Почнува финалната фаза од уставните измени

Двотретинското мнозинство за уставните амандмани останува неизвесно пред денешното отпочнување на пленарната седница на македонското Собрание 

Двотретинското мнозинство за уставните амандмани останува неизвесно пред денешното отпочнување на пленарната седница на македонското Собрание на која со нивно изгласување треба да се заокружи имплементацијата на Преспанскиот договор.

Од опозициските албански партии БЕСА на Касами вчера на прес-конференции во Собранието потврди дека продолжуваат со разговорите во врска со нивните барања, со кои ја условуваат поддршката од нивните двајца пратеници за уставните измени.

На прашањето дали ќе ги поддржат предлог амандманите на Владата доколку не се прифатат нивните предлози, пратеникот на БЕСА Фадил Зендели вчера изјави дека ќе видат во текот на дебатата, за тоа како ќе се одвива целата постапка.

-Тоа е прашање на дебата. Не можам да прејудицирам, да оставиме простор во утрешната дебата и наредните денови, како ќе рефлектира мнозинството и Владата. Ние потоа ќе излеземе со соодветен став, рече Зендели нагласувајчи дека нивните барања се суштински, а не се поднесени про форма и оти цврсто стојат на тие барања.

Премиерот Зоран Заев на средбата вчера попладне со лидерот на Алијансата за Албанците Зијадин Села изјави дека го прифатил предлогот на Села што се однесува на делот на преамбулата „граѓаните коишто живеат во границите", посочувајќи дека конечната формулација ќе биде „граѓаните на Македонија, македонскиот народ и дел од албанскиот народ, дел од турскиот народ, дел од влашкиот народ..."

Заев рече дека на средбата било потврдено оти Алијансата за Албанците ќе даде поддршка уставните амандмани и уставниот процес во Собранието, изразувајќи уверување дека истото ќе се случи и со Беса.

Села нагласи дека неговата партија останува на истата позиција за членство на Македонија во ЕУ и НАТО, но нема да се откажат од барањето за албанскиот јазик.

Изрази задоволство поради постигнатиот договор околу менувањето на преамбулата што се однесува на „граѓани коишто живеат во границите".

На новинарското прашање дели ќе дадат поддршка на уставните амандмани, Села посочи дека тоа ќе се дознае на денот на гласањето во Собранието.

Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи вчера пред состанокот на Работниот комитет за евроинтеграциите на новинарско прашање да даде коментар за барањата на БЕСА и Алијансата на Албанците во врска со уставните измени истакна дека тој не смета оти албанските политички партии се дел од тие фактори што сакаат да го уништат процесот, но напомена дека најлошата услуга што во моментов би им се направила на Албанците е да се даде порака дека тие го кочат членството на Република Македонија во НАТО.

– Нема поважен етнички интерес за Албанците од членството на Македонија во НАТО. Тоа е поголем и поесенцијален интерес на Албанците над секој друг етнички интерес во моментов, бидејќи тоа е гаранција дека Албанците ќе бидат дел од западноевропското семејство на вредности кон кое со генерации тежнеат да бидат, рече Османи.

Ваквите обвинувања дека се кочничари на интеграцијата на земјата во НАТО ги отфрлија и БЕСА и Алијансата. Според Зендели, тие ја поддржавме иницијалната постапка за уставните измени, но во текот на процесот се промениле вели, правилата на игра, се додале нови работи кои ги сметаат за спорни, па затоа „одговорност треба да преземат тие што ги менуваат правилата на играта".

За Села, вистинските кои ја проблематизираа и на некаков начин водеа овој процес да се одоговлечи е токму вели, Османи, кој беше министер и во Владата на премиерот Никола Груевски и политичката опција која тој ја претставува.

Премиерот Заев изрази оптимизам дека сепак ќе успее да го обезбеди потребното мнозинство во македонското Собрание пред финалното гласање на уставните измени неопходни за имплементација на Договорот од Преспа. Вели, поддршката со број на пратеници ќе се знае на чинот на гласањето.

-Двете опозициски партии од албанскиот блок досега беа конструктивни во однос на процесот на уставни измени. Дел од нивните сугестии се вградени. Сите политички партии силно го поддржуваме процесот на евро и евроатланските интеграции, но со нив ќе разговараме и за оние работи за кои имаат резерви, порача шефот на Владата.

Клучни барања на БЕСА се да се прецизира дека државата не е моноетничка, како што имплицира делот "македонско државјанство", како и во делот на дијаспората. Од Алијансата бараат албанскиот јазик и неговото писмо да се употребуваат на целата територија на државата, по зборовите „самостојна, суверена" да се додаде „мултиетничка", а зборовите „македонскиот народ" да се заменат со „граѓани", за да се истакне мултиетничкиот карактер на државата.

