Пита со спанаќ - Канал 5

Пита со спанаќ

Питата со спанаќ е традиционално јадење кое совршено ја спојува крцкавата кора со сочен и фил. 

Пита со спанаќ

Идеална е како појадок, главен оброк или како вкусна закуска, а се подготвува релативно лесно со состојки кои често ги имаме дома.

Состојки за кората:

600 грама кори за пита (пожелно малку подебели)

За филот:

700 грама младо сирење

600 грама спанаќ (свеж или замрзнат)

3 јајца

2 лажици пченкарно брашно (палента)

2 мали лажички сол

1 мала лажичка прашок за пециво

150 мл масло (плус дополнително за попрскување на корите)

Подготовка:

Спанаќот одмрзнете го (доколку е замрзнат) и добро исцедете го од вишокот течност. Во длабок сад измешајте ги сирењето, јајцата, маслото, пченкарното брашно и прашокот за пециво. На крај додадете го спанаќот и добро соединете ја смесата. Подмачкајте ја тавата (околу 40×26 см) со малку масло и посипете со малку пченкарно брашно.

На дното ставете две кори така што ќе ги покријат и страните на тавата (ако користите потенки кори, ставете 3–4). Попрскајте со малку масло. Потоа ставајте изгужвани кори една врз друга додека не се покрие дното.

Прелијте половина од филот. Поставете уште две кори, попрскајте со масло и повторно додајте изгужвани кори. На крај ставете го остатокот од филот.

Рабовите од првите кори преклопете ги врз филот.

Одозгора ставете уште две кори и премачкајте со малку масло.

Печете во загреана рерна на 175°C околу 1 час и 15 минути. По желба, во првите 30 минути покријте со алуминиумска фолија, а потоа отстранете ја за да добие златна боја.

По печењето, по желба премачкајте со малку растопен путер, покријте со фолија и оставете да отстои најмалку 30 минути пред сервирање.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Честитка од претседателката Сиљановска-Давкова по повод 2 Август, Илинден – Денот на Републиката

Во Илинден ја гледам искрата на македонскиот револуционерен оган, што им го осветли патот на партизаните до исконската цел – слободата!       

Честитка од претседателката Сиљановска-Давкова по повод 2 Август, Илинден – Денот на Републиката

Драги сограѓани,

За мене, 2 Август, Илинден, е најсветиот македонски ден, денот на којшто во 1903 година, македонската републиканска идеја се отелотвори во Крушевската Република и денот кога во 1944 година, на АСНОМ, по вековна борба, се реализира правото на македонскиот народ на национална држава, во којашто се гарантираат правата на малцинските заедници.

Во Илинден ја гледам искрата на македонскиот револуционерен оган, што им го осветли патот на партизаните до исконската цел – слободата!

Илинден е персонификација на исконска желба, решеност, стаменост и храброст за соочување и прифаќање на личната жртва како неминовна!

Илинденската епопеја е македонска битова драма.

Низ крвавите страници на тешката историја, испишани со Делчевата мисла, Каревата републиканска визија, Питугулиевата саможртва, Чентовиот трибунски дух и делата на бројни знајни и незнајни јунаци, натопени со реки од солзи, се градеше и обликуваше македонската република.

Илинден нè обврзува да бидеме достојни и одговорни наследници, а не само благодарни потомци на славните предци.

Кој, ако не ние, ќе биде чувар на илинденскиот завет?

Кога, ако не сега, ќе ја оправдаме довербата на илинденците и асномците?

Каква Република ќе им оставиме на нашите сакани деца и внуци?

И денес, почитувани граѓани, без оглед на етничката, верската, политичката, партиската или друга припадност, мора да ја разбудиме илинденската и асномската совест и свест, влегувајќи во неминовна и неодложна борба за нашата заедничка македонска, европска, демократска република, како правна држава заснована врз начелото на поделба на власта и ефективни спреги и кочници меѓу законодавната, извршната и судската власт, одлучна да ги победи насилството, корупцијата и криминалот, со компетентна, етичка и ефикасна администрација, развиено цивилно општество вклучено во процесот на одлучување и објективно новинарство, бескомпромисно во одбраната на општото добро.

Да ја градиме македонската држава како дом на среќни граѓани.

Честит Илинден!

Гордана Сиљановска-Давкова

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Трамп се предомисли: Ги откажува нападите врз Иран

 Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, денес објави дека ги откажува нападите врз Иран, под услов брзо да се постигне договор.

Трамп се предомисли: Ги откажува нападите врз Иран

Во објава на социјалната мрежа „Трут соушл“ (Truth Social), американскиот претседател напиша дека одлучил да ги откаже нападите врз Иран, под услов брзо да се постигне договор со таа земја, кој би вклучувал итно отворање на Ормускиот Теснец и крај на нуклеарната закана од Иран.

Трамп изјави дека одлуката е донесена заеднички со Израел, а соопштението уследи по бројните извештаи на американските медиуми дека Вашингтон планирал нови, интензивни напади врз Иран за време на викендот.

„САД се подготвени да преземат акција против Исламската Република Иран со нивоа на воен терор, сила и моќ какви што не се видени уште од Втората светска војна. И покрај тоа, Иран и други земји од Блискиот Исток штотуку побараа од нас да го одложиме евентуалниот напад бидејќи е постигнат договор за рамката на спогодбата. Тоа би подразбирало итно, целосно и потполно отворање на Ормускиот Теснец и крај на нуклеарната закана од страна на Иран“, се наведува во објавата на Трамп на „Трут соушл“ (Truth Social).

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Македонија го одбележува 2 Август – Илинден, Денот на Републиката

Македонија денеска го одбележува 2 Август – Илинден, еден од најзначајните датуми во македонската историја и празник што ги обединува двата темелни настани во борбата за национално ослободување и создавање сопствена држава:

Македонија го одбележува 2 Август – Илинден, Денот на Републиката

Македонија го чествува Илинден – празникот што ги поврзува востанието во 1903 година и Првото заседание на АСНОМ.

Македонија денеска го одбележува 2 Август – Илинден, еден од најзначајните датуми во македонската историја и празник што ги обединува двата темелни настани во борбата за национално ослободување и создавање сопствена држава: Илинденското востание и Крушевската Република од 1903 година и Првото заседание на АСНОМ од 1944 година.

Годинава се навршуваат 123 години од Илинденското востание и 82 години од одржувањето на Првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија – АСНОМ.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер