Потребно итно воведување на предлог-моделот за рехабилитација на жени жртви на семејно насилство

Потребно е итно воведување на предлог-моделот за рехабилитација и реинтеграција што ќе ги опфати сите аспекти кои се важни и клучни во процесот на напуштање на насилната средина и започнување нов живот.

Тоа го истакна денеска Елена Димушевска, извршна директорка на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство на панелот на тема „Предлог модел за реинтеграција и рехабилитација на жени жртви на семејно насилство" што се одржува во Скопје.

– Моделот ги вклучува петте најважни аспекти, а тоа се домување, психолошко советување, финансиска поддршка, образование и обуки и помош при вработување. Тоа е еден процес што треба да ги поддржи жените во донесување на одлуката, да ги охрабри да напуштат и да започнат нов живот, појасни Димушевска.

Според последното истражување на ОБСЕ што било објавено во мај годинава кое било спроведувано во земјите од Западен Балкан меѓу кои и земјава, 60 проценти од жртвите на семејно насилство биле контролирани од сторителот, немале никаков или имале контролиран пристап до финансии и нивните деца биле користени како средства за уцена за жената да не го напушти партнерот. Од сите испитани жени, 19 проценти или секоја петта жена е жртва на економско насилство од партнерот, а жените кои трпеле семејно насилство во минатото, а не биле во можност да обезбедат живеалиште или храна за себе и своите деца поради тоа не ја напуштиле насилна средина, во последните 12 месеци, односно во текот на 2018-та, повторно биле изложени и се соочиле со повеќе форми на семејно насилство.

– Овие податоци ни ја покажуваат неопходната и итната потреба за воведување на ваков модел на рехабилитација и она што со задоволство можам да го соопштам е дека како посебен член е влезен во новиот Закон за насилство врз жени и семејно насилство, што сега ќе влезе и во процедура на усвојување, посочи Димушевска.

Претседателката на Клубот на пратенички во Собранието Ѓулумсер Касапи посочи дека овој ден (Меѓународниот ден за борба против насилство врз жените) го означува почетокот на глобалната кампања на која Клубот на пратенички со оваа панел дискусија се приклучува кон активизам за спречување на насилство врз жени и девојчиња кое ќе трае 10 дена, а ќе заврши со Светскиот ден на човекови права.

– Почетокот и крајот на кампањата која се организира за зголемување на свеста и преземање конкретни мерки за прекинување на насилството врз жените, не се одбрани случајно туку со цел да се направи поврзување меѓу насилството врз жените и кршењето на човековите права. Токму насилството врз жените е едно од најчестите и најактуелните и воедно најмалку препознатливи прекршувања на човекови права од што во светски рамки страда секоја трета жена, рече Касапи.

Додаде дека Клубот на пратенички отсекогаш делувал со заедничка и единствена цел – преку законски решенија да се постигне родова еднаквост и унапредување на правата на жената.

– Континуирано продолжуваме во борбата против семејното насилство, а пример за тоа се иницијативите меѓу кои со поддршка на Клубот за пратенички во Законот за семејство вградена е посебна глава за заштита на жртви од семејно насилство, со измените во Законот за игри на среќа и забавни игри поднесени од Клубот на пратенички се формира посебен фонд за борба против семејно насилство, дополни Касапи./МИА

Совршен трик за сместување на долгите зимски јакни во плакарот (видео)

Нема да се туткаат, а се отвора и повеќе простор 

Долгите зимски јакни честопати создаваат неред во плакарите.

Зимата конечно заврши и деновите стануваат сè потопли. Многумина веќе ги одложија долгите зимски јакни и палта кои повеќе нема да им требаат. Меѓутоа, проблемот е што оваа зимска облека е гломазна, тешка и обично зафаќа многу простор во плакарот.

Сепак, како што сподели една „инфлуенсерка“, постои трик за тоа како да ги наредите гломазните дебели јакни да не прават неред во плакарот, а сепак да се сочуваат на најдобар начин до следната зимска сезона. Во видеото на Инстаграм на страницата nest_in_order, кое се занимава со уредување на домот и едноставни трикови, откриен е метод како да сместите долга јакна во плакарот.

Потребно е само да ја закопчате јакната, да ги прекрстите ракавите на задната страна и да го свиткате долниот дел со горниот дел, односно да го повлечете нагоре, и со помош на патентот да ја закачите за закачалката. На овој начин јакната ќе се „скрати“, но ќе се здипли без да се тутка и да зафаќа дополнителен простор во плакарот.

Многу дами ѝ се заблагодарија на „инфлуенсерката“ за споделениот трик, велејќи ѝ дека им го олеснила животот и дека не треба да се грижат за тоа како да ги наредат нивните јакни.

- Изгледа одлично.

- Јасно и толку едноставно.

- Само ако јакните имаат двоен патент.

– Сега се чувствувам толку глупаво – беа дел од коментарите.

Многумина се согласија дека овој трик им помогнал подобро да го организираат сопствениот плакар, особено ако имаат повеќе вакви јакни. Како што предупредија корисниците на социјалните мрежи, овој трик е совршен за долги јакни со пердуви, но не и за капути кои се направени од штоф. Таквите капути најдобро е да ги оставите да висат, инаку штофот може да се превитка и ќе имате проблем кога ќе го облечете вашиот омилен капут повторно кога ќе дојде време за него.

