Почнува битката за поделба на ресорите во новата Европска комисијата - Канал 5

Почнува битката за поделба на ресорите во новата Европска комисијата

Во најмалку посакуваните или дури утешни ресори се вбројуваат спорт, образование и мултијазичноста. 

Почнува битката за поделба на ресорите во новата Европска комисијата

Европската комисија e извршното тело на ЕУ што ја сочинуваат претседателот, високиот претставник на Унијата за надворешна политика и безбедност и 25 еврокомесари задолжени за одделни ресори или вкупно 27 члена, колку што изнесува и бројката на земји членки на блокот.

Со ова се обезбедува секоја од 27-те земји членки на ЕУ има по еден член на Комисијата, но не е сеедно дали некој ќе раководи со трговските прашања, надворешната и безбедносната политика, контролата над конкурентноста, земјоделството, со образованието или спортот. Од таму во следните недели клучни прашања во ЕУ ќе бидат кој ќе ја добие моќната позиција на комесар за трговија и ќе ја „менаџира“ трговската војна на ЕУ со Кина, дали Полјаците ќе го заземат очекуваниот нов ресор за одбрана за да се спротивстават на нивните големи ривали Русите или кој ќе биде „полицаецот“ што ќе ја контролира работата на американските технолошки гиганти како „Епл“ и „Гугл“.

За најпосакувани позиции, покрај оние на претседателот и високиот претставник, важат и комесарските функциии за трговија и конкурентност, а во најмалку посакуваните или дури утешни ресори се вбројуваат спорт, образование и мултијазичноста.

При изборот на сегашната Европска комисија нејзината претседателка Урсула фон дер Лајен побара од земјите членки да предложат по двајца кандидати - маж и жена - за функцијата еврокомесар. Ако биде реизбрана на функцијата, веројатно ќе можеме да ја очекуваме истата постапка.

Иако, Евроизборите се уште не се завршени, во кулоарите веќе се споменуваат можните кандидати за идни еврокомесари.

Така, како најсериозен австриски кандидат за еврокомесар се споменува актуелната министерка за ЕУ на Австрија, Каролине Едштадлер, која е членка на Австриската народна партија (ОВП), односно Европската народна партија (ЕПП). Виена за Едштадлер го посакува ресорот за проширување и соседска политика.

Од Белгија во игра се неколку кандидати - актуелниот премиер Александер Де Кро од партијата Отворени фламански либерали и демократи (Опен ВЛД)/либералната група „Да ја обединиме Европа“ , претседателот на валонската Регионалната влада Елио Ди Рупо од Социјалистичката партија (ПС)/Прогресивна алијанса на социјалистите и демократите (СД), лидерот на ПС Пол Магнет, белгискиот министер за здравство Френк Ванденбрук од социјалдемократската партија Напред (Воројт)/СД и поранешната белгиска премиерка и актуелна пратеничка Софи Вилмес од Реформското движење (МР)/РЕ. Во Белгија утре заедно со евроизборите се одржуваат и избори за Федералниот премиер и за членови на регионалните парламенти на Брисел, Валонија и Фландрија, па идниот белгиски еврокомесар се очекува да биде дел од пакет договорот за идната влада, што може да го одолговлече неговиот избор. За Брисел како најпрефериран ресор во идната Еврокомисија се посочува климатската политика, што секако ќе зависи и од составот на идната белгиска влада.

Во Бугарија, како и во Белгија, утре заедно со европските се одржуваат и парламентарни избори, па идниот бугарски еврокомесар ќе зависи од изборните резултати и идната влада што би се формирала по изборите. Сепак, како најсериозен кандидат се споменува европратеничката Ева Мајдел од партијата Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ)/ЕПП. Софија нема преференции за одреден ресор, но бидејќи Мајдел е експерт за дигитализација и вештачка интелигенција, доколку таа биде конечниот избор за еврокомесар веројатно ќе добие некое портфолио поврзано со нејзината стручност.

