Пред утрешниот протест на земјоделците во Брисел, продолжуваат земјоделски блокади низ Белгија - Канал 5

Пред утрешниот протест на земјоделците во Брисел, продолжуваат земјоделски блокади низ Белгија

Протестите на земјоделците во Белгија, што почнаа викендов, продолжуваат и денеска со блокади на повеќе патни правци во земјата и на делови на Брисел, но и на дистрибутивни центри на синџири супермаркети. 

Пред утрешниот протест на земјоделците во Брисел, продолжуваат земјоделски блокади низ Белгија

Белгискиот Национален кризен центар денеска им препорача на граѓаните да избегнуваат патување кон Брисел со сопствени возила, особено во текот на утрешниот ден, за кога се најавени протести и блокади во градот, каде што треба да се одржи специјалниот Самит на ЕУ.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, според белгиската федерална полиција, од утрово на две локации се блокирани влезните и излезните пристапи на автопатот Е40 во источна Фландрија и тоа кај местото Алтер, меѓу Бриж и Гент, и кај Ветерен, во реонот на Дендермонде.

Блокадата на автопатот Е19 кај местото От-Итр во правец кон Брисел, што започна вчера, продолжува и денеска, а на истиот автопат се блокирана и делниците кон Монс кај Нивел и кон бриселскиот регион кај Худенг.

[Белгиските земјоделци денеска продолжија со блокада на неколку локации и патни правци во земјата, вклучително и на плоштадот Меус во центарот на Брисел, недалеку во зградата на Европскиот пар]

По вчерашната блокада на дистрибутивниот центар на „Алди“ во Ву-сур-Сур, групи земјоделци од синоќа ги блокираа и магацините на „Колројт“ во Гиленгиен и Олињи во околината на Хено, а од утрово и на „Лидл“ во местото Аје во јужна Белгија, што предизвика прекин во снабдувањето на супермаркетите на двете компании.

- Од вторник во 18 часот, фармерите го блокираат пристапот до нашите дистрибутивни центри во Олињи и Гиленгиен. Токму во овие дистрибутивни центри се складира храна, вода и пијалаци за нашите продавници ширум Белгија, соопшти денеска „Колројт“, посочувајќи дека демонстрантите не дозволуваат камиони ниту да влезат, ниту да излезат од магацините, што сепак засега не резултира со недостиг на стоки во супермаркетите на компанијата.

Од „Колројт“ додаваат и дека дополнителен проблем во снабдувањето претставува и тоа што некои од нивните камиони за дистрибуција на стоки се заглавени на земјоделските блокади на патните правци.

Фламанскиот Генерален синдикат на фармерите (АБС) за денеска најави блокирање на приодите кон пристаништето во Антверпен, поради што пристанишната управа им препорача на вработените да работат од дома.

Валонската земјоделска федерација (ФВА), пак, соопшти дека на утрешните протести во Брисел на белгиските земјоделци ќе им се придружат и нивни колеги од Шпанија, Португалија и Италија.

Според претседателката на ФВА, Маријан Стрел, вчера се одржал состанок на Комитетот на професионални земјоделски организации на ЕУ (КОПА) на која претставници од овие три земји најавиле учество на протестите во Брисел.

- Југот на Европа сака в четврток во Брисел да ни се придружи во изразувањето на нашето незадоволство, изјави Стрел.

Вчера, пак, имаше најави дека на протестот во Брисел ќе пристигнат и земјоделци од северна Франција и Луксембург.

Поради најавениот утрешен протест во Брисел, полицијата соопшти дека од утре од 7 часот за сообраќај ќе бидат затворени пристапните тунели и улиците што водат кон плоштадот Шуман, каде се наоѓаат зградите на Европската комисија и Советот на ЕУ.

Протести се најавени и на плоштадот Луксембург, кој исто така се наоѓа во т.н. „европски кварт“ на Брисел, каде уште од утринските часови се очекува да почнат да пристигнуваат поголем број земјоделци со трактори.

