Според извори блиски до украинските операции во странство, помошта била испратена пред четири до пет недели од украинските разузнавачки оперативци како дел од напорите за ослабување на Русија и нејзините сириски сојузници во регионот, пишува Business Insider.
Во неделата, сириските бунтовници, предводени од исламистичката група Хајат Тахрир ал-Шам, го соборија Асад по молскавична двонеделна кампања што го запрепасти светот и стави крај на 24-годишното владеење на Асад. Американскиот „Вашингтон пост“ во својот извештај наведува дека операцијата била дел од напорите за слабеење на руското влијание во странство.
Претходно оваа година, The Kyiv Post објави видеа за кои тврди дека покажуваат дека украинските специјални сили ги испрашуваат руските платеници во Судан, и како се борат заедно со сириските бунтовници против руските платеници и силите на Асад.
Извор од украинската воена разузнавачка агенција во јуни изјави за истиот медиум дека од почетокот на годината, украинските оперативци ги поддржуваат сириските бунтовници во извршувањето на „бројни“ напади врз руските воени објекти во регионот.
Во септември, сирискиот весник „Ал Ватан“ ги објави коментарите на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, кој изјави дека украинските разузнавачки емисари во Идлиб, во северозападна Сирија, спроведуваат „нови валкани операции“ и регрутираат бунтовнички борци.
Минатиот месец Александар Лаврентиев, рускиот специјален пратеник за Сирија, изјави за руската државна новинска агенција ТАСС дека главната разузнавачка управа на Украина ги вооружува „терористите“ во Идлиб и дека во областа се присутни украински експерти.
Александар Либман, професор по руска и источноевропска политика на Слободниот универзитет во Берлин, изјави за Business Insider дека ако се потврди дека Украина испратила беспилотни летала и оператори со беспилотни летала во Сирија, би било изненадувачки со оглед на тоа колку е „проблематична“ ситуацијата во источна Украина.
„Не сум сигурен дека Украина има многу да добие со вклучување во такви операции. Наместо тоа, таа само ќе ги троши ресурсите што и се потребни за да се бори на сопствената територија“, рече Либман.
Падот на Башар ал Асад, сепак, може да го загрози военото присуство на Русија во Сирија, каде Москва би можела да ја изгуби контролата врз воздухопловната база Хмејмим и поморската база Тартус. Русија ги искористи овие бази за да ја проектира својата моќ во Медитеранот и Африка, како и да се спротивстави на јужното крило на НАТО.
Сателитските снимки направени на почетокот на неделава од компанијата „Maxar Technologies“ покажуваат дека руските авиони се уште се во Хмеџимим, но дека руските воени бродови повеќе не се во Тартус.