Од Данска како потенцијални идни еврокомесари се споменуваат министрите за климатска политика и развој Дан Јоргенсен и за бизнис Мортен Бодсков и двајцата членови на партијата Социјалдемократи (С)/СД. Но, како можен кандидат за висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност се посочува и данската премиерка Мете Фредериксен од С/СД, па доколку таа биде избрана на оваа должност, Данска нема да има свој еврокомесар. Фредериксен е во игра и за претседателка на Советот на ЕУ, па ако дојде на оваа позиција, тогаш би имало и дански еврокомесар. Копенхаген би сакал да го добие ресорот трговија.

Естонија има двајца кандидати за еврокомесар – актуелната премиерка Каја Калас од Естонската реформска партија ЕР/Либерали и нејзиниот сопартиец, поранешен министер за надворешни работи и актуелен европратеник Урмас Пает. Доколку изборот падне на Калас, на која и се даваат поголеми шанси, таа би можела да стане и висок претставник за надворешна политика и безбедност, но тоа сепак ќе зависи и од договорот за распределба на останатите врвни функции во ЕУ.

Доколку Урсула фон дер Лајен биде реизбрана за претседателка на Европската комисија, тогаш Германија како и во сегашниот мандат ќе нема свој еврокомесар. Но, доколку Фон дер Лајен не добие доволна поддршка за реизбор, тогаш како главен фаворит за германски еврокомесар би се наметнала министерката за надворешни работи Аналена Баербок, но во игра се и двајцата државни секретари во Министерството за економија, Франциска Брантнер и Свен Гиголд, сите тројца членови на партијата Зелени-Сојуз 90/Зелени. Берлин би сакал да ја задржи раководната позиција со ЕК, но доколку не успее во тоа сигурно ќе инсистира на некој од „најпосакуваните“ ресори.

Грција има неколку кандидати за еврокомесар, меѓу кои како најсерозен се споменува актуелниот претседател на Европската комисија за промоција на европскиот начин на живот Маргаритис Схинас. Покрај Схинас, во игра се и министрите за внатрешни и за надворешни работи Ники Керамеус и Јоргос Герапетритис и поранешниот државен министер Ставрос Папаставру. Сите четворица се членови на владејачката партија Нова демократија (НД)/ЕПП. Атина е заинтересирана во следната ЕК да ги добие ресорите миграција или одбрана.

Ирска како фаворит за еврокомесар го има министерот за финансии Мајкл Мекграт, но во игра се и вицепремиерот и поранешен премиер Мајкл Мартин и министерот за земјоделство Чарли Меконалог, сите членови на Фајана Феил-Републиканска партија/Либерали. Даблин би сакал да го добие ресорот финансии.

И Италија има неколкумина кандидати за еврокомесар, сите актуелни министри - за европски прашања Рафаеле Фито, за земјоделство Франческо Лолобриџида, за надворешни работи Антонио Тајани, за економски развој Адолфо Урсо и за одбрана Гвидо Крозето. Сите освен Тајани, кој е лидер на Форца Италија/ЕПП, се членови на партијата Браќа на Италија/Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР). Како сериозен италијански кадар за функција во Брисел се споменува и поранешниот премиер Марио Драги, но малку е веројатно дека тој би се согласил да биде „обичен“ европски комесар. Името на Драги е во игра и за претседател на Европската комисија, доколку Фон дер Лајен не биде реизбрани, но тоа што не е член на ниту една партија се смета за негов „минус“. Рим би сакал да го добие раководењето со некој „моќен“ економски ресор.

Кога станува збор за Кипар, во игра се четири имиња – актуелната еврокомесарка за здравство и безбедност на храната Стела Киријакидес и поранешните министри за финансии - Харис Георгијадес, за енергија Јоргос Лакотрипис и за надворешни работи Константинос Комбос. Сите, освен Комбос кој е независен, се членови на Демократскиот собир (ДИСИ)/ЕПП. Никозија би сакала да го задржи ресорот здравство, но влијателното кипарско бродско лоби го преферира ресорот транспорт.