Чола „тежи“ 25 милиони евра, a носи часовник вреден 2.000 евра

Според познатиот американски сајт „Celebritynetworth“, Здравко Чолиќ е еден од најбогатите пејачи на Балканот. Според податоците од 2021 година, неговото богатство се проценува на 25 милиони евра.

Иако има толку милиони, Чола отсекогаш бил скромен, а сега тоа го докажа уште еднаш - со изборот на својот часовник. Така, пејачот на зглобот носи часовник вреден „само“ 2.000 евра . Како што стои на Инстаграм профилот „Sat na ruci“, се работи за часовник од брендот „TAG Heuer Carrera“ со челично куќиште и функција хронограф.

Здравко отсекогаш нагласувал дека финансиите отсекогаш му биле слаба страна, иако по професија е економист.

- Човекот не може да го смени темпераментот, не мислам на начинот на трошење и начинот на живеење, но тоа ми беше малку претерано и така е и денес - изјави тогаш Здравко.

Тој откри на што најмногу ги трошел хонорарите.

- Никогаш не сме имале толку високи хонорари. Патувањето и гардеробата беа фетиш во седумдесеттите и осумдесеттите. Никогаш немав големи материјални желби. Моето беше да одам некаде, на море или да направам некоја забава и да потрошам таму, но никогаш немав желба да купам часовник. Не страдав од тоа – скромно вели пејчачот.

Извор: Аваз

Најчестите знаци на прекумерно внесување шеќер

Внесувањето шеќер во големи количини е штетно за човековото тело и тоа ја зголемува опасноста од дијабетес и многу други болести. 

Дополнителен проблем е што шеќерот се наоѓа и во намирници коишто не се благи, па затоа е важно да се внимава на составот на секојдневните хранливи производи. Нутриционистката Брук Алперт и лекарката Ребека Казин предупредуваат на најчестите знаци на прекумерно внесување шеќер коишто ги испраќа самото тело.

Постојано копнеење за слатки

Шеќерот предизвикува зависност. Ова е затоа што сензорите за вкус се адаптирале на благото и на тој човек му треба сѐ повеќе благо, за да го добиете истиот вкус, но и истото задоволство како и првиот пат, слично како дрога. Поради сѐ тоа, докторите советуваат навремена контрола на внесувањето шеќер.

- Со тоа што јадете многу шеќер, предизвикувате хормонален одговор во Вашето тело што е како бран. Ве крева, а потоа Ве треснува од земја, и тоа го поттикнува Вашето тело да бара повеќе шеќер, појаснува Алперт.

Промени во расположението

Премногу внесен шеќер може да значи моментна „еуфорија“. И обратно... Падот на шеќерот во крвта може да предизвика пад и во расположението и поголема нервоза и вознемиреност.

Тромавост

Откако шеќерот ќе го предизвика почетниот скок на енергијата, тој предизвикува и пад. Енергијата е најстабилна кога шеќерот во крвта е стабилен, така што кога се консумира премногу шеќер, има и падови во енергијата. Премногу шеќер честопати значи и недоволен внос на протеини и влакна.

Пукање на кожата

Д-р Ребека Казин смета дека некои луѓе се чувствителни на напливи на инсулин поради прекумерно внесување на шеќер. Тоа може да предизвика нарушување на хормоните, што води, на пр., до сува кожа, ранички, акни и сл.

Дебелеење

Вишокот шеќер значи - вишок калории, а во недостиг на протеини или влакна, шеќерот нема никаква хранлива вредност. Сѐ тоа, заедно со ослободувањето инсулин, ја покачува телесната тежина, но и ја зголемува опасноста од појава на дијабетес.

Кога се јаде премногу шеќер, на телото „му се кажува“ да лачи повеќе инсулин, а подоцна, тоа прекумерно лачење може да доведе до отпорност кон инсулин. Отпорноста пак, значи дека телото нема да може правилно да реагира на нормални количини инсулин и правилно да го користи шеќерот.

Премногу кариес

Кога бактериите ги разјадуваат честичките храна меѓу забите, се создава киселина што постепено предизвикува расипување на забите. Плунката сама по себе одржува здрава рамнотежа на бактерии, но шеќерот може да влијае на пе-ха вредноста и да го наруши тој природен сооднос. Неправилното размножување на бактериите, всушност, води кон расипување на забите и кариес.

Мозочна магла

Деконцентрацијата што обично се јавува после оброк е симптом на низок шеќер во крвта. Кога се јаде многу благо, пак, нивото шеќер во крвта се зголемува и опаѓа, наименично и брзо. Тоа, според стручњаците, ја зголемува расеаноста, и укажува на задолжителна контрола на внесот на шеќер.

Ништо не е така слатко како порано

Премногу шеќер предизвикува сензорите за вкус да се навикнат на слатките вкусови, па затоа човекот бара сѐ повеќе шеќер за да ја задоволи својата глад за слатко. Меѓутоа, тука се препорачува свесно намалување на благото и самоконтрола. На тој начин, по извесно време, телото повторно ќе се навикне и ќе се задоволува со малку шеќер. /МИА

притисни ентер