Потпишан Договорот за соработка во борбата против криминалот меѓу Македонија и Германија

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и неговиот германски колега Хорст Зехофер, денеска во Берлин потпишаа билатерален меѓувладин Договор за соработка во областа на борбата против криминалот.

Со тој договор се поставуваат фундаменталните принципи за натамошно продлабочување на меѓусебната соработка во сите сфери од безбедноста.

Како што соопшти МВР, Спасовски на средбата со Зехофер истакна дека овој документ е од особена важност не само за Република Македонија, туку и за стабилноста на целиот регион на Западен Балкан.

– Особено ја цениме поддршката што Сојузното министерство за внатрешни работи, градежништво и заедница на Сојузна Република Германија ја дава на Министерството за внатрешни работи на Република Македонија, рече на средбата министерот Спасовски.

Целта на овој договор е понатамошно развивање и продлабочување на билатералните односи помеѓу двете држави, во поглед на заедничките предизвици во борбата против меѓународниот криминал, меѓународниот тероризам, како и координирање на заедничките активности во справувањето со илегалната миграција.

Овој договор, како што е наведено во соопштението, ќе овозможи побрза размена на информации помеѓу институциите за спроведување на законот, во однос на лица вклучени во криминални дела, како и организирани групи на сторители и врските помеѓу нив, со цел спречување на постоечка суштинска закана за јавната безбедност.

Понатаму, ќе овозможи взаемна поддршка при потерници за лица или за украдени и изгубени предмети, при спроведување на координирани полициски активности за одбивање на опасности по јавниот ред и безбедност, во борбата против нелегалната миграција, соработката во областа на заштита на сведоци, а од особено значење ќе биде и размената на искуства во областите на форензиката, превенцијата од криминал, како и во областа на применетите методи, средства и техники на криминалистиката.

– Министерот Спасовски, во име на министерството и во свое име, се заблагодари на германските колеги и за новата донација во возила и опрема, вредна речиси 1,1 милион евра, регулирана со веќе потпишаниот договор за донација меѓу двете министерства, а која што наскоро треба да биде предадена за употреба на граничната полиција, соопшти МВР. /МИА

Сторми Дениелс го бранеше своето тврдење дека во 2006 година имала случајна средба со Трамп

По испрашувањето од обвинителите, поранешната актерка во филмови за возрасни Сторми Дениелс синоќа беше ставена пред вкрстен распит од одбраната на поранешниот претседател на САД Доналд Трамп.

На судот во Њујорк што се води против него за сторено кривично дело таа веќе втор ден се соочува со Трамп при што во графички детаљи опиша како во 2006 година имала случајна средба со него што завршила во неговата хотелска соба.

Тогаш таа имала 27 години а Трамп 61. На обвинителите им кажа дека потоа, во пресрет на претседателските избори во 2016 година, кога Трамп беше успешен републикански претседателски кандидат, тој и платил 130.000 долари да молчи за тоа. Централен дел на процесот е оваа сума бидејќи била исплатена од касата на изборната кампања, што е незаконски.

Краткотрајната и непланирана средба со Трамп се случила во голф клуб покрај езерото Тахо во Невада. Дениелс, на адвокатката Сузан Неклес ѝ кажа дека тој ја поканил на вечера во својот апартман во хотелот, никогаш не донел храна, и потоа се соблекол да има сексуален однос со неа.

На вкрстеното испитување Неклес сакаше да ја претстави Дениелс пред поратата како парољупка и лажга и сугерираше дека средбата меѓу двајцата никогаш не се случила.

-Имате големо искуство во тоа кога раскажувате лажни приказни за секс тие да звучат како вистински (во повеќе од 200 филмови за возрасни во кои таа глумела или ги продуцирала).

Дениелс одговори: „Не би кажала така. Сексот во филмовите е многу реален, исто како тоа што ми се случи и во таа соба“.

Неклес беше упорна: „Сето ова го измислувате“? Дениелс одговори: „Не. Ме терате да кажам дека се променило, но се нема променето“.

Очигледно беше навреда за Трамп сведочењето дека ако нејзината непланирана средба со него била невистинита „би ја напишала да биде многу подобра“, што предизвика смеа во судницата.

По неколкучасовното сведочење на Дениелс, другиот адвокат од одбраната побара прогласување на неправилно судење заснована на тоа дека сведочењето против Трамп било со предрасуди и без поврзаност со обвинувањата со кои тој се соочува, како например исказот дека таа го плеснала по задникот со некое списание.

Блинкен: САД се против принудно иселување на Палестинците од Газа

Во телефонски разговор синоќа со министерот за надворешни работи на Египет, Самех Шукри, државниот секретар Ентони Блинкен ја потврди „јасната позиција на претседателот Џо Бајден дека САД не подржуваат крупна воена операција во Рафа.

Во телефонски разговор синоќа со министерот за надворешни работи на Египет, Самех Шукри, државниот секретар Ентони Блинкен ја потврди „јасната позиција на претседателот Џо Бајден дека САД не подржуваат крупна воена операција во Рафа и се против секакво принудно преместување на Палестинците во Газа“, изјави портпаролот Метју Милер.

Милер укажа и дека Блинкен „ја изразил подршката на САД за повторно отварање на пограничниот пункт Рафа и продолжување на испораките на итно потребната хуманитарна помош“.

Премиерот на Израел Бенјамин Нетанјаху вчера објави дека Израел го кренал своето знаме на граничниот премин Рафа, со што главната контрола на границата со Египет е одземена од Хамас.

По седум месеци војна во Рафа прибежиште најдоа повеќе од 1.4 милиони Палестинци. Во меѓувреме, Израел издаде наредба за евакуација на населението од источниот дел на градот.

Блинкен исто така изразил благодарност до Египет за посредништвото во преговорите за постигање привремен прекин на огнот во замена за ослободување на заложници.

Џафери ќе информира за работата на техничката Влада

Премиерот на техничката Влада Талат Џафери денеска ќе одржи прес-конференција на којашто ќе се осврне на работата во изминатите 100 дена. 

Техничката Влада беше изгласана на 28 јануари, 100 дена пред парламентарните избори што се одржаа завчера.

Изборот на техничката/преодна влада е согласно Пржинскиот договор за надминување на политичката криза од 2015 година.

Примарната функцијата на техничката влада беше да обезбеди фер и демократски избори.

притисни ентер