Летонија најверојатно одново ќе го предложи извршниот потпретседател на ЕК и еврокомесар за трговија Валдис Домбровскис, за кого Рига го посакува раководењето со внатрешниот пазар или потенцијално „некој ресор поврзан со Украина“. Домбровскис е член на партијата Единство (В)/ЕПП.

Кандидат на Литванија за еврокомесар е шефот на дипломатијата Габриелиус Ландсбергис од Татковинскиот сојуз-Литвански христијански демократи (ТС-ЛКД)/ЕПП. Вилнус би сакал да го добие раководењето со ресор поврзан со надворешната политика и соработка.

Согласно коалицискиот договор за формирање на актуелната Влада, кандидат на Луксембург за еврокомесар треба да биде досегашниот европратеник Криштоф Хансен од Христијанско социјалната народна партија (ЦСВ)/ЕПП. Но, доколку Фон дер Лајен биде реизбрана на функцијата би можела да претпочита во Еврокомисијата да остане актуелниот еврокомесар за работни места и социјални права Николас Шмит од Луксембуршката социјалистичка работничка партија (ЛСАП) и шпиценкандидат на СД на Евроизборите, па потенцијално да се обиде да го убеди луксембуршкиот премиер Лук Фриден за отстапка, со тоа што Шмит би добил некој поважен ресор, како на пример финансии, кој го претпочита Владата во Луксембург.

Фаворитка на Малта за еврокомесар е министерката за животна средина и енергија Миријам Дали од Лабуристичката партија (ПЛ)/СД, откако претходниот „сигурен кандидат“, нејзиниот сопартиец Крис Ферн беше принуден да поднесе оставка на местото вицепремиер и министер за европски фондови, социјален дијалог и заштита на потрошувачите поради обвиненија за измама и злоупотреба на функцијата. Ла Валета нема некое преферирано портфолио, но веројатно согласно големината на земјата ќе добие некој од „помалку важните“ ресори.

Речиси сигурен кандидат на Полска за еврокомесар е министерот за надворешни работи Радослав Сикорски од Граѓанската платформа (ПО)/ЕПП. Варшава го сака новиот ресор за одбрана, но би се задоволила и со портфолиото за проширување.

Во комбинација за фаворит на Португалија за еврокомесар се поранешните министри за регионален развој Мигел Појарес Мадуро и за финансии Марија Луиза Албукерке, и двајцата членови на Социјалдемократската партија (ПСД)/ЕПП, како и независниот градоначалник на Порто, Руи Мореира. Како сигурен кандидат за португалски еврокомесар важеше донеодамнешниот европратеник и заменик лидер на ПСД, Пауло Рангел, но малку е веројатно дека тој ќе премине во Брисел откако пред два месеци беше избран за министер за надворешни работи на Португалија. Лисабон јавно не пројавува амбиции за одреден ресор, но неофицијално се споменува интересот за иновациите.

Романија најверојатно ќе се определи за актуелниот шеф на државата Клаус Јоханис од Националната либерална партија (ПЛН)/ЕПП, чиј претседателски мандат истекува во декември. Јоханис пројавува амбиции за преземање на функцијата генерален секретар на НАТО, а неговото име е во игра и за претседател на Европската комисија, доколку не тоа место не биде реизбрана Фон дер Лајен. Доколку и стане европски комесар, Јоханис покрај одреден ресор веројатно ќе претендира и на потпретседателска должност. Букурешт нема пројавено интерес за конкретен ресор, но би бил задоволен со портфолиото кохезија.

Словачка најверојатно одново ќе го предложил актуелниот прв потпретседател на ЕК, извршен потпретседател за Европскиот зелен договор и еврокомесар за меѓуинституционални односи Марош Шефчович од партијата Насока-Социјална демократија (СМЕР-СД)/суспендирана членка на СД, кој со својот авторитет би можел да добие некој значаен ресор. Како можен кандидат се споменува и Мирослав Лајчак, актуелен специјален претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина и Западниот Балкан, кој од септември треба да ја преземе должноста евроамбасадор во Швајцарија. Братислава исто така нема јавно искажано преференции за одреден ресор.