Бриселската полиција им препорача на жителите на градот во текот на утрешниот ден да избегнуваат движење со автомобили и наместо тоа да користат јавен превоз, пред се локалните возови и метрото, бидејќи автобусите и трамваите, исто така, најверојатно ќе бидат заглавени во сообраќајниот метеж.

Група земјоделци со околу 20 трактори од вчера изутрина го блокираа и плоштадот Меус, недалеку од зградата на Европскиот парламент во Брисел, каде пристигнаа во текот на претходната ноќ. Полицијата соопшти дека главно станува збор за земјоделци од реонот на градот Шарлроа, кој се наоѓа на околу 60 километри јужно од Брисел, и кои најавиле дека немаат намера да ја отстранат блокадата до четврток, па не е исклучено ним да им се придружат и нивни колеги од други делови на земјата, кои би пристигнале за утрешниот протест.

Фламанскиот Сојуз на фармерите (ББ) за утре најави протести и во Гент и Генк, потенцирајќи дека ќе ги поддржи сите спонтани собири на фармерите и земјоделските организации „во наредните недели, со цел гласот на земјоделците да се слушне јасно и на ненасилен начин“.

Белгиските земјоделци бараат намалување на административното оптоварување и олабавување на европските еколошки политики, со цел, како што тврдат, да му се овозможи на земјоделскиот сектор да биде „вистински економски, еколошки и социјално одржлив“.

Според земјоделските асоцијации, потребно е „итно вистинско поедноставување на административните процедури“, „длабинска“ ревизија на Заедничката земјоделска политика на ЕУ, како и спроведување на „економска, еколошка и социјална проценка од страна на Европската комисија за последиците од сите закони и ограничувања што таа ги воведе во земјоделството во последните години“.

Покрај ова, тие бараат и компензација за „сите ограничувања“, субвенции за покривање на зголемените трошоци како последица на инфлацијата, ограничување на слободниот увоз на земјоделски производи од трети земји што не ги исполнуваат стандардите што важат за продуктите од ЕУ, како и олеснет пристап до земјоделско земјиште.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Ракетен напад на финансискиот центар во Ријад- оштетена е зградата на нафтениот гигант „Армико“ (ВИДЕО)

Финансискиот центар на Ријад, главниот град на Саудиска Арабија, беше погоден од ракетен напад, а инцидентот ја оштети зградата на нафтената компанија Сауди Арамко.

Ракетен напад на финансискиот центар во Ријад- оштетена е зградата на нафтениот гигант „Армико“ (ВИДЕО)

Според информациите што ги објавија странските медиуми, прозорците на зградата биле скршени на неколку ката, додека дел од фасадата е оштетен, објави Лориент.

Нападот се случил денес, откако воената коалиција предводена од Саудиска Арабија објави дека пресретнала ракети лансирани од Јемен, за кои се вели дека им припаѓаат на јеменските бунтовници Хути.

Сведоци потврдија за АФП дека бил погоден деловниот комплекс на Финансискиот округ Крал Абдула (КАФД), во кој се наоѓа и кулата Арамко. Според нив, штетата била видлива на неколку ката од зградата, вклучувајќи скршени прозорци и оштетување на фасадата.

Сепак, првичните извештаи не беа јасни дали зградата била директно погодена од ракета или штетата е предизвикана од остатоци од ракета што претходно била пресретната од воздушната одбрана.

Саудиското Министерство за енергетика подоцна соопшти дека административната зграда на Арамко била цел на обидот за напад, но дека штетата била ограничена на остатоци. Според официјалните информации, немало повредени или смртни случаи во инцидентот.

Воената коалиција соопшти дека воздушната одбрана пресретнала и уништила две крстосувачки ракети насочени кон Ријад и јужните делови на кралството.

