глас имаат еден милион 814 илјади и 613 полнолетни граѓани, кои ќе гласаат на 3.480 избирачки места.

Овие избори се издвојуваат од досега одржаните во земјата бидејќи се организираат во состојба на пандемија со коронавирусот, гласањето за различни категории граѓани е три дена, а денешниот изборен ден ќе трае два часа повеќе од вообичаеното и е прогласен за неработен.

Избирачките места во шесте изборни единици се отвораат во 7:00 часот, а гласањето завршува во 21 часот. Се гласа за 15 политички партии и коалиции кои вкупно имат 1.578 кандидати. Од нив, според статистиката на ДИК, 675 (42,78 отсто) се жени, а 903 (57,22 отсто) се мажи.

Гласањето е тајно, со заокружување на редниот број пред подносителот на листата.

Сите вклучени во процесот и граѓаните кои ќе одат на гласање задолжително мора да ги почитуваат превентивните мерки за заштита од ширење на коронавирусот, а тоа се носење маска, држење растојание од метар до метар и половина, дезинфекција на раце при влез и при изле од гласачкото место.

Освен спецификата поврзана со коронавирусот, на овие избори првпат е дозволено да гласаат и лицата кои до 15 јули наполниле 18 години и се со важечки документи и не се организира гласање во дијаспората бидејќи немаше доволен број пријавени македонски државјани за гласање. Сепак, овие лица доколку се во земјата денеска ќе можат да гласаат на избирачките места на адресата на која што се пријавени.

Во Избирачкиот список се запишани еден милион 814 илјади и 613 гласачи. Во изводите на Избирачкиот список се запишани еден милион 729 илјади и 189 лица. Лица кои се иселиле или работат во странство во посебните избирачки изводи се 83.054, а во посебниот избирачки список за лицата во затвор и во притвор се запишани 1.657 гласачи, во старските домови 357 и шест лица се водат како внатрешно раселени.

Вчера гласаа болните, немоќните и хронично болните лица, затворениците, лицата во домашен притвор и во старските домови. Според податоците од ДИК, вчера вкупно 7.861 болни и немоќни лица го оствариле правото на глас. Што се однесува до лицата кои се наоѓаат во домови за вонсемејна грижа, од вкупно 357 пријавени избирачи во оваа категорија, гласале 234, а во казнено поправни установи 1.235 лица.

Гласањето за овие избори почна во понеделникот, кога гласаа лицата со Ковид-19 и во самоизолација. Правото на глас го искористиле 723 лица заболени од Ковид-19 и во самоизолација.

Од гласањето во понеделникот и вчера ДИК не објавува резултати, туку само бројка на излезност. Ливчињата остануваат запечатени во пликоата кои се наоѓаат во гласачките кутии до денот на изборите, односно до завршување на гласањето.

Во однос на изборните единици просечниот број на запишани гласачи е 302.377 запишани избирачи. Најмногу гласачи има во Куманово има 93.603 избирачи, Битола со 81.607 избирачи, скопски Аеродром 66.525 избирачи, Бутел 33. 278 и.т.н. Општини со најмалку гласачи се Вевчани со 2.062, Конче 2.724, а најмала е Лозово е 1.997 гласачи.

Се гласа на 3.480 избирачки места, но на 90 има помалку од 10 гласачи и според Изборниот законик, овие избирачи ќе можат да гласаат на најблиското избирачко место. Во Македонски брод има 11 такви избираки места, во Пробиштип седум, во Прилеп 13 и други.

Предвремените парламентарни избори во Македонија беа закажани за 12 април, но поради пандемијата со коронавируот и вонредната состојба беа одложени со Уредба со законска сила и одлука на ДИК. Потоа во договор меѓу политичките партии беше избран датумот 15 јули.

ДИК, учесниците на изборите, сите вклучени во процесот повикаа првенствено на почитување на мерките за заштита од коронавирусот, но и на почитување на демократските стандаради, на фер и слободни избори. Генералните оценки се дека првите два дена од гласањето минале без проблеми и со почитување на мерките за заштита од Ковид-19.

Изборите се одржуваат во ситуацијата кога во земјата недели наназад има троцифрени бројки на позитивни со коронавирусот. Но, Македонија е без Парламент од февруари година, а ја предводи техничка влада чија првенствена задача, според Пржинскиот договор, требаше да биде организирање фер и демократски избори./МИА

Албанската полиција запленила фалсификувани чекови во вредност од еден милион долари

Уапсени двајца Италијанци.

На граничниот премин Хан Хоти, на албанско-црногорската граница, албанската полиција запленила фалсификувани чекови во вредност од милион долари.

Уапсени се двајца италијанските државјани во чиј автомобил биле откриени фалсификуваните чекови.

Фалсификуваните чекови се одземени како материјален доказ заедно со возилото, 1700 евра, печати и два мобилни телефона и се предадени на Обвинителството при Основниот суд од општата надлежност Скадар за понатамошни дејствија. /МИА

Легендарната бразилска фудбалерка Марта заминува во пензија

 Најдобриот стрелец во историјата на Бразил во машки и женски фудбал, 38-годишната Марта, одлучи да се пензионира оваа година.

Марта, која од 2017 година настапува за американскиот клуб Орландо Прајд, изрази надеж дека пред повлекувањето од фудбалот ќе може да настапи на претстојната Олимпијадата во Париз.

„Ако одам на Олимпијадата, ќе уживам во секој момент, бидејќи, без разлика дали ќе бидам во Париз ова ми е последна година со репрезентацијата, изјави Марта во интервју за Си-Ен-Ен.

„Од 2025 година Марта повеќе ќе ја нема во репрезентацијата. Многу сум смирена поради тоа бидејќи со голем оптимизам гледам на развојот на спортот што го имаме во однос на младите спортисти“, додаде таа.

Марта, позната како „Кралица Марта“, е најдобар стрелец на сите времиња во Бразил со 116 гола на 175 натпревари. Таа е и најдобар стрелец на женските мундијали со 17 голови. /МИА

Франција и Германија потпишаа договор за заеднички проект за вооружување

Проектот МГЦС се очекува да ги замени германските тенкови Леопард два и француските борбени тенкови Леклерк. 

Францускиот министер за одбрана и неговиот германски, Себастијан Лекорну и Борис Писториус на денешната средба во Париз потпишаа договор за заеднички проект за вооружување во вредност од една милијарда евра, кој вклучува развој на главен борбен тенк од следната генерација.

Министрите потпишаа меморандум за развој на Главен копнен борбен систем (МГЦС), кој има за цел да ги замени сегашните борбени тенкови во Франција и во Германија.

Проектот МГЦС се очекува да ги замени германските тенкови Леопард два и француските борбени тенкови Леклерк. /МИА

притисни ентер