Како кандидат на Словенија за еврокомесар се споменува Томаж Весел, поранешен претседател на словенечката Ревизорска управа и близок соработник на премиерот Роберт Голоб од Движењето Слобода (ГС)/Либерали. Љубљана е заинтересирана за ресорите демократија, финансии или конкуренција.

Унгарија би сакала актуелниот еврокомесар за соседска политика и проширување Оливер Вархеји да го задржи ресорот, што е малку веројатно дури доколку тој остане член и на следната Европска комисија. Но, Вархеји е познат по неговите блиски врски со Србија и квалификацијата на европратениците како „идиоти“, што би можело да резултира со одбивање на неговата кандидатура како што беше случај и со првиот предлог на Будимпешта во 2019 година - Ласло Трочањи. Во тој случај, како најсериозна кандидатка се посочува европратеничката Енико Ѓури, која е поранешна државна секретарка за европски прашања и амбасадорка на Унгарија во Рим и Мадрид. И Вархеји и Ѓури се членови на партијата Фидес, која е поранешна членка на ЕПП, а сега без европска афилијација, но со амбиција да се приклучи кон ЕЦР.

Финска има две кандидатки за еврокомесар - европратеничката Хена Виркунен и министерката за надворешни работи Елина Валтонен и двете членки на Националната коалициска партија (КОК)/ЕПП. Хелсинки го преферира ресорот конкурентност, но би се согласил и со одбраната, проширувањето, економијата или климатската политика.

Како кандидати на Франција се споменуваат актуелниот еврокомесар за внатрешен пазар Тиери Бретон, министерот за финансии Бруно Ле Мер и поранешната премиерка Елизабет Борн, сите тројца од партијата Ренесанса (РЕ)/Либерали. Париз би сакал да го добие „зајакнатиот“ ресор за економија, кој би ги опфатил економската и индустриската политика на ЕУ и конкурентноста.

Името на кандидатот на Холандија за еврокомесар е дел од шестмесечните преговори за формирањето на новата холандска влада, но доколку новите коалициски партнери не успеат да се усогласат околу заеднички предлог, можно е актуелниот еврокомесар за климатска акција Вопке Хукстра да остане член на Еврокомисијата иако неговата партија Христијанско демократски повик (ЦДА)/ЕПП нема да биде дел од идниот владин кабинет. Ресорот кој би го добил Хаг меѓу другото делумно зависи и од тоа дали холандскиот премиер во заминување Марк Руте ќе биде избран за генерален секретар на НАТО.

Хрватска најверојатно ќе се реши да ја задржи актуелната комесарка за демократија и демографија Дубравка Шуица од Хрватската демократска заедница (ХДЗ)/ЕПП, но не е познато за кој ресор би бил заинтересиран Загреб. Сепак, доколку Фон дер Лајен не биде реизбрана на функцијата, меѓу можните кандидати за претседател на Еврокомисијата се споменува и хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ (ХДЗ/ЕПП). Доколку Пленковиќ застане на чело на ЕК, тогаш Хрватска ќе нема ресорен еврокомесар.

Од Чешка како можни кандидати за еврокомесар се споменуваат поранешната претседателска кандидатка Дануше Нерудова од партијата Градоначалници и независни (СТАН)/ЕПП, европратеникот Марсел Колаја од Чешката пиратска партија (Пирати)/Зелени, како и заменик министерот за финансии Марек Мора и министерот за трговија Јозеф Сикела, кои не се членови на ниту една партија. Согласно коалицискиот договор за формирање на чешката Влада, кандидатот за еврокомесарот треба да го номинираат СТАН или Пиратите. Фаворит на СТАН е Нерудова, а на Пиратите – Колаја, но премиерот Петр Фиала, кој го има последниот збор во предлагањето на кандидатот за еврокомесар, ги преферира Мора (кој е дел од владата на предлог на Граѓанската демократска партија (ОДС)/ЕЦР) или Сикела (кој е министер предложен од СТАН). Прага ги преферира ресорите енергија, економија, внатрешен пазар или неочекуваната комесарска позиција за одбрана.

