Пендаровски во посета на здружението „Иницијатива за економски развој на Ромите - РЕДИ“

Претседателот Пендаровски во посета на здружението „Иницијатива за економски развој на Ромите - РЕДИ“ и социјалното претпријатие РЕДИ Рециклажа.

Претседателот Стево Пендаровски денеска ja посети РЕДИ Рециклажа, социјално ориентирано претпријатие основано од здружението „Иницијатива за економски развој на Ромите - РЕДИ“, каде беше запознаен со нивната работа и процесот на собирање на секундарни суровини од поставените корпи лоцирани во општините Аеродром, Карпош и Кисела Вода.

Претставниците на здружението и зелените агенти го информираа претседателот Пендаровски за нивното функционирање, организирање на индивидуалните собирачи на отпад преку нивно вработување, за воспоставениот систем на примарна селекција на отпадот, како и за нивните натамошни развојни планови.

Во таа насока, тие го запознаа претседателот со досега постигнатите разултати, како и со нивната цел да развијат рециклажен центар, којшто ќе овозможи повеќе од 1500 зелени работни места, додавајќи дека преку формализирање на индивидуалните собирачи на отпад, кои пред сè припаѓаат на маргинализираните заедници, истовремено се обезбедува соодветно вреднување на нивниот труд.

Во контекст на досегашниот интерес на граѓаните за користење на нивните бесплатни услуги, од РЕДИ Рециклажа информираа дека досега се пријавени над 500 станбени и деловни објекти од кои активно во трите општини се сервисираат 219.

Претседателот Пендаровски ја поздрави иницијативата на РЕДИ и нивниот придонес во заштита на животната средина, борбата за почиста околина и поттикнување на свеста кај граѓаните за селектирање на отпадот.

Воедно, беше истакната важноста од нивна континуирана соработка со граѓаните и партнерски однос со институциите, како предуслов за воспоставување на долгорочно одржлив систем на собирање и селекција на отпад.

УНЕСКО во Париз ја чествува 100-годишнината од раѓањето на Ацо Шопов

Во седиштето на УНЕСКО во Париз, Франција, денеска (21 март) ќе се одржи целодневна програма во чест на 100-годишнината од раѓањето на великанот на македонската лирика, Ацо Шопов.

Одбележувањето на јубилејот е дел од Календарот на важни меѓународни јубилеи поддржани од УНЕСКО, а почетокот на настанот е закажан за 9:35 часот и ќе може да се следи на следниов линк.

Во рамките на програмата, со која се прославува и Светскиот ден на поезијата – 21 Март, ќе биде соопштен лауреатот на „Златниот венец“ на годинашното, 62. издание на „Струшките вечери на поезијата“, како и добитникот на наградата „Мостови на Струга“, која се доделува во соработка со УНЕСКО.

Настанот е дел од Националната програма „2023 – Година во чест на Ацо Шопов“, што се реализира под покровителство на претседателот Стево Пендаровски.

Блинкен остро го искритикува Си Џинпин поради „дипломатско прикритие“ на Путин

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен укажа дека кинескиот претседател Си Џинпин му прави „дипломатско прикритие“ на рускиот лидер Владимир Путин, во време кога Кремљ води војна во Украина. 

За време на брифингот во Стејт департментот синоќа Блинкен укажа дека САД очекуваат во текот на неговата тридневната посета на Москва Си Џинпин да ги повтори повиците на Кина за прекин на огнот меѓу Русија и Украина.

-Фундаментален елемент за секој план за окончување на војната во Украина и создавање праведен и долгорочен мир е потврдата на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина соодветно Декларацијата на Обединатите нации, изјави тој.

Додаде дека ако Кина навистина се залага да подржи прекин на огнот, треба да ја повика Украина и нејзиниот лидер Володомир Зеленски на мировни преговори, но додаде дека Русија нема искрени намери за мировен договор.

-Патувањето на претседаелот Си во Русија кратко по објавениот налог за апсење на претседателот Путин од страна на Меѓународниот кривичен суд укажува дека Кина не чувствува одговорност да го повика Кремљ на одговорност за злосторствата извршени во Украина, па дури и да ги осуди, а уште повеќе обезбедува дипломатско прикритие за Русија да продолжи да ги врши истите тие злосторства, изјави првиот дипломат на САД.

Меѓународниот кривичен суд во петокот објави налог за апсење на Путин и уште еден руски службеник по обвиненија за воени злострства, извршени за време на инвазијата на својот помал сосед која трае повеќе од една година.

Претседателот на САД Џо Бајден го коментираше налогот како „оправдан“, изјавувајќи дека Путин „определено извршил воени злосторства“.

САД и многу други западни земји стравуваат дека Кина може да започне со вооружување и помош на Русија во нејзната војна против Украина.

Облачно со повремени врнежи од дожд, попладне пообилни

Времето денеска ќе биде облачно со повремени врнежи од дожд, кои на места попладне и во вечерните часови ќе бидат пообилни. 

Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 12 до 18 степени.

Во Скопје ќе биде облачно со повремени врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни попладне и во вечерните часови. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 15 степени.

Во следните денови времето ќе биде претежно стабилно и релативно топло.

притисни ентер