Во меѓувреме, осуммината пратеници од Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ најавија дека нема да му дадат поддршка на владеачкото мнозинство и нема да го дадат гласот „За" уставни измени доколку Владата одлучи да го прифати барањето на БЕСА терминот „македонско" да се избрише од документите, бидејќи оценуваат дека тоа е спротивно на гаранциите за јакнење на идентитетот.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која нема да учествува во расправата за амандманите, се закани дека и понатаму ќе исклучува пратеници од своите партиски редови доколку позитивно се изјаснат на собраниската седница за уставните измени. Ова беше најавено од потпретседателот Александар Николовски при неодамнешното гостување на една телевизија. Централниот комитет на партијата веќе исклучи седум свои пратеници по гласањето за отворање на уставните измени откако беше овозможено двотретинско мнозинство од точно 80 гласа „за", но и неколку члена на партијата кои се изјаснија против партискиот став за неприфаќање на измените на Уставот.

На текстот на предлогот на амандманите на Уставот, кои денеска треба да се најдат на пленарна седница, предлагачот, секој пратеник, работно тело и Владата кога не е предлагач, можеа да поднесат амандмани најдоцна осум дена пред седницата на Собранието на која ќе се усвојуваат амандманите на Уставот. До Собранието на Република Македонија во законскиот рок пристигнале 10 амандмани на предлог-амандманите на Уставот и тоа шест од Алијанса на Албанците, три од Беса и еден од Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Независните со поднесениот амандман предлагаат во амнадманот 33 во член 1 под ставот 2 да се додаде нов став 3 со кој називот Република Северна Македонија да е само за меѓународна употреба. Поднесени се и два амандмана на Законот за спроведување на Уставот, по еден од БЕСА и од СДСМ.

По исклучок амандмани на текстот на предлогот на амандманите на Уставот, предлагачот може да поднесе до заклучување на претресот само заради усогласување на текстот на предлогот на амандманите кои се измениле поради усвојување на некој амандман, од оние кои биле поднесени во законскиот рок.

Собранието се изјаснува одделно за секој амандман на текстот на предлогот на амандмание на Уставот, со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Пратеникот во текот на претресот по амандман на текстот на предлогот на амандман на Уставот може да говори само еднаш во траење од 10 минути.

Координатор на пратеничката група или еден пратеник определен од пратеничката група или од координаторот на пратеничката група во претрес по амандман може да говори само еднаш во траење од 15 минути. Претставникот на предлагачот може да говори само еднаш во траење од пет минути.

Само подносителот на амандманот на текстот на предлогот на амандманот на Уставот може да даде образложение и да говори по амандманот во времетраење од вкупно 10 минути, а доколку подносители на амандман се двајца или повеќе пратеници само еден од подносителите може да даде образложение и

да говори по амандманот во времетраење од вкупно 10 минути.

Амандманите што ги поднел предлагачот и амандманите со кои тој се согласил се сметаат за составен дел на текстот на предлогот на амандманот на Уставот. Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број на пратеници го утврдува предлогот на секој амандман одделно.

За донесување на уставните амандмани потребно е да гласаат најмалку 80 пратеници.

Со првиот амандман се предвидува во Уставот зборовите „Република Македонија" да се заменат со зборовите „Република Северна Македонија", а зборот „Македонија" се заменува со зборовите „Северна Македонија", освен во членот 36, кој има историски апсект и се однесува на „посебните социјални права на борците од Антифашистичката војна и од сите националноослободителни војни на Македонија".

Со вториот амандман во Преамбулата на Уставот па зборовите „одлуките на АСНОМ" се заменуваат со зборовите „Прогласот од Првото заседание на АСНОМ" и се додава Охридскиот рамковен договор.

Во третиот амандман се наведува дека „Републиката го почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави", а четвртиот се однесува на иселениците и во него се предвидува републиката да ги штити правата и интересите на своите државјани кои живеат или престојуваат во странство и ги унапредува нивните врски со татковината, a оти притоа нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи.

На 19 октомври Собранието со поддршка од 80 гласови и 39 против, ја започна постапката за пристапување кон уставни измени. Двотретинското мнозинство беше обезбедено со осумте гласови на пратеници од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, дел од нив се обвинети во случаи на СЈО и за настаните од 27 април. /МИА

Атентат врз премиерот: Словачка веќе беше отруена земја

Атентатот врз Фицо е тажната кулминација на зголеменото насилство врз политичарите во многу европски земји.

Прострелни рани од огнено оружје, повеќечасовна операција чиј позитивен исход беше неизвесен, а сега веројатно и месеци закрепнување - словачкиот премиер Роберт Фицо за влакно преживеа обид за атентат во средата (15-ти мај).Од убиството на Зоран Ѓинѓиќ, цели две децении нема атентат на шеф на влада на европска држава.