Како кандидати на Шведска за еврокомесари се споменуваат министерката за европски прашања Џесика Росвол, поранешниот премиер Карл Билт и европратеникот Томас Тобе, сите тројца од Умерената коалициска партија (М)/ЕПП. Стокхолм отворено нема пројавено интерес за конкретен ресор.

Кандидат на Шпанија за еврокомесар е вицепремиерката и министерка за еколошка транзиција Тереза Рибера Родригез од Социјалистичката работничка партија на Шпанија (ПСОЕ)/СД. Мадрид би сакал да го добие ресорот за спроведување на зелениот договор, за климатската акција или за енергија. /МИА

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Смртоносно количество кокаин е пронајден во бебешка цуцла- осудени се мајката и нејзиниот партнер

Мајка е затворена, заедно со нејзиниот партнер, по смртта на нејзината двегодишна ќерка, во чие шише за млеко е пронајдено дека содржи „смртоносна количина“ кокаин!

Смртоносно количество кокаин е пронајден во бебешка цуцла- осудени се мајката и нејзиниот партнер

Итните служби биле повикани на адреса во Билингам во април 2024 година, по извештаите дека девојчето, Лајла Хеч, престанало да дише, објави Би-Би-Си.

Нејзината мајка, 22-годишната Џоди Хеч, и нејзиниот партнер, 30-годишниот Дејли Матис, првично ги негираа двете обвиненија за злоупотреба на деца во кои биле вклучени Лајла и друго дете.

Тие го сменија своето признание на вина на Крунскиот суд во Тиссајд и беа осудени во понеделник.

Токсиколошкиот извештај покажал дека смртоносна количина кокаин е пронајдена во шишето за млеко на детето, а дрогата е пронајдена и во нејзината крв, желудочната содржина и прамените коса.

Главниот детектив инспектор Крис Прингл од полицијата во Кливленд изјави дека во куќата е пронајдена голема количина дрога, како и канабис.

Двојката се изјасни за виновна за поседување дрога од класа А со намера за дистрибуција. Џоди Хеч, исто така, се изјасни за виновна за вмешаност во дистрибуција на дрога од класа Б и беше осудена на пет години и четири месеци затвор.

Матис, кој беше осуден и за посебно кривично дело насилно однесување во врска со нападот во септември, беше осуден на 13 години затвор.

Прингл рече дека дрогата пронајдена во куќата била „лесно достапна за мали деца“, што ја прави „екстремно опасна средина“.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Санчез е пред изборен пораз- европската левица останува без еден од најсилните адути

Сè поверојатниот изборен пораз на шпанскиот премиер Педро Санчез на претстојните избори би претставувал нов удар за европската левица, која би останала без еден од своите најгласни претставници во Европскиот совет.

Санчез е пред изборен пораз- европската левица останува без еден од најсилните адути

Вонредните избори во Шпанија, закажани за 29 ноември, би можеле дополнително да ги променат политичките односи меѓу европските лидери, а со тоа и односот на силите на состаноците на кои се одлучува за идниот правец на Европската унија.

Според резултатите од анкетите, победата на шпанските конзервативци е се поизвесна, што значи дека бројот на социјалистичките лидери во Европскиот совет би можел дополнително да се намали.

Изборите во Италија, Франција и Полска во 2027 година би можеле дополнително да ја ослабат европската левица и да доведат до фактот дека проевропските прогресивни и либерално-левичарски партии во Европскиот совет остануваат во посебно малцинство.

„Една од последните преостанати левичарски влади во Европската унија... Звучи како остаток од минатото“, му рече еден дипломат на ЕУ за известувачот.