Нападот врз финансискиот центар предизвика особена загриженост бидејќи е еден од најпрепознатливите симболи на економските и социјалните реформи на Саудиска Арабија. Комплексот KAFD вклучува бројни канцелариски згради, финансиски институции, станбени згради, продавници и метро станица што ја користат многу луѓе секој ден.

Инцидентот претставува нова ескалација во конфликтот меѓу Саудиска Арабија и Хутите, кои ги интензивираа меѓусебните напади во последните месеци. Тензиите дополнително се зголемија откако Хутите ги обвинија саудиските сили за смртоносни напади врз цивили во Јемен.

Засега нема потврда дека нападот предизвикал прекини во работата на „Арамко“ или на неговите нафтени постројки. Властите продолжуваат да ја проценуваат штетата.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

АД ЕСМ со демант до СДСМ: Нема доцнење на платите во ЕСМ, компанијата ги осудува обидите за внесување немир кај вработените

Платата за вработените во АД ЕСМ ќе биде исплатена во законскиот рок. 

АД ЕСМ со демант до СДСМ: Нема доцнење на платите во ЕСМ, компанијата ги осудува обидите за внесување немир кај вработените

Тековните административни усогласувања во компанискиот систем за исплата на личниот доход, се должат на едновремените барања од над 140 вработени за ажурирање и промена на нивните лични податоци, што наметна потреба од дополнително време за нивна техничка обработка и верификација до 06.11., со цел да се обезбеди сигурна и точна распределба на средствата.

Работењето на АД ЕСМ, кое изминатите две години минува низ интензивен процес на финансиска и техничко-технолошка консолидација, не треба во ниту еден случај да се поврзува со државниот Буџет, затоа што средствата за плати компанијата самостојно ги обезбедува без субвенции, за разлика од периодот 2021-2024 година.

Компанијата најостро ги осудува обидите на одредени политички партии за саботажа на енергетскиот сектор односно преку тенденциозно и лицемерно користење на вонредните административни прилагодувања - да создаваат лажен наратив и да внесуваат немир помеѓу вработените.

Во контекст на платите и надоместоците за вработените, би сакале да потсетиме дека е почнат процесот за зголемување на платите во АД ЕСМ согласно неодамна потпишаниот Колективен договор со репрезентативните синдикати. Исто така, на почетокот на јули е исплатен регресот за годишен одмор за 2026 година во 100% вредност, а последните две години вработените ја добиваат декемвриската плата пред почетокот на Новогодишните празници.

АД ЕСМ

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Прогласена е вонредна состојба: Над 8.000 мигранти пристигнаа на шпански остров

Советот на шпанскиот остров Ел Иеро соопшти дека прогласил вонредна состојба за справување со миграциската криза, откако повеќе од 8.000 мигранти пристигнале на островот во Канарскиот архипелаг во последните пет недели.

Прогласена е вонредна состојба: Над 8.000 мигранти пристигнаа на шпански остров

Со декретот се бара и од владата на Канарските Острови и од шпанската држава да обезбедат дополнителен персонал и да спроведат систем на ротација за да им овозможат на членовите на Поморската служба за спасување, Здравствената служба на Канарските Острови, Државните безбедносни сили и Црвениот крст да бидат соодветно одморени, објави RTVE.

Претседателот на островскиот совет, Кабилдо, Алпидио Армас, рече дека вонредната состојба е прогласена за да „гарантира рамка за соработка со институциите за обезбедување на основните права“ и за пристап до буџетските ресурси потребни „за справување со овие непредвидени ситуации“.

Армас рече дека практично сите мигранти на островот доаѓаат од Сенегал.

Претседателот на Канарските Острови, Фернандо Клавихо, рече дека шпанскиот премиер Педро Санчез се обврзал итно да свика Комисија за имиграција и да ги зајакне ресурсите за здравствена заштита преку Државниот секретаријат за миграција. Декларацијата, исто така, предвидува воспоставување протоколи за координиран трансфер на мигранти на други острови со поголем капацитет и зајакнување на објектите за првичен прием на мигранти на островот.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер