Петти ден расправа за реконструкција на владата во Собрание

Откако доцна синоќа заврши расправата во Собранието за разрешувањето на министерот за здравство Беким Сали, во ист стил продолжи дискусијата на пратениците и за разрешувањето на министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити.

Навреди, дофрлувања, жестоки критики меѓу пратениците во собраниската сала.

Пратениците со меѓусебни обвинувања за тоа која партија е одговорна за криминал и корупција, кој го кочи европскиот пат на земјава, сомнеже за вистинските причини за влезот на Алијанса во Владата.

Од ВМРО-ДПМНЕ го критикуваат владеењето на СДСМ и ДУИ, како и работата на Алити од Алтернатива како министер. Од владејачките партии, пак велат ВМРО-ДПМНЕ тоне како партија и ја злоупотребува собраниската говорница.

Навредите и недоличниот говор не изостанаа ниту на синоќешното продолжение на собраниската седница. Иако координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Мицевски се извини што критикувајќи ја власта за состојбите во здравството, за родилката од Дебар која остана без органи кажа дека тие „ја демонтирале“, од СДСМ и денеска реагираа дека недозволиви се навредите кон жените и побараа осуда од сите партии и од ВМРО-ДПМНЕ.

Кога новиот владин кабинет ќе седне на Илинденска бр.2 останува неизвесно. За разрешувањето на Алити пријавени за збор се околу 30 пратеници, најмногу од опозицијата. Откако ќе се исцрпи расправата за разрешувањата на сите тројца министри од Алтернатива, ќе се гласа за оваа точка. Потоа ќе следува дебатата за именувањето на новите од Алијанса за Албаниците.

Со кабинетот на претседателката на Македонија ќе раководат Божинов и Момировски

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова за генерален секретар на својот кабинет го именувала Ѓорѓи Божинов, правник кој работел во министерството за земјоделство, а за негов заменик новинарот Горан Момировски.

Од функциите се разрешени генералниот секретар Миле Бошњаковски и неговите заменици Билјана Радева и Тоше Зафиров, кои беа ангажирани во мандатот на доскорешниот претседател стево Пендаровски.

Од кабинетот на претедателката соопштија дека генералниот секретар Ѓорги Божинов е дипломиран правник со речиси тридецениско работно искуство во областа на правото во земјоделскиот сектор, процесите на јавни набавки, програмите за финансиска поддршка, како и примена и хармонизација на легислативата на Европската Унија во овие области.

Момировски пак, е долгогодишен новинар, соработник на Сиљановска во нејзината претседателскa кампањa за изборите во 2019 година.

Фонсека подготвен да стане нов тренер на Милан

Тренерот на Лил, Пауло Фонсека се согласи да го води Милан од следната сезона, објави новинарот Николо Шира на Икс.

Италијанскиот клуб е подготвен да потпише договор со 51-годишниот Португалец до 2026 година.

Конечната одлука ќе биде донесена следната недела.

Фонсека е во Лил од 2022 година. Под негово водство тимот оваа сезона постигна 58 бодови и пред одигрување на последното коло се наоѓа на 3. место во поредокот. /МИА

Во Црвено Море нападнат танкер со нафта

Британската безбедносна фирма „Ембреј“ (Ambrey) денеска соопшти дека во Црвеното Море е нападнат танкер со нафта, што пловел под знамето на Панама, на 10 наутички милји југозападно од јеменската Мока.

Танкерот е погоден со проектил, што предизвикал пожар. Сè уште ниту една група не презела одговорност за нападот.

Претходно Агенцијата за поморски трговски операции на Велика Британија (УКМТО) објави дека добила извештај за инцидент во Црвеното Море, 76 наутички милји северозападно од градот Ходеида во Јемен.

Хутите уште од ноември минатата година ги напаѓаат трговските бродови во Црвено Море во знак на солидарност со Палестинцитеи оти тоа ќе го прават сè додека Израел не ги запре нападите врз Појасот Газа./МИА

притисни ентер