Кој останува меѓу европските социјалисти?

Доколку Санчез загуби на изборите, меѓу социјалистичките и социјалдемократските лидери во Европскиот совет, главно ќе останат данската премиерка Мете Фредериксен и премиерот на Малта Роберт Абела.

И двете доаѓаат од помалите земји-членки на ЕУ, а нивните политички ставови не мора да се совпаѓаат со разбирањето на Санчез за социјализмот. Социјалист е и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.

Евроскептичната група на европски конзервативци и реформисти (ЕЦР) во моментов има двајца претставници во Европскиот совет - италијанската премиерка Џорџија Мелони и белгискиот премиер Барт Де Вевер.

Летонскиот премиер Андрис Кулбергс е независен, но неговата владина коалиција вклучува и партии поврзани со ЕЦР.

Поранешниот чешки премиер Петар Фијала, кој припаѓаше на ЕЦР, беше заменет со Андреј Бабиш, чија партија АНО е член на екстремно десничарската група Патриоти за Европа (PfE).

Умерената, проевропска десница, собрана околу Европската народна партија (ЕПП), има 12 лидери во Европскиот совет, како и претседател на Европската комисија.

„Јазот би бил огромен“, рече Хавиер Карбонел, политички аналитичар во Центарот за европска политика (EPC) со седиште во Брисел.

„Фредериксен не се смета за водечка фигура меѓу социјалистите во остатокот од Европа на начин на кој, до одреден степен, беше Санчез“, додаде тој.

Карбонел верува дека заминувањето на Санчез би можело да поттикне поширока дискусија меѓу европските социјалисти за насоката во која тие треба да се развиваат, особено затоа што ниту поумерен ниту изразито левичарски пристап во моментов не им носи изборен успех.

Големи разлики околу миграцијата

„Фредериксен, дали таа навистина е социјалист? праша друг дипломат на ЕУ, потсетувајќи на честите несогласувања меѓу Данска и Шпанија во Европскиот совет, особено кога станува збор за миграциската политика.

Данската премиерка неодамна, заедно со италијанската премиерка Џорџија Мелони и полскиот премиер Доналд Туск, го критикуваа Санчез за неговата политика на легализирање на статусот на стотици илјади мигранти.

Фредериксен се залага за многу построга миграциска политика од шпанскиот премиер.

Неодамна ги поддржа плановите за формирање центри за мигранти кои не се членки на ЕУ во Руанда, со поддршка од Германија, Австрија, Грција и Холандија.

Шпанија, заедно со Франција, постојано се спротивставуваа на ваквите предлози.

„Не би го дефинирала Фредериксен како социјалдемократ“, изјави за порталот „Репортер“ Хана Јалул, истакната членка на шпанските социјалисти во Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент.

„Ако можете да испратите кој било мигрант во Руанда, без да ги земете предвид нивните човекови права, нивната животна ситуација или нивните лични околности, тоа е целосно неприфатлив расизам“, додаде таа.

Санчез често се судираше со Трамп

Санчез и даде на европската левица препознатлив политички профил, особено со неговите ставови за Кина, Блискиот Исток и односите со Соединетите Американски Држави.

Неговата влада беше поотворена за соработка со Кина и се спротивстави на одредени потези на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.

Во април оваа година Санчез ја посети Кина по четврти пат во последните три години, со цел зајакнување на економските и дипломатските односи со Пекинг.

Шпанија стана една од најотворените членки на ЕУ за соработка со Кина, а Санчез постојано ја повикува Европа да се вклучи во поинтензивен дијалог со Пекинг.

Таквата политика не секогаш наидува на одобрување на другите европски лидери, а за време на неговиот втор мандат, Санчез постојано се судри со американската администрација.

Тој се спротивстави на зголемувањето на средствата за војската на пет проценти од БДП, што го бара НАТО, им забрани на американските авиони да користат заеднички воени бази и шпански воздушен простор и отворено се спротивстави на, како што рече, „нелегалната и неправедна војна“ во Иран.

