Познати се детали за масакрот во Косово: Од одмазда, со калашников го изрешетал автобусот

Вечерва е пукано од калашников во автобус кај Глоѓане,на Косово, а според последните информации загинале четири лица.

Според Коха, на лице место загинале возачот и кондуктерот на автобусот, како и две помлади лица, родени 2003 и 2004 година.

Како што дознава Курир, причина за трагедијата е одмазда. Имено, еден од патниците бил исфрлен од возачот и кондуктерот на автобусот бидејќи ги малтретирал девојките. Потоа земал калашников, го чекал автобусот и испукал рафал.

Досега се идентификувани три убиени лица и тоа возачот Гани Ѓокај и учениците од селото Глоѓана Љ.Х.(19) и Г.М.(17).

Убиецот е во бегство, а полицијата интензивно трага по него.

Бајден наредната седмица ќе ја објави поддршката за прием на Африканската унија во Г20

Американскиот претседател, Џо Бајден, наредната седмица ќе ја соопшти поддршката на СAД за прием на Африканската унија во Групата Г20 на најголемите светски економии како постојани членки, изјави денеска претставник на Белата куќа.

Бајден ќе го соопшти тоа за време на Самитот на американско-африканските лидери во Вашингтон, изјави советникот на Белата куќа, Џад Девермонт.

„Потребни ни се повеќе африкански гласови во меѓународните разговори за глобалната економија, демократијата и управувањето, климатските промени, здравјето и безбедноста“, посочи тој.

Претседателот на Африканската унија и претседател на Сенегал, Меки Сал, и претседателот на Јужна Африка, Сирил Рамафоса, го повикаа Бајден да ја зголеми нивната застапеност во Г20, изјави Девермонт за весникoт „Вашингтон пост“.

Јужна Африка е единствената земја членка на Г20 од Африка.

Маричиќ: Напредокот кон ЕУ е загарантиран со ефикасна борба против корупцијата.

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, организираа состанок со претставниците на сите институции кои се надлежни за борба против корупција.

Маричиќ, денес, по повод Меѓународниот ден на борба против корупцијата, во соработка со заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска и евроамбасадорот Дејвид, организираа состанок со претставниците на сите институции кои се надлежни за борба против корупција.

-Борбата против организираниот криминал и напредокот на патот кон ЕУ се два меѓусебно поврзани процеси кои ја забрзуваат нашата евроинтеграција. Меѓународниот ден на борба против корупцијата оваа година го одбележавме како земја преговарач со ЕУ и земја која преку нов Акциски план во наредниот период се фокусира на негово доследно спроведување, за брзи резултати и исполнување на европските стандарди и принципи, истакна Маричиќ на состанокот.

Вицепремиерот за европски прашања и главен преговарач со ЕУ посочи дека владеењето на правото, независноста на правосудството, доследната и неселективна борба против криминалот и корупцијата, со широка и обврзувачка транспарентност, остануваат стратешки приоритет на оваа Влада, на патот кон ЕУ.

- Борбата против корупцијата и спроведувањето на антикорупциските политики и мерки е една од главните цели и приоритети на државата. Токму тоа ни беше целта кога во преговарачката структура ја воведовме и позицијата на Главен антикорупционер, одговорен за хоризонтална координација на сите политики од точка на борба против корупцијата и спречување судир на интереси, рече Маричиќ, додавајќи дека тоа е владиниот одговор и препознавање на важноста на оваа област за Европската унија.

Маричиќ на состанокот пред дипломатскиот и претставниците на институциите увери дека постои политичка волја и желба за справување со овој општествен феномен и дека неколку пати до сега го имаат докажано во меѓународни извештаи каде се бележи подобрување на позицијата на Македонија во борбата против корупцијата.

- Најновиот индекс за перцепција за корупцијата за 2021 година на „Транспаренси интернешнл“ нотираше подобрена позиција на земјата во однос на претходната година – 87 место, за разлика од извештајот од 2020 година кога беше на 111. Македонија се наоѓа на 63 место од 140 држави според „Индексот на владеење на правото“ на вашингтонската невладина организација „World Justice Project“ што е за едно место подобро рангирана во споредба со минатата година кога бевме на 64 место, потенцираше Маричиќ.

За него овие извештаи се доказ за вистински промени, напредок и искрена намера која ја имаат во пристапот кон борбата со корупцијата, но не е доволно.

- Пред нас е голем предизвик за успешно да ги затвориме преговорите со ЕУ, за кој ни е потребен реформски евроентузијазам. Затоа корупцијата треба да ја гледаме како точка на обединување на секој еден граѓанин и секоја институција, со пристап кој ќе биде инклузивен во нејзино искоренување, порача Маричиќ.

Главниот преговарач со ЕУ брифираше дека на билатералниот скрининг за Кластер I „Фундаментални вредности“, било забележано од страна на Европската комисија дека треба да се продолжи со напорите за борбата против корупцијата, да се спроведуваат и имплементираат препораките на ГРЕКО и секако да се доделат доволни ресурси на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, со цел да се обезбеди ефективна одговорност за предметите на корупција на високо ниво.

Дополнително на скринингот биле поздравени активностите кои веќе се преземаат, а се во насока на зајакнување на статистиките во борбата против корупција иако имавме забелешка во рамки на Поглавјето 24 за бројот на реализирани активности во областа.

На состанокот присуствуваа и министерот за финансии Фатмир Бесими, министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити, потпретседателот на Собранието Горан Мисовски, претседателката на Комисијата за политички прашања Соња Мираковска, државниот јавен обвинител Љубомир Јовевски, претседателката на Судскиот Совет Весна Данева и дел од дипломатскиот кор во земјава.

Лојд Остин тврди дека Русија го проширува и модернизира својот нуклеарен арсенал

Русија го проширува и модернизира својот нуклеарен арсенал, изјави американскиот секретар за одбрана Лојд Остин.

Тој ја коментираше темата за нуклеарниот арсенал на Русија на церемонијата на инаугурација на командантот на Стратешката команда на САД, која го надгледува американското нуклеарно оружје.

– Кремљ ја продолжува својата брутална и неиспровоцирана војна против Украина, а целиот свет го виде Путин како се впушта во крајно неодговорно ѕвецкање со нуклеарно оружје, рече Остин.

притисни ентер