Почна карневалот во Рио, 70.000 на Самбадромот ги бодрат атрактивните натпреварувачи (ВИДЕО)

Блескајќи во раскошни, разголени костими, илјадници Бразилци танцуваат во ритамот на страсната самба,додека Рио де Жанеиро влегува во своето познато натпреварување на карневалски паради.

Со шарени паради, громогласни тапани и мноштво изведувачи облечени во светки и пердуви, 12 школи за самба ќе се натпреваруваат за посакуваната титула шампиони на карневалот.

Од преполните трибини на стадионот Самбадром ќе ги бодрат околу 70.000 луѓе, а се очекува карневалот да го следат милиони гледачи во живо на телевизија.Но, карневалот е повеќе од целовечерна забава. Училиштата за самба се вкоренети во сиромашните фавели и секоја парада раскажува приказна која често е коментар на политички, општествени и историски настани.

Парадите беа особено политички за време на мандатот на поранешниот екстремно десничарски претседател Жаир Болсонаро, кој се соочи со обвинувања за авторитаризам, расизам, уништување на животната средина и катастрофално справување со Ковид-19 - сето тоа ги инспирираше училиштата за самба за време на неговото претседателствување (2019-2022).

Оваа година, карневалот е на својот врв, додека Болсонаро, кој не е обожавател на фестивалот, се соочува со инкриминирачки обвинувања дека тој и неговите сојузници планирале „пуч“ што ќе го задржи на власт и покрај поразот на изборите во 2022 година.

Целокупниот тон на карневалот беше помалку политички откако ветеранот левичар Луис Инасио Лула да Силва се врати на претседателската улога во јануари 2023 година.

Самбата е измислена пред еден век од потомците на африканските робови, а таа е еден од најважните симболи на бразилската популарна култура, но и на Рио. Бидејќи има зголемување на уличните злосторства во некои делови на Рио, градот распоредил илјадници полицајци на улиците за време на карневалот, особено околу стадионот Самбадром.

Украинската војска почна да ги користи американските тенкови „Абрамс“ (ВИДЕО)

Украинците објавија снимка од американскиот тенк Абрамс што пука кон руските позиции во близина на Авдијевка, град од кој украинските сили беа принудени да се повлечат.

Снимката од Абрамс во акција е објавена денеска од украинската 47-ма механизирана бригада, а била пренесена од украинското Министерство за одбрана.

На видеото се гледа како Абрамс со голема брзина се спушта по калливиот пат во источна Украина и пука со гранати.

„Додека окупаторите се обидуваат да откријат каде е Абрамс, тенкистите на 47 механизирана бригада повеќе од еден месец ги сечат Русите и нивната опрема“, се вели во соопштението на бригадата.

31 таков тенк ѝ беа донирани на Украина.

Храбра 67 годишна продавачка избрка крадец- го натепа со сукало (ВИДЕО)

Продавачка и сопственичка на продавница во центарот на Ираклион, на Крит, храбро му се спротивстави на вооружен криминалец и парите останаа во каса.

Необичната снимка е снимена на безбедносна камера, а грчките медиуми пренесуваат детали од драмата.

Продавницата се наоѓа на авенијата Калокаринос, а била цел на маскиран разбојник кој во раката носел голем остар предмет, како мачета.

Неименуваната жена (67) прво се помести, кога тој се заканил да ќе ги предаде парите, но потоа посегнала по сукалото и добро му ја „повлекла“ раката.

Таа го удрила неколку пати и почнала да вика, па тој морал да ја „свитка опашката“ и да побегне. Пред продавницата го чекал мотоцикл, пренесува Катимерини.

Сопругот на сопственичката истакнува дека таа работи 20 години во ноќна смена, а и претходно користела сукало за да се одбрани од криминалци.

Нејзината „одбранбена алатка“ секогаш виси до касата и е подготвена за употреба.

Нетанјаху со план за Газа: Израел ќе ги контролира сите територии и границата со Египет

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го претстави планот за Газа по војната, неговиот прв официјален предлог за повоена држава на палестинската територија со која моментално владее Хамас.

Според документот, презентиран вчера пред членовите на израелскиот безбедносен кабинет, Израел ќе ја задржи безбедносната контрола врз сите територии западно од реката Јордан, вклучително и окупираниот Западен Брег и Газа, области каде што Палестинците сакаат да создадат независна држава, објави Си-Ен-Ен.

Во наведените долгорочни цели, Нетанјаху го отфрла „едностраното признавање“ на палестинска држава.

Се наведува дека спогодбата со Палестинците може да се постигне само преку директни преговори меѓу двете страни, но не се наведува кој ќе ја претставува палестинската страна.

Во Газа, Нетанјаху ги истакнува демилитаризацијата и дерадикализацијата како цели што треба да се постигнат на среден рок. Не е разјаснето кога ќе започне таа меѓуфаза и колку ќе трае.

Сепак, реконструкцијата на Појасот Газа, чиј голем дел беше уништен од израелската офанзива, бара целосна демилитаризација.

Нетанјаху предлага Израел да одржи присуство на границата Газа-Египет на југот на енклавата и да соработува со Египет и Соединетите Држави во областа за да ги спречи обидите за шверц, вклучително и на преминот Рафа.

Со цел да се замени владеењето на Хамас во Газа додека се одржува јавниот ред, Нетанјаху предлага соработка со локални претставници „кои не се поврзани со терористички земји или групи и не ги поддржуваат финансиски“.

Тој повика и на затворање на агенцијата на ОН за палестински бегалци, УНРВА, која треба да биде заменета со други меѓународни хуманитарни групи.

„Документот на премиерот за принципите одразува широк јавен консензус за целите на војната и замена на владеењето на Хамас во Газа со цивилна алтернатива“, се вели во соопштението од кабинетот на премиерот.

Портпаролот на палестинскиот претседател Махмуд Абас, Набил Абу Рудеине, изјави дека предлогот на Нетанјаху е осуден на пропаст, како и сите израелски планови за промена на географската и демографската реалност на Газа.

„Ако светот е навистина заинтересиран за безбедноста и стабилноста во регионот, тој мора да стави крај на израелската окупација на палестинската земја и да признае независна палестинска држава со Ерусалим како главен град“, рече тој.

притисни ентер