Ова дополнително ја зацврсти неговата позиција како еден од најпрепознатливите претставници на меѓународната левица.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Го запрел автомобилот за да ѝ помогне на сопругата која се задушувала, па го казниле со 125 евра- но, тука не бил крајот на маките

Пензиониран машиновозач бил бесен откако бил казнет затоа што го запрел својот автомобил пред железничката станица во Рочестер на двојна црвена линија. 

Го запрел автомобилот за да ѝ помогне на сопругата која се задушувала, па го казниле со 125 евра- но, тука не бил крајот на маките

Тој тврди дека го сторил тоа за да ѝ помогне на сопругата која се давела.

Иако се обидел да објасни зошто морал да застане, казната му била зголемена на 105 фунти (околу 125 евра), кои на крајот ги платил.

„Не дојдов да земам никого“

Џејмс Брајс, 69, застанал пред железничката станица, која е во зона со ограничен сообраќај. Тој рекол дека морал да ѝ помогне на сопругата.

Тврди дека застанал веднаш по 6 часот наутро, кога немало други возила на патот, и дека не вознемирувал никого.

„Не дојдов да земам никого, а никој не излегол од вагонот - што мислеле, зошто застанав? Секој би го направил она што го направив јас во медицинска итна ситуација. 300 луѓе умираат од задушување секоја година. Бев таму три или четири минути, не повеќе“, рекол тој.

Само три дена подоцна, на 5 август, тој доби казна од 70 фунти, со можност да плати намалена казна од 35 фунти ако го стори тоа во рок од две недели.

Брајс очекуваше властите да ги разберат околностите на запирањето на неговиот автомобил.

„Помислив: „Добро, не е важно, само ќе објаснам што се случило“, верувајќи дека ќе разберат“, рече тој.

Тој тврди дека немало одговор

Сепак, обидот да се жали преку веб-страницата на локалната самоуправа Медвеј не успеа, па затоа испрати писмо по пошта, објаснувајќи што се случило.

Тој тврди дека не добил одговор, но на крајот на август добил ново известување со кое казната се зголемила на 105 фунти. Затоа решил лично да достави друго писмо до локалната самоуправа во Чатам, Кент.

Сепак, тој рече дека не добил одговор до 5 ноември. Плашејќи се од понатамошни дејствија, на крајот ја платил побараната сума.

Потоа Брајс контактирал со KentOnline, каде што рекол дека се чувствувал „измамен“ бидејќи локалната самоуправа брзо ја издала казната, но не одговорила на неговите обиди да ја оспори.

„Доколку ми рекоа: „Разбираме зошто го направивте тоа, но тоа не е доволно добра причина“, ќе ја прифатев и ќе ги платев 35-те фунти - но толку многу ја одолговлекуваа што казната достигна 105 фунти“, рече тој.

Додаде дека се прашува колку луѓе се откажуваат од обидите да ја оспорат казната и едноставно ја плаќаат.

Администрацијата му ги врати платените пари

Откако медиумите контактираа со локалната самоуправа на Медвеј и побараа објаснување, се случи нов пресврт. Веќе следниот ден, Брајс повторно се јави во редакцијата и рече дека му се вратени сите 105 фунти.

Сепак, како што изјави, не бил однапред информиран за плаќањето, ниту добил никакво објаснување зошто парите се вратени.

Додаде дека би сакал да добие барем некаков одговор по сите негови обиди да контактира со властите.

Како одговор на прашањата од новинарите, локалната самоуправа на Медвеј изјави дека го добиле првото писмо на Брајс на 11 август, но дека неговата жалба е одбиена поради „недостаток на докази и активности забележани околу возилото“. Како што објаснија, му испратиле одговор на 26 август, или 21 ден откако била издадена првичната казна.

Претставници на администрацијата, исто така, изјавија дека има проблем со формулацијата во известувањето за отфрлање на жалбата, поради што казната била поништена.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер