Ново обвинение за несовесно работење на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко

 Основното јавно обвинителство Струга денеска поднесе ново обвинение за несовесно работење на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко. 

Според обвинението, тој се товари дека како градоначалник на 31 јануари 2022 година, при именувањето на вршител на должност – директор на општинско основно училиште во селото Лабуништа, назначил лице кое не било од редот на вработените, како што е предвидено во Законот за основно образование, и назначената немала соодветно работно искуство во воспитно-образовна работа.

Градоначалникот, како што е наведено во информацијата од ОЈО, овозможил на лицето да му се исплаќа плата како в.д. директор 19 месеци, со што на училиштето му била нанесена штета во вкупен износ на неосновано исплатените плати и придонеси.

Претходно, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, поднесе обвинение против градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко во врска со набавката на луксузниот автомобил „ауди“, по иницијативата на Државната комисија за спречување на корупција. Антикорупциска и во 2020 година поднесe иницијатива за кривично гонење на Мерко за набавката на патнички возила, меѓу кои и „ауди А6“ вредно 67 илјади евра, но Обвинителството тогаш го затвори случајот во фаза на предистрага, иако и ревизорите утврдија дека тендерот е спроведен во време на финансиска нестабилност на Општина Струга.

Тој минатата година беше ставен и на „црната листа“ на Стејт Департменот поради наоди за вмешаност во корупција, злоупотреба на фондови и мешање во судството.

Но, во јавноста останува дилемата, „кој ќе му суди на Мерко?“. Специјализираното одделение за организиран криминал и корупција при Основниот кривичен суд Скопје се огласи за ненадлежно за кривичното дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ и предметот ќе го достави за постапување во Основниот суд Струга. Претходно пак, тим од државни обвинители и судии ги контролираа струшките колеги за предметите поврзани со Мерко во ОЈО Струга и во Вишото јавно обвинителство во Битола.

По извршениот вонреден надзор над работата на Основното јавно обвинителство Струга, Вишото јавно обвинителство Битола и на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Комисијата на Јавното обвинителство на Република Македонија имала увид во 30-тина заведени предмети против Рамиз Мерко, како и во предметите поврзани со работата на Општина Струга во периодот кога тој ја вршел функцијата градоначалник. Најстарите завршени постапки датираат од 2006 година, при што и во еден дел од веќе решените предмети. Комисијата која вршела увид, како што информираа тогаш од ЈОРМ, испратила укажувања до јавните обвинители во однос на нивното постапување. ОЈО Струга водело четири предмети против Мерко, оформени од почетокот на 2023 година, а постапувало и во два предмети во предистрага од 2021 година кои се однесуваат на конкретни проекти на Општина Струга. За други четири предмети во работа (2 од 2019 и 2 од 2022), јавните обвинители кои преземале дејствија добиле укажувања и насоки со цел дополнително да се динамизира постапувањето. Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција имало во работа вкупно пет предмети.

По ставањето на „црната листа“ на САД, во јуни минатата година, Мерко се огласи на својот фејсбук профил од каде порача дека ќе биде отворен „за поддршка на правдата и за секој процес пред правосудните органи". Вети дека сите потребни документи од негова страна и од Општина Струга ќе бидат навремено доставени до судските органи, а во интерес на процесот реши да ја замрзне секоја активност во партиските структури до затворање на важните постапки. Оттогаш речиси и не е достапен за јавноста. Освен со по некоја фотографија на официјалната фејсбук страница на Општина Струга од увид на тековни проекти на Локалната самоуправа.

Во Вински музеј Кавадарци 13 илјади посетители за три ипол години

 Отворивме и две винотеки, во кои може да се купат вината од семејните винарии, како значаен потенцијал за лозаровинарството и винскиот туризам, нагласи Честоева. 

Вкупно 13 илјади посетители го имаат посетено Вински музеј Кавадарци за повеќе од три ипол години, соопшти денеска директорката Весела Честоева, информирајќи дека вчера, музејските експонати имале можност да ги видат и посетители од познатиот вински регион Алзас од Франција.

- Вински музеј за регион Тиквеш од Кавадарци, станува се поинтересна дестинација за туристите. Од ден на ден расте интересот за овој музеј, за настаните што ги организираме овде и за експонатите што говорат за историјата, културата и традицијата во најголемиот лозаровинарски регион во државата. Гостите се запознаваат со богатата традиција во делот на винската култура во Тиквешијата. Развојот на туризмот и воспоставување на соработка со други туристички дестинации, како винската област во Франција, е приоритет на Општина Кавадарци, подвлече Честоева.

Таа нагласи дека оваа културна институција е секогаш отворена за најразлични настани за различни генерации, што ги промовираат уметноста, историјата, културата и традицијата на овој простор.

- Отворивме и две винотеки, во кои може да се купат вината од семејните винарии, како значаен потенцијал за лозаровинарството и винскиот туризам, нагласи Честоева.

Таа додаде дека нивните настани вклучуваат лица од различни генерации, а им посветуваат внимание на сите видови на уметност.

- Наша цел е да го издигнеме на повисоко ниво македонското вино на светската винска карта, а винскиот музеј да биде задолжителна дестинација на вљубениците во убавото вино, што исто така претставува своевидна уметност, додаде Честоева. /МИА

Сунак ги повика избирачите „да му веруваат“ пред парламентарните избори

Британскиот премиер Риши Сунак денеска ги повика избирачите „да му веруваат“ дека ќе ја обезбеди нивната безбедност во денешниот свет, кој станува сè поопасен. 

Премиерот ги наведе своите заслуги во предизборниот говор во кој, според агенциите, „немал скрупули“, по повод претстојните, иако се уште не закажани, национални парламентарни избори годинава.

Со оглед на тоа што неговите колеги ториевци заостануваа зад опозициската Лабуристичка партија во анкетите пред изборите, Сунак го искористи својот говор на настанот во Аналитичкиот центар за размена на политики на Конзервативната партија за да ги убеди гласачите дека само тој е способен да ја заштити земјата од „оската на авторитарните држави“.

Сунак ги нападна лабуристите дека не се во состојба (ако дојдат на власт) да го исполнат ветеното зголемување на трошоците за одбрана (на 2,5 отсто од БДП годишно до 2030 година) или да ја спречат илегалната имиграција, и дека само тој има „јасен план“ за иднината . Лидерот на лабуристите Кир Стармер ги отфрли тврдењата како неосновани.

„Следните избори во нашата земја се националните избори и изборот на нив е јасен - иднината или минатото“, рече Сунак на настанот.

„Имаме јасна претстава за тоа што носи иднината - најопасните времиња што сме ги виделе во многу години, но и најпроменливите и само ние сме оние и само јас сум тој со храбрите идеи и јасен план кои ќе донесат сигурна иднина на нашата држава“, рече Сунак.

Лабуристите одговорија со обвинување на конзервативците.

„Единствениот начин да се запре овој хаос е да се сврти нова страница, а почетокот на промените е промена на власта“, рече Пит Мекфејден, национален координатор на кампањата на лабуристите. /МИА

Средба на претседателката Сиљановска Давкова со ректорите на државните универзитети

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ги прими ректорите на државните универзитети „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје,  „Гоце Делчев“ – Штип, „Св. Климент Охридски“ – Битола, Универзитетот во Тетово и „Мајка Тереза“ – Скопје.

На средбата на којашто присуствуваа ректорката проф. д-р Биљана Ангелова, ректорот проф. д-р Јусуф Зејнели, ректорот проф. д-р Дејан Мираковски, проректорот проф. д-р Јове Талевски и проректорот проф. д-р Беким Фетаји, беа упатени честитки за изборот на претседателката Сиљановска Давкова и беа изразени очекувања за успешна соработка.

Соговорниците разменија мислење за тековните реформи во високото образование со цел прилагодување на високообразовните институции на глобалните трендови и достигнување на европските критериуми и стандарди.

Претседателката Сиљановска Давкова истакна дека, како личност што доаѓа од академската заедница, ќе го поддржува поттикнувањето на научно-истражувачката дејност, посочувајќи дека високото образование е клучно за просперитетот, развојот и напредокот на државата и подигнувањето на неговиот квалитет мора да биде наш врвен приоритет.

Претседателката Сиљановска Давкова посочи на потребата државните институции заедно со универзитетите да ги интензивираат напорите за поцелосно искористување на ресурсите од механизмите на ЕУ наменети за високото образование и да се искористи можноста македонските студенти и академски кадар да имаат зголемено ниво на соработка преку проектите на програмата Еразмус+ на Европската Комисија.

Во насока на поттикнувањето на развојот преку науката, дигитализацијата и развојот на човечките капацитети, претседателката ја посочи нејзината подготвеност како професор со долгогодишно искуство во високото образование да помогне во правец на подобрување на квалитетот на образованието за сите млади луѓе, промовирање на културната разновидност, поттикнување на иновациите и подобрување на технолошките вештини кај младите.

притисни ентер