Шокот е голем, особено во Словачка, но и на други места. Атентатот врз Фицо е тажната кулминација на зголеменото насилство врз политичарите во многу европски земји.

Во Словачка - политички длабоко поделена земја со пет милиони жители каде што преовладува крајно груб и насилен тон меѓу спротивставените страни - речиси сите противници на Фицо изразија вознемиреност и бес.

Главната опозициска партија ги откажа протестите против планираната реформа на јавниот сервис предложена од владата на Фицо.

Претседателката Жужана Чапутова, која и самата е мета на бројни кампањи за сатанизација, и затоа се откажува од својата политичка кариера, ја повика политичката елита и јавноста да се откажат од климата на омраза и вербално насилство.

Мотивите на сторителот се уште не се целосно разјаснети. Очигледно станува збор за осамен сторител. Јурај Ц. (71) од малото гратче Левице на југозападниот дел на Словачка се занимавал со литература, а претходно бил чувар.

Претходно на социјалните мрежи објави содржини против мигрантите и Ромите.

Во исто време, тој се чини дека беше противник на десничарската националистичка владина коалиција предводена од премиерот Фицо. Набљудувачите го карактеризираат овој човек како јасно фрустриран и политички збунет.

Новиот претседател Пелегрини и претседателката во заминување Чапутова разговараа заедно по атентатот Иако немаше индикации за такво злосторство против Фицо, нападот е дел од долгата историја на насилство во Словачка.

По мирниот распад на Чехословачка и независноста во 1993 година, под водство на премиерот Владимир Мечијар, Словачка со години се најде на раскрсницата помеѓу автократскиот режим со блиски врски со организираниот криминал и владеењето на правото. Тој период беше обележан со економски и приватизациски криминал, брутални мафијашки убиства и бројни сериозни напади врз критичарите на системот на Мечијар.

Најлошиот период беше борбата за власт во 1995 година меѓу Мечијар и тогашниот претседател Михал Ковач, во која словачката тајна служба го киднапираше синот на претседателот.

Мечијар наводно бил мозок на киднапирањето, но поради амнестијата што ја објави, но никогаш не е разрешено.

Со влезот на Словачка во ЕУ во 2004 година, се чинеше дека оваа ера е завршена. Тоа беше и времето кога во Словачка започна големата политичка кариера на Роберт Фицо.

Адвокат во тоа време, Фицо се покажа како социјалдемократ и борец против корупцијата и бескрупулозниот неолиберализам. Тој за првпат стана премиер во 2006 година. Набргу потоа, тој беше обвинет за вмешаност во корупција, вклучувајќи ја и аферата „Пента горила“, која беше најголемиот посткомунистички корупциски скандал во Словачка, поврзан со влијанието на сомнителни претприемачи врз политиката на Словачка.

За време на владеењето на Фиц беше убиен новинарот Јан Куцијак и неговата свршеница Мартина Кушнирова во февруари 2018 година. Куцијак ги истражуваше врските меѓу политиката и организираниот криминал во Словачка.

Иако владата на Фицо немаше директна врска со убиството, премиерот мораше да поднесе оставка во тоа време бидејќи Куцијак ги разоткри врските со италијанската мафија во словачката влада, меѓу другите преку советничката и навода љубоивница на Фицо.

Наводниот организатор на убиството, претприемачот Маријан Кочнер, исто така одржувал блиски врски со членови на владата и високи функционери во државниот апарат. Сликата на Словачка во тоа време беше вистинска мафијашка држава.

По ерата на Фицо, адвокатката и активистка за борба против корупцијата Жужана Чапутова беше избрана за претседател во 2019 година, а следната година на власт дојде либерално-конзервативна реформска коалиција.

Сепак, надежите на дел од словачкото општество за суштински промени на крајот не се исполнија. Коалицијата се распадна минатата година поради тековните конфликти.

Фицо се врати на власт по предвремените избори во септември 2023 година. Оттогаш, тој и неговата влада првенствено се занимаваат со политичко влијание врз судството, запирање на кривично гонење за корупција и замолчување на независните медиуми.

Пред многу години Фицо се трансформираше од социјалдемократ во десничарски националист.

Тој често ја критикува Европската Унија, либерализмот, „ЛГБТК идеологијата“ и наводните непријатели на „традиционалните вредности“.

Фицо се залага за проруски и антиукраински позиции, за него сите противници се „предавници“, критичките новинари ги нарекува „хиени“, „идиоти“ или „антисловачки проститутки“.

На тој начин, Фицо придонесе за климата што ужасната претседателка Чапутова ја окарактеризира во својот говор во средата: „Реториката полна со омраза, на која сме сведоци, води кон акции полни со омраза!“ Те молам, да го запреме ова!“

Повеќе од дискутабилно е дали нејзините зборови ќе одекнат. Во првите реакции по обидот за атентат врз Роберт Фицо, членовите на Владата и сопартијците најмногу ги обвинуваа опозициските партии и критичките новинари дека се интелектуалците зад криминалот.

Тоа може да биде знак дека коалицијата, а особено партијата СМЕР на Фицо, го користат нападот како можност за уште поригорозни мерки против опозицијата и критичарите.

Еден од оние кои сега ги напаѓаат независните новинари е словачкиот министер за одбрана Роберт Калињак.

Тој има свои причини за тоа, бидејќи пред неколку години независните медиуми во Словачка ја обелоденија неговата наводна вмешаност во државно киднапирање. Станува збор за киднапирање на виетнамски претприемач во Берлин, кој преку Братислава бил префрлен назад во Виетнам.

Во јули 2017 година, како министер за внатрешни работи, Калињак, наводно, гарантирал дека Трин Суан Тан, кој претходно бил киднапиран од Берлин, бил пренесен во Виетнам со авион на словачката влада со лажни документи.

Калињак е долгогодишен пријател на Виетнам - меѓу другото, за време на неговата посета во 2017 година, тој иницираше соработка меѓу словачки и виетнамски компании во секторот за безбедност и вооружување.

Дојче Веле

Каменуван автобусот на „Чкембарите“ на излезот од Скопје

По завршување на синоќешниот натпревар во финалето на кошаркарскиот плејоф меѓу МЗТ Скопје Аеродром и Пелистер на излезот од Скопје бил каменуван автобусот на битолските навивачи.

- Згрозени сме и го осудуваме инцидентот кој го доживеаја навивачите од Битола, од навивачката група „Чкембари“ кога по завршувањето на првиот натпревар од финалната серија од плеј-офот на кошаркарската лига во Скопје, на излезот од Скопје кон Битола, во возење е каменуван и демолиран автобусот со кој патуваше навивачката група „Чкембари“ од Скопје. Повредени се и неколку лица.

Се прашуваме зошто веќе по којзнае кој пат се случуваат вакви и слични инциденти, кога гостуваат битолските навивачи на натпревари во кошарка, ракомет и фудбал.

За разлика од тоа, кога навивачки групи гостуваат во Битола, посебно на кошаркарски натпревари, без разлика дали се во Куп или на првенствените натпревари, истите максимално се испочитувани и не се случуваат никакви инциденти, а камоли и некој физички напади или оштетувања на возила.

КК „Пелистер“ и спортската јавност во Битола се прашуваат зошто се случуваат инцидентите и со која цел, во време кога Битола е центар на спортот во државата. Оваа сезона во Битола се одиграа натпревари од ракометната Лига на шампиони во реновирана сала, се одржа кошаркарскиот куп, се одиграа четири натпревари од плеј-офот на кошаркарската сезона, фудбалерите се веќе прволигаши, ќе играат на комплетно реновиран стадион, одбојкарките се постојано дел од најдобрите екипи, боксерите од сите меѓународни турнири се враќаат со медали, најавена е изградба на нов спортски комплекс, се поставија рефлекторите на стадионот…Тука мора се споменат успесите и на младинските категории од клубовите од Битола. Дали некому пречи оваа спортската доминација на Битола и некој се плаши Битола да е центар на спортот, со прваци во ракомет и кошарка.

Дали некој се плаши и од верноста на навивачите, не само на „Чкембарите“ кон брендот Пелистер туку и од многубројната битолска публика? Ова се дел од прашањата на кои очекуваме одговор.

КК „Пелистер“ и овојпат им се заблагодарува на навивачката група „Чкембари“ што секојпат се на висина на својата задача, кога достинствено го бодрат својот тим и кога ги пречекуваат гостинските навивачки групи. „Чкембарите“ се носители на голем дел од успехот на КК „Пелистер„ како најважен „Шести играч“, стои во соопштението на битолскиот клуб.

Од КК Пелистер очекуваат Министерството за внатрешни работи да го расчисти инцидентот и напаѓачите да бидат објавени.

Демонстрации во Тел Авив, учесниците побараа итен договор за ослободување на заложниците

Демонстрантите го блокираа автопатот Ајалон и запалија оган.

Илјадници активисти се собраа синоќа во центарот на Тел Авив барајќи предвремени избори и итен договор за ослободување на израелските заложници во Појасот Газа, а поранешната американска секретарка Хилари Клинтон им се обрати на демонстрантите преку видео врска.

„Тие се наши сонародници, жени и деца и треба веднаш да бидат ослободени. Треба итно да се преземат активности за да се вратат дома“, рече Клинтон.

Американскиот амбасадор во Израел, Џек Лу на собраните луѓе им порача дека САД ги продолжуваат преговорите за враќање на заложниците, пишува „Тајмс оф Израел.

Демонстрантите го блокираа автопатот Ајалон и запалија оган, барајќи итен договор за враќање на заложниците од Газа./МИА

притисни ентер